Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да донесуваш одлуки што му се допаѓаат на Бог?

Како да донесуваш одлуки што му се допаѓаат на Бог?

Како да донесуваш одлуки што му се допаѓаат на Бог?

ЕДЕН човек од Соединетите Држави влегол во една банка за да орочи чек од 25.000 долари. Но, банкарот го советувал да ги вложи парите на берзата, затоа што, долгорочно гледано, берзата никогаш не губи вредност. Човекот решил да го прифати тој совет. По кратко време, парите што ги вложил изгубиле многу од својата вредност.

Ова искуство покажува дека не е лесно да се донесуваат мудри одлуки. А што да се каже за најразличните одлуки што треба да ги донесуваме во животот? Од многу одлуки зависи дали ќе успееме или нема да успееме во нешто — а порано или подоцна, дали ќе останеме во живот или не. Тогаш, како можеме да бидеме сигурни дека донесуваме мудри одлуки?

„Тоа е патот“

Секојдневно донесуваме одлуки за тоа што ќе јадеме, што ќе облечеме, каде ќе одиме и слично. Некои одлуки можеби изгледаат безначајни, но сепак, можат да имаат сериозни последици. На пример, одлуката да ја запалиш првата цигара може да биде првиот чекор што води до навиката да пушиш цел живот. Никогаш не треба да го потцениме значењето на одлуките за навидум безначајни работи.

Каде можеме да побараме совет кога донесуваме одлуки, дури и за навидум неважни работи? Би било многу убаво да имаме доверлив советник што ќе нѐ советува секогаш кога стоиме пред некоја тешка одлука! Можно е да најдеш таков советник. Една стара книга што содржи порака за нашево време ни го вели следново: „Твоите уши ќе чујат слово како зборува зад тебе: ‚Тоа е патот, одете по него‘, било да тргнувате надесно или налево“ (Исаија 30:21). Кој ги кажал овие зборови? И како можеш да бидеш сигурен дека неговиот совет е исправен?

Ова уверување се наоѓа во Библијата, која ја проучуваат милиони луѓе. Тие сфатиле дека таа е вдахновена од Јехова Бог, Творецот (2. Тимотеј 3:16, 17). Јехова знае како сме создадени, и затоа тој може да ни го даде најдобриот совет. Исто така, тој може да ја предвиди иднината, бидејќи ‚од почетокот го открива свршетокот и јавува однапред за она што уште не се збиднало! Тој вели: „Мојата одлука ќе се исполни“‘ (Исаија 46:10). Еден псалмист вака ја изразил својата доверба во Јеховината реч: „Твоето слово е светилка на мојата нога и светлина на мојата патека“ (Псалм 119:105). А како ни помага Јехова да одиме во безбеден правец среде разбрануваните води на денешниов свет? Како можеме да донесуваме одлуки што му се допаѓаат на Бог?

Применувај ги библиските начела

Јехова Бог им дал на христијаните начела врз основа на кои ќе можат да донесуваат добри одлуки. Учењето на библиските начела и нивната примена може да се спореди со учење и користење на некој странски јазик. Штом научиш еден јазик, ќе можеш да препознаеш кога некој ќе направи некоја граматичка грешка, затоа што она што го кажува не звучи сосема исправно. Можеби нема да можеш со точни граматички изрази да опишеш што е погрешно во она што е речено, но знаеш дека е погрешно. Кога ќе ги научиш библиските начела до тој степен што ќе станат дел од твоето размислување, обично ќе можеш да препознаеш кога некоја одлука не е добра, односно не е во склад со Божјите начела.

Да ја земеме за пример одлуката на еден млад човек во врска со фризурата. Со ниедна библиска заповед не е осудена извесна фризура. Сепак, да разгледаме едно библиско начело. Апостол Павле напишал: „Сакам жените да се украсуваат со уредна облека, со скромност и здрави мисли, а не со посебно плетење на косата и со злато или бисери или со многу скапа облека, туку онака како што им прилега на жени кои тврдат дека длабоко го почитуваат Бог, имено со добри дела“ (1. Тимотеј 2:9, 10). Овде Павле пишува за жените, но истото начело важи и за жените и за мажите. Кое е тоа начело? Во нашиот изглед треба да се види скромност и здрави мисли. Затоа, младиот човек треба да се праша: ‚Дали со мојата фризура ќе покажам скромност што му прилега на еден христијанин?‘

