Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Радосна што и покрај тешкотиите воспитав осум деца да му служат на Јехова

Радосна што и покрај тешкотиите воспитав осум деца да му служат на Јехова

Животна приказна

Радосна што и покрај тешкотиите воспитав осум деца да му служат на Јехова

РАСКАЖАЛА ЏОЈСЛИН ВАЛЕНТИН

Во 1989 година маж ми замина на работа во странство. Вети дека ќе ми праќа пари за да можам да се грижам за моите осум деца. Но, деновите си минуваа, а тој не се јавуваше. Поминаа и месеци, а од него ни трага ни глас. Се тешев, велејќи си: ‚Штом ќе му тргнат работите, ќе си дојде‘.

ОСТАНАВ без средства да се грижам за семејството и паднав во очај. Во текот на многу непроспиени ноќи, не можејќи да поверувам во тоа што ме снајде, се прашував: „Како може да му направи вакво нешто на сопственото семејство?“ На крајот, се помирив со суровата реалност дека маж ми нѐ напушти. До ден-денес, шеснаесет години оттогаш, тој сѐ уште не е вратен. Останав да се грижам за децата сама, без помошта од сопруг. Беше тешко, но се радував кога гледав како децата почнуваат да му служат на Јехова. Меѓутоа, пред да ви раскажам како поминавме како семејство, да ви кажам како израснав јас.

Барам водство од Библијата

Родена сум во 1938 година, на карипскиот остров Јамајка. Иако татко ми не ѝ припаѓаше на ниедна религија, себеси се сметаше за верник. Навечер, честопати ќе ми речеше да му читам од библиската книга Псалми. Набрзо знаев напамет многу псалми. Мајка ми одеше во една локална црква и одвреме-навреме ме земаше на верските служби.

Таму слушав дека Бог ги зема добрите луѓе на небо, а лошите ги гори во вечен пекол. Исто така слушав дека Исус е Бог и дека ги сака децата. Бев збунета и се плашев од Бог. Се прашував како може еден Бог што нѐ сака да ги мачи луѓето во пеколен оган.

Од помислата на пеколен оган имав кошмари. Подоцна се запишав на дописната школа на една адвентистичка црква. Тие веруваа дека злобните нема да бидат вечно мачени туку дека ќе бидат потполно изгорени. Ова ми звучеше поразумно, па затоа започнав да одам на нивните верски служби. Но, нивните учења ме збунуваа, а она што го научив не го смени моето погрешно гледиште за моралот.

Во тоа време луѓето, општо земено, го сметаа блудот за нешто погрешно. Но, јас и многу други мислевме дека само оние што имаат сексуални односи со повеќе партнери прават блуд. Значи, кога двајца невенчани имаат сексуални односи само еден со друг, не прават ништо погрешно (1. Коринќаните 6:9, 10; Евреите 13:4). И така, станав невенчана мајка на шест деца.

Напредувам духовно

Во 1965 година, во блиското гратче Бат дојдоа да живеат Веслин Гудисен и Етел Чемберс. Тие беа пионери, односно полновремени проповедници на Јеховините сведоци, и еден ден разговараа со татко ми. Тој прифати да ја проучува Библијата со нив. Ако случајно бев дома кога ќе дојдеа, разговараа и со мене. Иако Јеховините сведоци ми беа многу сомнителни, прифатив и јас да ја проучувам Библијата со нив за да им докажам дека не се во право.

Додека проучувавме поставував многу прашања, а Сведоците ми одговараа на секое прашање користејќи ја Библијата. Ми помогнаа да сфатам дека мртвите не се свесни и не страдаат во пекол (Проповедник 9:5, 10). Исто така, дознав и за надежта за вечен живот во рај на земјата (Псалм 37:11, 29; Откровение 21:3, 4). Иако татко ми престана да ја проучува Библијата, јас почнав да одам на состаноците што се одржуваа во локалното собрание на Јеховините сведоци. Мирот и редот на овие состаноци ми помогнаа да научам повеќе за Јехова. Исто така, присуствував и на покраински собири и на обласни конгреси, поголеми собири што ги организираат Сведоците. Големото влијание на Библијата разви во мене силна желба да го обожавам Јехова на начин што му е прифатлив. Но, имаше една пречка.

Тогаш живеев невенчано со таткото на три од моите шест деца. Од Библијата дознав дека Бог ги осудува сексуалните односи меѓу невенчани лица, и почна да ме пече совеста (Пословици 5:15-20; Галатите 5:19). Како што растеше мојата љубов кон вистината, сѐ повеќе копнеев да живеам според Божјиот закон. Најпосле одлучив. Му реков на мојот партнер дека или ќе се земеме или ќе ѝ ставиме крај на врската. Иако тој не го прифаќаше моето религиозно уверување, официјално се венчавме на 15 август 1970 година, пет години откако првпат зборував со Сведоците. Се крстив како Јеховин сведок во декември 1970 година.

