Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Да се исполнат условите за крштавање

Да се исполнат условите за крштавање

Да се исполнат условите за крштавање

„Што ме спречува да се крстам?“ (ДЕЛА 8:36).

1, 2. Како започнал Филип разговор со еден етиопски службеник, и што покажува дека тој човек бил заинтересиран за духовните работи?

ГОДИНА или две по смртта на Исус, еден службеник во владата на една земја патувал на југ по патот што водел од Ерусалим за Газа. Го чекало напорно возење долго речиси 1.500 километри. Овој побожен човек дошол од Етиопија во Ерусалим за да го обожава Јехова. На долгиот пат назад, мудро го користел своето време читајќи ја Божјата реч — толку голема вера имал. Јехова го забележал овој искрен човек, и преку еден ангел, го упатил ученикот Филип да му проповеда (Дела 8:26-28).

2 На Филип му било лесно да започне разговор, бидејќи етиопскиот службеник читал наглас, како што било обичај во тоа време. Така Филип можел да чуе дека чита од свитокот на Исаија. Едно едноставно прашање што му го поставил Филип го побудило интересот на човекот: „Го разбираш ли всушност тоа што го читаш?“ Потоа следел разговор на темел на Исаија 53:7, 8. На крајот, Филип ‚му ја објавил добрата вест за Исус‘ (Дела 8:29-35).

3, 4. а) Зошто Филип веднаш го крстил Етиопјанинот? б) Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?

3 За кратко време, Етиопјанинот разбрал која улога ја игра Исус во Божјата намера и разбрал дека треба да стане крстен ученик на Христос. „Што ме спречува да се крстам?“, го прашал Филип кога видел еден вир. Се разбира, тие околности биле посебни. Тој човек имал вера и веќе го обожавал Бог како еврејски прозелит. Најверојатно долго време немало да има друга можност да се крсти. Што е уште поважно, овој човек сфатил што бара Бог од него и со цело срце сакал да го направи тоа. Филип радосно се согласил да го крсти Етиопјанинот кој, откако се крстил, ‚продолжил по својот пат радувајќи се‘. Несомнено станал воодушевен проповедник на добрата вест во својата земја (Дела 8:36-39).

4 Иако заветувањето и крштавањето се чекори што не треба да се направат избрзано и да се сфатат несериозно, примерот на етиопскиот службеник покажува дека имало случаи кога некои луѓе се крстиле кратко откако ја чуле вистината од Божјата реч. * Затоа, на место е да ги разгледаме следниве прашања: Како треба да се подготвиме за крштавање? Треба ли да се земе предвид возраста? Каков духовен напредок треба да се види пред крштавањето? И што е најважно од сѐ, зошто Јехова бара неговите слуги да го направат овој чекор?

Свечено ветување

5, 6. а) Како возвратил на Јеховината љубов Божјиот народ во минатото? б) Каков близок однос со Бог можеме да имаме откако ќе се крстиме?

5 Откако ги избавил Израелците од Египет, Јехова бил спремен да ги прифати како своја „посебна сопственост“, да ги сака и да ги штити и да направи од нив „свет народ“. Меѓутоа, за да добијат вакви благослови, тие требало да возвратат на Божјата љубов на еден конкретен начин. Ова го направиле со тоа што се согласиле ‚да прават сѐ што наредил Јехова‘ и со тоа што склучиле сојуз со него (Излез 19:4-9). Во првиот век, Исус им заповедал на своите следбеници да прават ученици од луѓето од сите народи, и оние што го прифатиле неговото учење се крстиле. За да имаат добар однос со Бог, требало да веруваат во Исус Христос и потоа да се крстат (Матеј 28:19, 20; Дела 2:38, 41).

6 Овие библиски извештаи покажуваат дека Јехова ги благословува оние што свечено му ветуваат дека ќе му служат и си стојат на зборот. За христијаните, заветот и крштавањето се неопходни чекори што водат до благослов од Јехова. Решени сме да се држиме за неговите начела и да го бараме неговото водство (Псалм 48:14). А Јехова, пак, симболично нѐ фаќа за рака и нѐ води по патот по кој треба да одиме (Псалм 73:23; Исаија 30:21; 41:10, 13).

