Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Држи се настрана од лажната религија!

Држи се настрана од лажната религија!

Држи се настрана од лажната религија!

„,Излезете од нивната средина и одвојте се‘, вели Јехова, ‚и престанете да го допирате она што е нечисто‘“ (2. КОРИНЌАНИТЕ 6:17).

1. Во каква духовна состојба се наоѓаат многу искрени луѓе?

 МНОГУ искрени луѓе не ја знаат вистината за Бог и за тоа каква иднина го очекува човештвото. Бидејќи не нашле одговор на прашањата што најмногу ги загрижуваат, живеат во збунетост и неизвесност. Милиони им робуваат на суеверието, на ритуалите и на празниците што се навреда за нашиот Творец. Веројатно и ти имаш соседи или роднини што веруваат во пекол, во троеден Бог, во бесмртност на душата или во некое друго лажно учење.

2. Што направиле верските водачи, и со какви последици?

2 На што се должи оваа духовна темнина која е раширена насекаде? Иронично е што причината за неа е религијата — особено верските организации и водачи што шират учења спротивни на она што го мисли Бог (Марко 7:7, 8). Затоа, многу луѓе се намамени да веруваат дека го обожаваат вистинскиот Бог, иако, всушност, го навредуваат. Лажната религија е директно одговорна за ваквата жална состојба.

3. Кој е главниот што ја шири лажната религија, и како е опишан во Библијата?

3 Зад лажната религија стои една невидлива личност. Во врска со оваа личност, апостол Павле рекол: „Богот на овој систем на работи им ги заслепил умовите на неверниците за да не продре до нив светлината на славната добра вест за Христос, кој е слика на Бог“ (2. Коринќаните 4:4). „Богот на овој систем на работи“ не е никој друг туку Сатана Ѓаволот. Тој е главниот што ја шири лажната религија. „Самиот Сатана постојано се преобразува во ангел на светлината“, напишал Павле. „Затоа не е голема работа ако и неговите министри се преобразуваат во министри на праведноста“ (2. Коринќаните 11:14, 15). Сатана ги прикажува лошите работи како убави и ги намамува луѓето да веруваат во лаги.

4. Што пропишувал Божјиот закон за древниот Израел во врска со лажните пророци?

4 Не е ништо чудно што Библијата остро ја осудува лажната религија! На пример, во Мојсеевиот закон Божјиот избран народ бил конкретно опоменат да се чува од лажните пророци. Секој што ширел невистинити учења и обожавање на лажни богови требало ‚да биде погубен, зашто поттикнувал на отпаѓање од Јехова‘. На Израелците им било заповедано ‚да го откорнат злото од својата средина‘ (Второзаконие 13:1-5). Да, во Јеховини очи, лажната религија е зло (Езекиел 13:3).

5. На кои опомени треба да внимаваме денес?

5 Исто како Јехова, и Исус Христос и неговите апостоли чувствувале одбојност кон лажната религија. Исус ги опоменал своите ученици: „Чувајте се од лажните пророци кои доаѓаат кај вас во овча облека, а однатре се грабливи волци“ (Матеј 7:15; Марко 13:22, 23). Павле напишал дека „Божјиот гнев се открива од небото против секоја безбожност и неправедност на луѓето кои ја потиснуваат вистината“ (Римјаните 1:18). Многу е важно вистинските христијани да внимаваат на овие опомени и да се држат настрана од секој што ја потиснува вистината од Божјата реч или што шири лажни учења! (1. Јованово 4:1).

Излези од „Големиот Вавилон“

6. Како е прикажан „Големиот Вавилон“ во Библијата?

6 Да разгледаме како е опишана лажната религија во библиската книга Откровение. Таму е прикажана како пијана проститутка што има власт над многу царства и нивните народи. Оваа симболична жена блудствува со многу цареви и е пијана од крвта на слугите на вистинскиот Бог (Откровение 17:1, 2, 6, 18). На челото ѝ е напишано едно име што одговара на нејзините валкани и одвратни постапки. Тоа име гласи „Големиот Вавилон, мајката на блудниците и на одвратните земни работи“ (Откровение 17:5).

