Дали си подготвен за преживување?
Дали си подготвен за преживување?
„Влезете: ти и сето твое семејство во бродот, зашто видов дека единствено ти си праведен пред Мене во ова време“ (БИТИЕ 7:1).
1. Како Јехова се погрижил некои да преживеат во деновите на Ное?
ЈЕХОВА ‚донел потоп на свет од безбожни луѓе‘ во деновите на Ное, но тој се погрижил и некои да преживеат (2. Петрово 2:5). Вистинскиот Бог му дал на праведниот Ное јасни упатства за тоа како да изгради арка за да си го зачува животот во еден глобален потоп (Битие 6:14-16). Како што би очекувале од еден верен слуга на Јехова, ‚Ное направил сѐ како што му заповедал Бог‘. Тоа што сме живи денес донекаде се должи и на послушноста на Ное (Битие 6:22).
2, 3. а) Како реагирале луѓето во времето на Ное кога виделе што прави тој? б) Со каква доверба Ное влегол во арката?
2 Не било лесно да се изгради арката. Веројатно многу луѓе биле восхитени од она што го правеле Ное и неговата фамилија. Сепак, тоа не било доволно за да се уверат дека ќе се спасат само ако влезат во арката. Еден ден ѝ дошол крајот на Божјата стрпливост со тој злобен свет (Битие 6:3; 1. Петрово 3:20).
3 Откако Ное и неговата фамилија со децении напорно работеле, Јехова му рекол на Ное: “Влезете: ти и сето твое семејство во бродот, зашто видов дека единствено ти си праведен пред Мене во ова време“. Со вера и доверба во Јеховината реч, ‚влегле во бродот со Ное: неговите синови, неговата жена и жените на неговите синови‘. Јехова ја затворил вратата за да ги заштити своите слуги. Кога на Земјата дошол Потопот, арката послужила како сигурно средство за преживување што го дал Бог (Битие 7:1, 7, 10, 16).
Сличности меѓу денешното и Ноевото време
4, 5. а) Со што го споредил Исус времето на својата присутност? б) Какви сличности постојат помеѓу Ноевите денови и нашево време?
4 „Како што беше во деновите на Ное таква ќе биде присутноста на Синот човечки“ (Матеј 24:37). Со овие зборови Исус покажал дека времето кога тој ќе биде невидливо присутен ќе биде слично на времето кога живеел Ное, и навистина е така. Особено од 1919 година, на луѓето од сите народи им се објавува една предупредувачка порака слична на пораката што ја кажувал Ное. Општо земено, нивната реакција е слична на реакцијата на луѓето во Ноевите денови.
5 Преку Потопот, Јехова презел мерки против еден свет ‚полн со насилство‘ (Битие 6:13). Но, Ное и неговата фамилија не учествувале во тоа насилство туку мирољубиво си ја граделе арката, и тоа можеле да го видат сите што ги гледале. И тука гледаме една сличност со нашево време. Денес искрените луѓе можат ‚да го разликуваат праведникот од грешникот, оној, кој Му служи на Бога од оној, кој не Му служи‘ (Малахија 3:18). Искреноста, љубезноста, мирољубивоста и трудољубивоста што ги покажуваат Јеховините сведоци се особини на кои им се восхитуваат непристрасните луѓе, и по тие особини Божјиот народ се разликува од луѓето во светот. Сведоците не прибегнуваат кон насилство во кој и да е облик туку нив ги мотивира Јеховиниот дух. Затоа се благословени со мир и одат по исправен пат (Исаија 60:17).
6, 7. а) Што не сфатиле луѓето во времето на Ное, и каква слична ситуација постои и денес? б) Кои примери покажуваат дека луѓето увидуваат дека Јеховините сведоци се поинакви?
6 Луѓето што живееле во времето на Ное не сфатиле дека Бог е со него и дека Ное ги следи упатствата што му ги давал Бог. Затоа не го сфатиле сериозно кога им проповедал и не обрнале внимание на неговите предупредувања. А како стојат работите денес? Иако многу луѓе се воодушевени од она што го прават Јеховините сведоци и од нивното однесување, повеќето не ги сфаќаат сериозно добрата вест и библиските предупредувања. Соседите, работодавците или роднините можеби ќе ги пофалат убавите особини на вистинските христијани, но потоа со жалење ќе додадат: „Само да не беа Јеховини сведоци!“ Таквите луѓе губат од вид дека Сведоците ги покажуваат особините како што се љубовта, мирот, љубезноста, добрината, благоста и самосовладувањето затоа што ги води Божјиот свет дух (Галатите 5:22-25). А тоа треба уште повеќе да ги поттикне да ја слушаат нивната порака.