7. Зошто заветувањето и крштавањето мора да бидат лична одлука?

7 Мотивот од кој ги преземаме овие чекори треба да биде нашата љубов кон Јехова и желбата да му служиме. Никој не треба да се крсти само затоа што некој му вели дека проучувал доволно долго време или затоа што неговите пријатели се крштаваат. Се разбира, родителите и другите зрели христијани можат да охрабрат некого да размислува за тоа да му се заветува на Јехова и да се крсти. Апостол Петар ги поттикнал ‚да се крстат‘ оние што го слушале кога зборувал на Пентекост (Дела 2:38). Сепак, давањето завет е лична работа, и никој друг не може да го стори тоа за нас. Мораме сами да донесеме одлука да ја вршиме Божјата волја (Псалм 40:8).

Соодветна подготовка за крштавање

8, 9. а) Зошто не е библиски да се крштаваат бебиња? б) Колкав духовен напредок треба да постигнат младите пред да се крстат?

8 Дали децата можат да донесат свесна одлука да му се заветуваат на Бог? Библијата не наведува колку години мора да има некој за да се крсти. Сепак, бебињата сигурно не би можеле да станат верници, да поверуваат или да му се заветуваат на Бог (Дела 8:12). Во врска со христијаните во првиот век, историчарот Август Неандер го вели следново во својата книга Општа историја на христијанската религија и црква (General History of the Christian Religion and Church): „Во почетокот се крштавале само возрасни, бидејќи луѓето сметале дека крштавањето и верата се тесно поврзани“.

9 Некои млади почнуваат да ги разбираат духовните работи релативно рано, а на други им треба повеќе време. Меѓутоа, пред да се крсти, еден млад човек треба да изгради личен однос со Јехова, добро да ги разбира основните работи од Библијата, и да му биде јасно што значи да му се заветува на Бог. Истите овие работи важат и за возрасните.

10. Кои чекори мора да ги направи некој пред да се заветува и да се крсти?

10 Исус ги поучил своите ученици да ги учат новите за сѐ што им заповедал тој (Матеј 28:20). Затоа, новите најпрво треба добро да ја знаат вистината, а тоа ќе им помогне да изградат вера во Јехова и неговата Реч (Римјаните 10:17; 1. Тимотеј 2:4; Евреите 11:6). Потоа, кога библиската вистина ќе допре до срцето на едно лице, ќе го мотивира да се покае и да се преобрати, односно да го остави својот поранешен начин на живот (Дела 3:19). И на крајот, доаѓа момент кога сака да му се заветува на Јехова и да се крсти, како што заповедал Исус.

11. Зошто е важно редовно да учествуваме во проповедничкото дело пред да се крстиме?

11 Друг важен чекор што води до крштавање е да се проповеда добрата вест за Царството. Ова е главната задача што Јехова му ја дал на својот народ во овие последни денови (Матеј 24:14). Затоа, и некрстените објавители можат да ја почувствуваат радоста што доаѓа од тоа што им зборуваат на другите за својата вера. Извршувањето на ова дело исто така ги опремува редовно и ревносно да проповедаат откако ќе се крстат (Римјаните 10:9, 10, 14, 15).

Дали нешто те спречува да се крстиш?

12. Зошто некои се колебаат да се крстат?

12 Некои можеби се колебаат да се крстат затоа што не се баш спремни да ги прифатат одговорностите што ги носи крштавањето. Сфаќаат дека, за да ги достигнат Јеховините мерила, ќе мораат да направат значителни промени во своите животи. Или можеби се плашат дека ќе им биде тешко да живеат според Божјите барања откако ќе се крстат. Некои дури и размислуваат: „Можеби еден ден ќе направам нешто што не треба и ќе ме исклучат од собранието“.

13. Во времето на Исус, зошто некои не биле спремни да станат Исусови следбеници?

