Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Применувај ги библиските начела и ќе бидеш задоволен

Применувај ги библиските начела и ќе бидеш задоволен

Применувај ги библиските начела и ќе бидеш задоволен

СИГУРНО си видел склопчено маче како мирно преде — слика на вистински блажено задоволство. Колку би било убаво да можеш и ти да се склопчиш задоволен како него! Но, за многумина задоволството е нешто што тешко се наоѓа, а брзо се губи. Зошто е така?

Затоа што често се сопнуваме од сопствената несовршеност, а мораме да се справуваме и со пропустите на другите. Освен тоа, живееме во времиња што Библијата ги нарекува „последните денови“ и ги опишува како „критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“ (2. Тимотеј 3:1-5). Дури и да имаме убави спомени на едно среќно детство, сега повеќето од нас го чувствуваат во полна мера притисокот од овие „критични времиња“. Можно ли е човек да чувствува задоволство во нашево време?

Забележи, Библијата не вели дека ќе биде невозможно, туку дека ќе биде тешко да се излезе на крај со овие критични времиња. Можеме да излеземе на крај со нив ако ги применуваме библиските начела. Можеби нема секогаш да ги решиме проблемите, но ќе чувствуваме извесна мера задоволство. Да разгледаме три такви начела.

Имај реалистично гледиште

За да бидеме задоволни, мора да имаме реалистично гледиште и за своите и за туѓите ограничувања. Во своето писмо до Римјаните, апостол Павле истакнува: „Сите згрешија и не ја одразуваат Божјата слава“ (Римјаните 3:23). Има многу аспекти на Јеховината слава што ние едноставно не можеме да ги разбереме. Еден пример за ова е едноставната вистина запишана во Битие 1:31: „Бог виде сѐ што направи, и ете, беше многу добро“. Кога и да посака да се наврати на она што го сторил во минатото, Јехова секогаш може да рече дека ‚било многу добро‘. Нема човек што може секогаш да го каже тоа за себе. Свесноста за нашите граници е првиот чекор што води кон задоволство. Но, потребно ни е уште нешто. Треба да го сфатиме и да го прифатиме начинот на кој Јехова гледа на работите.

Коренот на грчкиот збор преведен со „грев“ значи „да се промаши целта“. На пример, замисли си некој што се надева дека ќе добие награда така што ќе погоди мета со стрела. Може да употреби три стрели. Стрела со првата и ја промашува метата за цел метар. Нишани подобро со втората стрела, но сепак ја промашува целта за половина метар. Максимално сконцентриран, ја пушта третата стрела и промашува за само 2 сантиметра. Толку близу до целта, но сепак — промашено си е промашено.

Сите ние сме како овој разочаран стрелец. Понекогаш се чини дека „ја промашуваме целта“ за многу. Другпат успеваме да бидеме подобри, но сепак не ја погодуваме. Незадоволни сме зашто, иако сме вложиле толку многу труд, на крајот сепак не било доволно. Но, да се вратиме на стрелецот.

Тој полека се свртува да замине, разочаран зашто навистина сакал да ја добие таа награда. Одеднаш оној што го води натпреварот го повикува да се врати и му врачува награда, велејќи: „Ти ја доделувам оваа награда зашто ми се допаѓаш, а видов и колку многу се трудеше“. Стрелецот е воодушевен!

Воодушевен! Секој што ќе го добие од Бог „дарот“ на вечен живот во совршенство ќе се чувствува така (Римјаните 6:23). Тогаш, сѐ што ќе прави ќе биде добро — никогаш повеќе нема да ја промаши целта. Ќе се чувствува совршено задоволен. Дотогаш, ако задржиме вакво гледиште, ќе ни биде подобро и нам, а ќе имаме и подобри чувства кон оние околу нас.

Не заборавај дека за сѐ треба време

Факт е дека секоја работа си бара време. Но, си забележал ли колку е тешко да останеш задоволен кога за нешто мораш да чекаш многу подолго отколку што си очекувал или кога некоја непријатна ситуација трае подолго отколку што си мислел дека ќе трае? Сепак, и во вакви ситуации, некои успеале да бидат задоволни. Да го земеме, на пример, Исус.

Пред да дојде на Земјата, Исус бил вистински пример за послушност на небесата. Сепак, на Земјата тој ‚се научил на послушност‘. Како? ‚Од она што го претрпел‘. Пред тоа тој гледал страдања, но никогаш не ги почувствувал на своја кожа. Кога бил на Земјата, особено од неговото крштавање во реката Јордан до неговата смрт на Голгота, тој минал низ многу тешки ситуации. Не ни е познато низ што сѐ требало да помине Исус за да биде „направен совршен“ во тој поглед, но знаеме дека за ова било потребно време (Евреите 5:8, 9).

