Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да имаш добра комуникација со брачниот другар?

Како да имаш добра комуникација со брачниот другар?

Како да имаш добра комуникација со брачниот другар?

„НЕ ТРЕБАШЕ да го кажам тоа.“ „Не се изразив јасно.“ Дали некогаш си се чувствувал така откако си се обидел да разговараш со твојот брачен другар? Комуникацијата е вештина што треба да се развие. Како што е случај со сите други вештини, и оваа некои луѓе полесно ќе ја совладаат, додека на други ќе им оди потешко. Сепак, дури и ако спаѓаш во вториве, можно е да научиш да ги пренесеш своите чувства на пријатен начин, да имаш добра комуникација со другите.

Понекогаш, менталитетот влијае на тоа како луѓето се однесуваат кон својот брачен другар. На мажите можеби им се вели: „За да бидеш маж не треба премногу да зборуваш“. Мажите што се зборливи ги омаловажуваат како лекомислени и неискрени. Вистина, во Библијата пишува: „Секој човек мора да биде брз на слушање, бавен на зборување“ (Јаков 1:19). Меѓутоа, тој совет важи и за мажите и за жените, и покажува дека во комуникацијата не е вклучено само зборувањето. Двајца можат со часови да зборуваат, но што ако не се слушаат еден со друг? Веројатно нема да има вистинска комуникација. Како што покажува стихот погоре, за да биде успешна комуникацијата, многу е важно да знаеме да слушаме.

Комуникација без зборови

Во некои заедници, од жените се очекува да си молчат и да не го кажуваат своето мислење, а од мажите се очекува воопшто да не се интересираат за тоа што се случува дома. Во таква средина, сопругот и сопругата можат само да нагаѓаат што сака брачниот другар во некоја ситуација. Некои сопруги со текот на времето можат многу брзо да ги согледаат потребите на нивните сопрузи и брзо реагираат за да ги задоволат. Во таков случај, сопругот и сопругата комуницираат без збор. Но, обично овој вид на комуникација е едностран. Иако сопругата може да научи да согледа што мисли и што чувствува нејзиниот сопруг, од него ретко се очекува да ја развие истата вештина и да согледа како се чувствува сопругата.

Вистина, во некои култури мажите ги забележуваат емоционалните потреби на жените и се обидуваат да ги задоволат. Сепак, дури и во тие култури, многу бракови ќе бидат подобри ако во нив има подобра комуникација.

Комуникацијата е многу важна

Отворената комуникација може да ги спречи недоразбирањата. Во почетокот на израелската историја, племињата на Рувим, Гад и половината племе на Манасија, кои живееле источно од реката Јордан, изградиле крај реката ‚голем жртвеник што се гледал оддалеку‘. Другите племиња погрешно го сфатиле тој чекор. Си мислеле дека нивните браќа од другата страна на Јордан постапиле отпаднички, па затоа западните племиња се подготвиле за војна со „бунтовниците“. Сепак, пред да тргнат во војна, испратиле делегација за да разговара со источните племиња. Колку мудар потег! Тие откриле дека олтарот не бил подигнат за незаконски жртви паленици или за други жртви. Напротив, источните племиња се плашеле во иднина другите племиња да не им речат: „Вие немате дел во Господ“. Олтарот требало да биде сведоштво, односно доказ дека и тие се слуги на Јехова (Исус Навин 22:10-29). Жртвеникот го нарекле „Сведоштво“, веројатно за да служи како доказ дека за нив Јехова бил вистинскиот Бог (Исус Навин 22:34).

