Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Избрани стихови од книгата Јов

Избрани стихови од книгата Јов

Јеховината реч е жива

Избрани стихови од книгата Јов

ПАТРИЈАРХОТ Јов живее во земјата Уз (денес на Арапскиот Полуостров). Во тоа време, голем број Израелци живеат во Египет. Иако самиот не е Израелец, Јов е слуга на Јехова Бог. За него Библијата вели: „Нему никој не му е рамен на земјата. Тоа е непорочен и праведен човек, се бои од Бога и се отстранува од злото!“ (Јов 1:8). Ова најверојатно се случува во периодот помеѓу животот на двајца верни слуги на Јехова — Јакововиот син Јосиф и пророкот Мојсеј.

Мојсеј, за кој се смета дека ја напишал книгата Јов, најверојатно слушнал за Јов некаде во текот на 40-те години што ги поминал во Мадијам, близу до Уз. За последните години од животот на Јов мора да слушнал кога Израелците се наоѓале во близина на Уз, кон крајот на нивниот 40-годишен престој во пустината. * Она што му се случило на Јов е толку убаво опишано, што извештајот за него се смета за книжевно ремек-дело. Меѓутоа, што е уште поважно, од овој извештај добиваме одговор на прашањата како: Зошто добрите луѓе страдаат? Зошто Јехова дозволува да постои злото? Можат ли несовршените луѓе да му останат верни на Бог? Книгата Јов, како дел од вдахновената Божја реч, содржи порака што е жива и врши силно влијание до ден-денес (Евреите 4:12).

„ДА ЗАГИНЕШЕ ДЕНОТ ВО КОЈ СЕ РОДИВ“

(Јов 1:1—3:26)

Еден ден, Сатана го покренува прашањето дали Јов му е верен на Бог. Јехова прифаќа да биде одговорено тоа прашање и му дозволува на Сатана да му нанесе на Јов една неволја по друга. Но, Јов одбива да го ‚проколне Бог‘ (Јов 2:9).

Доаѓаат тројца пријатели на Јов за „да го пожалат и да го утешат“ (Јов 2:11). Тие седат со него без да изустат збор сѐ додека Јов не проговорува прв, извикувајќи: „О, да загинеше денот во кој се родив!“ (Јов 3:3). Посакува да е ‚како новороденче што не ја видело светлината‘, односно мртвороденче (Јов 3:11, 16).

Одговорени библиски прашања:

1:4 — Дали децата на Јов славеле родендени? Не. На изворниот јазик постојат два различни зборови за „ден“ и за „роденден“, и секој си има свое посебно значење (Битие 40:20). Во Јов 1:4 се користи зборот „ден“, што го означува периодот од изгрејсонце до зајдисонце. Изгледа дека седумте синови на Јов еднаш годишно одржувале седумдневен семеен собир. Како што тие собири оделе по ред, на секој син му се паѓало да биде домаќин на гозбата „во својот ден“.

1:6; 2:1 — Кому му било дозволено да застане пред Јехова? Меѓу оние на кои им било дозволено да застанат пред Јехова се Божјиот единороден Син, Речта; верните ангели; но и непослушните ангелски „Божји синови“ заедно со Сатана Ѓаволот (Јован 1:1, 18). Сатана и демоните не биле истерани од небото сѐ до периодот кратко по воспоставувањето на Божјето Царство во 1914 година (Откровение 12:1-12). Со тоа што им дозволил да застанат пред него, Јехова ги изнел пред сите духовни суштества обвиненијата што му биле упатени и прашањата што биле покренати.

1:7; 2:2 — Дали Јехова му зборувал директно на Сатана? Библијата не кажува многу за тоа како комуницира Јехова со духовните суштества. Но, пророкот Михеј имал визија во која видел како еден ангел директно му се обраќа на Јехова (1. Цареви 22:14, 19-23). Изгледа дека Јехова зборувал со Сатана без посредник.

1:21 — Како можел Јов да се врати во „мајчината утроба“? Бидејќи Јехова го создал човекот „од земниот прав“, терминот ‚мајка‘ овде се користи во фигуративна смисла и се однесува на Земјата (Битие 2:7).

2:9 — Во каква психичка состојба можеби била жената на Јов кога му рекла да го проколне Бог и да умре? Жена му на Јов изгубила сѐ што изгубил и тој. Покрај тоа, сигурно многу ја болело да го гледа својот маж, до вчера здрав, како страда од одвратна болест. Исто така, ѝ умреле сите деца. Мора да била толку избезумена од сето ова, што го изгубила од предвид најважното — нивниот однос со Бог.

