Јехова ми помогна да го пронајдам
Животна приказна
Јехова ми помогна да го пронајдам
РАСКАЖАЛА ФЛОРЕНС КЛАРК
Му ја држев раката на мојот тешко болен сопруг. Бидејќи бев англиканка, се молев мојот сопруг да оздрави и му ветив на Бог дека, ако маж ми преживее, ќе ја барам вистината за него сѐ додека не бидам сигурна дека сум ја пронашла. Потоа ќе му го посветам животот нему.
СЕ ВИКАМ Флоренс, а моето моминско презиме е Чулунг, и родена сум на 18 септември 1937 година, во Умбулгури, област која е населена со Абориџини и се наоѓа во далечниот регион Кимберли Плато во Западна Австралија.
Во срцето носам многу пријатни спомени од детството поминато во едно безгрижно, среќно време. Од една црковна мисионерска организација научив неколку основни работи за Бог и за Библијата но, всушност, мајка ми беше таа што вистински ме поучи за христијанските мерила. Таа редовно ми ја читаше Библијата, и уште од малечка ги засакав духовните работи. Едната моја тетка беше мисионер на својата црква, а јас ѝ се восхитував. Горев од желба да бидам како неа.
Во нашето место, кое порано се викало Форест Ривер Мишн, имаше училиште само за деца од прво до петто одделение. Јас имав само по два часа секое предпладне. Значи, моето основно образование беше многу ограничено, а тоа не му беше баш сеедно на татко ми. Тој сакаше неговите деца да бидат подобро образовани, па затоа одлучи да си заминеме од Умбулгури и да се преселиме во градот Виндем. Дента кога си заминавме бев многу тажна, но во Виндем можев да одам во нормално училиште следните четири години, од 1949 до 1952 година. Многу сум
благодарна што татко ми ми го овозможи тоа образование.Мајка ми работеше во локалната болница, и кога на 15 години завршив со школувањето, и мене ми понудија да работам како медицинска сестра во болницата во Виндем. Со задоволство прифатив, зашто во тоа време беше многу тешко да се најде работа.
По неколку години го запознав Алек, белец, кој работеше како сточар. Се зедовме во 1964 година во градот Дерби, каде што беше и англиканската црква во којашто одев редовно. Еден ден на вратата ми тропнаа Јеховини сведоци. Им реков дека ни најмалку не сум заинтересирана и дека не сакам повторно да дојдат. Но, една работа ми ја подбуди љубопитноста — спомнаа дека Бог има име, Јехова.
„Зар не можеш сама да си се помолиш?“
Во 1965 година животот како да ми се преврте наопаку. Маж ми доживеа три доста тешки незгоди — две со својот коњ и една со автомобилот. За среќа закрепна и се врати на работа. Но кратко потоа, јавајќи го коњот, му се случи уште една несреќа. Овој пат доби тешки повреди на главата. Кога пристигнав во болницата, докторот ми рече дека ќе умре. Бев скршена. Сестрата веднаш го замоли локалниот свештеник да дојде да поразговара со мене, но тој рече: „Не можам сега, ќе дојдам утре!“
Ѝ спомнав на сестрата дека сакам свештеникот да е тука за да се помолиме заедно. Таа ми одговори: „Колку си чудна! Зар не можеш сама да си се помолиш?“ И така, почнав да им се молам за помош на црковните кипови — но залудно. Изгледаше како маж ми полека да умира. Се прашував: „Што ќе правам без него?“ Бев загрижена и за нашите три дечиња — Кристина, Нанет и Џефри. Каков ќе им биде животот без татко? За среќа, по три дена, маж ми се освести и го отпуштија од болницата на 6 декември 1966 година.
Иако физички одлично закрепна, му останаа трајни последици на мозокот. Делумно ја изгуби меморијата и стана склон кон насилно однесување, а расположението нагло му се менуваше. Тешко можеше да се справи со децата и реагираше многу агресивно ако не ги правеа работите како што би ги направил еден возрасен човек. Ми беше многу тешко да се грижам за него. Не можеше да направи буквално ништо за себе, сѐ морав да правам јас. Дури морав и повторно да го учам да чита и пишува. Сета таа грижа за него и за другите домашни обврски си го зеде својот данок, и јас доживеав нервен слом. По седум години од несреќата на мојот сопруг, одлучивме да се разделиме на извесно време за да закрепнам здравствено.
