Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Радосен е оној што живее непорочно

Радосен е оној што живее непорочно

Радосен е оној што живее непорочно

„Господовиот благослов збогатува и не придодава никаква мака“ (ПОСЛОВИЦИ 10:22).

1, 2. Зошто треба да внимаваме да не станеме преокупирани со иднината?

„ПРЕОКУПИРАНОСТА со иднината... нѐ спречува да уживаме во она што го имаме сега“, забележал еден американски филозоф. Ова е типична карактеристика на децата, кои толку сакаат да бидат како возрасните што пропуштаат да ги видат убавите работи кои ги носи детството сѐ додека не е предоцна.

2 Дури и Јеховините слуги не се имуни на ваквото размислување. Размисли што може да се случи. Копнееме да се исполни Божјето ветување за рај на Земјата. Едвај чекаме да нема повеќе болести, старост, маки и страдања. Иако е добро со радост да ги чекаме овие добри работи, што ќе се случи ако толку се преокупираме со идните материјални благослови што не ќе можеме да ги видиме духовните благослови кои ги уживаме денес? Каква штета би било тоа! Лесно би можеле да се обесхрабриме и ‚да ни изнемошти срцето поради одложуваната надеж‘, ако ни се чини дека е одложувана подолго отколку што сме замислувале (Пословици 13:12). Поради проблемите и тешкотиите во животот, може да паднеме во замката на безнадежноста или самосожалувањето. Наместо да се бориме со тешките ситуации, можеби ќе почнеме да се жалиме. Сево ова ќе можеме да го избегнеме ако размислуваме за нашите сегашни благослови и ако сме благодарни за нив.

3. Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 „Господовиот благослов збогатува и не придодава никаква мака“, стои во Пословици 10:22. Зарем одличната духовна состојба на денешните слуги на Јехова не е благослов на кој треба да се радуваме? Да разгледаме неколку аспекти од нашата духовна благосостојба и да видиме што значат тие за секого од нас. Ако одвоиме време да размислиме за добрините што им ги прави Јехова на ‚праведните што одат во својата непорочност‘, ќе се зајакне нашата решеност да продолжиме радосно да му служиме на нашиот небесен Татко (Пословици 20:7).

‚Благослови што нѐ збогатуваат‘ сега

4, 5. Кое библиско учење особено ти значи, и зошто?

4 Точно познавање на библиските учења. Религиите на христијанскиот свет обично тврдат дека веруваат во Библијата. Меѓутоа, не се согласуваат во поглед на нејзините учења. Дури и членовите на една иста религија честопати имаат различни гледишта во врска со она што сметаат дека навистина го учи Библијата. Колку се разликува нивната состојба од состојбата на Јеховините слуги! Без оглед на нашето национално, културно или етничко потекло, ние обожаваме Бог чие име го знаеме. Тој не е некој мистериозен троеден бог (Второзаконие 6:4; Псалм 83:18; Марко 12:29). Исто така, јасно ни е дека наскоро треба да се реши најважното прашање во врска со Божјето право да владее, и дека секој од нас има свој личен удел во решавањето со тоа што му останува верен на Бог. Ја знаеме вистината за мртвите и немаме морбиден страв од Бог, за кој некои веруваат дека ги мачи луѓето во пекол или дека ги праќа во чистилиште (Проповедник 9:5, 10).

5 Освен тоа, многу сме радосни што знаеме дека не сме случаен производ на слепа еволуција! Напротив, нас нѐ создал Бог по свој лик (Битие 1:26; Малахија 2:10). „Ти благодарам што сум создаден толку чудесно“, му пеел псалмистот на својот Бог. „Твоите дела [се] прекрасни. Мојата душа тоа добро го знае“ (Псалм 139:14).

6, 7. Кои промени во твојот живот или во животот на другите довеле до благослови?

