Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Нека ти зајакнат рацете

Нека ти зајакнат рацете

Нека ти зајакнат рацете

„Нека ви зајакнат рацете вам кои во овие денови ги слушате зборовите од устата на пророците“ (ЗАХАРИЈА 8:9).

1, 2. Зошто книгите на Агеј и Захарија заслужуваат да им обрнеме внимание?

ПРОРОШТВАТА на Агеј и Захарија биле напишани пред околу 2.500 години, па сепак, сигурно се важни и за твојот живот. Библиските извештаи што се наоѓаат во овие две книги не се само обични настани од историјата. Тие се дел од „сѐ што било напишано порано за наша поука‘ (Римјаните 15:4). Голем дел од она што го читаме во нив нѐ тера да размислиме за вистински ситуации до кои дошло откако било воспоставено Царството на небото, во 1914 година.

2 Осврнувајќи се на некои настани и околности во кои се наоѓал Божјиот народ во минатото, апостол Павле рекол: „А овие работи им се случуваа ним како примери, и напишани се како предупредување за нас на кои дојдоа краевите на системите на работи“ (1. Коринќаните 10:11). Затоа, можеби ќе се прашаш: ‚Од каква вредност се книгите на Агеј и Захарија денес?‘

3. За што пророкуваат Агеј и Захарија?

3 Како што спомнавме во претходната статија, пророштвата на Агеј и Захарија се однесувале на времето кога Евреите, по ослободувањето од ропството во Вавилон, се вратиле во земјата што им ја дал Бог. Овие двајца пророци зборувале за повторната изградба на храмот. Евреите ги положиле темелите на храмот во 536 година пр.н.е. Иако некои од постарите Евреи жалеле по минатото, општо земено луѓето ‚воскликнувале од радост‘. Но, во нашево време се случило нешто уште позначајно. Зошто го велиме тоа? (Езра 3:3-13).

4. Што се случило по Првата светска војна?

4 Кратко по Првата светска војна, Јеховините помазаници биле ослободени од ропството на Големиот Вавилон. Тоа било цврст доказ дека Јехова им помага. Претходно, изгледало дека верските водачи и нивните блиски пријатели, политичарите, му ставиле крај на делото на проповедање и поучување што го извршувале Истражувачите на Библијата (Езра 4:8, 13, 21-24). Но, Јехова ги тргнал сите препреки што стоеле на патот на делото на проповедање за Царството и правење ученици. Во децениите по 1919 година, делото на Царството цветало и ништо не можело да го запре неговиот напредок.

5, 6. На кој величествен настан укажува Захарија 4:7?

5 Можеме да бидеме уверени дека Јеховините послушни слуги ќе продолжат да проповедаат и да поучуваат со Јеховина помош. Во Захарија 4:7 читаме: „Тој ќе го извлече врвниот камен со воскликнување: ‚Благодат! Благодат нему!‘“ На кое величествено исполнување во нашево време укажуваат овие зборови?

6 Захарија 4:7 укажува на времето кога сите луѓе ќе го обожаваат севишниот Бог во земните дворови на неговиот духовен храм. Јехова го дал тој храм за луѓето да го обожаваат на темел на жртвата помирница на Исус Христос. Точно е дека големиот духовен храм постои уште од првиот век од н.е. Сепак, собирањето на вистинските обожаватели во неговите земни дворови допрва ќе се доврши. Милиони обожаватели сега служат во земните дворови на тој духовен храм. Тие и уште голем број воскреснати ќе бидат доведени до совршенство во текот на Илјадагодишното владеење на Исус Христос. На крајот на тие илјада години, на исчистената Земја ќе останат само вистинските обожаватели на Бог.

7. Каква улога игра Исус во довршувањето на изградбата на духовниот храм во нашево време, и зошто тоа треба да нѐ охрабри?

