Имаш ли „слобода на говорот“?
Имаш ли „слобода на говорот“?
НАД шест милиони луѓе во 235 земји поседуваат нешто што Библијата го нарекува „слобода на говорот“. Овој израз се појавува 16 пати во Христијанските грчки списи на Светото писмо — превод Нов свет (Филипјаните 1:20; 1. Тимотеј 3:13; Евреите 3:6; 1. Јованово 3:21). Што значи да се има „слобода на говор“? Што ќе ни помогне да ја стекнеме? Во кои сѐ ситуации ни помага оваа слобода да зборуваме без пречки?
Според Толковниот речник на зборови од Стариот и Новиот завет (Vine’s Expository Dictionary of Old and New Testament Words) од Вајн, грчкиот збор преведен со изразот „слобода на говор“ значи „слободен говор, зборување без воздржаност... бестрашност додека се зборува храбро; па според тоа, означува и самодоверба, бодар дух, смелост, и не мора секогаш да се однесува на говорот“. Сепак, оваа отвореност не значи неучтивост или грубост. „Вашиот збор секогаш нека биде љубезен“, вели Библијата (Колошаните 4:6). Слободата на говор значи да бидеме тактични, иако нема да дозволиме неповолните околности или стравот од човек да нѐ спречат да го кажеме она што треба.
Дали слободата на говор е наше вродено право? Забележи што им напишал апостол Павле на христијаните во Ефес. Тој рекол: „Мене, човекот кој е помал од најмалиот меѓу сите свети, дадена ми е оваа незаслужена љубезност, да им ја објавам на нациите добрата вест за неизмерното богатство Христово“. Павле додал дека благодарение на Исус Христос „ја имаме оваа слобода на говорот и пристап со доверба преку нашата вера во него“ (Ефешаните 3:8-12). Значи, слободата на говор не е наше вродено право, туку е резултат на нашиот однос со Јехова Бог што го имаме поради верата во Исус Христос. Да видиме што ќе ни помогне да ја стекнеме оваа слобода, и како да ја користиме кога проповедаме, кога поучуваме и кога се молиме.
Што ни помага смело да проповедаме?
Исус Христос е најистакнатиот пример на човек кој имал слобода на говор. Неговата ревност го поттикнала да ги користи сите прилики за да проповеда. Без разлика дали се одморал, дали бил на ручек кај некого или, пак, одел по пат, тој никогаш не ја пропуштал можноста да зборува за Божјето Царство. Ниту исмевањето ниту отвореното противење не можеле да го заплашат и да го спречат да зборува. Матеј 23:13-36). Дури и кога бил уапсен и суден, Исус зборувал бестрашно (Јован 18:6, 19, 20, 37).
Напротив, тој храбро ги разоткрил лажните верски водачи од тоа време (Неговите апостоли исто така зборувале отворено. На Пентекост 33 година од н.е., Петар зборувал со слобода на говорот пред повеќе од 3.000 луѓе. Ова е многу необично со оглед на тоа што само кратко време пред тоа се исплашил кога го препознала една слугинка (Марко 14:66-71; Дела 2:14, 29, 41). Кога биле довлечкани пред верските водачи, Петар и Јован не се треселе од страв. Без да се двоумат, тие смело сведочеле за воскреснатиот Исус Христос. Всушност, токму поради тоа што Петар и Јован зборувале толку отворено, верските водачи сфатиле дека му се следбеници на Исус (Дела 4:5-13). Што им помогнало на апостолите да зборуваат толку храбро?
Исус им ветил: „Кога ќе ве предадат, немојте тегобно да се грижите како или што ќе зборувате; зашто во тој час ќе ви се даде што да зборувате; зашто не сте само вие тие кои зборувате, туку духот на вашиот Татко е тој кој зборува преку вас“ (Матеј 10:19, 20). Светиот дух му помогнал на Петар и на другите да ја надминат сета срамежливост или страв што можеле да ги спречат слободно да зборуваат. Оваа моќна сила може да ни помогне и нам денес.
