Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Единствениот лек!

Единствениот лек!

Единствениот лек!

ЛАЗАР и неговите сестри, Марта и Марија, живеат во Витанија, гратче што е оддалечено околу три километри од Ерусалим. Еден ден, кога нивниот пријател Исус не е со нив, Лазар паѓа тешко болен. Неговите сестри се многу загрижени и затоа му праќаат порака на Исус. Два дена откако дознава за тоа, Исус тргнува да го види Лазар. По патот им кажува на апостолите дека Лазар заспал и дека тој оди да го разбуди. Отпрвин учениците погрешно го разбираат, па затоа Исус јасно им кажува: „Лазар умре“ (Јован 11:1-14).

Кога пристигнува до гробот на Лазар, Исус прво им вели на луѓето да го отстранат каменот што го затвора влезот на гробницата. Потоа се помолува на глас, и заповеда: „Лазаре, излези!“ И Лазар излегува. Воскреснат е човек што бил мртов четири дена (Јован 11:38-44).

Извештајот за Лазар покажува дека воскресението е сигурен лек за смртта. Но, дали ова чудо навистина се случило? Дали Лазар навистина бил вратен во живот? Библијата го изнесува ова како факт. Прочитај го извештајот во Јован 11:1-44 и ќе видиш колку е жив и детален описот што е даден во него. Можеш ли да одречеш дека ова се случило? Тогаш би можел да ја доведеш во прашање и вистинитоста на сите чуда што се запишани во Библијата, вклучувајќи го и чудото на воскресението на самиот Исус Христос. А „ако Христос не станал, вашата вера е бескорисна“, вели Библијата (1. Коринќаните 15:17). Воскресението е основно библиско учење (Евреите 6:1, 2). Но, што значи изразот „воскресение“?

Што е „воскресение“?

Во христијанските грчки списи, зборот „воскресение“ се појавува повеќе од 40 пати. Преведен е од еден грчки збор што дословно значи „повторно станување“. Соодветниот хебрејски збор значи „оживување на мртвиот“. Откако некое лице ќе умре, што е тоа што ќе воскресне? Не е можно да воскресне телото, зашто тоа се распаѓа и се враќа во земниот прав. Она што воскреснува не е истото тело туку истата личност што умрела. Според тоа, воскресението значи враќање на целокупната личност на поединецот — неговиот карактер, сеќавања од минатото и сите детали поврзани со неговата личност.

Јехова Бог, кој има совршено памтење, без проблем ќе се сети на личностите што умреле (Исаија 40:26). Бидејќи тој е Изворот на животот, може лесно да ја оживее истата личност во ново тело (Псалм 36:9). Освен тоа, Библијата вели дека Јехова Бог има „желба“, односно со цело срце копнее да ги воскресне мртвите (Јов 14:14, 15). Колку можеме да бидеме среќни што Јехова не само што е способен да ги оживее луѓето туку и копнее да го стори тоа!

Исус Христос исто така игра клучна улога во воскреснувањето на мртвите. Околу една година откако започнал со својата служба, тој рекол: „Како што Таткото ги подигнува мртвите и ги оживува така и Синот ги оживува оние коишто сака“ (Јован 5:21). Зарем воскресението на Лазар не покажува дека Исус Христос има и моќ и желба да ги воскресне мртвите?

А што е со верувањето дека нешто во нас продолжува да живее по смртта? Всушност, учењето за воскресение е спротивно на верувањето во бесмртност на човечката душа или дух. Ако нешто во нас ја преживува смртта, каква потреба има од воскресение? Марта, сестрата на Лазар, не верувала дека нејзиниот мртов брат продолжил да постои во некој духовен свет. Таа верувала во воскресение. Кога Исус ѝ рекол: „Твојот брат ќе стане“, Марта изјавила: „Знам дека ќе стане при воскресението во последниот ден“ (Јован 11:23, 24). А кога Лазар бил вратен во живот, не им раскажал на другите за никаков задгробен живот. Тој бил мртов. Библијата вели: „Живите барем знаат дека ќе умрат, а мртвите не знаат ништо, ниту имаат веќе награда, зашто се заборава и споменот за нив. Што и да имаш намера да правиш, направи го додека можеш, зашто нема ни дела, ни умување, ни сознавање, ни мудрост во Подземјето [гробот, NW] во кое одиш“ (Проповедник 9:5, 10).

Затоа, според Библијата, единствениот лек за смртта е воскресението. Но, од сите луѓе што умреле, кој ќе воскресне и каде?

Кој ќе воскресне?

„Доаѓа часот во кој сите оние што се во спомен-гробовите ќе го чујат неговиот [Исусовиот] глас и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29). Според ова ветување, ќе воскреснат оние што се во спомен-гробовите — во Јеховиното сеќавање. Прашањето е: Од сите што умреле, кои се тие што се наоѓаат во Божјето сеќавање и чекаат воскресение?

Во библиската книга Евреите, во 11. поглавје, се наведени имиња на мажи и жени што верно му служеле на Бог. Тие, како и многу други лојални слуги на Бог што умреле во последниве години, ќе бидат воскреснати. А дали оние што не ги знаеле Божјите праведни мерила се исто така во неговото сеќавање? Да, Бог се сеќава на многу од нив. Библијата ветува: „Ќе има воскресение и на праведните и на неправедните“ (Дела 24:15).

Меѓутоа, некои луѓе нема да бидат воскреснати. Во Библијата се вели: „Зашто ако намерно практикуваме грев откако сме го примиле точното спознание на вистината, повеќе не преостанува никаква жртва за гревови, туку некакво страшно очекување на суд“ (Евреите 10:26, 27). Некои направиле гревови за кои нема простување. Тие не се во Хадесот (симболично заедничко место во кое се наоѓаат оние што умреле) туку во Геената, место што е симбол за потполно уништување (Матеј 23:33). Но, мораме да внимаваме да не судиме дали некој ќе биде воскреснат или не. Бог одлучува за тоа. Тој знае кој е во Хадесот а кој е во Геената. За нас е важно да живееме во склад со неговата волја.

