‚Избери го животот за да живееш‘
‚Избери го животот за да живееш‘
„Пред вас ставам: живот и смрт, благослов и проклетство. И така, избери го животот... за да живееш“ (ВТОРОЗАКОНИЕ 30:19, 20).
1, 2. Во кој поглед човекот бил создаден според Божјиот лик?
„ДА НАПРАВИМЕ човек според Нашиот лик, според Нашата сличност.“ Овие зборови што ги кажал Бог се запишани во првото поглавје од Библијата. И така, „Бог го создаде човекот во Својот лик, Тој го создаде во Божјиот лик“, стои во Битие 1:26, 27. Според тоа, првиот човек се разликувал од сите други суштества на Земјата. Тој личел на својот Творец, со способност да го одразува начинот на кој Бог размислува, да покажува љубов, правда, мудрост и моќ. Бил обдарен со совест што му помагала да донесува одлуки кои ќе му користат нему и ќе му се допаѓаат на неговиот небесен Татко (Римјаните 2:15). Накратко, Адам имал слободна волја. Откако го создал својот син на Земјата, Јехова го погледнал и го проценил своето дело со овие зборови: „Многу добро“ (Битие 1:31; Псалм 95:6).
2 Како потомци на Адам, и ние сме создадени според Божјиот лик и сличност. Меѓутоа, дали навистина можеме да избираме што ќе правиме? Да, зашто иако Јехова може однапред да знае што ќе се случи, тој не ги предодредува нашите постапки и последиците од нив. Никогаш не дозволува врз неговите деца на Земјата да влијае предодреденоста, туку сака тие да ја користат својата слободна волја. За да можеме полесно да сфатиме колку е важно да ја користиме слободната волја за да донесуваме исправни одлуки, најнапред да видиме каква поука можеме да извлечеме од Израелците (Римјаните 15:4).
Слободата на избор во Израел
3. Која била првата од Десетте заповеди, и како верните Израелци избрале да ја послушаат?
3 „Јас Сум Господ, твој Бог, Кој те изведе од Египетската Земја, од домот на ропството“, им рекол Јехова на Израелците (Второзаконие 5:6). Во 1513 година пр.н.е., Израелците со чудо биле избавени од египетското ропство и затоа немале причина да се сомневаат во овие зборови. Во првата од Десетте заповеди, Јехова, преку својот говорник Мојсеј, рекол: „Не ќе имаш никакви други богови покрај Мене“ (Излез 20:1, 3). Во таа прилика Израелците избрале да ја послушаат оваа заповед. Тие доброволно одлучиле да му бидат оддадени само на Јехова (Излез 20:5; Броеви 25:11).
4. а) Каков избор ставил Мојсеј пред Израелците? б) Каков избор имаме ние денес?
4 Околу 40 години подоцна, Мојсеј енергично поттикнал една друга генерација Израелци да размислат за изборот што стоел пред нив. Тој рекол: „Ги земам денес за сведоци против вас небото и земјата дека пред вас ставам: живот и смрт, благослов и проклетство. И така, избери го животот... за да живееш ти и твоето потомство“ (Второзаконие 30:19, 20). Слично на нив, и ние денес можеме да избереме што ќе правиме. Да, можеме да избереме да му служиме верно на Јехова со изглед да добиеме вечен живот, или можеме да избереме да не го слушаме и да ги трпиме последиците што ќе произлезат од тоа. Да разгледаме два примера на луѓе што избрале различни работи.
5, 6. Каков избор направил Исус Навин, и каков бил резултатот од тоа?
5 Во 1473 година пр.н.е., Исус Навин ги водел Израелците во Ветената земја. Во една силна опомена што ја кажал пред да умре, Исус Навин го поттикнал целиот народ: „Ако вам не ви е угодно да Му служите на Господа, тогаш денес изберете кому ќе му служите: можеби на боговите на кои им служеа вашите татковци од онаа страна на Реката, или на боговите на Аморејците во чија земја сега престојувате“. Тогаш, зборувајќи за своето семејство, тој продолжил: „Јас и мојот дом ќе Му служиме на Господа“ (Исус Навин 24:15).