13 Во времето на Исус, некои дозволиле личните интереси и семејните врски да ги спречат да станат ученици. Еден книжник изјавил дека ќе го следи Исус каде и да оди. Но, Исус истакнал дека многупати тој немал ни каде да ноќева. Кога Исус повикал еден друг човек од оние што го слушале да биде негов следбеник, тој човек одговорил дека прво треба да го ‚погребе‘ татка си. Веројатно повеќе сакал да остане дома и да чека татко му да умре отколку да го следи Исус, а за таа семејна одговорност да се погрижи кога ќе дојде време за тоа. Трет, пак, рекол дека пред да го следи Исус, требало ‚да се збогува‘ со своите домашни. Ваквото одложување Исус го опишал како некој да „погледнува на она што е одзади“. Значи, изгледа дека оние што сакаат да одложуваат секогаш ќе најдат изговор да ја избегнат својата христијанска одговорност (Лука 9:57-62).

14. а) Како реагирале Петар, Андреј, Јаков и Јован кога Исус ги повикал да станат рибари на луѓе? б) Зошто не треба да се двоумиме да го прифатиме Исусовиот јарем?

14 Примерот на Петар, Андреј, Јаков и Јован е сосема спротивен од претходниве. Библијата ни кажува како реагирале кога Исус ги повикал да го следат и да станат рибари на луѓе: „Веднаш го оставија чамецот и татка си и го следеа“ (Матеј 4:19-22). Затоа што спремно ја донеле таа одлука, тие лично го искусиле она што подоцна им го рекол Исус: „Земете го мојот јарем на себе и учете од мене, зашто јас сум со благ нарав и понизен во срце, и ќе најдете освежување за своите души. Зашто мојот јарем е благ и мојот товар е лесен“ (Матеј 11:29, 30). Иако крштавањето носи со себе јарем на одговорност, Исус нѐ уверува дека тој јарем е благ и лесен и дека многу ќе нѐ освежи.

15. Како покажуваат примерите на Мојсеј и Еремија дека можеме да бидеме сигурни дека Бог ќе ни помогне?

15 Се разбира, нормално е да имаме чувства дека не ќе можеме да ја носиме одговорноста што доаѓа со крштавањето. И Мојсеј и Еремија се чувствувале некадарни да ги завршат задачите што им ги дал Јехова (Излез 3:11; Еремија 1:6). Како ги успокоил Бог? „Јас ќе бидам со тебе“, му рекол на Мојсеј. „Јас Сум со тебе за да те избавам“, му ветил на Еремија (Излез 3:12; Еремија 1:8). И ние можеме да бидеме уверени дека Бог ќе ни помага. Љубовта кон Бог и довербата во него може да ни помогнат да ги растераме сите сомневања во врска со тоа дали ќе можеме да живееме во склад со заветот што сме му го дале на Бог. „Во љубовта нема страв“, напишал апостол Јован, „но совршената љубов го истерува стравот“ (1. Јованово 4:18). Едно мало дете можеби ќе се плаши ако мора да оди само, но чувствува сигурност кога оди држејќи го за рака својот татко. Исто така, ако имаме доверба во Јехова со сето свое срце, тој ветува дека ќе ги ‚исправи нашите патеки‘ додека одиме со него (Пословици 3:5, 6).

Достоинствена пригода

16. Зошто крштавањето вклучува потполно нурнување во вода?

16 Пред крштавањето обично се одржува библиски говор во кој се објаснува значењето на христијанското крштавање. На крајот од овој говор, оние што се крштаваат се замолени јавно да ја покажат својата вера со тоа што ќе одговорат на двете прашања за крштавање (Римјаните 10:10; види ја рамката на 22. страница.) Потоа кандидатите се нурнати во вода, со што го следат примерот што го оставил самиот Исус. Библијата покажува дека, откако се крстил, Исус ‚излегол од водата‘ (Матеј 3:16; Марко 1:10). Од ова е очигледно дека Јован Крстител потполно го нурнал Исус во водата. * Целосното нурнување во вода соодветно ја симболизира големата промена што сме ја направиле во животот — крај на поранешниот начин на живот и почеток на нов живот посветен на вршење на служба за Бог.