7, 8. Како блудствувала лажната религија, и со какви последици?

7 Библискиот опис на Големиот Вавилон се однесува на целокупната лажна религија во светот. Иако илјадниците религии не се официјално обединети во една светска организација, тие имаат една иста цел и вршат исти дела. Како што е прикажано со неморалната жена во книгата Откровение, лажната религија има огромно влијание врз владите. Исто како една неверна жена, лажната религија блудствувала склучувајќи сојузи со различни политички сили. „Прељубници, зарем не знаете дека пријателството со светот е непријателство со Бог?“, напишал ученикот Јаков. „Затоа, кој сака да биде пријател со светот, од себе прави непријател на Бог“ (Јаков 4:4).

8 Како последица од ваквото мешање на лажната религија со владите, страдале многу луѓе. Африканскиот политички аналитичар д-р Онена Мангу рекол дека „историјата на светот е полна со случаи на масовни убиства поради мешање на религијата и политиката“. Неодамна, во еден весник беше речено: „Најкрвавите и најопасни судири денес . . . се поврзани со религијата“. Милиони луѓе го изгубиле животот во конфликтите зад кои стоела религијата. Големиот Вавилон ги прогонувал и ги убивал дури и слугите на вистинскиот Бог, и со тоа, така да се каже, станал пијан од нивната крв (Откровение 18:24).

9. Како во книгата Откровение е опишана Јеховината омраза кон лажната религија?

9 Од она што ќе се случи со Големиот Вавилон јасно може да се види дека Јехова ја мрази лажната религија. Во Откровение 17:16 стои: „Десетте рогови што ги виде, и дивиот ѕвер, тие ќе ја замразат блудницата и ќе ја опустошат и разголат, и ќе ги изедат нејзините месести делови и потполно ќе ја изгорат со оган“. Најпрво, еден огромен ѕвер ја растргнува на парчиња и го јаде нејзиното месо. Потоа, она што останува од неа е потполно изгорено со оган. Ова симболично покажува дека наскоро светските влади ќе преземат ваков чекор против лажната религија. Бог ќе ги поттикне на тоа (Откровение 17:17). Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија, е осуден на уништување. „Никогаш повеќе нема да се најде“ (Откровение 18:21).

10. Каков став треба да имаме кон лажната религија?

10 Каков став кон Големиот Вавилон треба да имаат слугите на вистинскиот Бог? Со многу јасни зборови, Библијата заповеда: „Излезете од неа, народе мој, ако не сакате да учествувате со неа во нејзините гревови и ако не сакате да примите дел од нејзините неволји“ (Откровение 18:4). Оние што сакаат да се спасат мораат да излезат од лажната религија пред да биде предоцна. Кога бил на Земјата, Исус Христос прорекол дека во последните денови многу луѓе само ќе тврдат дека го следат (Матеј 24:3-5). Ним Исус им вели: „Никогаш не сум ве знаел! Бегајте од мене, вие кои вршите беззаконие“ (Матеј 7:23). Исус Христос, кој сега владее како Цар, нема никаква врска со лажната религија.

Како да се држиш настрана од лажната религија?

11. Што треба да правиме за да се држиме настрана од лажната религија?

11 Вистинските христијани се држат настрана од лажната религија на тој начин што ги отфрлаат нејзините учења. Тоа значи дека нема да слушаме и да гледаме религиозни програми на радио или на телевизија и нема да читаме верска литература што шири лаги за Бог и за неговата Реч (Псалм 119:37). Исто така, мудро избегнуваме друштвени собири и забавни активности што се одржуваат под покровителство на некоја организација поврзана со лажната религија. Освен тоа, не ја поддржуваме лажната религија на кој и да е начин (1. Коринќаните 10:21). Така се чуваме да не нѐ заведе некој „како свој плен со помош на филозофијата и со празна измама според човечката традиција, според елементарните работи на светот, а не според Христос“ (Колошаните 2:8).