7 На пример, во Русија, Јеховините сведоци граделе една Сала на Царството. Еден човек што запрел за да поразговара со некој од работниците забележал: „Колку чудно градилиште — никој не пуши, никој не пцуе и никој не е пијан! Да не сте случајно Јеховини сведоци?“ Работникот го прашал: „Ако ти речам ‚не‘, ќе ми веруваш ли?“ Човекот веднаш одговорил: „Не“. Во еден друг град во Русија, градоначалникот бил воодушевен кога видел како Сведоците ја градат својата нова Сала на Царството. Тој рекол дека, иако некогаш сметал дека сите религии се исти, откако ја видел на дело вистинската несебичност на Јеховините сведоци, го сменил своето мислење. Ова се само два примера што покажуваат дека Јеховиниот народ се разликува од луѓето што не се држат за библиските мерила.
8. Од што зависи дали ќе го преживееме крајот на овој злобен свет?
8 Во последниот период од ‚стариот свет‘ што исчезнал во Потопот, Ное бил верен ‚проповедник на праведноста‘ (2. Петрово 2:5). Во овие последни денови од сегашниов свет, Јеховините слуги ги објавуваат Божјите праведни мерила и ја објавуваат добрата вест дека е можно да се преживее крајот и да се влезе во новиот свет (2. Петрово 3:9-13). Исто како што Ное и неговата богобојазлива фамилија биле сочувани во арката, дали ќе преживееме денес зависи од тоа дали ќе покажеме вера и дали лојално ќе останеме поврзани со земниот дел од Јеховината организација.
За да преживееме, потребна е вера
9, 10. Зошто мораме да имаме вера за да го преживееме крајот на Сатанскиот свет?
9 Што мора да направи некој за да го преживее претстојното уништување на овој свет што лежи во власта на Сатана? (1. Јованово 5:19). Мора да сфати дека му треба заштита. Потоа мора да ја прифати таа заштита. Луѓето во времето на Ное си го терале животот вообичаено и не сметале дека им треба заштита од некоја претстојна катастрофа. А им фалело и нешто друго — вера во Бог.
10 Од друга страна, пак, Ное и неговата фамилија сфатиле дека им треба заштита и избавување. Исто така, покажале вера во Севишниот Владетел, Јехова Бог. „Без вера е невозможно да му се угоди [на Јехова]“, напишал апостол Павле, „зашто оној кој му пристапува на Бог мора да верува дека тој постои и дека ги наградува оние кои сесрдно го бараат.“ Потоа додал: „Со вера Ное, откако доби божествено предупредување за она што уште не се гледаше, покажа побожен страв и изгради арка за спасение на своето домаќинство; и со таа вера го осуди светот, и стана наследник на праведноста која е по вера“ (Евреите 11:6, 7).
11. Што можеме да научиме од начинот на кој Јехова го заштитувал својот народ во минатото?
11 За да го преживееме крајот на сегашниов злобен свет, не е доволно само да веруваме дека тој ќе биде уништен. Мораме да покажуваме вера и потполно да прифатиме сѐ што прави Бог за да ни овозможи да преживееме. Се разбира, треба да покажуваме вера во откупната жртва на Божјиот Син, Исус Христос (Јован 3:16, 36). Меѓутоа, не смееме да заборавиме дека Потопот го преживеале само оние што биле во арката на Ное. Слично, во древниот Израел еден ненамерен убиец можел да биде заштитен во градовите-засолништа само ако избегал во еден таков град и потоа останел во него сѐ до смртта на првосвештеникот (Броеви 35:11-32). Кога била нанесена десеттата неволја врз Египет во времето на Мојсеј, биле убиени првородените на Египќаните, но првородените на Израелците биле поштедени. Зошто? Јехова му заповедал на Мојсеј: „[Израелците] нека ја земат крвта [на пасхалното јагне] и нека ги попрскаат двата довратници и надвратникот на куќата, во која ќе јадат... Нека никој не излегува низ куќната врата до утрото“ (Излез 12:7, 22). Кој првороденец во Израел би се осмелил да ги игнорира таквите упатства од Бог со тоа што ќе излезел од куќата што била обележана со крвта попрскана на двата довратника и на надвратникот на куќата?
12. Кое прашање треба да си го постави секој од нас, и зошто?
12 Затоа, секој од нас треба внимателно да размисли за својата ситуација. Дали го користиме она што Јехова го прави за да нѐ заштити духовно? Кога ќе дојде големата неволја, по лицата на оние што побарале таква заштита ќе течат солзи од радост и благодарност. Други ќе леат само солзи од болка и каење.
Постепените промени нѐ подготвуваат
13. а) За која цел послужиле промените во врска со организацијата? б) Објасни некои од промените што се правеле постепено.
