Вредноста на еден ‚послаб сад‘
Вредноста на еден ‚послаб сад‘
„ВИЕ сопрузи, живејте и понатаму на ист начин со нив според спознанието, искажувајќи им чест како на послаб, женски сад“, напишал апостол Павле (1. Петрово 3:7). Дали Библијата ги омаловажува жените со тоа што ги нарекува „послаб сад“? Да видиме што, всушност, сакал да каже вдахновениот писател.
Грчката именка што е преведена со „чест“ значи „цена, вредност... почит“. Тоа значи дека еден христијанин треба да постапува нежно со својата сопруга и да се грижи за неа како за еден чувствителен, скапоцен сад. Ова воопшто не е омаловажувачки. Да ја земеме за пример ламбата во облик на лотосов цвет од Тифани. За оваа многу убава ламба навистина можеме да кажеме дека е нежна. Но, дали поради тоа што е толку осетлива е помалку вредна? Далеку од тоа! Во 1997 година оригиналната ламба на Тифани била продадена на аукција за 2,8 милиони долари! Нејзината нежна градба ѝ ја зголемила, а не ѝ ја намалила вредноста.
Слично на тоа, кога на жената ѝ се искажува чест како на послаб сад, тоа не ја обезвреднува или омаловажува. Сопругот постапува со својата сопруга „според спознанието“ кога ги зема предвид нејзините јаки и слаби страни, нејзините гледишта и чувства, и кога размислува за тоа што сака а што не сака таа. Еден грижлив сопруг ги признава и покажува разбирање за разликите во личноста меѓу него и неговата сопруга. Тој покажува должна почит кон неа „за [неговите] молитви да не бидат спречени“ (1. Петрово 3:7). Еден сопруг што не ги почитува женствените доблести на својата сопруга, го доведува во опасност своето пријателство со Бог. Очигледно, Божјата реч не ги омаловажува жените. Напротив, таа ги почитува и им оддава чест.
[Извор на слика на страница 32]
© Christie’s Images Limited 1997