Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кои се вистински христијани?

Кои се вистински христијани?

Кои се вистински христијани?

„ХРИСТИЈАНСТВОТО постои само таму каде што спомените на Исус Христос се живи и можат да се видат во она што луѓето го зборуваат и го прават“ (On Being a Christian — Да се биде христијанин). Со овие зборови, швајцарскиот теолог Ханс Кинг изнесува една очигледна вистина: вистинското христијанство постои само таму каде што искрени лица ги применуваат учењата на Исус во пракса.

Тогаш, што ќе се случи со оние поединци или институции што тврдат дека го следат Исус Христос, но всушност не го применуваат она за што поучувал тој? Самиот Исус рекол дека многумина ќе тврдат дека се христијани. Ќе велат дека правеле разни работи за да докажат дека му служеле, велејќи: „Не пророкувавме ли во твое име, и не истерувавме ли демони во твое име, и не правевме ли многу моќни дела во твое име?“ Но, како ќе реагира Исус? Тој ја изнел својата осуда со следниве силни зборови: „Никогаш не сум ве знаел! Бегајте од мене, вие кои вршите беззаконие“ (Матеј 7:22, 23).

Какво само остро предупредување за оние што тврдат дека го следат Исус, а всушност ‚вршат беззаконие‘! Разгледај кои два основни услова ги изнел Исус за да ги прифати луѓето како вистински христијани и да не ги отфрли како лица што вршат беззаконие.

„Ако имате љубов меѓу себе“

Еден услов што го поставил Исус е следниов: „Ви давам нова заповед, да се љубите еден со друг; како што јас ве љубев, и вие да се љубите еден со друг. По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“ (Јован 13:34, 35).

Исус бара од своите следбеници искрено да се сакаат еден со друг, и да ги сакаат и другите луѓе. Откако Исус бил на Земјата па до денес, многу христијани како поединци го исполниле овој услов. Но, што може да се каже за повеќето верски организации кои тврдат дека го застапуваат Христос? Дали тоа што го правеле во минатото покажува дека имале љубов? Воопшто не. Напротив, тие предводеле во безброј војни и судири во кои била пролеана невина крв (Откровение 18:24).

Во тој поглед, ништо не се сменило до денешен ден. Држави што тврдат дека се христијански предводеа во масакрите извршени во двете светски војни во 20-от век. Во поново време, членови на таканаречените христијански цркви предводеа во суровите ѕверства и во обидот да се изврши геноцид во Руанда во 1994 година. Поранешниот англикански надбискуп Дезмонд Туту пишува: „Оние што крволочно се свртеа еден против друг припаѓаа на иста вера. Повеќето беа христијани“.

„Ако останете во мојата реч“

Исус јасно го изнел и второто основно барање за вистинските христијани, кога рекол: „Ако останете во мојата реч, навистина сте мои ученици, и ќе ја спознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:31, 32).

Исус очекува од своите следбеници да останат во неговата реч — односно да ги држат неговите учења. Но, верските учители што тврделе дека го следат Исус „сѐ повеќе ги прифаќале грчките учења“, забележува теологот Кинг. Тие ги замениле учењата на Исус со верување во бесмртност на душата, во чистилиште, обожавање на дева Марија и свештеничка класа — верувања што потекнуваат од паганските религии и филозофи (1. Коринќаните 1:19-21; 3:18-20).

Верските учители ја вовеле и збунувачката доктрина за тројството, воздигнувајќи го Исус на положба која тој никогаш не тврдел дека ја има. Со ова ги одвратиле луѓето од обожавањето на оној кон кого Исус секогаш го насочувал вниманието — неговиот Татко, Јехова (Матеј 5:16; 6:9; Јован 14:28; 20:17). Ханс Кинг пишува: „Кога Исус зборува за Бог, мисли на древниот Бог на патријарсите Авраам, Исак и Јаков: Јахве . . . За него тој е еден и единствен Бог“. Колку луѓе денес веднаш го поврзуваат Исусовиот Бог и Татко со Јахве, или Јехова, како што вообичаено се изговара неговото име на македонски јазик?

Верските водачи потполно ја игнорирале Исусовата заповед да останат неутрални во политичките работи. Во времето на Исус, Галилеја „била жариште на етнички национализам“, вели писателот Тревор Мороу. Многу еврејски патриоти посегнале по оружје за да остварат политичка и верска слобода. Дали Исус им рекол на своите ученици дека и тие треба да се борат на таков начин? Не. Напротив, тој им рекол: „Не сте дел од светот“ (Јован 15:19; 17:14). Меѓутоа, наместо да останат неутрални, црковните водачи си развиле свој систем на „милитантни и политички црковни начела“, како што ги нарекува ирскиот писател Хјуберт Батлер. Тој пишува: „Политичкото христијанство скоро секогаш горливо ги поддржува воените идеали, и кога политичарите и верските водачи ќе постигнат некаков договор, за да извлече некоја корист за себе, Црквата секогаш им го дава својот благослов на војските на државата“.

