Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Избрани стихови од втората книга на Псалмите

Избрани стихови од втората книга на Псалмите

Јеховината реч е жива

Избрани стихови од втората книга на Псалмите

КАКО слуги на Јехова, ние очекуваме испити и искушенија. „Сите оние кои сакаат да живеат со побожна оддаденост во поврзаност со Христос Исус, исто така ќе бидат прогонувани“, напишал апостол Павле (2. Тимотеј 3:12). Што ќе ни помогне да истраеме низ искушенијата и прогонствата, и на тој начин да докажеме дека му остануваме верни на Бог?

Втората од петте збирки псалми претставува таква помош. Во Псалми 42 до 72 гледаме дека, ако сакаме успешно да ги пребродиме искушенијата, мора да имаме потполна доверба во Јехова и да научиме да чекаме тој да нѐ избави. Колку драгоцена поука! Пораката од Втората книга на Псалмите, како и од остатокот на Божјата реч, е навистина „жива и врши силно влијание“ до ден-денес (Евреите 4:12).

ЈЕХОВА НИ Е „ЗАСОЛНИШТЕ И ТВРДИНА“

(Псалми 42:1—50:23)

Еден левит е во изгнанство. Растажен затоа што не може да оди во Јеховиното светилиште за да му служи на Бог таму, се теши себе си, велејќи: „Зошто си ми, душо изнемоштена и зошто си жалосна во мене? Надевај се на Бога“ (Псалми 42:5, 11; 43:5). Овој стих се повторува за да ги поврзе трите строфи од Псалми 42 и 43 во една поема. Псалм 44 е сесрдна молба во врска со Јуда — народот е во неволја, најверојатно затоа што им се заканува опасност дека ќе ги нападне Асирија во времето на цар Езекија.

Псалм 45, песна што опишува една царска свадба, е пророштво за Месијата, кој ќе стане Цар. Следните три псалми го прикажуваат Јехова како „засолниште и тврдина“, „Велик Цар на целата земја“ и „цврста тврдина“ (Псалми 46:1; 47:2; 48:3). Псалм 49 многу убаво ни покажува дека човек „не може никако да го откупи брата си“! (Псалм 49:7). За автори на првите осум псалми од втората збирка се сметаат Кореевите синови. А деветтиот, односно 50-тиот псалм, го составил Асаф.

Одговорени библиски прашања:

44:19 — Што е „престојувалиштето на шакалите“? Најверојатно псалмистот зборува за бојно поле, каде што погубените стануваат храна за шакалите.

45:13, 14а — Која е „царската ќерка“ што „ја доведуваат при царот“? Тоа е ќерката на ‚Царот на вечноста‘, Јехова Бог (Откровение 15:3). Таа го претставува прославеното собрание од 144.000 христијани, кои Јехова ги усвојува како свои деца со тоа што ги помазува со својот дух (Римјаните 8:16). Оваа „ќерка“ на Јехова, ‚подготвена како невеста украсена за својот маж‘, ќе биде доведена при младоженецот — месијанскиот Цар (Откровение 21:2).

45:14б, 15 — Кого го претставуваат ‚девиците‘? Тие се ‚едно големо мноштво‘ вистински обожаватели, кои се обединуваат со помазаниот остаток и му помагаат. Бидејќи „доаѓаат од големата неволја“ живи, ќе бидат на Земјата кога свадбата на месијанскиот Цар на небото ќе биде подготвена (Откровение 7:9, 13, 14). За нив тоа ќе биде настан на „веселба и радост“.

45:16 — Во која смисла синовите ќе ги наследат татковците на царот? Кога бил роден на Земјата, Исус имал предци од Земјата. Тие ќе станат негови синови кога тој ќе ги воскресне од мртвите за време на своето илјадагодишно владеење. Некои од нив ќе бидат назначени за „кнезови на целата земја“.

50:2 — Зошто Ерусалим е наречен „прекрасен“? Не затоа што така изгледал. Големата убавина на Ерусалим се должела на тоа што Јехова го користел и му дал величественост со тоа што го одбрал за место каде што ќе се наоѓа неговиот храм и за град каде што ќе живеат неговите помазани цареви.

Поуки за нас:

42:1-3. Како што една кошута во сушно место жеднее за вода така левитот копнеел по Јехова. Неговата тага поради тоа што не можел да му служи на Јехова на неговото свето место била толку голема што ‚солзите му биле храна дење и ноќе‘, односно го изгубил апетитот. Зар не треба и ние да чувствуваме огромно ценење за можностите што ги имаме да му служиме на Јехова заедно со своите соверници?

