Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Вистинска благосостојба во Божјиот нов свет

Вистинска благосостојба во Божјиот нов свет

Вистинска благосостојба во Божјиот нов свет

ДАВИД, a еден христијанин кој е сопруг и татко, се преселил во Соединетите Држави, уверен дека постапил исправно. Иако не сакал да ги остави сопругата и децата, бил сигурен дека би можел да обезбеди подобар живот за сите нив, само кога би имал повеќе пари. Затоа, тој ја прифатил поканата од роднините во Њу Јорк и наскоро се вработил таму.

Но, како што минувало времето, оптимизмот на Давид почнал да бледнее. Сега имал малку време за духовните активности. Во еден период скоро ја изгубил верата во Бог. Дури откако направил сериозен грев, конечно сфатил во каква ситуација се наоѓа. Сосредоточен на желбата да се збогати, постепено се оддалечувал од сѐ што му било навистина важно. Морал нешто да смени.

Слично на Давид, многумина емигрираат од сиромашните земји со надеж дека ќе ја подобрат својата економска состојба. Сепак, многу често претрпуваат голема духовна штета. Некои се прашуваат: ‚Може ли еден христијанин да се стреми по материјално богатство, а во исто време да биде богат и пред Бог?‘ Познати писатели и религиозни водачи велат дека тоа е можно. Но, како што сфатиле Давид и други луѓе, може да биде тешко да се добие едното, без да се изгуби другото (Лука 18:24).

Парите не се зло

Се разбира, парите ги измислил човекот. Како и многу други изуми, тие не се лоши, или зло, сами по себе. Всушност, тие се само средство за размена. Според тоа, ако се користат правилно, можат да послужат за добра цел. На пример, Библијата потврдува дека ‚сребрениците се заштита‘, особено кога станува збор за проблемите поврзани со сиромаштијата (Проповедник 7:12). Но како што се чини, барем за некои, „сребрениците набавуваат сѐ“ (Проповедник 10:19).

Библијата ја осудува мрзливоста и поттикнува на трудољубива работа. Ние мораме да се грижиме за своето потесно семејство, а ако имаме малку вишок пари, тогаш можеме ‚да му дадеме нешто на оној кој има потреба‘ (Ефешаните 4:28; 1. Тимотеј 5:8). Освен тоа, Библијата не нѐ поттикнува на самоодрекување, туку да му се радуваме на нашиот имот. Речено ни е ‚да си го земеме својот дел‘ и да уживаме во плодовите од нашиот труд (Проповедник 5:17-19ПСП). Всушност, во Библијата има неколку примери на верни мажи и жени кои биле богати.

Верни мажи кои биле богати

Авраам, верен слуга на Бог, стекнал многу стада од ситен и крупен добиток, многу сребро и злато и големо домаќинство со стотици слуги (Битие 12:5; 13:2, 6, 7). Праведниот Јов исто така имал прилично големо богатство — стока, слуги, злато и сребро (Јов 1:3; 42:11, 12). Овие мажи биле богати дури и според денешните мерила, но исто така биле богати и пред Бог.

Апостол Павле го нарекол Авраам „татко на сите кои имаат вера“. Авраам не бил ниту скржав, ниту премногу приврзан за она што го имал (Римјаните 4:11; Битие 13:9; 18:1-8). Слично на тоа, самиот Бог го опишал Јов како „непорочен и праведен“ (Јов 1:8). Тој секогаш бил спремен да им помогне на сиромашните и измачените (Јов 29:12-16). И Авраам и Јов имале повеќе доверба во Јехова, отколку во своето богатство (Битие 14:22-24; Јов 1:21, 22; Римјаните 4:9-12).

Друг пример е Цар Соломон. Како наследник на Божјиот престол во Ерусалим, Соломон не само што бил благословен со мудрост од Бог, туку и со големо богатство и слава (1. Цареви 3:4-14). Тој бил верен во поголемиот дел од неговиот живот. Меѓутоа, кога остарел, ‚неговото срце не му припаѓало потполно на Господа‘ (1. Цареви 11:1-8). Всушност, неговото тажно искуство покажува некои од вообичаените замки кои ги поставува богатството. Разгледај неколку од нив.

Замките на богатството

Најголемата опасност е да ги засакаш парите и она што тие можат да го обезбедат. Кај некои, богатството раѓа копнеж кој никогаш не може да се задоволи. Во почетокот на своето владеење Соломон ја забележал оваа склоност кај другите. Тој напишал: „Кој ги сака сребрениците, никогаш ги нема достатно; кој го сака богатството, никогаш не му се доста приходите. И тоа е суета“ (Проповедник 5:10). Подоцна, и Исус и Павле ги предупредиле христијаните на оваа опасна љубов (Марко 4:18, 19; 2. Тимотеј 3:2).

