Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Смел подвиг да се распространи Библијата

Смел подвиг да се распространи Библијата

Смел подвиг да се распространи Библијата

Издивнал во студената степа на источен Сибир, оцрнет и во немилост. Малкумина знаат дека тој бил една од главните личности што одиграле улога во духовното просветлување на своите сонародници, Грците. Името на овој запоставен пионер било Серафим. Својот смел подвиг да ја распространи Библијата го платил со смрт.

СЕРАФИМ живеел во времето кога Грција била дел од Отоманското Царство. Според грчкиот православен историчар Јоргос Металинос, во тој период „немало соодветни училишта“ и „повеќето луѓе не биле образовани“, вклучувајќи ги дури и свештениците.

Постоел голем јаз помеѓу коине (официјалниот) грчки јазик и говорниот грчки јазик, кој имал многу дијалекти. Тој јаз станал толку голем што коине, на кој биле напишани Христијанските грчки списи, повеќе не можеле да го разберат оние што немале стекнато образование. Во полемиката што следела, црквата одлучила да го шири неразбирливиот коине грчки јазик.

Во вакви услови, во едно угледно семејство на островот Лезбос, во Грција, некаде во 1670 година, се родил Стефанос Јоану Погонатос. На островот владеела сиромаштија и неписменост. Поради тоа што немало доволно училишта, Стефанос морал да стекне основно образование во еден манастир на островот. Уште на многу рана возраст, бил поставен за ѓакон на Грчката православна црква и тогаш го добил името Серафим.

Некаде во 1693 година, желбата за знаење го одвела Серафим во Константинопол (денешен Истанбул, Турција). Со текот на времето, со своите таленти ја стекнал почитта на грчките благородници. Наскоро, Грчкото националистичко движење го испратило како пратеник кај царот Петар Велики во Русија. На патот до Москва и назад, Серафим пропатувал низ голем дел од Европа, каде што бил изложен на ветриштата на верски и интелектуални реформи. Во 1698 година, Серафим заминал во Англија и се запознал со важни личности во Лондон и Оксфорд. Му бил претставен и на надбискупот од Кантербери, поглаварот на англиканската црква, познанство што наскоро потоа многу му користело на Серафим.

Објавување на Библијата

Додека бил во Англија, Серафим дошол до заклучок дека било многу потребно Грците да имаат еден нов, лесно разбирлив превод на „Новиот Завет“ (Христијанските грчки списи). Преведувајќи од едно издание што го објавил калуѓерот Максим повеќе од половина век пред тоа, Серафим се зафатил со работа на еден нов, лесно разбирлив превод од кој ќе бидат отстранети сите грешки. Воодушевено почнал со работа, но наскоро немал веќе средства. Ситуацијата изгледала посветла кога надбискупот од Кантербери ветил дека ќе ја обезбеди потребната финансиска помош. Охрабрен од таквата поддршка, Серафим купил хартија за печатење и склучил договор со еден печатар.

Меѓутоа, печатењето напредувало само до половина од евангелието по Лука. Потоа, политичките промени во Англија го навеле надбискупот од Кантербери да престане со финансирањето. Тоа не го исплашило Серафим, кој побарал помош од некои богати покровители и во 1703 година успеал да ја објави својата ревидирана верзија. Дел од трошоците покрило Здружението за пропагирање на евангелието во странство.

Во постариот двотомен превод на Максим бил вклучен оригиналниот грчки текст. Тој бил голем и тежок. Ревидираната верзија на Серафим била отпечатена во помал формат, го содржела само современиот грчки превод, и била потенка и поефтина.

Уште поголема полемика

„Секако дека луѓето имале вистинска потреба од една ваква ревидирана публикација“, забележува изучувачот Јоргос Металинос. „Меѓутоа, Серафим искористил прилика да нападне една група свештеници што биле против преведувањето [на Библијата].“ Тие се разгневиле кога во предговорот Серафим рекол дека неговиот превод е ‚особено за некои свештеници и извесни презвитери што не го разбирале грчкиот [коине] јазик, па со помош на Најсветиот Дух ќе можеле да читаат и да разберат нешто од оригиналниот текст, за да им го пренесат на обичните христијански верници‘ (The Translation of the Bible Into Modern Greek—During the 19th Century). Така Серафим се нашол во еден вртлог на преведување на Библијата од кој била зафатена грчката православна црква.

На едната страна биле оние што сфатиле дека духовниот и морален развиток на луѓето зависел од тоа дали ќе ја разберат Библијата. Исто така, тие сметале дека свештениците требало да го подобрат своето познавање на Светото писмо. Освен тоа, поборниците на преведувањето на Библијата тврделе дека библиските вистини можат да се изразат на секој јазик (Откровение 7:9).

Противниците на преведувањето на Библијата го користеле изговорот дека со секое преведување на Библијата ќе се промени она што го содржи таа и црквата ќе го изгуби авторитетот врз толкувањето и догмата. Но, тие всушност се плашеле дека протестантите го користат тој превод на Библијата за да ја намалат моќта и влијанието на Грчката православна црква. Многу свештеници мислеле дека мораат да се спротивстават на секаков тренд што би можел да ги прикаже протестантите во позитивно светло, вклучувајќи ги и обидите да се направи Библијата разбирлива за обичниот народ. Затоа, преведувањето на Библијата станало највжештена тема на расправа помеѓу протестантизмот и православието.