6 Претходно, Јехова го поттикнал Исус Навин да биде храбар и силен, велејќи му да остане послушен на Божјиот закон. Исус Навин ќе можел успешно да оди по тој пат, ако ден и ноќ ја читал книгата на Законот со тивок глас (Исус Навин 1:7, 8). Така и било. Исус бил благословен за изборот што го направил. „Од сите ветувања што Господ му ги даде на Израелевиот дом ниедно не остана неисполнето“, рекол тој. „Сѐ се исполни“ (Исус Навин 21:45).
7. Каков избор направиле некои Израелци во времето на Исаија, и какви биле последиците од тоа?
7 Спротивно на него, размисли за ситуацијата во која се нашол Израел околу 700 години подоцна. Дотогаш, многу Израелци почнале да следат пагански обичаи. На пример, последниот ден од годината, луѓето се собирале околу една трпеза на која имало секакви вкусни јадења и вино. Тоа не била обична семејна седенка, туку религиозна церемонија во чест на два пагански бога. Пророкот Исаија напишал што мислел Бог за ваквото неверство: „Вие, кои Го оставивте Господа, кои ја заборавивте Мојата Света Гора, кои му приготвувате стол на Гад [богот на Среќата, NW], кои му налевате налевница на Мениј [богот на Судбината NW]“. Тие мислеле дека жетвата таа година ќе биде добра, не затоа што Јехова ќе ги благослови, туку затоа што ќе им угодат на „богот на Среќата“ и на „богот на Судбината“. Но, со својата бунтовност и со изборот што доброволно го направиле тие, всушност, си ја запечатиле судбината. „Ве одредив за меч“, рекол Јехова, „ќе паднете ничкум, за да ве колат. Зашто ве викав, а вие не одговаравте, зборував, а вие не слушавте, туку вршевте што е зло во Моите очи, го избравте она што не е по Моја волја“ (Исаија ). Поради немудриот избор тие биле уништени, а богот на Судбината и богот на Среќата не можеле да го спречат тоа. 65:11, 12
Да се направи исправниот избор
8. Според Второзаконие 30:20, што е потребно за да направиме исправен избор?
8 Кога Мојсеј ги поттикнал Израелците да изберат живот, истакнал три чекори што требало да ги направат: „Ќе го сакаш Јехова, својот Бог, ќе го слушаш неговиот глас и ќе се држиш за него“ (Второзаконие 30:20, NW). Да го разгледаме секој од овие чекори за да знаеме како да направиме исправен избор.
9. Како можеме да покажеме дека го сакаме Јехова?
9 Го сакаме Јехова, нашиот Бог: Избираме да му служиме на Јехова затоа што го сакаме. Со тоа што обрнуваме внимание на предупредувачките примери од времето на Израелците, им одолеваме на сите искушенија да направиме неморал и не живееме на начин што може да нѐ наведе да се фатиме во замката на материјализмот која ни ја поставува овој свет (1. Коринќаните 10:11; 1. Тимотеј 6:6-10). Се држиме близу до Јехова и за неговите уредби (Исус Навин 23:8; Псалм 119:5, 8). Пред да влезат во Ветената земја, Мојсеј ги опоменал Израелците: „Ете, Јас ве поучив за законите и уредбите, како што Господ, мојот Бог, ми нареди да ги вршите во земјата во која одите, за да ја наследите. Пазете ги и вршете ги: тоа ќе биде, во очите на народите, ваша мудрост и ваша разумност“ (Второзаконие 4:5, 6). Сега е време да покажеме дека го сакаме Јехова со тоа што неговата волја ќе ни биде на прво место во животот. Ако избереме да го правиме тоа, сигурно ќе бидеме благословени (Матеј 6:33).
10-12. Што можеме да научиме од она што се случило во времето на Ное?
10 Го слушаме Божјиот глас: Ное бил ‚проповедник на праведноста‘ (2. Петрово 2:5). Речиси сите луѓе што живееле пред Потопот имале други работи на ум и ‚не обрнале внимание‘ на опомените на Ное. Какви биле последиците? „Дојде потопот и ги однесе сите.“ Исус предупредил дека нашево време, времето на „присутноста на Синот човечки“, ќе биде слично. Она што се случило во времето на Ное служи како силно предупредување за луѓето што денес избираат да не обрнат внимание на Божјата порака (Матеј 24:39).