Лажните учители се одрекуваат од Исус

Апостол Павле предупредил дека ќе има отпад од вистинското христијанство. Тој рекол дека по неговата смрт, „угнетувачки волци“ од оние што тврдат дека се христијани „ќе зборуваат искривени работи за да ги одвлечат учениците по себе“ (Дела 20:29, 30). Тие „јавно [ќе] изјавуваат дека го познаваат Бог“, но, всушност, ќе „се одрекуваат од него со своите дела“ (Тит 1:16). И апостол Петар предупредил дека лажни учители „скришно ќе воведат погубни секти и ќе се одречат дури и од сопственикот кој ги купи“. Тој рекол дека поради нивното лошо однесување луѓето ќе зборуваат „срамно за патот на вистината“ (2. Петрово 2:1, 2). Грчкиот изучувач В. Е. Вајн вели дека, кога некој се одрекува од Христос на овој начин, тој „не го признава ни Таткото ни Синот со тоа што отпаѓа од верата и шири опасни и погубни учења“.

Како ќе реагира Исус ако оние што тврдат дека се негови ученици намерно не ‚остануваат во неговата реч‘ и намерно не ги исполнуваат другите барања што ги поставил? Тој предупредил: „Кој ќе се одрече од мене пред луѓето, и јас ќе се одречам од него пред мојот Татко кој е на небесата“ (Матеј 10:33). Се разбира, Исус не се одрекува од некој што ќе направи грешка и покрај тоа што искрено се труди да биде верен. На пример, иако трипати се одрекол од Исус, апостол Петар се покајал и му било простено (Матеј 26:69-75). Но, Исус се одрекува од лица или организации кои, всушност, се волци во овча кожа — се преправаат дека го следат, но своеволно и упорно ги отфрлаат неговите учења. За таквите лажни учители, Исус рекол: „По нивните плодови ќе ги препознаете“ (Матеј 7:15-20).

Умираат апостолите, се раѓа отпад

Кога лажните христијани започнале да се одрекуваат од Исус? Набрзо по смртта на Исус. Самиот тој предупредил дека Сатана Ѓаволот брзо ќе посее „плевел“, или лажни христијани, меѓу „доброто семе“ — вистинските христијани — што Исус го посеал во текот на својата служба (Матеј 13:24, 25, 37-39). Апостол Павле предупредил дека во негово време веќе дејствувале лажни учители. Тој рекол дека основната причина поради која овие лица застраниле од учењата на Исус Христос била таа што немале вистинска ‚љубов кон вистината‘ (2. Солуњаните 2:10).

Сѐ додека биле живи, апостолите на Исус Христос биле еден вид препрека за овој отпад. Меѓутоа, по смртта на апостолите, верските водачи, користејќи го „секое моќно дело, и . . . лажни знаци и предзнаци, и . . . неправедна измама“ за да заведат мнозина, одвлекувале сѐ повеќе луѓе од вистините за кои поучувале Исус и неговите апостоли (2. Сол. 2:3, 6-12). Наскоро, како што пишува англискиот филозоф Бертранд Расел, првото христијанско собрание се претворило во религиозна организација од која „би се запрепастиле и Исус и Павле“.

Обнова на вистинското христијанство

Фактите зборуваат сами за себе. Од смртта на апостолите наваму, Христос нема скоро никаква врска со она што таканаречените христијани го правеле во име на христијанството. Меѓутоа, тоа не значи дека Исус не си го одржал ветувањето дека ќе биде со своите следбеници „во сите денови сѐ до завршетокот на системот на работи“ (Матеј 28:20). Можеме да бидеме сигурни дека, уште од времето кога ги кажал тие зборови, секогаш имало верни лица меѓу кои ‚спомените на Исус Христос биле живи и можеле да се видат во она што тие го зборувале и го правеле‘. Исус Христос си го одржал ветувањето дека ќе ги поддржува таквите лица, затоа што се труделе да ја покажуваат љубовта по која се препознаваат вистинските христијани и им останале лојални на вистините за кои тој поучувал.

Освен тоа, Исус ветил дека во последните денови од овој поредок ќе ги собере своите верни ученици во едно јасно препознатливо христијанско собрание, кое тој ќе го користи за да ја исполни својата волја (Матеј 24:14, 45-47). Токму сега го користи тоа собрание за да собере „едно големо мноштво“ од мажи, жени и деца „од сите нации и племиња и народи и јазици“ и ги обединува под негово водство во „едно стадо“ под „еден пастир“ (Откровение 7:9, 14-17; Јован 10:16; Ефешаните 4:11-16).

Затоа, одвој се од организациите кои го оцрнувале Божјето име и му нанеле срам на христијанството во изминативе две илјади години. Во спротивно, како што Исус Христос му рекол на апостол Јован, би можел ‚да примиш дел од нивните неволји‘ (Откровение 1:1; 18:4, 5). Биди решен да бидеш меѓу оние за кои зборувал пророкот Михеј кога рекол дека, „на крајот на деновите“ вистинските обожаватели — припадниците на вистинското христијанство — ќе ги слушаат упатствата на Бог и ‚ќе одат по Неговите патеки‘ на обновеното чисто обожавање (Михеј 4:1-4). Издавачите на ова списание со задоволство ќе ти помогнат да ги препознаеш овие вистински обожаватели.

[Слики на страница 5]

Зошто вистинските христијани не учествуваат во војни?

[Извори на слики]

Војници, лево: фотографија на National Archives; пламенофрлач, десно: фотографија на U.S. Army

[Слики на страница 7]

Исус поставил два основни услова за вистинските христијани: „Имајте љубов меѓу себе“ и „останете во мојата реч“