Ги зедов децата и се преселив на југ, во градот Перт. Пред да заминам, сестра ми, која живееше во Кунунура, мало гратче во Западна Австралија, почна да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Таа ми покажа една слика од книгата Вистина која води до вечен живот a на која беше прикажан рајот на Земјата кој го ветува Библијата. Од оваа книга, и таа ми покажа дека Бог има име, Јехова, нешто што ми се допадна. Со оглед на тоа што за овие работи никој ништо не зборуваше во мојата црква, решив штом ќе се средам во Перт да ги побарам Јеховините сведоци по телефон.
Сепак, се колебав да им се јавам. Една вечер некој заѕвони на вратата. Син ми излезе да види кој е и брзо се врати, велејќи: „Мамо, дојдоа луѓето на кои сакаше да им се јавиш“. Некако изненадена и збунета, реков: „Речи им дека не сум дома!“ Но, тој ми одговори: „Знаеш дека не треба да лажам, мамо“. Свесна дека згрешив, излегов на вратата. Се поздравив со нив, но на лицата им забележав збунетост. Тие дошле да побараат сосема друг станар, кој се имаше преселено. Ги поканив да влезат и ги бомбардирав со прашања. Бев
задоволна од одговорите што ги добив на темел на Библијата.Од следната седмица почнав редовно да ја проучувам Библијата со Сведоците со помош на книгата Вистина која води до вечен живот. Ова повторно ја разбуди во мене љубовта кон духовните работи. По две седмици присуствував на Спомен—свеченоста со која се одбележува Христовата смрт. Почнав да одам на состаноците што се одржуваа секоја недела, а кратко потоа почнав да присуствувам и на состаноците што се одржуваа во текот на седмицата. Почнав и да им кажувам на другите за она што го учев. Открив дека тоа што им помагав на другите да увидат која е вистината од Библијата ми помогна и мене да закрепнам психички и емоционално. По шест месеци се крстив, на обласниот конгрес во Перт.
Како што течеше времето, стекнував сѐ поголемо знаење од Библијата. Го разбрав и гледиштето на Јехова за светоста на бракот, кое го вклучуваше и начелото изложено во 1. Коринќаните 7:13, каде што пишува: „И жена која има маж кој не е верник, а сепак е согласен да живее со неа, да не го остава својот маж“. Овој стих ме поттикна да се вратам кај Алек.
Се враќам во Дерби
Се вратив во Дерби на 21 јуни 1979 година, откако живеев одвоено од маж ми повеќе од пет години. Се разбира, моите чувства беа измешани и се прашував како ќе реагира на моето враќање. На мое изненадување, беше среќен што се вратив, иако не беше баш воодушевен што сум станала Јеховин сведок. Веднаш ми предложи да одиме заедно во црква, во онаа кадешто одев пред да заминам во Перт. Му објаснив дека нема да одам. Многу се трудев да го почитувам како глава на семејството и ги исполнував своите должности како христијанска сопруга најдобро што можев. Се обидував да му зборувам за Јехова и за преубавата иднина што ни е ветена, но тој остана рамнодушен.
Сепак, како што минуваше времето, Алек не само што го прифати мојот нов начин на живот туку почна и финансиски да ми помага за да можам да присуствувам на конгресите, собирите и состаноците. Бев многу благодарна кога купи автомобил — нешто што е многу потребно во овој зафрлен дел на Австралија — за јас да го користам во проповедничката служба. Различни браќа и сестри, како и покраинскиот надгледник, често остануваа кај нас на неколку дена. Така Алек имаше прилика да се запознае со повеќе Сведоци, и мислам дека му се допаѓаше да биде во нивно друштво.
Се чувствував како Езекиел
Многу ми беше убаво кога ќе дојдеа браќата и сестрите, но една работа ми беше тешка. Јас бев единствениот Сведок во градот. Најблиското собрание се наоѓаше во Брум, на оддалеченост од 220 километри. Одлучив да правам сѐ што можам за да проповедам за добрата вест. Потпирајќи се на Јехова, направив план и почнав да сведочам од куќа до куќа. Не ми беше лесно, но постојано си ги враќав во мислите зборовите на апостол Павле: „За сѐ имам сила со помош на оној кој ми дава моќ“ (Филипјаните 4:13).
Локалните свештеници ни најмалку не беа одушевени од она што го правев, а посебно не од тоа што им сведочев на моите сонародници, Абориџините. Се обидоа да ме заплашат и да ме спречат да проповедам. Нивното противење само уште повеќе ми ја зајакна решеноста да продолжам, и редовно го молев Јехова за помош. Често се присетував на зборовите што го охрабриле Езекиел: „Ете, Јас го направив и Езекиел 3:8, 9, ПСП).