А кое корисно начело може да го извлече еден млад човек од следниве зборови што ги кажал ученикот Јаков? „Прељубници, зарем не знаете дека пријателството со светот е непријателство со Бог? Затоа, кој сака да биде пријател со светот, од себе прави непријател на Бог“ (Јаков 4:4). Христијаните не сакаат ни да помислат да бидат пријатели со светот, кој е во непријателство со Бог. Дали фризурата што им се допаѓа на врсниците ќе покаже дека еден млад човек е пријател на Бог или пријател на светот? Кога размислува за тоа како да ја потстриже или да ја намести својата коса, тој може да ги примени овие библиски начела за да донесе мудра одлука. Да, библиските начела ни помагаат во донесувањето одлуки. А кога ќе се навикнеме да донесуваме одлуки на темел на библиските начела, ќе ни биде полесно да дојдеме до мудри заклучоци што нема да имаат никакви штетни последици.

Во Божјата реч можеме да најдеме многу начела. Се разбира, можеби нема да најдеме библиски стихови што конкретно зборуваат за нашата ситуација. Сепак, можеме да прочитаме за некои луѓе што го послушале Божјето водство, и за други луѓе што не обрнале внимание на Божјите опомени (Битие 4:6, 7, 13-16; Второзаконие 30:15-20; 1. Коринќаните 10:11). Ако ги читаме таквите извештаи и анализираме што се случило, ќе ги согледаме библиските начела што можат да ни помогнат да донесуваме одлуки што му се допаѓаат на Бог.

Да земеме за пример еден краток разговор што го водел Исус Христос со својот апостол Петар. Човекот што собирал данок од две драхми го прашал Петар: „Зарем вашиот учител не ги плаќа двете драхми данок?“ Петар одговорил: „Да“. Кратко потоа, Исус го прашал Петар: „Од кого царевите на земјата добиваат давачки или данок по глава? Од своите синови или од странците?“ Кога Петар рекол: „Од странците“, Исус му рекол: „Значи, всушност, синовите се ослободени од данок. Но за да не ги наведеме на спрепнување, оди до морето, фрли јадица и земи ја првата риба што ќе се појави и, кога ќе ѝ ја отвориш устата, ќе најдеш статер. Земи го и дај им го за мене и за себе“ (Матеј 17:24-27). Кои библиски начела можеме да ги најдеме во овој извештај?

Поставувајќи му низа прашања, Исус му помогнал на Петар да дојде до исправен заклучок: Како Божји Син, Исус бил ослободен од данок. Иако Петар не го сфатил тоа веднаш, Исус љубезно му помогнал да сфати. И ние, кога ќе видиме дека некој направил грешка, треба да постапиме како Исус и да бидеме сочувствителни со него наместо остро да ја истакнеме неговата грешка или да го осудиме.

Петар исто така можел да види зошто треба да се плати данокот — за да не се спрепнат другите. Еве уште едно начело што можеме да го извлечеме од овој извештај. Поважно е да ја земеме во обѕир совеста на другите отколку да инсистираме на своите права.

Што нѐ мотивира да донесуваме одлуки што ќе покажат дека ја почитуваме совеста на другите? Љубовта кон ближниот. Исус Христос поучувал дека втората најважна заповед е да го сакаме ближниот како себеси. Оваа заповед доаѓа веднаш по заповедта да го сакаме Бог со сета душа (Матеј 22:39). Меѓутоа, живееме во еден себичен свет, и нашите грешни склоности нѐ влечат и ние да бидеме себични. Затоа, за некој да го сака ближниот како себеси, мора да ги промени своите ставови и размислувања (Римјаните 12:2).