11 Оние што се потсмеваат на предупредувањата од Бог, кои ги разгласуваат неговите слуги денес, треба да сфатат какви ќе бидат последиците ако не обрнат внимание на тие предупредувања. За таквите потсмевачи апостол Петар рекол: „Според нивната желба, тие го превидуваат фактот дека постоеле небеса од дамнина и земја која цврсто се издигала од водата и среде водата преку Божјата реч; преку кои светот од тоа време претрпе уништување кога беше потопен со вода. А сегашните небеса и земја преку истата таа реч се сочувани за оган и се чуваат до денот на судот и уништувањето на безбожните луѓе“ (2. Петрово 3:3-7).
12 Колку поинаков избор направиле Ное и неговото семејство! „Со вера Ное, откако доби божествено предупредување за она што уште не се гледаше, покажа побожен страв и изгради арка.“ Затоа што обрнал внимание на предупредувањето, неговото семејство се спасило (Евреите 11:7). Кога се работи за Божјата порака, и ние треба да бидеме брзи на слушање, и послушно да постапуваме во склад со неа (Јаков 1:19, 22-25).
13, 14. а) Зошто е многу важно ‚да се држиме за Јехова‘? б) Како му допуштаме на Јехова, „нашиот Грнчар“, да нѐ обликува?
13 Се држиме за Јехова: За да го ‚избереме животот и да живееме‘, не само што мораме да го сакаме и да го слушаме Јехова, туку мораме и ‚да се држиме за Јехова‘, односно, истрајно да ја вршиме неговата волја. „Преку својата истрајност ќе ги добиете своите души“, рекол Исус (Лука 21:19). Всушност, изборот што ќе го направиме во врска со ова покажува што ни е во срцето. „Блажен е човек, кој секогаш се бои, зашто човек со тврдо срце запаѓа во неволја“, се вели во Пословици 28:14. Фараонот од древниот Египет е пример за второво. По секоја од десетте неволји што го снашле Египет, наместо да покаже страв од Бог, фараонот станал уште потврдокорен. Јехова не го присилил фараонот да биде непослушен, туку му дозволил на тој горделив владетел да избира. Во секој случај, Јеховината волја се исполнила. Во врска со тоа какво мислење имал Јехова за фараонот, апостол Павле објаснил: „Токму поради тоа те оставив, за да ја покажам мојата моќ во врска со тебе и за да биде моето име објавено по целата земја“ (Римјаните 9:17).
14 Долги векови откако Израелците биле избавени од власта на фараонот, пророкот Исаија рекол: „Наш Татко си, о Господи: ние сме глина, а Ти си нашиот Грнчар — сите ние сме дело на Твоите раце“ (Исаија 64:8). Кога му допуштаме на Јехова да нѐ обликува преку проучувањето и примената на неговата Реч, постепено ја облекуваме новата личност. Стануваме покротки и полесни за обликување, што ни помага лојално да се држиме за Јехова зашто од срце сакаме да го радуваме (Ефешаните 4:23, 24; Колошаните 3:8-10).
„Поучи ги за нив“
15. Според Второзаконие 4:9, на која двојна одговорност Мојсеј ги потсетил Израелците?
15 На насобраните Израелци, кои биле на прагот на Ветената земја, Мојсеј им рекол: „Внимавај и чувај се добро да не ги заборавиш делата што ги виде со своите очи; нека не ти исчезнат од срцето ниту во еден ден на твојот живот; спротивно, поучи ги за нив твоите синови и синовите на твоите синови“ (Второзаконие 4:9). За да добиеле благослов од Јехова и да напредувале во земјата што требало да ја наследат, луѓето морале да исполнат двојна одговорност пред Јехова, нивниот Бог. Не смееле да ги заборават прекрасните работи што ги направил Јехова пред нивните очи, и требало да ги поучуваат идните генерации за нив. Како Божји народ денес, и ние мораме да го правиме истото за да ‚го избереме животот и да живееме‘. Што сме виделе ние со свои очи дека Јехова направил за нас?
