Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Решени да му служиме на Јехова

Решени да му служиме на Јехова

Животна приказна

Решени да му служиме на Јехова

РАСКАЖАЛ РАЈМО КВОКАНЕН

Во 1939 година, во Европа избувна Втората светска војна и Советскиот Сојуз ја нападна мојата родна земја, Финска. Татко ми замина да се бори во финската војска. Наскоро руските воени авиони почнаа да фрлаат бомби врз нашиот град, па мајка ми ме прати да живеам кај баба ми, каде што беше побезбедно.

ВО 1971 година служев како мисионер во Уганда (источна Африка). Еден ден, додека проповедав од куќа до куќа, покрај мене претрчаа многу исплашени луѓе. Слушнав истрели и потрчав накај дома. Кога пукањето се приближи, скокнав во еден ендек покрај патот. Ползејќи, додека куршумите ми фрчеа над главата, некако стигнав до дома.

Втората светска војна не можев да ја избегнам, но зошто би се изложил себеси и својата сопруга на немирите во источна Африка? Одговорот е поврзан со нашата решеност да му служиме на Јехова.

Посеано е семето на решеноста

Роден сум во 1934 година во Хелсинки (Финска). Татко ми беше молер, и еден ден ја молерисуваше зградата на подружницата на Јеховините сведоци во Финска. Сведоците му кажале дека одржуваат собраниски состаноци. Кога стигна дома, тој ѝ кажа на мајка ми за состаноците. Таа не почна веднаш да оди на состаноците, но подоцна започна редовно да разговара на библиски теми со една нејзина колешка што беше Јеховин сведок. Наскоро мајка ми сериозно се заинтересира за она што го учеше, и во 1940 година се крсти како Јеховин сведок.

Јас отидов кај баба ми малку пред тоа, и останав сѐ додека не заврши војната. Од Хелсинки, мајка ми почна редовно да им праќа писма на баба ми и на тетка ми во кои им објаснуваше што веруваат Јеховините сведоци. Тоа ги заинтересира и двете, па сѐ што ќе научеа ми кажуваа и мене. Кај баба ми доаѓаа на гости патувачки надгледници кои нѐ храбреа, но јас сѐ уште не бев решен да му служам на Бог.

Почнувам со теократска обука

Во 1945 година, кога заврши војната, се вратив во Хелсинки, и мајка ми почна да ме носи на состаноците на Јеховините сведоци. Понекогаш ќе појдев на кино наместо на состанок. Но мајка ми ќе ми го раскажеше предавањето од состанокот, и постојано ми повторуваше една работа: Армагедон е многу близу. Се убедив дека е така и престанав да ги пропуштам состаноците. Како што растеше моето ценење за вистината од Библијата, така растеше и мојата желба да учествувам во сите активности на собранието.

Посебно уживање ми претставуваа конгресите. Во 1948 година, присуствував на обласниот конгрес што се одржа близу до куќата на баба ми, каде што го минував летниот распуст. Еден мој другар требаше да се крсти на тој конгрес, и ми предложи да се крстам и јас. Му реков дека не носам гаќички за капење, а тој ми предложи да ги земам неговите откако тој ќе се крсти. Се согласив и се крстив на 27 јуни 1948 година, на 13 години.

По конгресот, мајка ми дознала од некои нејзини пријателки дека сум се крстил. Кога се видовме, побара да ѝ објаснам зошто сум решил да направам нешто толку важно без прво да разговарам со неа. Ѝ објаснив дека ги разбирам основните учења на Библијата и дека сум свесен дека сум одговорен пред Јехова за сѐ што правам.

Станувам сѐ порешителен

Браќата од собранието ми помогнаа да ја зацврстам својата решеност да му служам на Јехова. Одеа со мене во службата од куќа до куќа и ми доделуваа да држам точки на состанокот речиси секоја седмица (Дела 20:20). На 16 години го одржав моето прво јавно предавање. Кратко потоа бев назначен за слуга на библиската студија во нашето собрание. Сите овие духовни активности ми помогнаа да созреам, но сѐ уште морав да го надминам стравот од човек.

Во тоа време, јавните предавања на обласните конгреси ги рекламиравме со големи плакати. По две плакати беа поврзани со ремчиња низ кои ги спротнувавме главите така што плакатите ни висеа однапред и одзади.

Еднаш си стоев на едно мирно ќоше на улицата носејќи ја плакатата кога наеднаш здогледав група соученици како доаѓа кон мене. Кога поминаа покрај мене, се стресов од нивните погледи. Го молев Јехова за храброст и останав да стојам мирно со плакатата. Тоа што успеав тогаш да го надминам стравот од човек, ме подготви за поголемите испити кога требаше да останам неутрален како христијанин.