17. Како можат и кандидатите за крштавање и сведоците на тој настан да придонесат за достоинството на оваа пригода?

17 Крштавањето е и сериозна и радосна пригода. Библијата покажува дека Исус се молел кога Јован го нурнал во реката Јордан (Лука 3:21, 22). Во склад со овој пример, и денес кандидатите за крштавање треба да бидат пристојни и да се однесуваат достоинствено. А бидејќи Библијата нѐ поттикнува да се облекуваме скромно секој ден, уште повеќе треба да го следиме овој совет на денот кога се крштаваме! (1. Тимотеј 2:9). И оние што се сведоци на овој настан треба да покажат должна почит со тоа што внимателно ќе го слушаат предавањето за крштавање и пристојно и уредно ќе го следат овој настан (1. Коринќаните 14:40).

Благослови за крстените ученици

18, 19. Кои привилегии и благослови ги носи крштавањето?

18 Штом сме му се заветувале на Бог и сме се крстиле, сме станале дел од едно посебно семејство. Пред сѐ, Јехова станува наш Татко и Пријател. Пред да се крстиме сме биле отуѓени од Бог, но сега сме се помириле со него (2. Коринќаните 5:19; Колошаните 1:20). Преку Христовата жртва, стануваме блиски со Бог и тој станува близок со нас (Јаков 4:8). Пророкот Малахија опишува дека Јехова ги слуша и им обрнува внимание на оние што го користат и го носат неговото име, и ги запишува нивните имиња во книгата на сеќавање. „Мои ќе бидат, моја печалба“, вели Бог, „ќе им бидам милостив како што таткото му е милостив на синот, кој му служи“ (Малахија 3:16-18).

19 Крштавањето исто така ни овозможува да станеме дел од едно светско братство. Кога апостол Петар прашал како ќе бидат благословени Христовите ученици за жртвите што ги прават, Исус ветил: „Секој кој оставил куќи или браќа или сестри или татко или мајка или деца или земја поради моето име, ќе добие многупати повеќе и ќе наследи вечен живот“ (Матеј 19:29). Со години подоцна, Петар напишал дека „по светот“ постои една ‚цела заедница од браќа‘. Петар лично ги почувствувал поддршката и благословите на едно братство во кое владее љубов, а тоа можеме да го почувствуваме и ние (1. Петрово 2:17; 5:9).

20. Каква прекрасна надеж ни овозможува крштавањето?

20 Понатаму, Исус покажал дека оние што ќе бидат негови следбеници ќе ‚наследат вечен живот‘. Да, заветувањето и крштавањето ни даваат надеж дека можеме „цврсто да го зграпчиме вистинскиот живот“ — вечниот живот во Божјиот нов свет (1. Тимотеј 6:19). Каков подобар темел за иднината можеме да поставиме за себе и за нашите семејства? Оваа прекрасна надеж ќе ни овозможи да „одиме во Името на Господ, нашиот Бог, секогаш и довека“ (Михеј 4:5).

[Фусноти]

^ пас. 4 Веднаш се крстиле и трите илјади Евреи и прозелити што го чуле говорот на Петар на Пентекост. Се разбира, исто како етиопскиот евнух, тие веќе ги знаеле основните учења и начела од Божјата реч (Дела 2:37-41).

^ пас. 16 Грчкиот збор баптисма (крштавање) значи „ставање во вода, нурнување и вадење од вода“, според Толковен речник на зборови од Стариот и Новиот завет од Вајн (Expository Dictionary of New Testament Words).

Можеш ли да објасниш?

• Како и зошто треба да возвратиме на Јеховината љубов?

• Каков духовен напредок треба да се види пред крштавањето?

• Зошто не треба да дозволиме стравот од неуспех или колебливоста да прифатиме одговорност да нѐ спречат да се крстиме?

• Кои неповторливи благослови можат да ги добијат крстените ученици на Исус Христос?

[Прашања]

[Слика на страница 26]

„Што ме спречува да се крстам?“

[Слики на страница 29]

Крштавањето е и сериозна и радосна пригода