12. Како може некој да прекине секаква врска со организациите на лажната религија?

12 Што треба да направи некој што сака да стане Јеховин сведок, но моментално е член на некоја лажна религија? Во повеќето случаи, едно писмо во кое наведува дека го прекинува своето членство во лажната религија е доволен доказ дека повеќе не сака да биде сметан за нејзин член. Особено е важно одлучно да ги прекине сите врски со лажната религија за да не биде извалкан духовно. Од неговите постапки треба да им биде јасно и на религиозната организација и на другите луѓе дека тој повеќе не припаѓа на таа религија.

13. Кој совет ни го дава Библијата во врска со потребата да се држиме настрана од лажната религија?

13 „Не впрегнувајте се во нееднаков јарем со неверници“, напишал апостол Павле. „Зашто, што имаат заедничко праведноста и беззаконието? Или какво заедништво има светлината со темнината? Понатаму, каква хармонија постои меѓу Христос и Велијар? Или каков удел има верниот со неверникот? И каква согласност има Божјиот храм со идолите? . . ‚Затоа, излезете од нивната средина и одвојте се‘, вели Јехова, ‚и престанете да го допирате она што е нечисто‘“ (2. Коринќаните 6:14-17). Покажуваме послушност на овие зборови ако се држиме настрана од лажната религија. Дали советот на Павле значи дека не треба да имаме никакви контакти и со луѓето што припаѓаат на лажната религија?

„Продолжете да одите во мудрост“

14. Мораме ли сосема да ги одбегнуваме оние што припаѓаат на лажната религија? Објасни.

14 Дали слугите на вистинскиот Бог не треба да имаат никакви контакти со луѓето што припаѓаат на некоја лажна религија? Треба ли сосема да ги одбегнуваме оние што не ни се соверници? Одговорот е ‚не‘. Втората од двете најголеми заповеди гласи: „Љуби го својот ближен како себеси“ (Матеј 22:39). Сигурно дека покажуваме љубов кон нашите ближни кога им ја кажуваме добрата вест за Царството. Покажуваме дека ги сакаме и тогаш кога ја проучуваме Библијата со нив и им посочуваме зошто треба да се држат настрана од лажната религија.

15. Што значи тоа да не бидеме „дел од светот“?

15 Иако им ја проповедаме добрата вест на другите луѓе, како следбеници на Исус ние не сме „дел од светот“ (Јован 15:19). Зборот ‚свет‘ што е употребен овде се однесува на луѓето кои не му служат на Бог (Ефешаните 4:17-19; 1. Јованово 5:19). Одвоени сме од светот во таа смисла што сме расчистиле со ставовите, начинот на зборување и постапките што се навреда за Јехова (1. Јованово 2:15-17). Освен тоа, во склад со начелото дека „лошите друштва ги расипуваат корисните навики“, не сме блиски пријатели со оние што не живеат според христијанските мерила (1. Коринќаните 15:33). Да не бидеме дел од светот значи да останеме „без дамка од светот“ (Јаков 1:27). Според тоа, да бидеме одвоени од светот не значи дека треба физички да ги прекинеме сите контакти со другите луѓе (Јован 17:15, 16; 1. Коринќаните 5:9, 10).

16, 17. Како треба да постапуваат христијаните со оние што не ги знаат библиските вистини?