Никогаш нема да го заборавам денот кога првпат бев во служба на проповедање. Бев нервозна и не знаев како да почнам да зборувам за Библијата. Всушност, ми олесна кога првиот станар брзо му стави крај на нашиот разговор. Но наскоро мојата напнатост исчезна. На крајот од денот бев пресреќна зашто со неколкумина разговарав накратко за Библијата и им оставив библиска литература.

Да се одржи семејството духовно јако

До 1977 година ни се родија уште две деца. Бев решена да дадам сѐ од себе за да им помогнам на сите во семејството да му служат на Јехова (Исус Навин 24:15). Затоа многу се трудев редовно да ја проучуваме Библијата како семејство. Понекогаш бев толку преморена што се случуваше да задремам додека некое од децата го читаше пасусот на глас, па мораа да ме будат. Но, никогаш не дозволив физичкиот умор да нѐ спречи да ја проучуваме Библијата како семејство.

Исто така, многу често се молев со децата. Кога ќе станеа доволно големи, ги учев самите да му се молат на Јехова. Гледав секое од нив да се помоли пред да си легне. Јас се молев посебно со секое што беше премало да се моли само.

Во почетокот сопругот ми се противеше што ги носам децата на собраниските состаноци. Но, помислата самиот да ги чува додека јас сум на состанок полека го намали противењето. Навечер тој сакаше да си излегува со другарите, но не му се допаѓаше да го прави тоа во придружба на осум деца! По некое време почна дури да ми помага додека ги подготвував децата за да одиме на состанок.

Наскоро тие се навикнаа да одат на состаноци и да проповедаат. За време на летниот распуст, често одеа да проповедаат заедно со пионерите од собранието. Ова им помогна уште како мали искрено да го засакаат и собранието и проповедањето (Матеј 24:14).

Време на испити

За да си ја подобриме финансиската состојба, маж ми почна да оди на работа во странство. Остануваше да работи во текот на подолги периоди, но секогаш се враќаше. Меѓутоа, во 1989 година замина и повеќе не се врати. Како што веќе спомнав, неговото последно заминување ме фрли во очај. По цели ноќи плачев и горливо го молев Јехова да ме утеши и да ми помогне да издржам, и чувствував дека тој ми одговара на молитвите. Стиховите како Исаија 54:4 и 1. Коринќаните 7:15 ми дадоа мир и сила да продолжам понатаму. Исто така, роднините и пријателите во христијанското собрание ми дадоа и емоционална и финансиска поддршка. Многу сум им благодарна на Јехова и на неговиот народ за помошта што ја добив.

Имавме и други проблеми. Еднаш, една од моите ќерки беше отстранета од собранието бидејќи ги прекрши библиските мерила. Многу ги сакам сите мои деца, но лојалноста кон Јехова ми е на прво место. Затоа, кога се случи ова, и јас и другите деца строго ги почитувавме упатствата од Библијата за тоа како да се однесуваме со некој што е исклучен (1. Коринќаните 5:11, 13). Оние што не го разбираа нашиот став многу нѐ критикуваа. Но, откако ќерка ми беше повторно примена во собранието, маж ѝ ми рече дека бил воодушевен од тоа што цврсто се држевме за библиските начела. Сега и тој му служи на Јехова заедно со семејството.

Се соочувам со финансиски проблеми

Кога маж ми нѐ напушти, јас немав редовен приход, а тој престана да ни дава издршка. Оваа ситуација нѐ научи да живееме едноставно и да бидеме задоволни со малку. Сфативме дека духовното богатство е поскапоцено од материјалните поседи. Децата учеа да се сакаат и меѓусебно да си помагаат, и така многу се зближија. Кога постарите деца ќе почнеа да работат, спремно им помагаа на своите помали браќа и сестри. Најстарата ќерка, Марсери, ѝ помогна на својата најмала сестра, Никол, да заврши средно училиште. И јас успеав да отворам еден мал колонијал. Скромната заработувачка ни помогна да задоволиме дел од нашите материјални потреби.

Јехова никогаш не нѐ напушти. Еднаш ѝ реков на една сохристијанка дека немаме пари да одиме на обласниот конгрес. Таа ми одговори: „Сестра Вал, штом ќе слушнеш дека ќе има конгрес, почни да се пакуваш! Јехова ќе се погрижи за другото“. Ја послушав. Јехова навистина се погрижи, и никогаш не престана да се грижи. Нашето семејство не пропушти ниеден собир ниту конгрес затоа што немавме доволно пари.

