Каква е Божјата намера со Земјата?
Каква е Божјата намера со Земјата?
ЗОШТО уживаш да се шеташ низ парк или низ поле со миризливи цвеќиња? Зошто стануваш порасположен кога гледаш некое убаво езеро или планини чии врвови се креваат високо во облаците? Зошто подзапираш да ги чуеш веселите птичји песни од крошните на дрвјата? И зошто е толку убава глетката на грациозен елен што потскокнува или, пак, стадо овци што пасе на ливада?
Има само еден одговор на сите овие прашања. Ние сме создадени да живееме во Рај! Токму во едно такво место и започнале да живеат нашите први родители, Адам и Ева. Желбата да живееме во Рај сме ја добиле од нив, а тие ја добиле од својот Творец, Јехова Бог. Тој знаел дека ние, луѓето, ќе бидеме среќни во Рајот, затоа што нѐ создал со особини што се потребни за да уживаме во таков прекрасен земен дом.
Зошто Јехова ја создал Земјата? Тој ‚ја вообличил за живеење‘ (Исаија 45:18). Творецот на Земјата им дал на Адам и Ева прекрасен рајски дом, градината Еден (Еремија 10:12; Битие 2:7-9, 15, 21, 22). Колку мора да уживале во убавината на тие реки, цвеќиња, дрвја! По небото можеле да се видат прекрасни птици, а по земјата шетале разни видови животни — а ниедно од нив не претставувало опасност за луѓето. Низ бистрите, чисти води на Земјата пливале риби и други суштества. А што е најважно, Адам и Ева биле заедно. Можеле да родат свои деца и да го прошират својот Рајски дом, радосно дружејќи се со својата сѐ поголема фамилија.
Иако Земјата денес не е рај, можеме да ја споредиме со прекрасен дом на една среќна фамилија. Овој глобален дом што ни го дал Бог има сѐ што ни треба — светлина, топлина, вода и храна. Колку само ја цениме сончевата светлина и топлина, како и нежниот блесок на месечината навечер! (Битие 1:14-18). Во подрумот на Земјата има гориво како, на пример, јаглен и нафта што можеме да ги користиме за греење. Вода имаме поради нејзиниот кружен тек во природата и поради земниот систем на реки, езера и мориња. А зелената трева е послана по Земјата како тепих.
Исто како што се складира храната во еден дом, така на Земјата има изобилство храна во нејзиниот шпајз. Со земјоделските производи по полињата и овошје во овоштарниците, Јехова ‚ни дава плодни раздобја и ги полни до ситост нашите срца со храна и веселост‘ (Дела 14:16, 17). Ако Земјата сега е толку прекрасен дом, замисли си како ќе биде кога „среќниот Бог“, Јехова, ќе ја претвори во рај! (1. Тимотеј 1:11).
[Извори на слики на страница 2]
НАСЛОВНА СТРАНИЦА: Земја: фотографија на NASA; Ѕвезди: NASA, ESA and AURA/Caltech