Користи го авторитетот како што го користи Христос
Користи го авторитетот како што го користи Христос
ПРЕД неколку години, еден експеримент во врска со човечкото однесување дал многу интересни резултати. Оние што учествувале во експериментот биле поделени на две групи. Учесниците од првата група добиле задача да им бидат чувари на учесниците од втората група, кои, пак, имале задача да бидат затвореници. Што се случило?
„За неколку дена“, вели извештајот, „повеќето [чувари] почнаа да ги навредуваат и да ги малтретираат другите, и често ги казнуваа, а затворениците почнаа да се плашат од другите и им станаа ропски покорни.“ Истражувачите дошле до следниов заклучок: Речиси секој може да падне на искушението да го злоупотреби авторитетот што го има.
Авторитет — употреба и злоупотреба
Се разбира, кога некој исправно го користи авторитетот што го има, тоа може да биде корисно за другите. Така може да им даде на другите исправно водство и да придонесе за нивното физичко, емоционално и духовно добро (Пословици 1:5; Исаија 48:17, 18). Меѓутоа, како што покажал експериментот што го спомнавме во почетокот, секогаш постои опасност да се преминат границите на она што е разумно кога имаме некаков авторитет. Библијата укажува на оваа опасност со зборовите: „Народот воздивнува, кога ќе завладеат нечесните“ (Пословици 29:2; Проповедник 8:9).
Штетно е да се злоупотребува авторитетот, дури и кога тоа се прави со добри намери. На пример, неодамна еден верски ред во Ирска јавно се извини за тоа што некои учители го злоупотребиле својот авторитет над децата што требало да ги воспитуваат. Без сомнение, многу од тие учители имале добри намери, но методите што ги користеле некои од нив нанеле голема штета. Еден весник известил дека „многу деца имале лузни од крајното насилство и од строгиот пристап на многу учители од верскиот ред“ (The Irish Times). Тогаш, како можеш да го спроведеш својот авторитет на начин со кој ќе го извлечеш најдоброто од другите, а не да ги оттурнеш од себе или да ги повредиш со нешто што ќе речеш или што ќе направиш? (Пословици 12:18).
„Сета власт“ му е дадена на Исус Христос
Да го разгледаме примерот на Исус Христос. Кратко пред да се вознесе на небото, тој Матеј 28:18). Дали тоа им влеало страв на учениците? Дали си помислиле дека Исус сега ќе покаже ист дух како римските цезари, кои биле познати по тоа што задушувале буни и востанија?
им рекол на своите ученици: „Дадена ми е сета власт на небото и на земјата“ (Библискиот извештај јасно одговара со ‚не‘! Исус Христос го користи авторитетот што го има на истиот начин како и неговиот Татко. Иако Јехова со право е семоќниот Владетел на целата вселена, тој сака неговите поданици да му служат од љубов, а не да го слушаат слепо, од страв или со ропска покорност (Матеј 22:37). Јехова никогаш не го злоупотребува својот авторитет. Ова може да се види од една впечатлива визија што му била дадена на пророкот Езекиел.
Во оваа визија, Езекиел видел четири ангелски суштества што ја потврдуваат Божјата севишност. Секое од нив имало четири лица. „Во сите четири суштества беше човечко лице“, пишува Езекиел, „во сите четири оддесно лавско лице; во сите четири одлево воловско лице; и орелско лице во сите четири“ (Езекиел 1:10). Овие четири лица ги претставуваат четирите главни особини на Бог, кои тој ги покажува во совршена рамнотежа. Божјата реч ни кажува кои се тие особини: љубовта, која е претставена со човечкото лице; правдата, која е претставена со лицето на лав; и мудроста, која е претставена со лицето на орел. Овие три особини дејствуваат во склад со четвртата — моќта, претставена со воловското лице. Што значи сево ова? Оваа визија покажува дека Јехова никогаш не ја користи својата неограничена моќ и авторитет на начин што е во расчекор со другите особини што ги има.
Исто како својот Татко, Исус Христос секогаш го користел својот авторитет на начин што бил во совршен склад со љубовта, мудроста и правдата. За неговите ученици било вистинско освежување да служат Матеј 11:28-30). Ако има нешто што е карактеристично и за Јехова и за Исус, тоа секако е љубовта, а не моќта или авторитетот! (1. Коринќаните 13:13; 1. Јованово 4:8).
под Исусовата власт (Како ти го користиш авторитетот?
Како стоиш ти во овој поглед? На пример, дали во семејството ги држиш конците во свои раце и сакаш сѐ да биде по твое само затоа што имаш авторитет, па дури и кога се работи за твои лични желби и каприци? Дали другите во твоето семејство се покоруваат на твоите одлуки од страв или од љубов? Дали те слушаат затоа што си посилен од нив? Семејните поглавари треба да размислат за овие прашања за да воведат теократски ред во семејството (1. Коринќаните 11:3).
Што ако имаш извесен авторитет во христијанското собрание? За да се анализираш дали исправно го спроведуваш авторитетот, преиспитај се врз основа на следниве начела што ги дал Јехова Бог, а ги применил Исус Христос.