Поуки за нас:

1:8-11; 2:3-5. Како што се гледа од примерот на Јов, да бидеме верни не значи само да постапуваме и зборуваме исправно туку и да му служиме на Јехова од исправни мотиви.

1:21, 22. Можеме да докажеме дека Сатана лаже ако му останеме верни на Јехова и во добро и во лошо (Пословици 27:11).

2:9, 10. Исто како Јов, и ние треба да останеме цврсти во верата дури и кога на членовите на семејството ништо не им значат нашите духовни активности или кога ни вршат притисок да згрешиме или да се откажеме од своите верувања.

2:13. Пријателите на Јов не можеле да кажат ништо добро за Бог и за она што го ветил затоа што не биле духовни личности.

„СВОЈАТА НЕВИНОСТ ЌЕ ЈА БРАНАМ ДО ПОСЛЕДНИОТ ЗДИВ!“

(Јов 4:1—31:40)

Главната поента што ја истакнуваат тројцата пријатели на Јов во своите говори е дека Јов мора да направил нешто многу лошо за да заслужи таква строга казна од Бог. Прво почнува Елифаз. По него следи Валдад, кој зборува уште позајадливо. Софар зборува со поголем презир и од него.

Јов не се сложува со погрешните заклучоци на своите посетители. Бидејќи не може да разбере зошто Бог допушта да страда, почнува претерано да се оправдува себеси. Сепак, Јов го сака Бог и извикнува: „Својата невиност ќе ја бранам до последниот здив!“ (Јов 27:5).

Одговорени библиски прашања:

7:1; 14:14 — Што се мисли со изразот „принудна работа“ (NW)? Јов пропатил толку многу што животот го сметал за мачна, тешка принудна работа. Од друга страна, бидејќи оној што умрел е принуден да помине извесно време во Шеол — од смртта па до воскресението — и овој период Јов го споредил со принудна работа.

7:9, 10; 10:21; 16:22 — Дали овие изјави покажуваат дека Јов не верувал во воскресение? Овие изјави се однесуваат на непосредната, блиска иднина на Јов. Тогаш, што сакал да каже со нив? Една можност е дека ако умре, никој од неговите современици нема да го види. Можеби сакал да каже и дека никој не може сам да се врати од Шеолот. Зборовите во Јов 14:13-15 јасно покажуваат дека Јов се надевал на воскресение.

10:10 — Како Јехова ‚го излеал Јов како млеко, и го потсирил како сирење‘? Ова е поетски опис на начинот на кој Јов бил обликуван во утробата на својата мајка.

19:20 — Што мислел Јов со изразот „ми остана само кожа околу забите“? Со тоа што рекол дека му останала само кожата онаму каде што, всушност, нема кожа, Јов можеби сакал да каже дека останал буквално без ништо.

Поуки за нас:

4:7, 8; 8:5, 6; 11:13-15. Не смееме брзо да заклучиме дека некој што има неволји си го жнее она што го посеал и дека Бог не го сака.

4:18, 19; 22:2, 3. Нашите совети треба да се темелат на Божјата реч, а не на лично мислење (2. Тимотеј 3:16).

10:1. Јов бил заслепен од огорченост, па затоа не помислил дека можеби страда од други причини. Кога страдаме, не смееме да станеме огорчени, особено сега, кога ни е јасно кои спорни прашања се вклучени.

14:7, 13-15; 19:25; 33:24. Без разлика на каков испит ќе нѐ подложи Сатана, надежта во воскресение може да ни помогне да го поднесеме.

16:5; 19:2. Нашите зборови треба да ги храбрат и да ги зајакнуваат другите, а не да ги нервираат (Пословици 18:21).

22:5-7. Советот што се дава на темел на обвиненија кои немаат цврста основа е безвреден и штетен.

27:2; 30:20, 21. Не значи дека оние што се верни се совршени. Јов згрешил што го критикувал Бог.

27:5. Јов не рекол: „Нема да ме натерате да отстапам од својата непорочност“. Тој знаел дека неговата непорочност зависи само од него лично и од неговата љубов кон Јехова. За да можеме да останеме непорочни, и ние треба да развиваме силна љубов кон Јехова.

28:1-28. Човекот знае каде се богатствата на Земјата. Трагајќи по нив, неговата досетливост го одвела до подземните патишта кои не може да ги види ниту острото око на птицата-грабливка. Но, Божјата мудрост е резултат на стравот од Јехова.

