Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова кажува „однапред за она што уште не се збиднало“

Јехова кажува „однапред за она што уште не се збиднало“

Јехова кажува „однапред за она што уште не се збиднало“

„Оној Сум, Кој од почетокот го открива свршетокот и јавува однапред за она што уште не се збиднало!“ (ИСАИЈА 46:10).

1, 2. Што е значајно во врска со настаните поврзани со падот на Вавилон, и што ни покажува овој факт за Јехова?

 ВО ГЛУВАТА ноќ, непријателските војници крадешкум одат по коритото на реката Еуфрат кон својата цел, моќниот град Вавилон. Кога стигнуваат близу до влезот на градот, ги дочекува една глетка што ги зачудува. Огромната двокрилна врата на вавилонските ѕидини е оставена отворена! Војниците излегуваат од речното корито и влегуваат во градот. Брзо го освојуваат градот. Кир, нивниот водач, веднаш ја презема контролата над освоената земја и подоцна издава наредба да се пуштат израелските заробеници. Илјадници изгнаници се враќаат дома за повторно да почнат да го обожаваат Јехова во Ерусалим (2. Летописи 36:22, 23; Езра 1:1-4).

2 Овие настани што се случиле во 539-537 пр.н.е. ги потврдуваат и историчарите. Она што е значајно во врска со нив е тоа што тие биле познати околу 200 години пред да се случат. Јехова го вдахновил својот пророк Исаија да го опише падот на Вавилон многу однапред (Исаија 44:24—45:7). Бог не ги открил само настаните поврзани со падот на Вавилон туку и името на освојувачот. a Обраќајќи им се на Израелците, кои во тоа време биле негови сведоци, Јехова рекол: „Спомнете си за минатото: Јас Сум Бог, и нема друг Бог, никој не Ми е сличен! Оној Сум, Кој од почетокот го открива свршетокот и јавува однапред за она што уште не се збиднало!“ (Исаија 46:9, 10а). Јехова е навистина Бог што однапред знае што ќе се случи.

3. Одговорите на кои прашања ќе ги разгледаме сега?

3 Колку детално ја знае Бог иднината? Дали Јехова однапред знае што ќе направи секој од нас? Дали нашата иднина е предодредена? Во оваа и во следната статија ќе ги разгледаме библиските одговори на овие и на слични прашања.

Јехова — Бог на пророштва

4. Кој е Изворот на пророштвата што се запишани во Библијата?

4 Бидејќи може да ја предвиди иднината, Јехова ги вдахновил своите слуги во библиските времиња да запишат многу пророштва, кои ни овозможуваат однапред да знаеме каква намера има тој. „Што прореков порано, ете, се збидна, и нови настани Јас навестувам“, вели Јехова. „И пред да се покажат, ви ги јавувам вам“ (Исаија 42:9). Јеховиниот народ навистина има голема чест!

5. Каква одговорност имаат оние што однапред знаат што ќе направи Јехова?

5 Пророкот Амос нѐ уверува: „Господ Бог не прави ништо а да не им ги открие Своите намери на Своите слуги — пророците“. Но, да се знаат работите однапред носи со себе и одговорност. Забележи ја силната споредба што понатаму ја користи Амос: „Лавот рика: кој не ќе се исплаши?“ Исто како што рикањето на лавот веднаш предизвикува реакција и кај луѓето и кај животните што се во близина, така и пророците, како што бил Амос, веднаш го објавувале она што ќе го речел Јехова. „Господ Бог зборува: кој не ќе пророкува?“ (Амос 3:7, 8).

Јеховината реч ќе се исполни

6. На кој начин Јеховината „одлука“ се исполнила во врска со падот на Вавилон?

6 Преку својот пророк Исаија, Јехова рекол: „Мојата одлука ќе се исполни, ќе извршам сѐ што Ми е по волја“ (Исаија 46:10б). Божјата „одлука“, односно неговата волја или намера во врска со Вавилон, вклучувала Кир да биде повикан од Персија за да го освои Вавилон и да го порази. Јехова ја кажал таа своја намера долго време однапред. Како што веќе рековме, таа непогрешливо се исполнила во 539 година пр.н.е.

7. Зошто можеме да бидеме уверени дека Јеховината реч секогаш се исполнува?

7 Речиси четири века пред Кир да го порази Вавилон, цар Јосафат од Јуда се соочил со здружените војски на Амон и Моав. Тој со доверба се молел: „Господи, Боже на нашите татковци, Ти си Бог на небото и владееш над сите кривобожечки царства. Во Твојата рака се таква сила и јачина така што никој не може да се додржи пред Тебе“ (2. Летописи 20:6). Исаија покажал слична доверба кога рекол: „Кога Господ над Војските одлучи, кој ќе се воспротиви? Кога ќе ја испружи раката, кој ќе ја одврати?“ (Исаија 14:27). Подоцна, кога по еден период на лудило на цар Навуходоносор од Вавилон му се вратил разумот, тој понизно признал: „Никој не може да ја запре Неговата рака или да Му рече: ‚Што правиш?‘“ (Даниел 4:35). Да, Јехова го уверува својот народ: „Словото што излегува од Мојата уста не се враќа при Мене без плод, туку го прави она што го сакав и ќе го изврши она заради кое го испратив“ (Исаија 55:11). Можеме да бидеме потполно уверени дека Јеховината реч секогаш се исполнува. Божјата намера е сигурна работа.