7 Управителот Зоровавел и првосвештеникот Исус со свои очи виделе како бил завршен храмот во 515 година пр.н.е. Во Захарија 6:12, 13 е проречено каква слична улога ќе одигра Исус Христос за да ја доврши изградбата на духовниот храм: „Господ над војските зборува вака: ‚Еве го човекот кому му е името Подник [Фидан, NW]; од под него ќе израсне и тој ќе го изгради Господовиот Храм. Тој ќе го изгради Господовото Светилиште и ќе се прослави. Тој ќе седи и ќе владее на својот престол. А ќе биде и свештеник на престолот свој‘“. Бидејќи зад делото за Царството што се извршува во духовниот храм стои Исус — кој е на небото и прави да пушти фиданки лозата цареви од Давид — има ли некој што може да го спречи напредокот на тоа дело? Сигурно дека нема! Зар тоа не треба да нѐ охрабри да продолжиме да ја извршуваме службата и да не дозволиме секојдневните грижи да ни го одвлекуваат вниманието?

Приоритети

8. Зошто на прво место во нашите животи треба да биде работата на духовниот храм?

8 За да ни помага и да нѐ благословува Јехова, мора на прво место во животот да ни биде работата на духовниот храм. За разлика од Евреите, кои велеле дека „уште не е дојдено времето“, ние мораме да имаме на ум дека времињата во кои живееме се „последните денови“ (Агеј 1:2; 2. Тим. 3:1). Исус претскажал дека неговите верни следбеници ќе ја проповедаат добрата вест за Царството и ќе прават ученици. Мораме да внимаваме да не ја занемариме нашата почесна задача да служиме. Делото на проповедање и поучување што привремено било запрено поради противењето на луѓето од светот продолжило во 1919 година, и сѐ уште не е завршено. Но, биди уверен дека сигурно ќе заврши!

9, 10. Од што зависи дали Јехова ќе нѐ благословува, и што значи тоа за нас?

9 Во зависност од тоа со колкав елан го извршуваме ова дело, толкави благослови ќе добиеме, и како народ и како поединци. Забележи што ветил Јехова — ветување што може да ни влее доверба. Кога Евреите повторно почнале со сета душа да го обожаваат Бог и ревносно да работат на темелите на храмот, Јехова рекол: ‚Од тој ден Јас ќе благословувам‘ (Агеј 2:19). Повторно ќе ја стекнеле Божјата милост. Сега види какви благослови им ветил Бог: „Ќе испратам мир: лозата ќе роди грозје, земјата ќе дава посеви, а небото ќе ја дава својата роса. Сѐ тоа ќе му го дадам на Остатокот на овој народ“ (Захарија 8:9-13).

10 Исто како што Јехова ги благословил тие Евреи и духовно и материјално, така ќе нѐ благослови и нас ако марливо и со радост во срцето го извршуваме делото што ни го доделил. Тие благослови вклучуваат мир меѓу нас, безбедност, успех и духовен раст. Сепак, биди уверен дека, дали Бог и понатаму ќе нѐ благословува зависи од тоа дали ќе работиме на изградбата на духовниот храм онака како што сака Јехова.

11. Како би можеле да се преиспитаме?

11 Сега е времето ‚да ги обратиме своите срца на нашите патишта‘ (Агеј 1:5, 7). Треба да застанеме малку и да се преиспитаме што ни е најважно во животот. Јеховиниот благослов врз нас денес зависи од тоа колку го величаме неговото име и колку работиме на изградбата на неговиот духовен храм. Би можел да се запрашаш: ‚Дали моите приоритети се промениле? Колкава е мојата ревност за Јехова, за неговата вистина и за неговото дело во споредба со ревноста што ја имав кога се крстив? Дали желбата за удобен живот влијае врз вниманието што го посветувам на Јехова и неговото Царство? Дали стравот од човек — грижата за она што ќе мислат другите — малку ме одвраќаат од Јехова?‘ (Откровение 2:2-4).

12. Која ситуација што владеела меѓу Евреите е истакната во Агеј 1:6, 9?

12 Не сакаме Бог да не ни ги даде своите богати благослови затоа што го запоставуваме делото со кое го величаме неговото име. Сети се дека, откако добро започнале со работата, секој од Евреите што се вратиле ‚се грижел за својот дом‘, како што читаме во Агеј 1:9. Се преокупирале со своите секојдневни потреби и со својот живот. Како последица од тоа, ‚собирале малку‘, немале доволно јадење и пиење, и немале доволно топла облека (Агеј 1:6). Јехова престанал да ги благословува. Дали ние денес учиме нешто од тоа?

