Библиската книга Естира
Библиската книга Естира
КНИГАТА Естира е дел од хебрејските списи. Насловот го добила според името на главниот лик, иако некои примероци од латинската Вулгата ја нарекуваат „Ахасвер“, според името на персискиот цар што се спомнува во овој извештај. Евреите ја нарекуваат Мегилат Естер, или само Мегилах, што значи „свитокот“, бидејќи ја сметаат за еден многу ценет свиток.
Светото писмо не кажува кој ја напишал книгата Естира. Некои изучувачи сметаат дека ја напишал Езра, но доказите посочуваат на Мардохеј. Мардохеј можел да ги знае дури и најситните детали што се раскажани во врска со грижите што ги имале тој и Естира, и можел да знае што се случувало со семејството на Аман, а особено што се случувало во дворецот во Суза. Откако добил унапредување и станал управител на царството на персиската влада, тој имал пристап до службените документи што се спомнати во извештајот. Исто како што во други периоди Даниел, Езра и Неемија биле на службени положби во владата на Персија и напишале библиски книги во кои е опишана врската на Евреите со оваа светска сила, така и Мардохеј, со Јеховин благослов, најверојатно ја напишал книгата Естира.
Извештајот ни кажува дека настаните што се опишани во него се случиле за време на владеењето на Ахасвер, кој бил на власт во времето кога Персиското Царство се протегало од Индија до Етиопија и опфаќало 127 покраини (Естира 1:1). Овие факти, како и тоа што и Езра ги вклучил во библискиот канон, укажуваат дека настаните во извештајот се случуваат за време на владеењето на еден од следниве три цара што се познати во историјата: Дариј I Персиецот, Ксеркс I и Артарксеркс Лонгиманус. Меѓутоа, познато е дека и Дариј I и Артарксеркс Лонгиманус имале наклоност кон Евреите пред 12-тата година од своето царување, што не се совпаѓа со карактерот на царот Ахасвер кој се спомнува во оваа книга, бидејќи тој не знаел многу за Евреите и за нивната религија ниту, пак, имал наклоност кон нив. Затоа се смета дека Ахасвер што се спомнува во книгата Естира е Ксеркс I, синот на персискиот цар Дариј Велики. Во некои преводи дури и името „Ксеркс“ е сменето во „Ахасвер“.
Некои сметаат дека книгата Естира не треба да биде сместена во библискиот канон затоа што не е цитирана ниту, пак, е спомната во Христијанските грчки списи. Но, овој приговор не е убедлив, бидејќи истото е случај и со други книги за кои е сигурно потврдено дека припаѓаат на библискиот канон, како што се Езра и Проповедник. Мелито од Сард, Григориј Насијански и Атанасиј се некои од оние што ја испуштиле од својот список на книги што припаѓаат на канонот. Меѓутоа, Ероним, Августин и Ориген ја спомнуваат оваа книга. Таа спаѓа во збирката Честер Бити, во која книгите Езекиел, Даниел и Естира сочинуваат еден зборник, кој веројатно бил составен во првата половина на третиот век од н.е. Очигледно дека ниту Евреите ниту христијаните во првиот век не се сомневале во нејзината автентичност. Во своите Библии, Евреите најчесто ја сместуваат во хагиографијата (светите списи) меѓу Проповедник и Даниел.
Бидејќи во книгата не се спомнува директно Бог, некои тврдат дека таа не е религиозна. Меѓутоа, во неа се спомнува дека Евреите постеле и викале за помош, што значи дека се молеле (Естира 4:3, 16; 9:31). Исто така, може да се види дека Бог ги водел настаните кога царот не можел да заспие баш во вистински момент (Естира 6:1). Бог ги водел работите Естира да стане царица (Естира 4:14). Освен тоа, фактот што Мардохеј одлучно одбил да се поклонува пред Божјиот непријател Аман, кој бил Агагеец, а според тоа можеби и Амаликиец од царскиот род, е доказ дека Мардохеј го обожавал Јехова (Естира 3:1-6; Излез 17:14).
Аавтентичноста на книгата Естира ја потврдуваат и историските и археолошките откритија. Ќе биде доволно да спомнеме неколку примери. Точно е опишан начинот на кој Персијците им оддавале почести на луѓето (Естира 6:8). Персиските дворјани носеле облека со бела и сина (или виолетова) боја. Во Естира 8:15 читаме дека Мардохеј носел „царски сини и бели алишта“ (ПСП) и наметка од црвена ткаенина.
Книгата Естира е сосема во склад со останатиот дел од Светото писмо и ги надополнува извештаите од Езра и Неемија, кажувајќи што се случувало со изгнаниот Божји народ во Персија. Како што е случај со целата Библија, напишана е за да нѐ охрабри, да нѐ утеши и да нѐ поучи (Римјаните 15:4).