Иако немал намера да ја напушти православната црква, Серафим смело зборувал против неукоста и предрасудите на свештениците што му се противеле. Во уводот на својот „Нов завет“, тој напишал: „Секој богобојазлив христијанин треба да го чита Светото писмо“ за да „биде како Христос и да биде послушен на [неговото учење]“. Серафим сметал дека забранувањето да се проучува Светото писмо доаѓа од Ѓаволот.

Бран на противење

Кога преводот на Серафим стигнал во Грција, го разгорел гневот на верските водачи. Овој нов превод бил забранет. Примероци од него биле палени в оган, и на секој што го поседувал или го читал му се заканувало исклучување од црквата. Патријархот Габриел III забранил да се шири преводот на Серафим, и го нарекол непотребен и бескорисен.

Иако Серафим не изгубил надеж, сфатил дека треба да биде претпазлив. И покрај официјалната забрана од страна на Црквата, извесен број свештеници и лаици го прифатиле неговиот превод. Тој многу успешно го ширел овој превод. Сепак, неговиот судир со моќните противници воопшто не бил завршен.

Почетокот на крајот

Освен тоа што се залагал Библијата да им биде достапна на што повеќе луѓе, Серафим се вклучил и во револуционерни и националистички движења. За таа цел, летото 1704 година се вратил во Москва. Му станал доверлив пријател на Петар Велики и извесно време бил професор на Руската кралска академија. Меѓутоа, загрижен за тоа што би можело да се случи со неговиот превод, во 1705 година Серафим се вратил во Константинопол.

Во едно повторно отпечатено издание истата година, Серафим го отстранил спорниот предговор од првобитното издание. Додал еден едноставен увод што охрабрил на читање на Библијата. Ова издание доживело голем тираж, и не е забележана никаква негативна реакција од страна на патријаршијата.

Сепак, во 1714 година, смртоносниот удар го задал Александар Ељадиос, грчки патник и противник на преведувањето на Библијата. Во својата книга Status Præsens Ecclesiæ Græcæ (Сегашната состојба на грчката црква), злобно ги нападнал преведувачите и преводите на Библијата. Ељадиос напишал едно цело поглавје за Серафим, претставувајќи го како крадец, измамник и неписмен и неморален лажливец. Имало ли некаква вистина во таквите обвиненија? Авторот Стилианос Бајрактарис го изнесува основаното мислење на многу изучувачи кога го нарекува Серафим ‚вреден работник и просветлен пионер‘ кој бил нападнат единствено затоа што бил пред своето време. Сепак, книгата на Ељадиос водела до тешкиот крај на Серафим.

Осомничен

Кога Серафим се вратил во Русија во 1731 година, Петар Велики бил умрен. Значи, овој грчки ѓакон повеќе немал официјален заштитник. Императорката Ана Ивановна, која тогаш била на власт, била многу претпазлива во врска со секаква активност што би можела да предизвика немир во нејзиното царство. Во јануари 1732 година, во Санкт Петербург се раширил глас дека некој грчки шпион работел против интересите на империјата. Осомничениот бил Серафим. Тој бил уапсен и испратен во манастирот Невски за натамошно сослушување. Во манастирот имало примерок од книгата на Ељадиос, во која Серафим бил обвинет за различни злодела. Во три писмени побивања, овој ѓакон се обидел да се одбрани од обвиненијата. Сослушувањето траело околу пет месеци, а облакот од сомнежи врз Серафим не можел да се растера така лесно.

Бидејќи против Серафим не бил изнесен валиден доказ, тој бил поштеден од смртна казна. Но, поради обвиненијата на Ељадиос, властите не биле баш спремни да го ослободат Серафим. Овој грчки ѓакон бил осуден на доживотен прогон во Сибир. Во судската одлука стоело дека пресудата се темели на обвиненијата што се изнесени во „делото што го објавил грчкиот автор Ељадиос“. Во јули 1732 година, Серафим пристигнал во источен Сибир врзан во ланци и бил фрлен во злогласниот затвор Охотск.

Околу три години подоцна, Серафим умрел — напуштен и заборавен. Понекогаш, неговото просудување на работите и неговите методи биле погрешни и немудри, но неговиот превод е еден од многуте библиски преводи што денес постојат на современ грчки јазик. * Меѓу нив е и лесно разбирливиот Превод Нов свет на Светото писмо, кој го има и на многу други јазици. Колку сме благодарни што Јехова Бог ја зачувал својата Реч за да можат луѓето во целиот свет да имаат прилика „да дојдат до точно спознание на вистината“! (1. Тимотеј 2:3, 4).

[Фуснота]

^ пас. 26 Види „Борбата за Библија на современ грчки јазик“ во Стражарска кула од 15 ноември 2002, страници 26-29.

[Слика на страница 12]

Петар Велики

[Извор на слика на страница 10]

Фотографии: Со љубезна дозвола на American Bible Society