Кој ќе воскресне на небото?

Најзначајно воскресение е она на Исус Христос. Тој ‚бил убиен во тело, но бил оживеан во духот‘ (1. Петрово 3:18). Ниеден човек пред него не бил воскреснат на таков начин. Самиот Исус рекол: „Никој не се качил на небото, освен оној кој слезе од небото, Синот човечки“ (Јован 3:13). Да, Синот човечки е првиот што бил воскреснат како духовна личност (Дела 26:23). Но, по него требало да има и други. Библијата вели: „Секој во својот ранг: Христос првината, после оние кои му припаѓаат на Христос во текот на неговата присутност“ (1. Коринќаните 15:23).

Една мала група луѓе — „оние кои му припаѓаат на Христос“ — воскреснуваат за живот на небото со една посебна цел (Римјаните 6:5). Тие ќе владеат со Христос како „цареви над земјата“ (Откровение 5:9, 10). Исто така, тие ќе служат и како свештеници со тоа што ќе помогнат да се отстранат последиците од гревот што луѓето го наследиле од првиот човек, Адам (Римјаните 5:12). Бројот на оние што ќе владеат со Христос како цареви и свештеници е 144.000 (Откровение 14:1, 3). Какво тело добиваат кога воскреснуваат? Библијата вели дека тие добиваат „духовно тело“, за да можат да живеат на небото (1. Коринќаните 15:35, 38, 42-45).

Кога се одвива небесното воскресение? „Во текот на [Христовата] присутност“, одговара 1. Коринќаните 15:23. Светските настани од 1914 јасно покажуваат дека токму во таа година започнале и Христовата присутност и „завршетокот на системот на работи“ (Матеј 24:3-7). Затоа можеме да заклучиме дека веќе започнало и небесното воскресение на верните христијани иако, се разбира, тоа е невидливо за луѓето. Значи, апостолите и првите христијани сега се воскреснати за живот на небото. А кога воскреснуваат помазаните христијани што умираат во наше време? Тие воскреснуваат „за миг на окото“, односно веднаш штом ќе умрат (1. Коринќаните 15:52). Воскресението на оваа мала група од 144.000 му претходи на воскресението на огромниот број луѓе што ќе бидат вратени во живот на Земјата. Затоа е наречено „пораното воскресение“ и „првото воскресение“ (Филипјаните 3:11; Откровение 20:6).

Кој ќе воскресне за живот на Земјата?

Според Библијата, поголемиот дел од мртвите ќе бидат вратени во живот на Земјата (Псалм 37:29; Матеј 6:10). Опишувајќи ја величествената визија за воскреснатите, апостол Јован напишал: „Морето ги предаде мртвите кои беа во него, и смртта и Хадесот ги предадоа мртвите кои беа во нив, и тие беа судени поединечно според своите дела. А смртта и Хадесот беа фрлени во огненото езеро. Тоа значи втората смрт, огненото езеро“ (Откровение 20:11-14). Оние во Хадесот, односно Шеолот — симболично заедничко место во кое се наоѓаат оние што умреле — се во Божјето сеќавање. Сите тие ќе бидат ослободени од стисокот на смртта (Псалм 16:10; Дела 2:31). И сите ќе бидат судени според она што ќе го прават откако ќе бидат воскреснати. Што ќе се случи тогаш со смртта и со Хадесот? Ќе бидат фрлени во „огненото езеро“. Ова значи дека луѓето нема повеќе да умираат поради гревот што го наследиле од Адам.

Само помисли каква прекрасна надеж им нуди ветувањето за воскресение на оние кои загубиле некој од своите најмили! Колку била радосна вдовицата од Наин кога Исус го воскреснал нејзиниот единствен син! (Лука 7:11-17). А за родителите на едно 12-годишно девојче што Исус го вратил во живот, Библијата вели: „И веднаш беа вон од себеси од големо восхитување“ (Марко 5:21-24, 35-42; Лука 8:40-42, 49-56). Во Божјиот ветен нов свет, навистина ќе ги пречекаме најмилите со голем восхит.

Како може уште денес да влијае врз нас тоа што ја знаеме вистината за воскресението? „Повеќето луѓе се плашат од смртта и не сакаат да размислуваат за неа“, се вели во The World Book Encyclopedia. Зошто? Бидејќи за повеќето луѓе смртта е мистерија — нешто непознато од кое се плашат. Тоа што ја знаеме вистината за состојбата на мртвите и што ја имаме надежта за воскресение, може да ни даде храброст ако еден ден се соочиме со ‚последниот непријател, смртта‘ (1. Коринќаните 15:26). Исто така, ни помага и полесно да ја поднесеме болката што ја чувствуваме кога ќе ни умре некој близок пријател или роднина.

Кога ќе започне воскресението на Земјата? Денес светот е исполнет со насилство, борби, крвопролевање и загадување. Кога мртвите би биле вратени да живеат на ваква Земја, сигурно нивната среќа би била краткотрајна. Меѓутоа, Творецот ветил дека наскоро ќе му стави крај на сегашниов свет со кој владее Сатана (Пословици 2:21, 22; Даниел 2:44; 1. Јованово 5:19). Божјата намера за Земјата наскоро ќе се исполни. Тогаш, во Божјиот мирољубив нов свет, ќе се разбудат во живот милијарди лица што сега спијат во смртен сон.

[Слика на страница 7]

Повеќето од мртвите ќе бидат воскреснати за живот на Земјата