16 Тогаш, како треба да постапуваме со оние што не ги знаат библиските вистини? Павле му го напишал следново на собранието во Колоси: „Продолжете да одите во мудрост со оглед на оние надвор, откупувајќи си го поволното време. Вашиот збор секогаш нека биде љубезен, зачинет со сол, за да знаете како треба секому да одговорите“ (Колошаните 4:5, 6). А апостол Петар напишал: „Светете го Христос како Господ во своите срца, секогаш спремни да дадете одбрана пред секого кој ви бара причина за надежта која е во вас, но тоа правете го со благ нарав и со длабока почит“ (1. Петрово 3:15). Павле ги посоветувал христијаните „да не зборуваат лошо за никого, да не бидат воинствени, да бидат разумни, покажувајќи секаква благост спрема сите луѓе“ (Тит 3:2).

17 Како Јеховини сведоци, не сме груби ниту арогантни со другите. Во никој случај не зборуваме со омаловажување за луѓето од другите религии. Напротив, ние сме тактични, дури и ако станарот, соседот или некој колега е нељубезен или нѐ навредува (Колошаните 4:6; 2. Тимотеј 2:24).

„Држи се и понатаму за образецот на здрави зборови“

18. Во каква жалосна духовна состојба запаѓаат оние што ѝ се враќаат на лажната религија?

18 Колку би било трагично некој да се врати во лажната религија откако ги научил библиските вистини! Библијата ги опишува жалните последици од таквата постапка кога вели: „Вистина, ако откако преку точното спознание за Господ и Спасителот Исус Христос им побегнале на валканостите на светот, повторно се впуштат во истите овие работи и бидат совладани, тогаш последната состојба за нив станала полоша од првата . . . Им се случило она што го вели вистинитата поговорка: ‚Кучето ѝ се враќа на својата блујавица, и искапената свиња — на валкањето во калта‘“ (2. Петрово 2:20-22).

19. Зошто е многу важно секогаш да внимаваме на сѐ што би можело да ја загрози нашата духовност?

19 Мораме будно да внимаваме на сѐ што би можело да ја загрози нашата духовност. Опасноста постојано нѐ демне! Апостол Павле опоменува: „Инспирираниот израз јасно вели дека во подоцнежните временски периоди некои ќе отпаднат од верата, обрнувајќи внимание на заведувачки инспирирани изрази и учења на демони“ (1. Тимотеј 4:1). Ние живееме во тие ‚подоцнежни временски периоди‘. Оние што не се држат настрана од лажната религија можат да бидат „фрлани наоколу како од бранови и носени ваму-таму од секој ветар на учењето преку човечката измама, преку лукавството во смислување на заблуда“ (Ефешаните 4:13, 14).

20. Како можеме да се заштитиме од штетното влијание на лажната религија?

20 Како можеме да се заштитиме од штетното влијание на лажната религија? Размисли што сѐ ни дал Јехова за да ни помогне во тоа. Ја имаме Божјата реч, Библијата (2. Тимотеј 3:16, 17). Исто така, Јехова ни обезбедил богата духовна храна преку „верниот и разборит роб“ (Матеј 24:45). Додека напредуваме во вистината, зар не би требало да ни станува сѐ повкусна ‚цврстата храна што им припаѓа на зрелите луѓе‘ и да сакаме да одиме на нашите состаноци, каде што ги учиме духовните вистини? (Евреите 5:13, 14; Псалм 26:8). Да бидеме решени потполно да искористиме сѐ што ни дава Јехова за да ни помогне ‚да се држиме и понатаму за образецот на здрави зборови‘ што сме го чуле (2. Тимотеј 1:13). Така ќе можеме да се држиме настрана од лажната религија.

Што научи?

• Кој е „Големиот Вавилон“?

• Што мораме да правиме за да се држиме настрана од лажната религија?

• Од кои опасности за нашата духовност треба да се чуваме?

[Прашања]

[Слика на страница 28]

Знаеш ли зошто „Големиот Вавилон“ е опишан како неморална жена?

[Слика на страница 29]

„Големиот Вавилон“ е осуден на уништување

[Слика на страница 31]

Кон оние што не ни се соверници покажуваме ‚благ нарав и длабока почит‘