29:12-15. Треба спремно да покажеме добрина кон оние што имаат некаква потреба.

31:1; 9-28. Јов е пример за нас затоа што не флертувал, не направил прељуба, не бил неправеден ниту безмилосен кон никого, и не станал ни материјалист ни идолопоклоник.

„СЕ КААМ ВО ПРАВ И ПЕПЕЛ“

(Јов 32:1—42:17)

Еден млад набљудувач, кој се вика Елиу, сето време стрпливо ја слуша расправата. Сега решава да проговори. Тој ги исправа Јов и неговите тројца мачители.

Само што завршува Елиу, Јехова одговара од една бура. Тој не објаснува зошто страда Јов. Но, со тоа што му поставува низа прашања, Севишниот му помага на Јов да стане свесен за Божјата величествена моќ и огромна мудрост. Јов признава дека зборувал без да ги разбира работите, и вели: „Се гнасам од сите свои зборови и се каам во прав и пепел“ (Јов 42:6). Кога завршува испитот на Јов, неговата беспрекорност е наградена.

Одговорени библиски прашања:

32:1-3 — Кога дошол Елиу? Со оглед на тоа што Елиу чул сѐ што зборувале, мора да седел некаде во близина уште пред Јов да проговори и да го прекрати седумдневното молчење на своите тројца пријатели (Јов 3:1, 2).

34:7 — Во која смисла Јов ‚ја пиел хулата како вода‘? Во својата болка, Јов го примал исмевањето на тројцата посетители како да му е упатено нему, иако, всушност, тие зборувале против Бог (Јов 42:7). На тој начин, ја примал нивната хула, односно презир како кога некој слатко пие вода.

Поуки за нас:

32:8, 9. Мудроста не доаѓа само со годините. Мудар е оној што ја разбира Божјата реч и што е воден од Божјиот свет дух.

34:36. Ќе се види дали сме беспрекорни кога на некој начин ќе бидеме ‚испитани до крај‘.

35:2. Елиу внимателно слушал, и пред да проговори сфатил за што се работи (Јов 10:7; 16:7; 34:5). Пред да дадат совет, христијанските старешини мораат внимателно да слушаат, да ги соберат сите факти и јасно да сфатат кои важни работи се вклучени (Пословици 18:13).

37:14; 38:1—39:30. Размислувањето за чудесните дела на Јехова — во кои се гледа неговата моќ и мудрост — ни помага да бидеме понизни и да видиме дека оправдувањето на неговото право да владее е поважно од кој и да е наш личен интерес (Матеј 6:9, 10).

40:1-4. Ако ни дојде да се жалиме од Севишниот, треба ‚со својата рака да си ја затвориме устата‘.

40:15—41:34. Колку се силни нилскиот коњ и крокодилот! За да издржиме во службата на Бог, и нам ни е потребна силата што ја дава Творецот на овие силни животни, кој ни дава моќ (Филипјаните 4:13).

42:1-6. Тоа што чул како зборува Јехова и што бил потсетен на неговата моќ му помогнало на Јов да ‚го види Бога‘, или да ја увиди вистината за него (Јов 19:26). Ова го исправило неговото размислување. Кога ќе примиме исправка на темел на Библијата, треба да сме спремни да си ја признаеме грешката и да се поправиме.

Труди се да ја стекнеш „истрајноста на Јов“

Книгата Јов јасно покажува дека Бог не е одговорен за страдањата на луѓето. За нив е одговорен Сатана. Тоа што Бог го дозволил злото на Земјата ни дава прилика лично да покажеме каков е нашиот став во однос на Божјето владеење и нашата беспрекорност.

Како и Јов, сите што го сакаат Јехова ќе бидат испитани. Извештајот за Јов ни влева доверба дека можеме да истраеме. Тој нѐ потсетува дека нашите проблеми нема да траат вечно. „Сте чуле за истрајноста на Јов и сте го виделе исходот кој Јехова го даде“, вели Јаков 5:11. Јехова го наградил Јов затоа што му останал верен (Јов 42:10-17). Каква величествена надеж ни претстои — вечен живот на рајска Земја! Да бидеме и ние, исто како Јов, цврсто решени да му останеме верни на Бог (Евреите 11:6).

[Фуснота]

^ пас. 2 Книгата Јов опфаќа период од преку 140 години, помеѓу 1657 и 1473 година пр.н.е.

[Слики на страница 16]

Што може да научиме од „истрајноста на Јов“?