Тоа објаснување било доволно за да ги увери другите племиња да се откажат од намерата да тргнат против племињата источно од реката. Да, отворената и искрена комуникација спречила воен судир. Подоцна, кога Израелците се побуниле против Јехова Бог, нивниот симболичен сопруг, тој им рекол дека милосрдно ‚ќе му проговори на нивното срце‘ (Осија 2:14). Колку убав пример за брачните парови! Да, труди се да го достигнеш срцето на твојот брачен другар, за да може да ги разбере твоите чувства. Ова е многу важно особено кога се вклучени силни чувства. Пети Михалик, новинарка од Соединетите Држави, вели: „Некои велат дека зборовите не се скапи, но тие можат да бидат бесценети. Иако на некои не им е лесно да си ги изразат чувствата, сепак резултатот може да вреди повеќе отколку пари во банка“.

Како да станеме повешти во комуникацијата?

‚Нашиот брак беше чисто промашување уште од почетокот‘, можеби ќе речат некои. ‚Овој брак не може да се спаси‘, ќе речат други. Можеби мислат дека откако ќе стапат во брак, веќе не е можно да се подобри комуникацијата. Сепак, размисли за оние што живеат во општества каде што роднините ги договараат браковите. Многумина во тие култури, со текот на времето, развиваат добра комуникација во бракот.

Една брачна двојка од една земја на Истокот била венчана на ваков начин, преку договорен брак. Еден посредник бил замолен долго да патува за да најде невеста за човекот. Сепак, брачната двојка, која живеела пред околу 4.000 години, покажала извонредна вештина во уметноста на комуницирањето. Младоженецот, Исак, ги сретнал посредникот и својата идна сопруга на едно поле. Човекот што служел како посредник ‚му раскажал на Исака сѐ што извршил‘. Во врска со овој брак Библијата понатаму вели: „Тогаш Исак ја воведе Ревека во шаторот на својата мајка Сара [овој чекор служел како официјално венчавање] и ја зеде за своја жена [ја засака, NW]“ (Битие 24:62-67).

Забележи дека Исак прво го слушнал извештајот и дури „тогаш“ се оженил со Ревека. Посредникот бил доверлив слуга кој му бил оддаден на Јехова, богот на Исак. Значи, Исак имал добра причина да му верува на овој човек. Потоа, Исак „ја засакал“ Ревека, со која се оженил.

Дали Исак и Ревека имале добра комуникација? Откако нивниот син Исав се оженил со две Хетејки, се појавил сериозен семеен проблем. Ревека му рекла на Исак: „Ми здодеа мојот живот заради овие жени Хетејки. Ако и Јаков [нивниот помал син] се ожени со некоја Хетејка . . . зошто ми е тогаш животот!“ (Битие 26:34; 27:46). Очигледно, таа многу јасно кажала што ја загрижува.

Исак му рекол на Јаков, близнакот на Исав, да не зема жена од ханаанските девојки (Битие 28:1, 2). Значи, Ревека многу јасно си го кажала своето мислење. Исак и Ревека имале одлична комуникација дури и кога се работело за многу чувствителна семејна работа, и со тоа ни даваат добар пример на нас денес. Но, што ако брачните другари не се сложуваат за некоја работа? Што може да се направи?

Кога ќе дојде до несогласувања

Ако со брачниот другар имаш некакво сериозно несогласување, немој да престанеш да му зборуваш. Тоа би пренело многу јасна порака: Ти не си среќен, па не сакаш ни твојот партнер да биде среќен. Но, можеби партнерот нема потполно да ги разбере твоите желби и чувства.

Треба отворено да разговарате за вашиот проблем. Ако поради тоа партнерот се вознемири, можеби нема да биде лесно да се остане смирен. Родителите на Исак, Авраам и Сара, еднаш се соочиле со една тешка ситуација. Бидејќи Сара не можела да има деца, го направила она што било обичај во тоа време и му ја дала на Авраам својата слугинка, Агара, како конкубина за да добие потомство. Агара му родила на Авраам машко дете, Исмаил. Меѓутоа, подоцна и Сара останала бремена и му родила на Авраам син, Исак. Кога Исак требало да биде одбиен од доење, Сара забележала дека Исмаил се подбива со нејзиниот син. Претчувствувајќи дека син ѝ е во опасност, го поттикнала Авраам да ги истера слугинката и Исмаил. Да, Сара отворено кажала како се чувствува. Но, нејзиното барање воопшто не му се допаднало на Авраам.