Божјата ‚вечна намера‘

8. Која е Божјата ‚вечна намера‘?

8 Во своето писмо до христијаните во Ефес, апостол Павле рекол дека Бог има една ‚вечна намера‘ (Ефешаните 3:11). Не станува збор за некаков план, како Бог да мора да го испланира начинот на кој ќе постапи. Оваа намера е поврзана со Јеховината решеност да го исполни она што во почетокот го наумил за луѓето и за Земјата (Битие 1:28). За да сфатиме колку е сигурна неговата намера, да го разгледаме првото пророштво што е запишано во Библијата.

9. Како стихот од Битие 3:15 е поврзан со Божјата намера?

9 Ветувањето што е дадено во Битие 3:15 покажува дека веднаш откако Адам и Ева згрешиле, Јехова одредил неговата симболична жена да добие потомство, односно син. Исто така, Јехова однапред видел каков ќе биде резултатот од непријателството помеѓу неговата жена и Сатана и помеѓу нивните потомства. Иако Јехова ќе дозволел Семето на Божјата жена да биде рането во петицата, во време што го одредил Бог, Семето ќе ѝ ја столчи главата на змијата, или Сатана Ѓаволот. Во меѓувреме, Јеховината намера сигурно се остварувала преку избраната лоза сѐ до доаѓањето на Исус како ветениот Месија (Лука 3:15, 23-38; Галатите 4:4).

Што предодредува Јехова

10. Дали Јехова уште од почетокот предодредил Адам и Ева да згрешат? Објасни.

10 Зборувајќи за улогата што ја игра Исус во исполнувањето на Божјата намера, апостол Петар напишал: „За [Исус] однапред се знаеше пред основањето на светот, но беше откриен на крајот на времињата заради вас“ (1. Петрово 1:20). Дали Јехова уште од почетокот предодредил Адам и Ева да згрешат, по што тој ќе треба да обезбеди откупна жртва преку Исус Христос? Не. Зборот „основање“ е превод на еден грчки збор што буквално значи „исфрлање семе“. Дали било ‚исфрлено семе‘, односно дали биле зачнати човечки потомци пред да згрешат Адам и Ева? Не. Адам и Ева имале деца дури откако покажале непослушност (Битие 4:1). Значи, по побуната, но пред зачнувањето на потомците на Адам и Ева, Јехова предодредил да се појави ‚семето‘. Преку смртта и воскресението на Исус била обезбедена откупнина, од која се гледа љубовта на Јехова. Со неа ќе биде отстранет наследениот грев и ќе пропадне сиот труд на Сатана (Матеј 20:28; Евреите 2:14; 1. Јованово 3:8).

11. Што предодредил Јехова за да се исполни неговата намера?

11 Бог предодредил уште една работа за да се исполни неговата намера. Тоа се гледа од она што Павле им го напишал на Ефешаните, имено, дека Бог ќе „состави сѐ во Христос, она што е на небесата и она на земјата“. Потоа, во врска со „она што е на небесата“, односно, оние што се избрани за наследници со Христос, Павле објаснил: „Бевме однапред одредени според намерата на оној кој управува со сите работи во склад со советот на својата волја“ (Ефешаните 1:10, 11). Да, Јехова однапред одредил дека еден ограничен број луѓе ќе го сочинуваат второстепениот дел од семето на Божјата жена и заедно со Христос ќе ги излеат благословите од откупнината (Римјаните 8:28-30). Апостол Петар се осврнува на нив како на „света нација“ (1. Петрово 2:9). Апостол Јован имал чест да дознае од една визија колкав е бројот на оние што ќе станат Христови сонаследници — 144.000 (Откровение 7:4-8; 14:1, 3). Поддржувајќи го Христос како Цар, тие служат „за фалба на [Божјата] слава“ (Ефешаните 1:12-14).

12. Од каде знаеме дека не е предодредено кои поединци ќе ги сочинуваат 144.000?

12 Тоа што однапред бил одреден број од 144.000 не значи дека секој од нив бил предодреден да му служи верно на Бог на таков начин. Всушност, опомената во Христијанските грчки списи била напишана првенствено за да ги води и зајакне помазаните да останат верни и достојни за својот небесен повик (Филипјаните 2:12; 2. Солуњаните 1:5, 11; 2. Петрово 1:10, 11). Јехова однапред знае дека 144.000 лица ќе служат во тоа својство. Кои ќе бидат тие зависи од тоа како повиканите ќе одлучат да живеат, одлука што мора да ја донесе лично секој од нив (Матеј 24:13).