13, 14. Како можеме да ја примениме поуката од Агеј 1:6, 9, и зошто е тоа важно?

13 Зар не се согласуваш дека, за да нѐ благословува Јехова и понатаму, не смееме да си гледаме само за себе и да го запоставиме прославувањето на Јехова? На тоа треба да внимаваме сеедно дали она што ни го одвлекува вниманието е трката по пари, правењето сплетки за брзо да се збогатиме, амбициозните планови да стекнеме високо образование со цел да имаме убава кариера во овој свет, или курсевите што ќе ни помогнат да ги задоволиме своите лични амбиции.

14 Таквите работи сами по себе не се грев. Меѓутоа, сфаќаш ли дека, од гледна точка на вечниот живот, тие се „мртви дела“? (Евреите 9:14). Во која смисла? Тие се духовно мртви, залудни и бескорисни. Ако некој упорно ги прави, тие би можеле да му донесат духовна смрт. Тоа им се случило на некои помазани христијани во времето на апостолите (Филипјаните 3:17-19). Истото им се случило и на некои христијани во денешно време. Можеби познаваш некои што малку по малку биле одвлечени од христијанските активности и од собранието, и сега не покажуваат никаква намера повторно да почнат да му служат на Јехова. Секако дека се надеваме дека ќе му се вратат на Јехова, но факт е дека стремењето по „мртви дела“ може да води до губење на Јеховината наклоност и благослов. Тоа би било многу жалосно. Тогаш би ги изгубиле радоста и мирот кои се плодови на Божјиот дух. Замисли си колкава загуба би било да не бидеме дел од срдечното христијанско братство! (Галатите 1:6; 5:7, 13, 22-24).

15. Како Агеј 2:14 покажува колку сериозно треба да го сфатиме нашето обожавање на Бог?

15 Ова е многу сериозна работа. Забележи од Агеј 2:14 како Јехова гледал на Евреите што го запоставиле неговиот дом за обожавање за да си ги уредат своите домови, дословно или симболично. „Таков е и овој род, таков е овој народ пред Мене — говори Господ — такво е секое дело на нивните раце, и сѐ што принесуваат тука: сѐ е нечисто“. Сеедно какви жртви принесувале овие рамнодушни Евреи на привремениот жртвеник што бил во Ерусалим, Јехова не ги прифаќал сѐ додека го запоставувале вистинското обожавање (Езра 3:3).

Помошта е гарантирана

16. Врз основа на визиите што ги добил Захарија, во што можеле да бидат уверени Евреите?

16 Преку осум визии што ги добил Захарија, послушните Евреи што работеле на повторната изградба на Божјиот храм добиле уверување дека Бог ќе им помага. Првата визија им гарантирала дека ќе го завршат храмот и дека во Ерусалим и во Јуда ќе има богатство и напредок сѐ додека послушно ја извршуваат работата (Захарија 1:8-17). Втората визија ветувала крај на сите влади што се противеле на вистинското обожавање (Захарија 1:18-21). Другите визии гарантирале дека Бог ќе ги штити додека градат, дека во изградениот храм за обожавање на Јехова ќе дојдат луѓе од многу народи, дека ќе има вистински мир и сигурност, дека ќе бидат тргнати навидум несовладливите препреки за да се изврши делото што им го дал Бог, дека ќе биде отстрането злото и дека ангелите ќе ги надгледуваат и ќе ги штитат (Захарија 2:5, 11; 3:10; 4:7; 5:6-11; 6:1-8). Можеш да сфатиш зошто, со таква гаранција дека Бог ќе им помага, послушните го промениле својот живот и најважно им било да ја завршат работата за која Бог ги ослободил.

17. Со оглед на гаранцијата што ја имаме, што треба да се запрашаме?