твоето лице тврдо како нивните лица, и твоето чело ќе го стврднам против нив. Челото твое го направив како дијамант, кој е потврд од каменот; не бој се од нив и не плаши се од нивното лице“ (Во неколку прилики, двајца од локалната црква ми пријдоа додека пазарев. Ме исмеваа гласно и со груби зборови, обидувајќи се да го привлечат вниманието на останатите купувачи. Јас ги игнорирав. Еднаш, додека бев во посета на една заинтересирана жена дојде свештеникот од локалната црква и ме обвини дека не верувам во Исус. Ми ја истргна Библијата од рака, ми ја мавташе пред лицето и ми ја тутна пак во рацете. Гледајќи го право в очи, благо но цврсто го цитирав Јован 3:16 и му реков дека може да биде сигурен дека верувам во Исус. Вчудовиден од мојот цврст одговор, тој си замина без збор.
Најголемо задоволство ми беше да им проповедам на Абориџините што живееја во околината на Дерби. Еден локален свештеник се обиде да ме спречи да ги посетам луѓето во едно место, но подоцна тој беше префрлен да служи на друго место. Така имав можност да им ја пренесам библиската порака и на тие луѓе. Отсекогаш посакував да бидам мисионер како тетка ми, и сега вршев едно такво дело — им помагав на луѓето да научат што вели Божјата реч. Многу Абориџини добро реагираа на она што им го проповедав, а започнав да ја проучувам Библијата со неколку од нив.
Свесна за своите духовни потреби
Пет години бев единствениот сведок во Дерби. Увидов дека е многу тешко да бидам духовно јака без да црпам охрабрување од редовните состаноци со соверниците. Во една прилика ме обзеде толку силен очај што ја зедов колата и возев без цел.
Кога се вратив доцна попладнето, дома ме чекаше една сестра со своите седум деца. Имаа донесено литература за мене од собранието во Брум, кое е многу далеку. Оттогаш оваа сестра, Бети Батерфилд, задолжително доаѓаше во Дерби еднаш месечно и остануваше кај мене цел викенд. Одевме заедно во служба и потоа ја проучувавме Стражарска кула кај мене дома. Потоа почнав и јас да одам во Брум еднаш месечно.Браќата во Брум беа спремни да помогнат и одвреме-навреме го поминуваа долгиот пат до Дерби за да ми помогнат во проповедањето. Ги поттикнуваа браќата или сестрите од други градови што случајно минуваа низ Дерби да ме видат и да одат со мене во служба. Тие ми носеа и касети со јавни предавања. Некои ја проучуваа Стражарска кула заедно со мене. Овие кратки посети ми даваа многу сила.
Доаѓа поголема помош
Неколку години добивав уште поголемо зајакнување од Артур и Мери Вилис, брачен пар пензионери од јужниот дел на Западна Австралија кои доаѓаа кога фаќаше студот и остануваа да ми помагаат по три месеци. Повеќето од состаноците ги одржуваше брат Вилис, а тој ја организираше и проповедничката служба. Заедно патувавме до најоддалечените делови на Кимберли Плато, посетувајќи ги ранчевите со говеда расфрлани низ тие оддалечени подрачја. Секогаш кога брат и сестра Вилис ќе си заминеа чувствував голема празнина во мојот живот.
По толку време, кон крајот на 1983 година конечно чув една вест што ме усреќи — во Дерби доаѓа да живее семејството Старџен, Дени и Дениз со своите четири сина. Откако дојдоа тие, можевме редовно да одржуваме седмични состаноци и да одиме во служба. Во 2001 година беше основано собрание. Денес во Дерби има стабилно собрание со 24 објавители на Царството, двајца старешини и еден слуга помошник што добро се грижат за нашите духовни потреби. Понекогаш на состаноците присуствуваат и по триесет души.
Кога ќе се присетам на годините што изминаа, ми станува мило на душата кога ќе помислам како Јехова секогаш со љубов ми помагаше да му служам. Иако маж ми сѐ уште не е Сведок, продолжува да ми дава поддршка на други начини. Пет членови од моето потесно семејство станаа крстени Сведоци — двете мои ќерки, две внуки и внуката од помалата сестра. Уште неколку други членови на мојата фамилија ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци.
Од срце му благодарам на Јехова што ми помогна да го пронајдам. Решена сум да продолжам да живеам за него засекогаш (Псалм 65:2).
[Фуснота]
a Издадена од Јеховините сведоци, но повеќе не се печати.
[Карта/слики на страница 15]
(Види во публикацијата)
АВСТРАЛИЈА
Виндем
Кимберли Плато
Дерби
Брум
Перт
[Извори на слики]
Кенгур и лироопашеста птица: Lydekker; коала: Meyers
[Слика на страница 14]
На работа како медицинска сестра во болницата во Виндем, 1953 година
[Слика на страница 15]
Собранието во Дерби, 2005 година