16, 17. а) Што постигнале мисионерите од Гилеад во делото на проповедање за Царството? б) Знаеш ли лица на кои не им опаднала ревноста?
16 Пресреќни сме кога гледаме дека Јехова го благословува нашето дело на проповедање и правење ученици. Откако во 1943 година беше отворена Школата Гилеад, во многу земји мисионерите предводеа во делото на правење ученици. До ден-денес, оние што меѓу првите дипломираа на оваа школа продолжуваат ревносно да проповедаат за Царството, иако се во поодминати години, а некои од нив имаат и физички пречки. Еден добар пример е Мери Олсон, која дипломираше на Гилеад во 1944 година. Таа прво служеше како мисионер во Уругвај, потоа во Колумбија, а сега служи во Порторико. Иако поради физичките проблеми што ги носи староста не може да прави онолку колку што правела порано, сестра Олсон и понатаму проповеда со истата ревност. Бидејќи знае шпански, секоја седмица има договорено да оди во служба на проповедање со тамошните објавители.
17 Ненси Портер, сега вдовица, дипломираше на Школата Гилеад во 1947 година, и сѐ уште служи на Бахамите. Таа е уште една мисионерка која е зафатена со делото на проповедање. Во својата животна приказна, a сестра Портер вели: „Поучувањето на другите за библиската вистина ми е посебен извор на радост. Тоа ми овозможува една уредна духовна рутина што ми дава устројство и стабилност во животот“. Кога сестра Портер и другите верни слуги ќе размислат за својот живот, не забораваат што направил Јехова. Како е со нас? Дали и ние размислуваме со благодарност за тоа како Јехова го благословува делото на Царството во нашето место? (Псалм 68:11).
18. Што можеме да научиме од животните приказни на мисионерите?
18 Воодушевени сме од она што овие долгогодишни слуги го постигнале и сѐ уште го постигнуваат. Кога ги читаме нивните животни приказни, наоѓаме големо охрабрување зашто кога гледаме што направил Јехова за тие верни лица, се зајакнува нашата решеност да му служиме. Ги читаш ли редовно таквите интересни статии што излегуваат во Стражарска кула и размислуваш ли за нив?
19. Како можат родителите да ги користат животните приказни што се објавени во Стражарска кула?
19 Мојсеј ги потсетил Израелците дека не смеат да заборават ништо од она што Јехова го направил за нив и дека тоа треба да им биде во срцето сѐ додека се живи. Потоа додал уште нешто: „Поучи ги за нив твоите синови и синовите на твоите синови“ (Второзаконие 4:9). Животните приказни се особено интересни. На младите им треба добар пример додека растат. Немажените сестри можат да учат од примерот на верност на постарите сестри чии животни приказни се објавени во Стражарска кула. И браќата и сестрите имаат поголема можност да бидат зафатени со проповедањето на добрата вест доколку во својата земја служат на подрачје на друг јазик. Родители, зошто да не ги користите искуствата на верните мисионери од Гилеад, како и други за да ги поттикнете своите деца да изберат живот посветен на полновремената служба?
20. Што мораме да правиме за да ‚го избереме животот‘?
20 Значи, како може секој од нас да ‚избере живот‘? Така што ќе ја користиме слободната волја која ни е дадена како прекрасен дар за да му покажеме на Јехова дека го сакаме, и така што ќе продолжиме да даваме сѐ од себе во службата сѐ додека тој ни ја дава таа чест. Зашто, како што рекол Мојсеј, Јехова „е твојот живот, твојот долг век“ (Второзаконие 30:19, 20).
[Фуснота]
a Види ја статијата „Радосна и благодарна и покрај болната загуба“ во Стражарска кула од 1 јуни 2001 година, страници 23-27.
Се сеќаваш ли?
• Што научи од примерите што ги разгледавме во врска со тоа кога бил направен различен избор?
• Кои чекори мораме да ги направиме за да ‚избереме живот‘?
• Која двојна одговорност ја имаме?
[Прашања]
[Слика на страница 26]
„Пред вас ставам: живот и смрт“
[Слика на страница 29]
Ное и неговото семејство се спасиле затоа што го слушале гласот на Бог
[Слика на страница 30]
Мери Олсон
[Слика на страница 30]
Ненси Портер