Во 1988 година Јамајка беше погодена од ураганот Џилберт, и моравме да заминеме од дома за да се засолниме на посигурно место. Кога бурата малку стивна, излеговме со синот од засолништето за да видиме дали може да спасиме нешто од урнатините на нашиот дом. Додека пребарувавме низ нив, забележав еден предмет што сакав да го спасам. Но, одеднаш ветрот почна повторно да завива. Сепак, јас сѐ уште цврсто го држев она што успеав да го спасам. „Мамо, остави го телевизорот. Зар ќе бидеш како Лотовата жена?“ (Лука 17:31, 32). Тие зборови ме освестија. Го пуштив наврнатиот телевизор од рацете и се стрчавме кон засолништето.

И сега се тресам кога ќе ми текне дека си го ризикував животот за еден телевизор. Но, мило ми е на душата кога ќе си спомнам за зборовите што тогаш ги кажа син ми — тој знаеше што навистина е најважно. Благодарение на библиската поука што ја доби од христијанското собрание, можеше да ми помогне да избегнам сериозна физичка, а можеби и духовна штета.

По ураганот, од нашиот дом останаа само урнатини, а ние бевме скршени однатре. Тогаш пристигнаа нашите христијански браќа. Нѐ охрабрија да се справиме со загубата со доверба во Јехова и да продолжиме со службата на проповедање. Потоа ни помогнаа одново да го изградиме својот дом. Бевме длабоко трогнати од сето она што со љубов и со самопожртвуван дух го направија за нас тие браќа кои доброволно дојдоа од Јамајка и од други земји.

Јехова на прво место

Откако заврши со школувањето, моето второ дете, Мелејн, започна со пионерска служба. Потоа ја прифати поканата да служи како пионер во друго собрание. Тоа значеше дека ќе треба да ја остави работата, со која многу помагаше во издршката на семејството. Сепак, имавме доверба дека Јехова нема да нѐ остави ако секој од нас ги стави интересите на Царството на прво место. Подоцна и мојот син Јуон доби покана да служи како пионер. Тој исто така помагаше во издршката на семејството, но ние го поттикнавме да ја прифати поканата и му посакавме благослов од Јехова. Никогаш не сум ги одвраќала децата од тоа да служат во уште поголема мера, а ние што останавме дома, во ниеден момент не бевме лишени од она што ни беше потребно. Напротив, бевме уште порадосни, а понекогаш дури и самите можевме да им помагаме на други што имаа потреба од помош.

Многу се радувам денес кога гледам дека моите деца „одат во вистината“ (3. Јованово 4). Едната ќерка, Мелејн, моментално го придружува својот сопруг во неговата патувачка служба како покраински надгледник. Ќерката Андреа и нејзиниот маж служат како специјални пионери, и таа го придружува својот сопруг кога тој ги посетува собранијата како заменик на покраинскиот надгледник. Син ми Јуон и неговата сопруга служат како специјални пионери, а тој е и собраниски старешина. Ќерка ми Ејва-Геј работи со сопругот во подружницата на Јеховините сведоци во Јамајка. Џенифер, Џенив и Никол служат заедно со своите сопрузи и деца како активни членови во своите собранија. Марсери живее со мене, и двете служиме во собранието во Порт Моран. Благословите што ги добив се големи, зашто сите мои деца продолжуваат да го обожаваат Јехова.

Како што минуваа годините, здравјето сѐ повеќе ми се влошуваше. Сега боледувам од ревматски артритис, но сѐ уште служам како пионер. Сепак, од пред некое време ми стана многу тешко да се искачувам по угорниците во населбата каде што живеам. Тоа ми ја отежна службата. Се обидов да возам велосипед и увидов дека тоа ми е полесно од пешачењето. Затоа си купив еден на старо. Во почетокот на децата им беше тешко да гледаат како нивната ревматична мајка вози велосипед. Сепак, им беше мило што гледаа дека продолжувам со проповедањето кое многу го сакам.

Многу се радувам и кога гледам како некои со кои сум ја проучувала Библијата ја прифаќаат вистината. Секогаш се молам Јехова да им помогне на сите во семејството да му останат верни — во ова време на крајот и низ сета вечност. Од сѐ срце го фалам и му благодарам на Јехова, оној што ги „послушува молитвите“, затоа што ми помогна да ги воспитам моите осум деца да му служат (Псалм 65:2).

[Слика на страница 10]

Со моите деца, нивните сопружници и внучињата

[Слика на страница 12]

Сега одам во служба со велосипед