6 Сме расчистиле со штетните навики и постапки. Медиумите масовно предупредуваат на последиците од пушењето, претераното пиење и промискуитетот. Луѓето најчесто не им обрнуваат внимание на овие предупредувања. Но, што се случува кога некој искрен човек ќе дознае дека вистинскиот Бог ги осудува тие работи и дека оние што го прават тоа го растажуваат? Па, мотивиран е да престане со тие навики! (Исаија 63:10; 1. Коринќаните 6:9, 10; 2. Коринќаните 7:1; Ефешаните 4:30). Иако тоа го прави првенствено за да му угоди на Јехова Бог, тој добива и други благослови — подобро здравје и душевен мир.

7 На многумина им е многу тешко да прекинат со лошите навики. Сепак, секоја година илјадници луѓе успеваат во тоа. Му го заветуваат својот живот на Јехова и се крштаваат во вода, и со тоа јавно покажуваат дека расчистиле со секакви постапки што не му се угодни на Бог. Тоа е големо охрабрување за сите! Уште порешени сме да не робуваме на грешното и лошо постапување.

8. Кои библиски совети придонесуваат за семејната среќа?

8 Среќен семеен живот. Во многу земји, семејствата се во криза. Многу бракови завршуваат со развод, поради што децата честопати добиваат длабоки емоционални лузни. Во некои европски земји, семејствата со еден родител сочинуваат речиси 20 отсто од сите семејства. Како ни помогнал Јехова да живееме непорочно во овој поглед? Прочитај што пишува во Ефешаните 5:22—6:4 и забележи ги убавите совети што им ги дава Божјата реч на мажите, жените и децата. Ако го применуваме она што го пишува таму и на други места во Светото писмо, сигурно ќе се зајакне нашата брачна врска, на родителите сигурно ќе им помогне исправно да ги воспитуваат своите деца, и ќе имаме среќен семеен живот. Зар не треба да се радуваме на овој благослов?

9, 10. Како се разликува нашето гледиште за иднината од гледиштето на светот?

9 Уверени сме дека светските проблеми наскоро ќе бидат решени. И покрај напредокот на науката и технологијата и искрените напори на некои политички лидери, сериозните проблеми на денешницата и понатаму остануваат нерешени. Клаус Шваб, основач на Светскиот економски форум, неодамна изјавил дека „списокот на проблеми со кои се соочува светот станува сѐ подолг, а времето да се решат станува сѐ пократко“. Тој зборувал за „опасности што ги преминуваат државните граници како што се тероризмот, загадувањето на околината и економската нестабилност“. Шваб заклучил: „Сега, повеќе од кога и да е порано, светот се соочува со ситуации за кои треба заеднички и одлучно да се преземе нешто“. Како што годините од овој 21 век си течат, иднината на човештвото, општо земено, останува црна.

10 Колку сме благодарни што знаеме дека Јехова воспоставил поредок што ќе ги реши сите проблеми на човештвото — Божјето месијанско Царство! Преку него, вистинскиот Бог ‚ќе ги прекрати војните‘ и ќе донесе ‚голем мир‘ (Псалм 46:9; 72:7). Помазаниот Цар, Исус Христос, ‚ќе го спаси бедниот, угнетуваниот и немоќниот од насилствата‘ (Псалм 72:12-14). Кога ќе владее Царството, нема да има глад (Псалм 72:16). Јехова „ќе ја избрише секоја солза од [нашите] очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага ни пискот ни болка. Поранешните работи поминаа“ (Откровение 21:4). Царството веќе е воспоставено на небото и наскоро ќе ги преземе потребните чекори за да го реши секој проблем на Земјата (Даниел 2:44; Откровение 11:15).

11, 12. а) Дали задоволствата носат трајна среќа? Објасни. б) Што ни носи вистинска среќа?