42:4, 5, 11; 43:3-5. Ако од некоја причина, врз која не можеме да влијаеме, привремено сме одвоени од христијанското собрание, може да црпиме сила размислувајќи колку ни беше убаво порано, кога и ние бевме таму. Иако во почетокот тоа може да ни ја зголеми болката поради осаменоста, сепак ќе нѐ потсети и дека Бог е нашето засолниште и дека треба да се потпреме на него за да ни биде полесно.

46:1-3. Сеедно каква несреќа ќе не снајде, мора да имаме непоколеблива доверба дека „Господ ни е засолниште и тврдина“.

50:16-19. Оној што зборува лаги и прави злобни работи нема право да го претставува Бог.

50:20. Наместо едвај да чекаме да ги разгласиме грешките на другите, треба да преминеме преку нив (Колошаните 3:13).

„ДУШО МОЈА, МИРОТ Е САМО ВО БОГА“

(Псалми 51:1—71:24)

Оваа група псалми започнува со молитвата во која Давид го излева своето срце по гревот со Витсавеја. Псалми 52 до 57 покажуваат дека Јехова ќе ги избави оние што ги фрлаат своите грижи на него и чекаат тој да ги спаси. Како што се гледа во Псалми 58-64, Давид низ сите свои неволји барал заштита од Јехова. Тој пее: „Душо моја, мирот е само во Бога, мојата надеж е само на Него“ (Псалм 62:5).

Блискоста што ја чувствуваме со својот Избавител треба да нѐ поттикне да ја ‚опеваме славата на Неговото име‘ (Псалм 66:2). Јехова е фален како великодушен дарител во Псалм 65, како Бог што спасува во Псалми 67 и 68, и како Избавител во Псалми 70 и 71.

Одговорени библиски прашања:

51:12 — Со чиј „слободен дух“ барал да биде поткрепен Давид? Ова не се однесува ниту на Божјата спремност да му помогне на Давид ниту на Јеховиниот свет дух, туку на сопствениот дух на Давид, односно на неговата умствена склоност. Тој го моли Бог да вметне во него желба да го прави она што е исправно.

53:1 — Во која смисла оној што одрекува дека постои Бог е наречен „безумник“? Тоа што е наречен безумник не значи дека не е доволно интелигентен. Од моралниот пад опишан во текстот што следи во Псалм 53:1-4 јасно се гледа дека станува збор за морална безумност, односно нечувствителност.

58:3-5 — На кој начин злобните се како змија? Лагите што ги кажуваат за другите се како змиски отров. Тие му наштетуваат на добриот глас на своите жртви исто како што змискиот отров му штети на телото. ‚Како лутица што ги затнува ушите‘, злобните не слушаат кога им се дава совет или исправка.

58:7 — Како злобните ‚се излеваат како водите што истечуваат‘? Можеби Давид мислел на водите во некои речни долини во Ветената земја. Иако еден порој обично би го подигнал нивото на водата во една таква долина, сепак овие води брзо истекувале и ги снемувало. Давид се молел брзо да исчезнат злобните.

68:13 — Како ‚крилата на гулабицата заблистале со сребро, а нејзиното перје со жолтикаво злато‘? Дел од перјата на некои видови гулаби со сино-сива боја имаат отсјај што се прелева во други бои. На златната сончева светлина нивните пердуви добиваат метален изглед. Најверојатно Давид ги споредил израелските војници што по победата се враќале дома со еден таков гулаб — со силни крилја и блескав изглед. Некои изучувачи сметаат дека е можно описот да се однесува и на некој уметнички изработен предмет, како на пример трофеј. Во секој случај, Давид зборувал за победите над непријателот, кои Јехова им ги дал на својот народ.

68:18 — Кои биле ‚луѓето како дарови‘ (NW)? Тоа биле заробените луѓе при освојувањето на Ветената земја. Подоцна тие биле назначени да им помагаат на левитите во нивната работа (Езра 8:20).

68:30 — Што значи барањето да ‚се скроти ѕверот во трската‘? Изразувајќи се симболично, Давид ги нарекува непријателите на Јеховиниот народ ѕверови, и бара од Бог да ги скроти, односно да ја контролира нивната моќ да им наштетат.

69:23 — Што се мисли со изразот ‚нека им ослабеат боковите на непријателите‘? Мускулите на боковите, или поточно на бедрата, се многу важни за да може човекот да заврши понапорни задачи, како на пример да крене и да носи тежок товар. Слаби бедра значат малку сила. Давид се молел неговите непријатели да ја изгубат силата.

