Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Парите и чесноста — што нѐ учи историјата

Парите и чесноста — што нѐ учи историјата

Парите и чесноста — што нѐ учи историјата

НА 7 АПРИЛ 1630 година, околу четиристотини луѓе, качени во четири бродови, отпловиле од Англија кон Новиот свет. Многумина од нив биле високообразовани луѓе. Други биле успешни деловни луѓе. Некои биле дури и членови на парламентот. Економијата во Англија била во криза, и продолжила да се влошува поради Триесетгодишната војна во Европа (1618-1648). Одејќи на ризик, тие ги напуштиле домовите, работата и роднините и тргнале во потрага по подобар живот.

Но, овие луѓе полни со надеж не биле само група трговци кои сакале да ја искористат секоја прилика да заработат пари. Тие биле ревносни пуританци, кои бегале од религиозно прогонство. a Нивна вистинска цел била да си основаат општество во кое ќе се почитуваат Божјите закони, каде тие и нивните потомци ќе можат материјално да напредуваат без да мораат да отстапат од Божјите мерила. Набрзо по нивното пристигнување во Салем (Масачусетс), тие присвоиле едно парче земја покрај брегот. Новиот дом го нарекле Бостон.

Не е лесно да се задржи рамнотежа

Џон Винтроп, нивниот водач и гувернер, направил сѐ што можел за да се зголеми личниот имот на секој поединец, како и да се подобри благосостојбата на целата заедница. Тој сакал луѓето да бидат и богати и чесни. Но, се покажало дека не е лесно да се задржи рамнотежа помеѓу овие две работи. Претчувствувајќи дека тоа нема да му оди лесно, тој надолго и нашироко им зборувал на своите луѓе за улогата на богатството во едно општество во кое ќе се почитуваат Божјите закони.

Како и другите пуритански водачи, Винтроп верувал дека стремежот по богатство не е лош сам по себе. Тој тврдел дека главната цел на богатството е да им се помогне на другите. Според тоа, колку е човек побогат, толку повеќе добро може да направи. „Богатството било тема која многу ги вознемирувала пуританците“, вели историчарката Патриша О‘Тул. „Тоа било знак за Божји благослов, а во исто време било и силно искушение човек да западне во грев, со тоа што ќе стане горд . . . и ќе се поведе по желбите на телото“.

За да се избегнат гревовите што можат да произлезат од богатството и луксузот, Винтроп поттикнувал на умереност и самосовладување. Меѓутоа, наскоро желбата на неговите сограѓани да се збогатат дошла во судир со неговите обиди да ги натера да постапуваат на побожен начин и да се сакаат еден со друг. Отпадниците почнале да му се противат на Винтроп, затоа што сметале дека постапува диктаторски и дека им се меша во работите. Некои почнале да заговараат да се избере собрание кое ќе ги донесува одлуките. Други, пак, го кажале своето мислење со тоа што се преселиле во соседниот Конектикат за да ги остварат своите интереси.

О‘Тул вели: „Шанса, успех, демократија — сите овие биле движечката сила во животот на пуританскиот Масачусетс и секоја од нив ги разгорувала личните амбиции, заборавајќи го идеалот на Винтроп, т.е. богатството да се користи за доброто на сите“. Во 1649 година, на возраст од 61 година, Винтроп умрел речиси без скршена пара во џебот. Иако кревката колонија преживеала и покрај многу тешкотии, сепак Винтроп не доживеал да го види исполнувањето на неговиот сон за подобар свет.

Потрагата продолжува

Џон Винтроп умрел, но не и неговата идеалистичка визија за еден подобар свет. Секоја година стотици илјади лица емигрираат од Африка, југоисточна Азија, источна Европа и Латинска Америка, со надеж дека ќе најдат подобар живот. Некои од нив се поттикнати од стотиците нови книги, семинари и веб-страници што секоја година се произведуваат со ветувањето дека ќе ја откријат тајната за тоа како да се збогатиш. Јасно, многумина сѐ уште тежнеат да се збогатат, уверени дека нема да се откажат од моралните вредности.

Искрено речено, резултатите се поразителни. Оние што сакаат да се збогатат, на крајот честопати на олтарот на Мамон ги жртвуваат своите начела, а понекогаш дури и својата вера. Затоа, можеби со право ќе прашаш: „Може ли некој да биде вистински христијанин и во исто време да биде богат? Ќе има ли некогаш општество што ќе го почитува Бог и кое ќе биде богато и во материјален и во духовен поглед?“ Библијата дава одговор на овие прашања, како што покажува следната статија.

[Фуснота]

a Во 16 век, името пуританци им било дадено на протестантите во склоп на Англиканската црква, кои сакале да ја прочистат црквата од секаква трага на римокатоличко влијание.

[Извори на слики на страница 3]

Бродови: The Complete Encyclopedia of Illustration/J. G. Heck; Winthrop: Brown Brothers