11 Знаеме од каде доаѓа вистинската среќа. Како можеме да бидеме вистински среќни? Еден психолог рекол дека среќата се состои од три работи — задоволство, зафатеност (со активности како што се работата и семејството) и смисла (да имаш повисока цел во животот, да правиш работи за другите, а не само за себе). Од овие три, тој го ставил задоволството на последно место, и забележал: „Ова е многу важно затоа што на премногу луѓе животот им се врти околу задоволствата“. Што вели Библијата во врска со ова?

12 Цар Соломон од древниот Израел рекол: „Тогаш реков во своето срце: ‚Дај да го испитам уживањето, и да видам што дава насладувањето‘ — но ете: и тоа е празнина! За смеењето реков: ‚Лудост е!‘ за уживањето: ‚Што ползува тоа?‘“ (Проповедник 2:1, 2). Библијата вели дека среќата што доаѓа од задоволството, во најдобар случај, е само привремена. Дали тоа што ќе бидеме зафатени со некоја работа може да донесе среќа? Ние ја имаме најзначајната работа со која човек може да се зафати — проповедаме за Царството и правиме ученици (Матеј 24:14; 28:19, 20). Со тоа што им ја пренесуваме на другите пораката за спасение што ја содржи Библијата, учествуваме во едно дело што може да значи спасение и за нас и за оние што нѐ слушаат (1. Тимотеј 4:16). Како „Божји соработници“, од лично искуство знаеме дека „повеќе среќа има во давањето, отколку во примањето“ (1. Коринќаните 3:9; Дела 20:35). Ова дело му дава поголема смисла на нашиот живот и му овозможува на нашиот Творец да му одговори на подбивачот, Сатана Ѓаволот (Пословици 27:11). Навистина, Јехова ни покажал дека оддаденоста на Бог носи вистинска и трајна среќа (1. Тимотеј 4:8).

13. а) Зошто Теократската школа за служба е благослов на кој треба да се радуваме? б) Каква корист си извлекол од Теократската школа за служба?

13 Важна и делотворна обука. Герхард служи како старешина во едно собрание на Јеховините сведоци. Сеќавајќи се на својата младост, тој вели: „Кога бев млад, имав проблеми со говорот. Кога се наоѓав под притисок, едвај можев да ги изговарам зборовите и почнував да пелтечам. Се чувствував безвреден и кај мене се разви комплекс на пониска вредност. Татко ми и мајка ми ме запишаа на курс за говорништво, но немаше никаква корист од тоа. Мојот проблем беше од психолошка, а не од физичка природа. Но, Јехова имаше обезбедено нешто прекрасно — Теократската школа за служба. Самото тоа што се запишав во оваа школа, ми влеа храброст. Од дното на душата се трудев да го применувам она што го учев. И имаше одлични резултати! Станав послободен, го надминав комплексот и почнав похрабро да проповедам. Сега држам дури и јавни предавања. Многу сум му благодарен на Јехова, кој ми го смени животот преку оваа школа“. Зар не сме радосни што Јехова нѐ обучува да го вршиме неговото дело?

14, 15. Каква помош имаме кога сме во неволја? Дај пример.

14 Имаме близок личен однос со Јехова и поддршка од обединетото меѓународно братство. Катрин, која живее во Германија, многу се загрижила кога ја чула веста за силниот земјотрес и за цунамито во југоисточна Азија. Кога се случила катастрофата, нејзината ќерка била во Тајланд. Цели 32 часа оваа мајка не знаела дали ќерка ѝ е жива или е една од жртвите чиј број постојано растел. Колку ѝ олеснало кога конечно добила телефонски повик со кој ѝ кажале дека ќерка ѝ е жива!

15 Што ѝ помогнало на Катрин во тие часови на неизвесност? Таа пишува: „Речиси цело тоа време му се молев на Јехова. Секојпат чувствував колкава сила и колкав мир ми дава тоа. Освен тоа, грижливите духовни браќа ме посетуваа и ме храбреа (Филипјаните 4:6, 7). Колку ќе ѝ било потешко ако морала да ги помине тие мачни часови без да му се моли на Јехова и без утехата од духовното братство, кое ѝ покажало толкава љубов! Нашиот близок однос со Јехова и со неговиот Син, како и блиското дружење со христијанското братство, е незаменлив благослов, кој е премногу скапоцен за да го земеме здраво за готово!