Поуки за нас:

51:1-4, 17. Тоа што сме направиле грев не мора да нѐ оттуѓи од Јехова. Ако се покаеме, можеме да бидеме сигурни дека тој ќе биде милостив.

51:5, 7-10. Ако сме направиле грев, можеме да го молиме Јехова да ни прости поради нашата наследена несовршеност. Исто така треба да го молиме да нѐ очисти, да нѐ закрепне, да ни помогне да ги отстраниме грешните склоности од своето срце и да ни даде „постојан дух“.

51:18. Гревовите на Давид претставувале закана за доброто на целиот народ. Затоа тој се молел Бог да му биде милостив на Сион. Кога правиме сериозен грев, често им нанесуваме срам на Јеховиното име и на собранието. Треба да му се молиме на Бог да ја поправи штетата што можеби сме ја направиле.

52:8. И ние можеме да бидеме „како зелена маслина, во Божјиот Дом“, односно блиски со Јехова и продуктивни во неговата служба, на тој начин што ќе му бидеме послушни и спремно ќе прифатиме кога тој ќе нѐ кара (Евреите 12:5, 6).

55:4, 5, 12-14, 16-18. Заговорот од неговиот роден син Авесалом и предавството од Ахитофел, советникот во кого имал доверба, создале во Давид силна емоционална болка. Но, тоа не ја намалило довербата што ја имал во Јехова. И ние не треба да дозволиме емоционалните притисоци да ја ослабат нашата доверба во Бог.

55:22. Како му ја доверуваме својата грижа на Јехова? Тоа го правиме на тој начин што 1) му се молиме во врска со тоа што нѐ загрижува, 2) бараме водство и поддршка од неговата Реч и организација и 3) правиме сѐ што можеме за да излеземе на крај со ситуацијата (Пословици 3:5, 6; 11:14; 15:22; Филипјаните 4:6, 7).

56:8. Јехова е свесен не само во каква ситуација се наоѓаме туку и како таа влијае врз нашите емоции.

62:11. На Бог не му е потребен надворешен извор на енергија. Тој самиот е изворот на сета енергија. „Силата е во Бога.“

63:3. Божјата „љубов е подобра од животот“ затоа што без неа, животот е бесмислен. Мудро е да развиваме пријателство со Јехова.

63:6. Ноќта, кога е тивко и ништо не ни го одвлекува вниманието, може да претставува одлично време за размислување.

64:2-4. Штетното озборување може да го уништи добриот углед на некој без да е виновен. Не треба ниту да слушаме ниту да шириме такво озборување.

69:4. За да го задржиме мирот, понекогаш можеби е мудро „да вратиме“ со извинување, иако не сметаме дека сме згрешиле.

70:1-5. Јехова слуша кога го молиме брзо да ни помогне (1. Солуњаните 5:17; Јаков 1:13; 2. Петрово 2:9). Бог може да дозволи некое искушение да потрае, но ќе ни даде мудрост да се справиме со ситуацијата и ќе ни даде сила да издржиме. Нема да дозволи да бидеме искушани повеќе од она што сме способни да го издржиме (1. Коринќаните 10:13; Евреите 10:36; Јаков 1:5-8).

71:5, 17. Давид станал храбар и силен затоа што се надевал на Јехова уште како млад — уште пред да се соочи со филистејскиот џин Голијат (1. Самоил 17:34-37). Младите треба да се потпираат на Јехова во сѐ што прават.

„Нека се исполни целата земја со Неговата слава“

Последната песна во втората збирка псалми зборува за владеењето на Соломон, како претслика на условите што ќе постојат кога ќе владее Месијата. Колку убави благослови се опишани таму — бескраен мир, крај на угнетувањето и насилството, изобилен род на житото по земјата! Ќе бидеме ли и ние меѓу оние што ќе им се радуваат на ваквите, а и на други благослови на Царството? Тоа е возможно ако сме, исто како псалмистот, готови да го чекаме Јехова, кој е наше засолниште и тврдина.

‚Молитвите на Давид завршуваат‘ со зборовите: „Благословен да е Господ, Израелевиот Бог, Кој единствен твори чудеса! И благосовено да е Неговото славно име довека! Нека се исполни целата земја со Неговата слава! Така нека биде. Амин!“ (Псалм 72:18-20). Како него, и ние од сѐ срце да го благословуваме Јехова и да го фалиме неговото славно име.

[Слика на страница 9]

Дали знаеш кого го претставува „царската ќерка“?

[Слика на страници 10 и 11]

Ерусалим е наречен „прекрасен“. Знаеш ли зошто?