Подоцна, владата ми нареди мене и на некои други млади Сведоци да се пријавиме за воена служба. Појдовме во воената база, како што ни беше наредено, но со почит одбивме да ја облечеме воената униформа. Службениците нѐ задржаа во притвор, и кратко потоа судот ни досуди затворска казна од шест месеци. Покрај тоа, бевме задржани и дополнителни осум месеци, колку што траеше воениот рок. Значи севкупно, поради својата неутралност, во затвор поминавме 14 месеци.

Во затворските бараки секој ден се собиравме за да се поучуваме од Библијата. Во текот на овие месеци многу од нас ја прочитаа целата Библија и по двапати. Кога ја одлежавме казната, повеќето од нас си заминаа од затворот порешени од кога и да е да му служат на Јехова. До ден-денес, мнозина од таа група млади Сведоци верно му служат на Јехова.

Откако излегов од затвор, се вратив да живеам кај моите родители. Кратко потоа се запознав со Вера, ревносна објавителка која беше скоро крстена. Се венчавме во 1957 година.

Вечер што ни го смени животот

Една вечер, додека бевме на гости заедно со некои одговорни браќа од подружницата, еден од нив нѐ праша дали би сакале да почнеме со покраинска служба. Откако се молев цела ноќ, се јавив во подружницата и им одговорив потврдно. Полновремената служба значеше да напуштам добро платена работа, но бевме решени да го ставиме Царството на прво место во нашиот живот. Јас имав 23, а Вера 19 години кога започнавме со патувачката служба, во декември 1957 година. Три години ги посетувавме и ги храбревме собранијата на Јеховиниот народ во Финска.

При крајот на 1960 година добив покана од мисионерската школа Гилеад во Бруклин, Њујорк. Јас и уште двајца други Финци бевме поканети на еден посебен десетмесечен курс за да бидеме обучени за раководење со подружница. Сопругите останаа да работат во финската подружница.

Кратко пред да заврши курсот бев повикан во канцеларијата на Натан Х. Нор, кој тогаш го надгледуваше делото на Јеховините сведоци низ целиот свет. Брат Нор ми понуди заедно со Вера да почнеме со мисионерска служба во Малгашката Република, денешен Мадагаскар. Ѝ пишав на Вера да ми каже што мисли за тоа, а таа веднаш одговори со „да“. Кога се вратив во Финска, побрзавме да се подготвиме за живот на Мадагаскар.

Радост и разочарување

Во јануари 1962 година полетавме кон Антананариве, главниот град на земјата, облечени во нашите дебели капути и со крзнени капи на главите, зашто заминавме сред финската зима. Но, тропските жештини на Мадагаскар брзо нѐ натераа да си ја смениме облеката. Првиот мисионерски дом беше една малечка куќарка со една спална соба. Таму веќе живееше еден друг пар мисионери, па затоа јас и Вера спиевме во тремот.

Почнавме да учиме француски, еден од официјалните јазици на Мадагаскар. Ни одеше прилично тешко затоа што нашата учителка, сестра Карбоно, користеше англиски за да нѐ учи француски, а Вера не разбираше англиски. Затоа јас требаше да ѝ го преведувам на Вера на фински она што ќе го кажеше сестра Карбоно. Потоа сфативме дека Вера појасно ги разбира техничките работи на шведски, па затоа француската граматика ѝ ја објаснував на шведски. Наскоро ни тргна добро францускиот, па почнавме да учиме малгашки, локалниот јазик.

Првиот човек со кој ја проучував Библијата на Мадагаскар зборуваше само малгашки јазик. Затоа прво ги барав стиховите во мојата Библија на фински, па потоа истите ги баравме во Библијата на малгашки јазик. Не можев баш многу да му ги објаснам, но тој брзо ја прифати библиската вистина со сето срце и напредуваше до крштавање.

Во 1963 година, Милтон Хеншел, кој служеше во седиштето на Јеховините сведоци во Бруклин дојде во посета на Мадагаскар. Кратко по неговата посета, на Мадагаскар беше основана нова подружница и јас бев назначен за надгледник на подружницата, иако служев и како покраински и обласен надгледник. За сето тоа време Јехова богато нѐ благословуваше. Од 1962 до 1970 година, бројот на објавители на Царството на Мадагаскар порасна од 85 на 469.

Еден ден во 1970 година, кога се вративме од проповедање, на вратата најдовме белешка со која им се наредуваше на сите мисионери на Јеховините сведоци да се јават во канцеларијата на министерот за внатрешни работи. Таму еден службеник нѐ извести дека владата издала наредба веднаш да ја напуштиме земјата. Кога прашав каков прекршок направив за да бидам протеран, службеникот рече: „Господине Квоканен, немате направено ништо погрешно“.

„Овде сме веќе осум години“, реков. „Мадагаскар е наш дом. Не можеме да си заминеме туку-така.“ И покрај нашите обиди да останеме, сите мисионери мораа да си заминат во рок од една седмица. Подружницата беше затворена, и локалните Сведоци продолжија да се грижат за делото. Пред да се разделиме со нашите мили браќа од Мадагаскар, добивме нова доделба — Уганда.