16. Кажи едно искуство што покажува колку вреди надежта во воскресение.

16 Надеж дека повторно ќе ги видиме нашите најмили што умреле (Јован 5:28, 29). Младиот Матијас пораснал во фамилија на Јеховини сведоци. Меѓутоа, не сфаќајќи ја вредноста на она што го имал, кога дошол во тинејџерски години се оддалечил од христијанското собрание. Сега тој пишува: „Никогаш не водев длабоки разговори со татко ми. Низ годините, често се каравме. Сепак, татко ми секогаш ми го посакуваше најдоброто. Многу ме сакаше, иако тогаш не го сфаќав тоа. Во 1996 година, додека седев крај неговиот кревет, држејќи го за рака и горко плачејќи, му реков дека многу ми е жал за сѐ што направив и дека многу го сакам. Но, не можеше да ме чуе. По кратко боледување, тој почина. Ако доживеам да го видам татко ми кога ќе воскресне, ќе го надоместиме тоа што го пропуштивме во минатото. А тој сигурно ќе се радува кога ќе види дека сега служам како старешина и дека и јас и жена ми сме пионери“. Колкав благослов е за нас надежта во воскресение!

„Не придодава никаква мака“

17. Како ни помага тоа што размислуваме за Јеховините благослови?

17 Исус го рекол следново за својот небесен Татко: „Тој дава неговото сонце да изгрева над злите и над добрите и да паѓа дожд над праведните и над неправедните“ (Матеј 5:45). Ако Јехова ги благословува дури и неправедните и злите, колку повеќе ги благословува оние што се непорочни! „Не им ускратува Господ добра на оние што одат во невиност“, стои во Псалм 84:11. Кога ќе размислиме со колкаво внимание се грижи за оние што го сакаат, нашите срца се исполнуваат со благодарност и радост!

18. а) Зошто може да се рече дека Јехова не придодава мака со својот благослов? б) Зошто страдаат многу лојални Божји слуги?

18 „Господовиот благослов“ — на него се должи духовниот напредок на неговиот народ. И уверени сме дека тој „не придодава никаква мака“ (Пословици 10:22). Тогаш, зошто многу Божји лојални слуги имаат искушенија и неволји и при тоа доживуваат големи болки и страдање? Нам ни се случуваат неволји и маки од три главни причини. 1) Нашата несовршеност (Битие 6:5; 8:21; Јаков 1:14, 15). 2) Сатана и неговите демони (Ефешаните 6:11, 12). 3) Злобниот свет (Јован 15:19). Иако Јехова дозволува да ни се случуваат лоши работи, тој не ги предизвикува. Всушност, „секој добар дар и секој совршен подарок е одозгора, зашто доаѓа од Таткото на небесните светла“ (Јаков 1:17). Јеховиниот благослов не придодава мака.

19. Што ги очекува оние што продолжуваат да живеат непорочно?

19 За да напредуваме духовно, мораме да бидеме блиски со Бог. Кога ќе станеме блиски со него, ‚си собираме извонреден темел за иднината, за цврсто да го зграпчиме вистинскиот живот‘ — вечниот живот (1. Тимотеј 6:12, 17-19). Во Божјиот нов свет, нашето духовно богатство ќе биде надополнето и со физички благослови. Тогаш, сите оние што ‚го слушаат гласот на Јехова‘ ќе го добијат вистинскиот живот (Второзаконие 28:2). Со зајакната решеност, радосно да продолжиме да живееме непорочно.

Што научи?

• Зошто не е мудро да бидеме преокупирани со иднината?

• Кои благослови ги имаме сега?

• Зошто Божјите верни слуги страдаат?

[Прашања]