„Робот Господов . . . треба да биде благ кон сите . . . кој се зауздува кога е во зло, поучувајќи ги со благост оние кои не се поволно настроени“ (2. Тимотеј 2:24, 25).
Некои во раното христијанско собрание имале голем авторитет. На пример, Тимотеј можел дури и ‚да им заповеда на некои да не поучуваат поинаква наука‘ (1. Тимотеј 1:3). Но, можеме да бидеме уверени дека, во сѐ што правел, Тимотеј покажувал особини што му се допаѓаат на Бог, бидејќи без сомнение постапувал во склад со Павловиот совет да поучува „со благост“ и да биде „благ кон сите“ кога служи во својство на христијански надгледник. Бидејќи бил прилично млад, тој требало да се однесува како покорен син кон постарите, и како грижлив брат кон помладите (1. Тимотеј 5:1, 2). Кога се покажува таква нежна грижа, христијанското собрание е како едно срдечно семејство во кое сите се сакаат, а не како некоја фирма во која владее студена, бесчувствителна атмосфера (1. Коринќаните 4:14; 1. Солуњаните 2:7, 8).
„Владетелите на нациите господарат над нив и големците спроведуваат власт над нив. Меѓу вас не е така; туку кој сака да биде голем меѓу вас, мора да ви биде слуга“ (Матеј 20:25, 26).
Светските владетели „господарат“ над другите со тоа што им ја наметнуваат својата волја и инсистираат да се прават работите на извесен начин, заканувајќи се со казни ако некој не биде послушен. Меѓутоа, Исус Христос нагласил дека треба да им се служи на другите, а не да им се врши притисок (Матеј 20:27, 28). Тој секогаш постапувал со учениците со љубов и грижа. Кога го следиш примерот на Исус, на другите им е многу полесно да соработуваат со тебе (Евреите 13:7, 17). Исто така, многу ќе им биде полесно да појдат ‚уште една милја‘, ако можат, правејќи го тоа спремно, а не под некаква принуда (Матеј 5:41).
„Пасете го Божјето стадо кое е под ваша грижа, не . . . како да господарите над оние кои се Божје наследство, туку станувајќи примери за стадото“ (1. Петрово 5:2, 3).
Денес надгледниците сфаќаат дека се одговорни за духовното добро на сите во собранието и сериозно ја сфаќаат оваа одговорност. Тие се грижат за Божјето стадо спремно, од срце и со љубов. Исто како апостол Павле, работат на тоа да ја изградат и да ја зајакнат верата на оние за кои се одговорни, а не да постапуваат како господари на нивната вера (2. Коринќаните 1:24).
Кога има потреба да се даде совет, старешините го прават тоа во дух на благост за да го поправат оној што згрешил или за да му помогнат на некој сохристијанин да напредува духовно. Тие ја имаат на ум опомената на апостол Павле: „Браќа, ако човек и направи некој погрешен чекор пред да биде свесен за тоа, вие кои имате духовни квалификации, обидете се да го исправите таквиот човек во дух на благост, додека секој од вас пази на себе и самиот да не биде искушан“ (Галатите 6:1; Евреите 6:1, 9-12).
„Поднесувајте се еден со друг и простувајте си спремно еден на друг . . . Облечете се во љубов зашто таа е совршена врска на единство“ (Колошаните 3:13, 14).
Како постапуваш со оние што не се придржуваат совршено за христијанските мерила? Дали земаш во обѕир дека се несовршени, како што прават Јехова и Исус Христос? (Исаија 42:2-4). Или инсистираш да се примени словото на законот во секоја ситуација? (Псалм 130:3). Запомни, на место е да се покаже нежност таму каде што е можно, а цврстина таму каде што е потребно. Кога се постапува со љубов, се зајакнуваат врските на заемна доверба меѓу тебе и оние над кои имаш авторитет.
Ако ти е доверена некаква авторитетна положба, труди се да бидеш како Јехова Бог и Исус Христос кога ја спроведуваш. Сети се колку прекрасно опишал псалмистот како Јехова спроведува авторитет над својот народ. Давид пеел: „Господ е Пастир мој; ништо нема да ми недостасува, на зелени пасишта Тој ми дава починка; при тивки води — ме води. Ја освежува мојата душа, ме води по патеките на правдата, поради Своето име“. Слично, во врска со Исус читаме: „Јас сум добриот пастир, и ги познавам моите овци и моите овци ме познаваат мене, како што Таткото ме познава мене и јас го познавам Таткото; и својата душа ја предавам во корист на овците“. Зар можеме да имаме подобри примери за нежно спроведување на авторитетот? (Псалм 23:1-3; Јован 10:14, 15).
[Истакната мисла на страница 18]
Јехова секогаш ја користи моќта во совршен склад со својата правда, мудрост и љубов
[Слика на страница 18]
Понекогаш, старешините мораат со љубов да им дадат совет на оние што грешат
[Слика на страница 19]
Павле го советувал Тимотеј да се однесува како покорен син и грижлив брат
[Слика на страница 20]
Исус Христос го спроведувал својот авторитет мудро, праведно и со љубов