Многу луѓе направиле такви промени, и ги земаат предвид и другите кога донесуваат одлуки, сеедно дали се работи за битни или за небитни работи. Павле напишал: „Секако, вие сте повикани на слобода, браќа; само немојте оваа слобода да ја користите како поттик за телото, туку со љубов робувајте си еден на друг“ (Галатите 5:13). Како можеме да го правиме тоа? Да земеме за пример една млада девојка што се преселила во едно планинско место за да им помогне на луѓето да ја запознаат Божјата реч. Додека разговарала со луѓето, сфатила дека во тоа место се шират негативни коментари за нејзината облека, иако била скромна според мерилата на градската мода. Таа се облекувала и изгледала скромно, но сепак, решила да носи облека што не е толку впечатлива „за да не се зборува навредливо за Божјата реч“ (Тит 2:5).

Како би реагирал ти ако треба да донесеш одлука во врска со облекувањето или некоја друга работа што е поврзана со личниот вкус? Можеш да бидеш уверен дека Јехова ќе се радува ако во твоите одлуки се гледа дека ја земаш предвид и совеста на другите.

Согледај го долгорочниот ефект

Освен што треба да ги земеме предвид библиските начела и совеста на другите, за што друго треба да размислиме кога донесуваме одлуки? Иако христијанскиот пат е нерамен и тесен, Бог ни дава голема слобода во рамките на границите што ни ги поставил (Матеј 7:13, 14). Треба да размислиме како нашите одлуки ќе влијаат врз нашето духовно, ментално, емоционално и физичко добро во иднина.

Да речеме дека размислуваш да прифатиш некое работно место што ти се нуди. Можеби нема ништо неморално ниту непристојно во врска со видот на работата. Ќе можеш да присуствуваш на христијанските состаноци и конгреси. Платата ќе биде повисока отколку што си очекувал. Работодавецот многу ги цени твоите способности и сака да те искористи најдобро што може. Освен тоа, ти се допаѓа работата. Дали нешто треба да те спречи да ја прифатиш понудата? Па, што ако ти се чини дека премногу ќе ја засакаш таа работа? Ти велат дека нема да се бара од тебе да работиш прекувремено. Но, за да се заврши некој проект, ќе бидеш ли спремен да работиш повеќе отколку што би требало? Дали ќе треба често да остануваш на работа прекувремено? Може ли да се случи тоа да те оддалечи од семејството, а со текот на времето и од духовните активности што никако не би требало да ги испуштиш?

Види како Џим донел една тешка одлука во врска со своето вработување. Работел неуморно и се искачил на висока положба во фирмата. Со текот на времето станал генерален директор на неговата фирма на Ориентот, управник на филијалата во Соединетите Држави, и член на управниот одбор на работата во Европа. Меѓутоа, кога имало економски колапс во Јапонија, сфатил колку е бескорисно да трча по пари и моќ. Неговите тешко заработени пари брзо исчезнале. Почувствувал како да ја губи смислата во животот. ‚Што ќе правам по десет години?‘, се прашал. Тогаш сфатил дека жена му и децата имале посмисловни цели во животот од него. Тие со години се дружеле со Јеховините сведоци. Џим сакал да биде среќен и задоволен како другите во неговото семејство. Затоа почнал да ја проучува Библијата.

Наскоро можел да види дека неговиот начин на живот го спречувал да води исполнет живот како христијанин. Бидејќи постојано патувал во Азија, Соединетите Држави и Европа, немал доволно време да ја проучува Библијата и да биде заедно со своите соверници. Стоел пред една одлука: ‚Ќе продолжам ли да живеам како изминативе 50 години, или ќе започнам еден сосема нов живот?‘ Во молитва размислил какви долгорочни последици ќе има неговата одлука и решил да даде отказ од сите работни места освен од едно, за да има време и за духовните работи (1. Тимотеј 6:6-8). Откако ја донел таа одлука станал посреќен, и имал можност да биде зафатен со христијански активности.

Сеедно дали станува збор за небитни или за битни работи, твоите одлуки се важни. Одлуката што ќе ја донесеш денес може да значи успех или неуспех, па дури и живот или смрт во иднина. Можеш да донесуваш мудри одлуки ако ги земаш предвид библиските начела, совеста на другите и долгорочниот ефект од твојата постапка. Донесувај одлуки што му се допаѓаат на Бог.

[Слика на страница 13]

Навидум неважните одлуки можат да имаат сериозни последици

[Слика на страница 14]

Како можат библиските начела да ѝ помогнат да донесе мудра одлука?

[Слика на страница 15]

Исус сочувствително зборувал со Петар