Почнуваме сѐ одново

Неколку дена откако бевме протерани од Мадагаскар пристигнавме во Кампала, главниот град на Уганда. Веднаш почнавме да го учиме јазикот луганда, многу убав и мелодичен јазик, но многу тежок за учење. Некои од другите мисионери ѝ помогнаа на Вера прво да научи англиски, па можевме делотворно да проповедаме на тој јазик.

Жешката и влажна клима во Кампала се одрази врз здравјето на Вера. Затоа добивме доделба во Мбарара, друг град во Уганда, но со поумерена клима. Бевме првите Сведоци таму, и веднаш првиот ден во службата на проповедање имавме многу убаво искуство. Зборував со домаќинот во една куќа кога од кујната излезе неговата жена. Се викаше Маргарет и однатре ја слушала мојата презентација. Вера почна да ја проучува Библијата со Маргарет, која духовно одлично напредуваше. Се крсти и стана ревносен објавител на Царството.

Улични престрелки

Во 1971 година му дојде крај на нашиот мирен живот во Уганда. Еден ден, околу нашиот мисионерски дом во Мбарара изби битка. Тогаш го доживеав она што го опишав во почетокот.

Вера веќе беше вратена во мисионерскиот дом кога пристигнав јас, откако долго ползев низ ендекот, скриен од војниците. Во едниот ќош на куќата изградивме „тврдина“ од душеци и мебел. Цела седмица останавме затворени внатре, слушајќи ги вестите на радио. По некој куршум се одбиваше од ѕидовите додека седевме скукулени во нашата тврдина. Навечер не палевме сијалица за да не се издадеме дека сме дома. Еднаш војниците дојдоа пред влезната врата и повикаа. Не мрднавме од место, молејќи му се во себе на Јехова. Откако заврши битката, соседите дојдоа да ни се заблагодарат затоа што ништо не им се случило. Тие беа уверени дека Јехова нѐ штител сите, а ние се сложивме со тоа.

Состојбата се смири сѐ до едно утро кога на радио слушнавме дека владата на Уганда ги забранила Јеховините сведоци. Спикерот рече дека сите Јеховини сведоци треба да ѝ се вратат на својата поранешна религија. Појдов да разговарам со владините службеници, но без никаков резултат. Потоа појдов во канцеларијата на претседателот Иди Амин и замолив да ми закажат средба со него. Службеникот ми рече дека претседателот е зафатен. Доаѓав уште многу пати, но никогаш не успеав да се видам со него. На крај, во јули 1973 година, моравме да си заминеме од Уганда.

Од една година стануваат десет

Тагата што ја чувствувавме кога нѐ истераа од Мадагаскар повторно нѐ обзеде при разделбата со нашите драги браќа од Уганда. Пред да појдеме на нашата нова доделба во Сенегал, отпатувавме за Финска. Таму ни ја откажаа доделбата во Африка и ни рекоа да останеме во Финска. Изгледаше како да ѝ дојде крајот на нашата мисионерска служба. Во Финска служевме прво како специјални пионери а потоа повторно во покраинското дело.

Во 1990 година ослабе противењето на нашето дело на Мадагаскар, и од главното седиште во Бруклин нѐ изненадија со прашањето дали би сакале една година да служиме таму. Сакавме да одиме, но имавме две големи пречки. Требаше да се грижиме за мојот остарен татко, а Вера постојано имаше здравствени проблеми. Во ноември 1990 година неочекувано почина татко ми, а здравствена состојба на Вера се подобри, и тоа ни влеа надеж дека можеби и можеме да продолжиме со мисионерската служба. Во септември 1991 година се вративме на Мадагаскар.

Доделбата на Мадагаскар требаше да трае една година, но траеше десет. За тоа време, бројот на објавители се зголеми од 4.000 на 11.600. Многу ми беше убаво да служам како мисионер. Сепак, понекогаш се чувствував обесхрабрен, бидејќи ми се чинеше дека ги запоставувам физичките и емоционалните потреби на мојата сакана сопруга. Јехова ни даде сила и на двајцата да продолжиме. На крајот, во 2001 година се вративме во Финска, каде што сѐ уште служиме во подружницата. Нашата ревност за Царството продолжува да гори, и сѐ уште сонуваме за Африка. Решени сме да ја вршиме волјата на Јехова каде и да сме (Исаија 6:8).

[Карта на страница 12]

(Види во публикацијата)

ФИНСКА

ЕВРОПА

[Карта на страница 14]

(Види во публикацијата)

АФРИКА

МАДАГАСКАР

[Карта на страница 15]

(Види во публикацијата)

АФРИКА

УГАНДА

[Слика на страница 14]

Дента кога се зедовме

[Слики на страници 14 и 15]

Од покраинска служба во Финска, 1960 година . . .

. . . до мисионерска служба на Мадагаскар, 1962 година

[Слика на страница 16]

Со Вера сега