Кога парите ќе ни станат најважното нешто, а не само средство за да постигнеме нешто, стануваме подложни на секакви морални искушенија, вклучувајќи ги лажењето, крадењето и предавството. Јуда Искариот, еден од Христовите апостоли, го предал својот господар само за 30 сребрени пари (Марко 14:11; Јован 12:6). Некои отишле во крајност — наместо Бог, почнале да ги обожаваат парите (1. Тимотеј 6:10). Затоа, христијаните треба секогаш да се трудат чесно да си ги проценат мотивите зошто сакаат да заработат повеќе пари (Евреите 13:5).

Трката по богатство носи уште поподмолни опасности. Како прво, големото богатство раѓа претерана самодоверба. Исус го вклучил тоа кога зборувал за „измамничката моќ на богатството“ (Матеј 13:22). Библискиот писател Јаков на сличен начин ги предупредил христијаните да не заборават на Бог кога прават деловни планови (Јаков 4:13-16). Парите ни даваат одредена мера независност, па затоа оние што ги имаат секогаш се во опасност својата доверба да ја положат во парите, а не во Бог (Пословици 30:7-9; Дела 8:18-24).

Второ, како што открил Давид, спомнат претходно, кога некој гледа да се збогати, тоа честопати му одзема толку многу време и сила што постепено се оддалечува од духовните активности (Лука 12:13-21). Богатите се постојано во искушение да го користат богатството пред сѐ за активности кои им причинуваат задоволство или за личните желби.

Дали може духовниот пад на Соломон до некоја мера да се припише на тоа што дозволил луксузниот живот да ги затапи неговите сетила? (Лука 21:34). Тој знаел дека Бог забранува брак со некој од другите нации. Сепак, Соломон на крајот собрал харем од околу илјада жени (Второзаконие 7:3). Желен да им угоди на своите жени туѓинки, тој се обидел да спроведе некаков облик на меѓуверско уредување за нивна корист. Како што беше спомнато претходно, срцето на Соломон постепено се оддалечувало од Јехова.

Јасно, овие примери ја покажуваат вистинитоста на Исусовиот совет: „Не можете да му робувате на Бог и на Богатството“ (Матеј 6:24). Тогаш, како може еден христијанин успешно да се справи со економските проблеми со кои се соочуваат повеќето денес? Што е уште поважно, дали има надеж за подобар живот?

Вистинската благосостојба е пред нас

За разлика од патријарсите Авраам и Јов и израелскиот народ, следбениците на Исус имаат задача да ‚прават ученици од луѓето од сите нации‘ (Матеј 28:19, 20). За да се исполни таа задача, потребно е време и напор кои инаку би се користеле за световни работи. Затоа, клучот на успехот е да се прави она што ни го рекол Исус: „Така, продолжете да го барате најнапред царството и Неговата праведност, а сите овие други работи ќе ви се додадат“ (Матеј 6:33).

Откако речиси ги изгубил своето семејство и својата духовност, Давид се свестил што треба да прави и повторно тргнал по прав пат. Како што ветил Исус, кога Давид повторно на прво место во својот живот ги ставил проучувањето на Библијата, молитвата и службата на проповедање, тогаш другите работи почнале да си доаѓаат на свое место. Неговиот однос со сопругата и децата постепено се подобрил. Му се вратиле радоста и задоволството. Сѐ уште работи напорно. Не се збогатил преку ноќ. Сепак, од неговото болно искуство, научил нешто вредно.

Давид длабоко размислувал за тоа дали била мудра неговата преселба во Соединетите Држави и решил никогаш повторно да не дозволи парите да управуваат со неговите одлуки. Тој сега знае дека највредните работи во животот — семејство во кое има љубов, добри пријатели и добар однос со Бог — не можат да се добијат со пари (Пословици 17:17; 24:27; Исаија 55:1, 2). Навистина, моралната беспрекорност има многу поголема вредност од материјалното богатство (Пословици 19:1; 22:1). Заедно со семејството, Давид е решен важните работи да им бидат на прво место (Филипјаните 1:10).

И покрај постојаните обиди, досега човекот не успеал да изгради вистински богато, а сепак чесно општество. Меѓутоа, Бог ветил дека неговото Царство ќе обезбеди изобилство материјални и духовни работи што ни се потребни за да живееме среќно (Псалм 72:16; Исаија 65:21-23). Исус поучувал дека, за да бидеме вистински среќни, прво мора да бидеме свесни за своите духовни потреби (Матеј 5:3). Затоа, без оглед дали во материјален поглед сме богати или сиромашни, најдобар начин да се подготвиме за Божјиот нов свет што е пред нас, е духовните работи да ни бидат на прво место (1. Тимотеј 6:17-19). Тој свет ќе биде вистински богато општество и во материјален и во духовен поглед.

[Фуснота]

a Името е сменето.

[Слики на страница 5]

Јов имал доверба во Бог, а не во богатството

[Слики на страница 7]

Највредните работи во животот не можат да се добијат со пари