Како било надминато ова несогласување? Во Библијата пишува: „Но Бог му рече на Авраама: ‚Да не ти е тешко заради детето и заради својата слугинка; послушај сѐ што ти вели Сара, зашто Исаковото семе ќе го овековечи твоето име‘“. Авраам го послушал советот од Јехова Бог и постапил според него (Битие 16:1-4; 21:1-14).

‚Да‘, би можел да кажеш, ‚и нам би ни било лесно да се согласуваме кога Бог би ни зборувал од небото!‘ Тоа нѐ води до уште еден клуч за решавање на брачните расправии. Брачните двојки можат да го чујат Бог. Како? Со тоа што заедно ќе ја читаат Божјата реч и ќе го прифатат како совет од Бог она што таа го вели (1. Солуњаните 2:13).

Една христијанка, која веќе долги години е во брак, вели: „Многу често, кога некоја млада жена ќе побара од мене совет за нејзиниот брак, ја прашувам дали ја читаат Библијата заедно со сопругот. Повеќето од оние што имаат проблеми во бракот ја немаат таа навика“ (Тит 2:3-5). Сите можеме да научиме нешто од оваа забелешка. Редовно читај ја Божјата реч со својот брачен другар. На тој начин, ќе ги ‚чуете‘ Божјите зборови што ќе ве водат секој ден (Исаија 30:21). Но, внимавај да не ја користиш Библијата како стап за да го тепаш брачниот другар со тоа што постојано ќе му цитираш стихови кои сметаш дека тој не ги применува. Наместо тоа, обиди се да видиш како можете двајцата да го примените она што го читате.

Ако се обидуваш да решиш некој тежок проблем, зошто не истражиш кои теми зборуваат за тоа во Индексот на публикациите на Јеховините сведоци? * Можеби се грижиш за остарените родители и тоа создава напнатост во твојот брак. Наместо да се расправаш за тоа што треба а што не треба да прави твојот партнер, зошто не седнете заедно да истражувате со помош на Индексот? Прво погледнете под главниот наслов „Родители“. Би можеле да разгледате некои публикации што се наведени под поднасловите, како, на пример, „грижа за остарените родители“. Прочитајте ги заедно статиите што се поврзани со таа тема, а кои се наоѓаат во публикациите издадени од Јеховините сведоци. Можеби ќе бидеш изненаден од тоа колку ќе ви користат информациите што се темелат на Библијата, кои им помогнале на многу искрени христијани.

Со тоа што ќе најдете информации и ќе го прочитате заедно материјалот, ќе можете да добиете објективно гледиште за вашиот проблем. Ќе најдете наведени и цитирани стихови од Библијата кои покажуваат како размислува Бог. Побарајте ги заедно и прочитајте ги од Библијата. Да, ќе чуете што вели Бог за проблемот со кој се соочувате!

Одржувајте добра комуникација

Си се обидел ли некогаш да отвориш една врата што не била користена некое време? Шкрипејќи, ’рѓосаните шарки полека попуштаат. А што ако вратата се користела редовно и ако шарките се добро подмачкани? Тогаш ќе биде лесно да се отвори. Истото важи и за вратата на комуникацијата. Ако редовно комуницирате и ако со христијанска љубов ги подмачкувате шарките на таа врата, можете полесно да ги разменувате своите мисли, дури и кога не се сложувате за многу важни работи.

Од некаде мора да се почне. Иако во почетокот можеби ќе треба да се вложи многу труд за да се постигне добра комуникација, продолжете да се трудите. Ќе видите дека, како што ќе минува времето, ќе имате сѐ подобар однос еден со друг, а на крајот и потполно ќе се разбирате.

[Фуснота]

^ пас. 22 Издаден од Јеховините сведоци.

[Слика на страница 7]

Дали барате совет од Бог кога имате недоразбирања?