Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Бог се грижи за постарите

Бог се грижи за постарите

Бог се грижи за постарите

ТОА што денес е толку распространето малтретирањето на постарите не треба да нѐ изненади. Многу одамна Библијата прорекла дека во текот на „последните денови“ од овој безбожен поредок, луѓето ќе бидат „себељубиви... без природна наклоност“ (2. Тимотеј 3:1-3). Грчкиот збор што е преведен со „природна наклоност“ може да ја вклучува и љубовта што природно постои меѓу членовите на едно семејство. Како што е проречено во Библијата, таквата наклоност денес е особено ретка.

Сосема спротивно од оние што ги малтретираат постарите, Јехова Бог многу ги цени и се грижи за луѓето што се во поодминати години. Разгледај што вели Библијата на оваа тема.

„Бранител на вдовиците“

Во Хебрејските списи јасно се гледа дека Јехова Бог се грижи за постарите. На пример, во Псалм 68:5, Давид го нарекува Бог „бранител на вдовиците“, кои честопати се постари. a Без сомнение, Јехова се грижи за вдовиците. Всушност, Библијата вели дека неговиот гнев се распалува кон оние што ги малтретираат (Излез 22:22-24). Бог и неговите слуги многу ги ценат вдовиците и сите верни постари лица. Гледиштето на Јехова Бог и на неговиот народ е изразено со зборовите во Пословици 16:31: „Седите коси се венец на слава; се наоѓаат на патот на правдата“.

Не изненадува тоа што почитувањето на постарите било важен дел од Законот што Јехова им го дал на Израелците. Ним им било заповедано: „Стани пред седа глава; почитувај го лицето на старецот; бој се од твојот Бог. Јас сум Господ!“ (Левит 19:32). Според тоа, ако некој Израелец сакал да има добар однос со Јехова Бог, морал да ги почитува постарите. Никој не можел да каже дека го сака Бог ако ги малтретирал старите лица.

Христијаните не се под Мојсеевиот закон. Но, тие се под „законот на Христос“, кој длабоко влијае врз нивното однесување и нивните ставови, и така ги поттикнува да ги сакаат и да се грижат за родителите и за постарите (Галатите 6:2; Ефешаните 6:1-3; 1. Тимотеј 5:1-3). Христијаните покажуваат љубов од срце, а не само затоа што им е заповедано да го прават тоа. Апостол Петар поттикнувал: „Љубете се еден со друг горливо од срце“ (1. Петрово 1:22).

Ученикот Јаков дава уште една причина зошто да се грижиме за постарите. Тој напишал: „Обликот на обожавање кој е чист и неизвалкан од гледна точка на нашиот Бог и Татко е овој: да се грижиш за сираците и за вдовиците во нивната неволја и да се чуваш без дамка од светот“ (Јаков 1:27). Овие зборови на Јаков се навистина трогателни. Од нив се гледа колку му се важни на Јехова тие драги лица.

Според тоа, не е доволно само да не ги малтретираме старите лица. Напротив, треба да покажеме вистинска грижа за нив со тоа што ќе им помагаме на разни начини. (Види ја рамката „Љубов на дело“ на страници 6 и 7.) Јаков напишал: „Верата без дела е мртва“ (Јаков 2:26).

Утеха „во нивната неволја“

Од зборовите на Јаков можеме да научиме уште нешто. Забележи дека тој им рекол на христијаните да се грижат за вдовиците „во нивната неволја“. Грчкиот збор преведен со „неволја“ во основа значи мака или страдање поради притисоците од тешките околности во животот. Нема сомнение дека многу од постарите доживуваат такви маки. Некои се осамени. Други, пак, се депримирани поради ограничувањата што ги носи староста. Дури и оние што прилично активно му служат на Бог можат да се обесхрабрат. Да го земеме за пример Џон, b кој верно го објавува Божјето Царство повеќе од четири децении, а последните три ги поминал во специјална полновремена служба. Сега, во своите 80-ти години, Џон признава дека понекогаш е обесхрабрен. Тој вели: „Честопати размислувам за минатото и се присетувам на моите грешки, толку многу грешки. Постојано си мислам дека можев да бидам подобар“.

Оние што се чувствуваат вака можат да се утешат од сознанието дека Јехова, иако е совршен, не очекува од нас да бидеме совршени. И покрај тоа што е свесен за нашите грешки, Библијата за него вели: „Ако си спомнуваш, Господи, за гревот, Господи, кој ќе опстане?“ (Псалм 130:3). Да, Јехова гледа зад нашите грешки и забележува што има во нашето срце. Од каде го знаеме тоа?

