Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Запоставени, малтретирани и стари

Запоставени, малтретирани и стари

Запоставени, малтретирани и стари

ВО ТЕКОТ на својата обиколка, ноќниот чувар бил шокиран од една застрашувачка глетка. Пред самиот влез на една луксузна станбена зграда видел две мртви тела — еден постар брачен пар кој скокнал од прозорецот на својот стан на осмиот кат. Иако нивното самоубиство било многу шокантно, причината за тоа била уште пошокантна. Во писменцето што го нашле во џебот на сопругот пишувало: „Му ставаме крај на нашиот живот затоа што синот и снаата постојано нѐ малтретираат“.

Деталите од овој настан можеби се необични, но суштинскиот проблем е зачестен до степен што загрижува. Навистина, постарите лица се малтретирани скоро на секој дел од планетава. Размисли за следново:

• Резултатите од едно истражување покажуваат дека 4 отсто од постарите лица во Канада се малтретирани или искористувани — обично од некој член на семејството. Меѓутоа, многумина од тие постари лица се срамат или премногу се плашат да зборуваат за својата мака. Експертите велат дека вистинската бројка можеби е близу 10 отсто.

• „Зад фасадата на цврсти семејни врски, индиската нација се распаѓа поради тоа што расте бројот на случаи кадешто децата не сакаат да се грижат за своите остарени родители“, известува списанието India Today.

• Според најдобрите достапни проценки, „од 1 до 2 милиона Американци на возраст од 65 години, или постари, биле повредувани, искористувани или малтретирани на некој друг начин од оние од чија грижа или заштита зависеле“, вели американскиот Државен центар за злоупотреба на стари лица. Заменикот јавен обвинител во Сан Диего (Калифорнија), злоупотребата на старите лица ја нарекува „еден од најсериозните проблеми со кои се соочува законот денес“. Тој додава: „Очекувам во наредните неколку години овој проблем да се зголеми“.

• Во Кантербери (Нов Зеланд) постои сѐ поголема загриженост дека постарите лица се искористувани од членовите на семејството — особено од оние што имаат проблеми со дрога, алкохол или коцкање. Во тој град, бројот на пријавени случаи за злоупотреба на постари лица пораснал во огромна мера: од 65 случаи во 2002 година, на 107 во 2003 година. Генералниот директор на една организација формирана за да се спречи таквото малтретирање вели дека оваа бројка можеби е само „капка во морето“.

• Јапонскиот сојуз на здруженијата на адвокатите советува дека „малтретирањето на постарите лица заслужува да му се посвети поголемо внимание дури и од злоупотребата на деца или другите видови семејно насилство“, известува списанието The Japan Times. Зошто? Според списанието, една причина за тоа е што „злоупотребата на постарите лица обично потешко се открива, за разлика од злоупотребата на деца или на брачниот другар. Делумно, тоа е случај бидејќи постарите лица сметаат дека самите се виновни за насилството од страна на нивните деца, а делумно и затоа што досега владата и локалните службеници не успеале да изнајдат начин да се реши проблемот“.

Овие неколку примери за тоа што се случува низ светот нѐ наведуваат да се запрашаме: Зошто се запоставени и малтретирани толку голем број постари лица? Има ли надеж дека работите ќе се подобрат? Каква утеха постои за постарите?