Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Господ е Господар на битката“

„Господ е Господар на битката“

„Повеќе мораме да го слушаме Бог како владетел отколку луѓето“

„Господ е Господар на битката“

ДВЕ сопернички војски стојат на двата краја од една долина. Веќе 40 дена израелските војници се тресат од страв додека Голијат, јунакот на Филистејците, ги опсипува со навреди (1. Самоил 17:1-4, 16).

Голијат на сет глас ги исмева Израелците, велејќи: „Изберете од вас еден човек, па нека слезе кон мене! Ако победи во борбата против мене и ако ме погуби, ние ќе бидеме ваши слуги. Ако пак јас го победам него и го погубам, тогаш вие ќе бидете наши слуги и ќе ни робувате... Јас денес ги предизвикав Израелевите бојни редови. Дајте ми човек за да се обидеме во двобој!“ (1. Самоил 17:8-10).

Во древни времиња, било вообичаено еден силен војник, како претставник на својата војска, да се бори гради в гради со силен војник од спротивната страна. Оној што ќе победел ѝ носел победа на својата војска. Но, овој човек што го исмева Израел не е обичен војник. Тој е огромен џин — страшен и опасен непријател. Меѓутоа, со тоа што се подбива со војската на Јеховиниот народ, Голијат си ја запечатува судбината.

Не се работи за обична борба меѓу двајца војници. Станува збор за пресметка меѓу Јехова и боговите на Филистејците. Наместо храбро да ја води својата војска против Божјите непријатели, израелскиот цар Саул е скаменет од страв (1. Самоил 17:11).

Еден младич има доверба во Јехова

Во текот на ова затишје меѓу битките, еден млад човек кој е веќе помазан за цар на Израел доаѓа да ги види своите браќа во војската на Саул. Тој се вика Давид. Штом ги слуша зборовите на Голијат, тој прашува: „Кој е тој необрезан Филистеец, за да ги предизвикува бојните редови на живиот Бог?“ (1. Самоил 17:26). За Давид, Голијат ги претставува и Филистејците и нивните богови. Оправдано разгневен, Давид сака да застане во одбрана на Јехова и на Израелците, и да се бори со паганскиот џин. Но, цар Саул вели: „Не можеш ти да излезеш против тој Филистеец за да се бориш со него, зашто ти си уште дете“ (1. Самоил 17:33).

Колку многу се разликуваат гледиштата на Саул и на Давид! За Саул, Давид е едно обично овчарче што сака да се бори со свиреп џин. Но за Давид, Голијат е само обичен човек што го предизвикува Севишниот Господар Јехова. Давид е храбар затоа што е уверен дека Бог нема да дозволи Неговото име и Неговиот народ да бидат исмевани неказнето. Голијат се потпира на својата сила, но Давид има доверба во Јехова, и гледа на ситуацијата од Божја гледна точка.

„Јас доаѓам против тебе во името на Господа“

Верата на Давид има цврст темел. Тој не заборавил дека Бог му помогнал да ги спаси своите овци од мечка и од лав. Ова младо овчарче е уверено дека Јехова ќе му помогне и сега за да се справи со страшниот филистејски противник (1. Самоил 17:34-37). Вооружен со едноставна праќка и пет мазни камчиња, Давид тргнува да се соочи со Голијат.

Младиот Давид се зафаќа со овој наизглед невозможен потфат потпирајќи се на силата што ја дава Јехова. Тој храбро му вели на Филистеецот: „Ти доаѓаш против мене со меч, со копје и со штит, а јас одам против тебе во името на Господа на Силите, Бога на Израелевите чети, кои ти ги предизвика. Денес Господ ќе те предаде во мојата рака... Сета земја ќе знае дека има Бог во Израел. И сиот овој собир ќе знае дека Господ не дава победа со меч ни со копје, зашто Господ е господар на битката, и тој ве предава во наши раце“ (1. Самоил 17:45-47).

Што се случува на крајот? Во Библијата пишува: „Давид со камче и праќка го победи Филистеецот: го удри Филистеецот и го уби, а немаше меч во раката“ (1. Самоил 17:50). Давид немал меч во раката, но ја имал моќната поддршка на Јехова Бог. *

Оваа битка покажала дека Давид со право имал вера во Јехова! Кога мораме да избираме дали ќе се исплашиме од луѓе или ќе имаме доверба во Јеховината моќ да спаси, јасно е што ќе избереме: „Повеќе мораме да го слушаме Бог како владетел отколку луѓето“ (Дела 5:29). Освен тоа, кога гледаме на тешките ситуации од гледна точка на Јехова Бог, можеме да имаме урамнотежено гледиште дури и за проблемите што се чинат нерешливи.

[Фуснота]

^ пас. 13 Види во Календарот на Јеховините сведоци за 2006, мај/јуни.

[Рамка/слика на страница 9]

КОЛКУ ВСУШНОСТ БИЛ ГОЛЕМ ГОЛИЈАТ?

Од извештајот во 1. Самоил 17:4-7 се гледа дека Голијат бил висок повеќе од шест лакти — околу 3 метри. Колку бил голем и силен Филистеецот покажува и неговиот бакарен оклоп. Тој тежел 57 килограми! Дршката од копјето била како едно дрвено кросно, а металниот врв на копјето тежел 7 килограми. Најверојатно, оклопот на Голијат бил потежок од самиот Давид!