13 Јехова постепено правел промени во земниот дел од својата организација. Со овие промени духовната заштита што ни ја обезбедува Јехова станува подобра, поцврста и посигурна. Од 1870-тите до 1932 година, старешините и слугите помошници ги изгласувало собранието. Во 1932 година, изгласаните старешини биле заменети со одбор што го избирало собранието за да му помага на надгледникот на службата. Во 1938 година, сите слуги во собранието почнале да се именуваат по теократски пат, односно според библиските начела. Под водство на Водечкото тело на Јеховините сведоци, од 1972 година се даваат препораки и собранијата добиваат писма со кои теократски се именуваат старешини и слуги помошници. Низ годините, Водечкото тело извршуваше сѐ поголема работа и беа направени промени за да му се олесни работата.
14. Која програма на обука беше воведена во 1959 година?
14 Во 1950-тите, по внимателното разгледување на Псалм 45:16, започна една редовна програма на обука. Таму пишува: „Твоите синови ќе ги наследат твоите татковци, ќе ги поставиш за кнезови на целата земја“. Старешините што денес предводат во собранието се обучуваат за теократските задачи што ги извршуваат денес и што ќе ги извршуваат по Армагедон (Откровение 16:14, 16). Во 1959 година беше воведена Школата за именувани браќа. Во тоа време се одржуваше курс кој траеше еден месец, првенствено за обука на собраниските слуги, како што се викаа тогаш претседавачките надгледници. Сега оваа школа служи за поука на сите старешини и слуги помошници. А овие браќа, пак, ги обучуваат Јеховините сведоци во своите собранија. Така, сите добиваат духовна помош и можат да имаат подобри резултати во службата како објавители на добрата вест за Царството (Марко 13:10).
15. На кои два начина се одржува чистотата на христијанското собрание?
15 Оние што сакаат да станат дел од христијанското собрание мораат да исполнат 2. Петрово 3:3-7). Особено од 1952 година, Јеховините сведоци сѐ повеќе ја поддржуваат мерката што се презема за да се заштити собранието — да се исклучуваат непокајничките грешници. Се разбира, на оние што искрено се каат, од срце им се помага ‚да ги израмнат патеките на своите нозе‘ (Евреите 12:12, 13; Пословици 28:13; Галатите 6:1).
извесни барања. Логично, денес во собранието нема место за оние што се исмејуваат, исто како што за таквите немало место ни во Ноевата арка (16. Во каква духовна состојба е Јеховиниот народ?
16 Одличната духовна состојба на Јеховиниот народ ниту изненадува ниту е случајна. Преку пророкот Исаија, Јехова рекол: „Еве, Моите слуги ќе јадат, а вие ќе гладувате. Еве, Моите слуги ќе пијат, а вие ќе жеднеете. Еве, Моите слуги ќе се веселат, а вие ќе се срамите. Еве, Моите слуги ќе се радуваат од среќа во срцето, а вие ќе викате од болка во срцето, и ќе пиштите со скрушен дух“ (Исаија 65:13, 14). Јехова и понатаму ни дава изобилство навремена и здрава духовна храна што нѐ одржува духовно јаки (Матеј 24:45).
Биди подготвен за преживување
17. Што ќе ни помогне да се подготвиме за преживување?
17 Како никогаш досега, сега е време „да обрнуваме внимание едни на други за да се поттикнуваме кон љубов и кон извонредни дела, не оставајќи го нашето заедничко собирање, како што некои имаат обичај, туку храбрејќи се едни со други“ (Евреите 10:23-25). Тоа што тесно ќе соработуваме со едно од преку 98-те илјади собранија на Јеховините сведоци ќе ни помогне да се подготвиме за преживување. Ќе нѐ поддржуваат соверниците додека се трудиме да ја покажуваме „новата личност“ и додека вложуваме сесрдни напори да им помогнеме на другите да дознаат како Јехова ни овозможува да се спасиме (Ефешаните 4:22-24; Колошаните 3:9, 10; 1. Тимотеј 4:16).
18. Зошто си решен да останеш во христијанското собрание?
18 Сатана и неговиот злобен свет многу сакаат да нѐ одвлечат од христијанското собрание. Меѓутоа, можеме да останеме во него и да го преживееме крајот на сегашниов злобен свет. Љубовта кон Јехова и благодарноста за сето она што го прави за нас нека нѐ поттикнат да бидеме уште порешени да ги осуетиме Сатановите напори. Нашата решеност ќе се зајакне ако размислуваме за благословите што ги уживаме сега. За некои од овие благослови ќе поразговараме во следната статија.
Како би одговорил?
• Каква сличност постои помеѓу нашево и Ноевото време?
• Која особина е многу битна за преживување?
• Со кои постепени промени Јехова ни обезбедил посигурна заштита?
• Како можеме да се подготвиме за преживување?
[Прашања]
[Слика на страница 22]
Луѓето што живееле во времето на Ное не го сфатиле сериозно
[Слика на страница 23]
Вреди сериозно да ги сфатиме Божјите предупредувачки пораки
[Слика на страница 24]
Каква е целта на Школата за именувани браќа?
[Слика на страница 25]
Сега е време да останеме во христијанското собрание