Цар Давид — кој и самиот бил несовршен и правел грешки — бил вдахновен од Бог да ги компонира зборовите запишани во Псалм 139:1-3: „Господи, ме согледуваш целиот и ме познаваш, Ти знаеш кога седнувам и кога станувам, веќе оддалеку ги знаеш моите мисли. Дали одам или лежам, Ти гледаш сѐ, познати ти се сите мои патишта“. Изразот „Ти гледаш сѐ“ во оригиналниот текст значи „просејува“, слично како што еден земјоделец ја просејува плевата за да го издвои житото. Вдахновен од Бог, Давид нѐ уверува дека Јехова знае како да ги просее и зачува во своето сеќавање нашите добри дела.

Нашиот милостив небесен Татко ги помни и ги цени нашите добри дела сѐ додека му остануваме верни. Навистина, Библијата вели дека за него би било неправедно да го заборави нашето дело и љубовта што сме ја покажале кон неговото име (Евреите 6:10).

„Поранешните работи поминаа“

Според Библијата, Бог немал намера луѓето да ги поднесуваат проблемите што ги носи староста. Дури откако нашите прародители, првите маж и жена, се побуниле против својот Творец, разорните последици од староста станале дел од животот на луѓето (Битие 3:17-19; Римјаните 5:12). Но, тоа нема вечно да трае.

Како што веќе спомнавме, многу од лошите работи што ги доживуваме денес — вклучувајќи го и малтретирањето на постарите — се доказ дека живееме во „последните денови“ од овој поредок (2. Тимотеј 3:1). Бог има намера да ги отстрани последиците од гревот, вклучувајќи го и разорното влијание на староста и смртта. Библијата вели: „[Бог] ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага ни пискот ни болка. Поранешните работи поминаа“ (Откровение 21:4).

Во Божјиот нов свет, маките од староста ќе бидат само минато. Истото важи и за малтретирањето на постарите (Михеј 4:4). Дури и оние што умреле и се наоѓаат во Божјето сеќавање ќе бидат вратени во живот, за да можат и тие да живеат засекогаш на рајската Земја (Јован 5:28, 29). Во тоа време, како никогаш порано, ќе биде јасно дека Јехова Бог се грижи и за постарите и за сите што му се послушни.

[Фусноти]

a Се разбира, некои вдовици не се стари. Фактот дека Бог се грижи и за помладите вдовици се гледа од, на пример, Левит 22:13.

b Не е неговото вистинско име.

[Рамка/слики на страници 6 и 7]

Љубов на дело

Кај Јеховините сведоци, собраниските старешини предводат во грижата за постарите. Тие ги сфаќаат сериозно зборовите на апостол Павле: „Пасете го Божјето стадо кое е под ваша грижа“ (1. Петрово 5:2). Грижата за Божјето стадо подразбира да им се помага на постарите и на практичен начин. Тогаш, што е вклучено во тоа?

За да утврдиме како да му помогнеме на некое постаро лице, треба да бидеме стрпливи и повеќепати да го посетиме и љубезно да поразговараме со него. Можеби треба да му купиме или да исчистиме нешто, да го префрлиме до христијанските состаноци, да му прочитаме нешто од Библијата и од нашите публикации, и уште многу други работи. Секогаш кога е можно, треба добро да се организира и да му се даде практична помош. c

Меѓутоа, што ако некој постар брат или сестра во собранието е во тешка ситуација, при што треба итно да му се помогне финансиски? Прво, би било добро да се информираме дали има деца или роднини што можат да му помогнат. Ова е во склад со стихот од 1. Тимотеј 5:4: „Ако некоја вдовица има деца или внуци, првин тие нека научат да практикуваат побожна оддаденост во своето домаќинство и да им плаќаат должен надоместок на своите родители и на дедовците и бабите, зашто тоа е прифатливо во Божји очи“.

Некои од собранието би можеле да му помогнат на тоа лице да утврди дали има право да прими некаков вид помош од државата. Ако не може да му се помогне на ниеден од наведените начини, старешините ќе утврдат дали лицето ги исполнува условите да прими помош од собранието. Во некои случаи, вакво нешто било одобрено во собранието од првиот век, како што се гледа од зборовите што апостол Павле му ги напишал на својот соработник Тимотеј: „Во списокот нека се внесе онаа вдовица која нема помалку од шеесет години, која била жена на еден маж, која има сведоштво за добри дела, ако одгледала деца, ако гоштавала странци, ако им миела нозе на свети, ако им давала помош на оние во неволја, ако марливо следела секакво добро дело“ (1. Тимотеј 5:9, 10).

[Фуснота]

c За повеќе информации, види ја статијата „Грижа за постарите — христијанска одговорност“ во Стражарска кула од 15 мај, 2004 година.

[Слика на страница 5]

Дорка се грижела за потребите на вдовиците (Дела 9:36-39)