Покрај тоа, Исус им го дал на своите следбеници налогот да прават ученици. Ова било на место, затоа што тој е оној кому му е дадена „сета власт на небото и на земјата“. И, ‚тој е со нив‘ (Матеј 28:18-20). Првите христијани биле свесни дека Исус ги поддржува, и тоа им ја влеало самодовербата што им била потребна кога се соочувале со властите кои биле решени да го спречат нивното проповедање (Дела 4:18-20; 5:28, 29). Истата свесност ќе ни влее таква самодоверба и нам.
Павле дава уште една причина зошто да се зборува отворено. Тој вели дека и надежта е поврзана со ‚големата слобода на говорот‘ (2. Коринќаните 3:12; Филипјаните 1:20). Таа порака на надеж била толку убава што христијаните не можеле да ја чуваат само за себе — не можеле а да не им ја кажуваат и на другите. Нашата надеж навистина е силна причина за да имаме слобода на говорот (Евреите 3:6).
Да се проповеда со смелост
Како можеме смело да проповедаме дури и во услови што можат да бидат опасни? Да го земеме примерот на апостол Павле. Додека бил во затвор во Рим, тој ги замолил своите соверници да се молат ‚да му биде дадена способност за говор кога ќе ја отвори устата, за да зборува со смелост, како што и требало да зборува‘ (Ефешаните 6:19, 20). Дали овие молитви му биле услишени? Да! Додека бил в затвор, Павле продолжил ‚да го проповеда Божјето царство... со најголема слобода на говорот и без пречка‘ (Дела 28:30, 31).
Нашата слобода на говор е ставена на испит кога ќе ни се укаже можност да сведочиме на работа, на училиште, или додека патуваме. Срамежливоста, стравот од тоа како ќе реагира лицето или недовербата во своите сопствени способности можеби ќе нѐ спречат да зборуваме. Апостол Павле е добар пример и во овој поглед. „Со помош на нашиот Бог собравме смелост да ви ја зборуваме Божјата добра вест со голема борба“, напишал тој (1. Солуњаните 2:2). Само затоа што се потпирал на Јехова, Павле успеал да го направи она што сам од себе не би можел да го стори.
Молитвата ѝ помогнала и на една жена по име Шери да собере храброст да сведочи неформално кога ѝ се укажала можност. Еден ден, додека го чекала својот маж да излезе од некој состанок, забележала дека со неа чека уште една жена. Шери вели: „Чувствував како да имам голема кнедла во грлото, и му се молев на Јехова за храброст“. Само што тргнала да ѝ пристапи на жената, влегол баптистички свештеник. Шери не очекувала дека ќе наиде на свештеник. Но, повторно се помолила и успеала да сведочи. Ѝ оставила на жената публикации и се договориле да ја посети. Кога ги користиме приликите
да сведочиме, можеме да бидеме уверени дека, ако се потпреме на Јехова, тој ќе ни помогне да зборуваме со смелост.Кога поучуваме
Слободата на говор е тесно поврзана и со поучувањето. Во врска со „мажите кои служат на добар начин“ во собранието, Библијата вели: „[Тие] си стекнуваат добар глас и голема слобода на говорот во верата во врска со Христос Исус“ (1. Тимотеј 3:13). Тие стекнуваат ваква слобода на говорот со тоа што самите го применуваат она за што ги поучуваат другите. На тој начин го штитат и го зајакнуваат собранието.
Кога имаме ваква слобода на говор, нашите совети имаат посилно влијание и поголема е веројатноста другите да ги послушаат. Наместо да бидат одвратени од нечиј лош пример, слушателите се охрабрени затоа што гледаат дека тој навистина го применува во пракса она за што ги поучува. Ваквата слобода им помага на оние што имаат духовни квалификации да го ‚исправат својот брат‘ пред проблемот да стане поголем (Галатите 6:1). Спротивно на тоа, на оној што не е добар пример може да му е непријатно отворено да зборува бидејќи чувствува дека нема право да дава совет. А доколку потребниот совет не се даде на време, последиците можат да бидат катастрофални.
Да зборуваме смело не значи да имаме критизерски став кон другите, и да бидеме крути и непопустливи во своите гледишта. Павле го советувал Тимотеј „на темел на љубовта“ (Филимон 8, 9). Очигледно, неговите зборови наишле на поволен одѕив. Да, секој совет што ќе го даде старешината треба да биде мотивиран од љубов!