17 На сличен начин, тоа што ни е гарантирано дека сигурно ќе победи вистинското обожавање треба да нѐ поттикне на активност и да нѐ мотивира сериозно да размислуваме за Јеховиниот дом каде што го обожаваме. Запрашај се: ‚Ако верувам дека сега е време да се извршува делото на проповедање на добрата вест за Царството и да се прават ученици, дали моите цели и начинот на живот се во склад со моето уверување? Дали одвојувам доволно време за да ја проучувам Божјата пророчка реч, да размислувам за неа и да разговарам за неа со сохристијаните и со оние што ги сретнувам?‘

18. Што стои пред нас, според Захарија, 14. поглавје?

18 Захарија спомнува дека Големиот Вавилон ќе биде уништен и дека по него ќе следи војната Армагедон. Читаме: „Тоа ќе биде чудесен ден — Господ го знае — ни ден ни ноќ; и за време на темнината ќе биде светло“. Да, Јеховиниот ден навистина ќе биде мрачен, студен ден за неговите непријатели што се на Земјата! Но, ќе биде и период на постојана светлина и наклоност за верните обожаватели на Јехова. Захарија исто така опишал дека сѐ во новиот свет ќе ја објавува светоста на Јехова. Вистинското обожавање во Божјиот голем духовен храм ќе биде единствениот облик на обожавање на Земјата (Захарија 14:7, 16-19). Каква гаранција! Ќе го доживееме исполнувањето на она што било претскажано и ќе видиме како е оправдано Јеховиното право да владее. Тоа ќе биде неповторлив ден на Јехова!

Трајни благослови

19, 20. Зошто те охрабруваат стиховите од Захарија 14:8, 9?

19 По тој извонреден настан, Сатана и неговите демони ќе бидат фрлени во бездна, каде што нема да бидат активни (Откровение 20:1-3, 7). Тогаш, во текот на Христовото илјадагодишно владеење, ќе бидат излеани благослови. Во Захарија 14:8, 9 стои: „Во оној ден жива вода ќе потече од Ерусалим, половина кон Источното Море, половина кон Западното Море. Така ќе биде и лете и зиме. И Господ ќе биде Цар над сета земја. Во оној ден Господ ќе биде единствен и Неговото име единствено“.

20 ,Живата вода‘, или ‚реката со вода на животот‘, со која е претставено сѐ што направил Јехова за да ни овозможи да останеме во живот, постојано ќе тече од седиштето на месијанското Царство (Откровение 22:1, 2). Едно големо мноштво од луѓе што го обожаваат Јехова, кои ќе го преживеат Армагедон, ќе имаат корист од тоа на тој начин што ќе бидат ослободени од осудата на адамската смрт. Дури и мртвите ќе имаат корист преку воскресението. Со тоа ќе започне една нова фаза на Јеховиното владетелство над целата Земја. Луѓето во целата Земја ќе го признаат Јехова како Севишен во универзумот и единствен што треба да биде обожаван.

21. На што треба да бидеме решени?

21 Со оглед на сѐ што прорекле Агеј и Захарија и сѐ што се исполнило, имаме добра причина да продолжиме со делото што Бог ни дал да го извршуваме во земните дворови на неговиот духовен храм. Додека не дојде времето кога сите луѓе на Земјата ќе го обожаваат вистинскиот Бог, сите ние да настојуваме да ги ставаме на прво место интересите на Царството. Стихот од Захарија 8:9 нѐ поттикнува: „Нека ви зајакнат рацете вам кои во овие денови ги слушате зборовите од устата на пророците“.

Се сеќаваш ли?

• Поради која историска паралела важат и за денешно време книгите Агеј и Захарија?

• Каква поука за она што треба да ни биде најважно во животот даваат Агеј и Захарија?

• Зошто разработката на книгите Агеј и Захарија ни влева доверба во иднината?

[Прашања]

[Слика на страница 26]

Агеј и Захарија ги охрабриле Евреите да работат со сета душа и така да добијат благослов

[Слики на страница 27]

Дали ‚се грижиш за својот дом‘?

[Слика на страница 28]

Јехова ветил благослов, и го дал