Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Најстарите познати цитати на библиски текстови“

„Најстарите познати цитати на библиски текстови“

„Најстарите познати цитати на библиски текстови“

ПРЕД дваесет и пет години, група израелски археолози дошле до спектакуларно откритие. Во една пештера што служела како гробница, на падините на Еномовата долина во Ерусалим, тие нашле два мали сребрени свитока со библиски текстови. Свитоците потекнувале од времето пред Вавилонците да го уништат Ерусалим, во 607 година пр.н.е. Во текстовите се цитирани дел од благословите наброени во Броеви 6:24-26. Во двата свитока, неколку пати се појавува Божјето лично име, Јехова. Овие натписи се опишани како „најстарите познати предмети од древниот свет на кои се запишани делови од хебрејската Библија“.

Меѓутоа, некои изучувачи се сомневаа во врска со времето од кога потекнуваат и аргументираа дека свитоците се напишани во вториот век пр.н.е. Една причина за ова несогласување беше тоа што, поради слабиот квалитет на оригиналните фотографии од овие многу мали свитоци, не беше можно попрецизно да се испитаат деталите. За да го реши проблемот во врска со тоа од кога потекнуваат, еден тим од стручњаци повторно ги испита. Тие ја употребија најновата фотографска и компјутерска технологија за од свитоците да направат дигитални слики со висока резолуција. Неодамна беа објавени резултатите од овие нови анализи. До кои заклучоци дојде овој тим?

Како прво, тие истакнаа дека археолошките податоци потврдуваат дека текстот бил напишан пред изгнанството во Вавилон. Палеографските истражувања — датирање на ракописот според обликот, стилот, положбата, редоследот на потезите и правецот на потезите на буквите — укажуваат на истиот период, односно кон крајот на седмиот век пр.н.е. И, на крајот, кога ќе се земе предвид ортографијата, наука за правописот, овој тим заклучува: „Ортографските податоци во свитоците се во склад со археолошките и палеографските докази во врска со тоа кога биле напишани свитоците“.

Во врска со студијата за сребрените свитоци, познати и како натписите од Кетеф Еном, весникот Bulletin of the American Schools of Oriental Research го заклучува следново: „Можеме да го потврдиме заклучокот до кој дошле повеќето стручњаци, дека натписите на овие свитоци ги содржат најстарите познати цитати на библиски текстови“.

[Извори на слики на страница 32]

Пештера: Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.; натписи: Photograph © Israel Museum, Jerusalem; со љубезна дозвола на Israel Antiquities Authority