Значи, слободата на говор е многу важна кога се дава совет. Но, важна е и во други ситуации. Павле му напишал на собранието во Коринт: „Имам голема слобода на говор кон вас. Многу се фалам со вас“ (2. Коринќаните 7:4). Павле не се притеснувал да ги пофали своите браќа и сестри кога тие заслужувале пофалба. Љубовта го поттикнала да се концентрира на нивните добри особини, иако бил свесен за нивните маани. И христијанското собрание денес се зајакнува кога старешините великодушно ги пофалуваат и ги охрабруваат своите браќа и сестри.
За да постигнат резултати кога поучуваат, сите христијани треба да имаат слобода на говорот. Шери, која беше спомната, сакала да ги поттикне децата да сведочат на училиште. „Иако израснав во семејство на Јеховини сведоци, ретко сведочев на училиште“, признава таа. „А многу ретко сведочев и неформално. Се прашав: ‚Каков пример им давам на моите деца?‘“ Ова ја поттикнало Шери да се потруди повеќе да сведочи неформално.
Да, другите гледаат што правиме и забележуваат ако не го применуваме во пракса она за што поучуваме. Затоа, да се трудиме да стекнеме слобода на говорот со тоа што нашите зборови ќе ги поткрепиме со дела.
Кога се молиме
Слободата на говор е особено важна кога станува збор за нашите молитви до Јехова. На Јехова можеме да му го излееме срцето без да се притеснуваме, потполно уверени дека ќе ги ислуша нашите молитви и ќе ни одговори. На овој начин градиме еден срдечен, близок однос со нашиот небесен Татко. Никогаш не треба да ни биде незгодно да зборуваме со Јехова затоа што можеби си мислиме дека сме премногу безначајни. Што ако не можеме да зборуваме од срце бидејќи нѐ измачува чувство на вина поради некој пропуст или грев? Можеме ли дури и тогаш слободно да зборуваме со Севишниот Господар на вселената?
Возвишената положба на Првосвештеник што ја има Исус ни дава додатна причина за да се молиме со доверба. Во Евреите 4:15, 16 читаме: „За првосвештеник немаме некој кој не може да сочувствува со нашите слабости, туку таков кој во секој поглед е испитан како и ние, но без грев. Затоа, да пристапуваме со слобода на говорот кон престолот на незаслужената љубезност за да добиеме милосрдие и да најдеме незаслужена љубезност за помош во право време“. Толку голема вредност има Исусовата смрт и неговата улога на Првосвештеник.
Ако од сѐ срце сакаме да му бидеме послушни на Јехова, можеме да имаме доверба дека тој ќе нѐ услиши. Апостол Јован напишал: „Љубени, ако нашето срце не нѐ осудува, имаме слобода на говорот пред Бог; и што и да бараме, добиваме од него, бидејќи ги држиме неговите заповеди и го правиме она што е угодно во негови очи“ (1. Јованово 3:21, 22).
Слободно да му се обраќаме на Јехова во молитва значи да му кажеме сѐ што сакаме. Со него можеме да зборуваме за сите стравови, маки, грижи и проблеми што нѐ тиштат, и да бидеме уверени дека тој секогаш ќе ги ислуша нашите искрени молитви. Дури и да сме направиле тежок грев, чувството на вина не мора да нѐ спречи да се молиме доколку искрено се каеме за она што сме го сториле.
Незаслужениот дар на слобода на говор е навистина скапоцен. Тој ни овозможува да го славиме Бог со тоа што проповедаме и ги поучуваме другите, и ни помага да стануваме сѐ поблиски со Јехова додека му се обраќаме во молитва. Затоа, да ‚не ја отфрламе својата слобода на говор, која донесува голема награда‘ — вечен живот (Евреите 10:35).
[Слика на страница 13]
Апостол Павле зборувал со смелост
[Слики на страница 15]
Слободата на говор помага поучувањето да има резултати
[Слика на страница 16]
Многу е важно да се молиме со слобода на говор