Што предвидува Јехова

13, 14. Со што е во склад начинот на кој Јехова го користи своето предзнаење, и зошто?

13 Бидејќи Јехова е Бог на пророштва и сѐ прави со одредена намера, како го користи своето предзнаење? Како прво, уверени сме дека сѐ што прави Бог се одликува со вистинољубивост, праведност и љубов. Кога им пишувал на еврејските христијани во првиот век од н.е., апостол Павле потврдил дека Божјата заклетва и неговото ветување се ‚двете непроменливи работи, во кои е невозможно Бог да лаже‘ (Евреите 6:17, 18). Во своето писмо до ученикот Тит, Павле исто така ја изразил оваа мисла кога напишал дека Бог „не може да лаже“ (Тит 1:2).

14 Понатаму, иако Јехова има неограничена моќ, тој никогаш не постапува неправедно. Мојсеј го опишал Јехова како „верен Бог [во кого] нема неправда, Тој е праведен и вистинит“ (Второзаконие 32:4). Сѐ што прави Јехова е во склад со неговата прекрасна личност. Неговите постапки покажуват совршен склад на неговите главни особини — љубовта, мудроста, правдата и моќта.

15, 16. Каква иднина им подготвил Јехова на Адам и Ева во градината Еден?

15 Размисли како е поврзано сево ова со настаните што се случиле во градината Еден. Како еден грижлив Татко, Јехова им дал на луѓето сѐ што им требало. Му дал на Адам способност да размислува, да просудува за работите и да доаѓа до заклучоци. За разлика од животните што главно се водени од инстинкт, Адам можел да избира. Затоа, кога Бог погледнал долу од својот небесен престол, видел ‚сѐ што направил, и ете, било многу добро‘ (Битие 1:26-31; 2. Петрово 2:12).

16 Кога Јехова одлучил да му забрани на Адам да јаде од „дрвото за познавање на доброто и злото“, му дал доволно упатства, а Адам можел да одлучи што ќе направи. Му дозволил на Адам да јаде од „секое дрво во градината“ освен од едно и го предупредил дека, доколку јаде од забранетото дрво, исходот ќе биде фатален (Битие 2:16, 17). Му објаснил на Адам какви ќе бидат последиците од неговите постапки. Што направил Адам?

17. Зошто може да се рече дека Јехова селективно го користи своето предзнаење?

17 Изгледа дека Јехова одлучил да не предвиди што ќе направи Адам — и Ева — иако Тој ја има способноста да знае сѐ однапред. Значи, не е прашањето дали Јехова може да ја предвиди иднината, туку дали ќе избере да го направи тоа. Освен тоа, логично е да заклучиме дека Јехова, како Бог на љубовта, нема намерно и сурово да предодреди да дојде до побуна — и до сите жалосни последици што ги носи таа (Матеј 7:11; 1. Јованово 4:8). Значи, Јехова селективно го користи своето предзнаење.

18. Зошто тоа што Јехова селективно го користи своето предзнаење не е знак дека е несовршен?

18 Дали тоа што Јехова селективно го користи своето предзнаење значи дека не е совршен? Не. Мојсеј рекол за Јехова дека е „Стена“, и додал: „Делото Му е совршено“. Тој не е виновен за последиците од човечкиот грев. Катастрофалните последици што ги чувствуваме сите ние денес се резултат на непослушноста на Адам. Апостол Павле јасно рекол дека „преку еден човек гревот влезе во светот и преку гревот смртта, така и смртта се прошири на сите луѓе, бидејќи сите згрешија“ (Второзаконие 32:4, 5; Римјаните 5:12; Еремија 10:23).

19. Кои прашања ќе ги разгледаме во следната статија?

19 Досега видовме дека кај Јехова нема неправда (Псалм 33:5). Напротив, Јеховините способности, морални особини и мерила се во склад со неговата намера (Римјаните 8:28). Како Бог на пророштва, Јехова „од почетокот го открива свршетокот и јавува однапред за она што уште не се збиднало“ (Исаија 46:9, 10). Исто така, видовме дека Јехова селективно го користи своето предзнаење. А каде сме ние во сето тоа? Како можеме да знаеме дали нашите одлуки се во склад со Божјата прекрасна намера? И какви благослови ќе ни донесе тоа? Овие прашања ќе ги разгледаме во следната статија.

[Фуснота]

a Види ја брошурата Книга за сите луѓе, страница 28, издадена од Јеховините сведоци.

Можеш ли да објасниш?

• Кои примери од минатото сведочат дека Божјата реч секогаш се исполнува?

• Што предодредил Јехова во врска со неговата ‚вечна намера‘?

• На кој начин Јехова го користи своето предзнаење?

[Прашања]

[Слика на страница 22]

Јосафат имал доверба во Јехова

[Слика на страница 23]

Бог ги прорекол смртта и воскресението на Исус

[Слика на страница 24]

Дали Јехова предодредил Адам и Ева да згрешат?