Исус успеал затоа што размислувал за ‚радоста што била поставена пред него‘, за наградата што требало да ја добие ако остане верен (Евреите 12:2). Сепак, имало моменти кога тој ‚со силни извици и солзи принесувал преколнувања и молби‘ (Евреите 5:7). Можеби и ние понекогаш го правиме истото. Како гледа Јехова на тоа? Истиот стих кажува дека Јехова го услишил Исус ‚поволно‘. Бог ќе го стори истото и за нас. Зошто?

Затоа што Јехова ги знае нашите ограничувања и ни помага. Секој од нас има граници до кои може да издржи. Во Бенин (Африка) се вели: „Во премногу вода ќе се удават и жабите“. Јехова знае подобро и од нас самите кога сме дошле скоро до границите на издржливоста. Тој со љубов ни дава „милосрдие и... незаслужена љубезност за помош во право време“ (Евреите 4:16). Тоа го направил за Исус, а и за безброј други. Еден пример е Моника.

Моника растела безгрижно, а по природа била жива и весела личност. Во 1968 година, на возраст од дваесетина години, се шокирала кога дознала дека има мултиплекс склероза, болест која обично има за последица делумна парализа. Ова потполно ѝ го сменило животот и таа морала да направи големи промени во својата полновремена служба. На Моника ѝ било јасно дека станува збор за болест која долги години ќе напредува. По шеснаесет години, таа рекла: „Мојата болест сѐ уште е неизлечлива и големи се шансите да остане таква сѐ додека Божјиот нов поредок не исправи сѐ“. Таа признава дека не ѝ било лесно: „Иако пријателите ми велат дека постојано изгледам среќна и дека останав истата весела личност што си бев... на оние најблиските добро им е познато колку многу и колку горки беа моите солзи понекогаш“.

Сепак, како што рекла: „Научив да бидам стрплива и да му се радувам и на најмалото знакче на напредок. Мојот личен однос со Јехова се зајакна затоа што видов колку е беспомошен човекот кога се бори со некоја болест. Само Јехова може потполно да нѐ излекува“. Со помошта од Јехова, Моника успеала да остане среќна и сега може да се наврати на повеќе од 40 години полновремена служба.

Мора да се признае, ситуации како таа на Моника воопшто не се лесни. Но, сосема сигурно е дека ќе бидеш позадоволен ако сфатиш дека некои работи можат да потраат подолго отколку што очекуваш. Исто како Моника, и ти можеш да бидеш уверен дека Јехова ќе ти даде „помош во право време“.

Не споредувај се со другите — постави си разумни цели

Ти си уникатен како личност. Не постои друг што е ист како тебе. Овој факт многу едноставно го изразува изреката: „Сите прсти не се исти“. Би било глупаво да споредуваш еден прст со друг. Сигурно не би сакал Јехова да те споредува со некој друг, и тој не го прави тоа. Но, ние луѓето имаме навика да се споредуваме едни со други, и ова може да ни го одземе задоволството. Забележи колку силен пример за ова дал Исус, а е запишан во Матеј 20:1-16.

Исус раскажува за еден „господар“ на кого му биле потребни работници за лозјето. Нашол некои луѓе што седеле без работа и ги најмил „рано наутро“, најверојатно уште во 6 часот. Тие се сложиле да работат за една тогашна просечна дневница — денариј за 12-часовна работа. Овие луѓе сигурно биле задоволни што нашле каде да работат, и тоа за просечна дневница. Подоцна, господарот нашол и други луѓе што чекале без работа и ги најмил да работат — едни од 9 часот наутро, други од 12 напладне, трети од 15 часот а некои дури од 17 часот. Никој од нив немало да работи цел работен ден. Како надница господарот им ветил дека ќе им го даде „тоа што е праведно“, и работниците се сложиле.

На крајот на денот, господарот му заповедал на надзорникот да ги исплати платите. Му рекол да ги повика работниците и прво да им плати на оние што биле најмени последни. Тие работеле само еден час, но биле изненадени кога добиле плата како да работеле цел ден. Можеме да си ја замислиме живата дискусија што произлегла од тоа. Оние што работеле цели 12 часа си заклучиле дека ќе добијат повеќе. Но, и тие ја добиле истата сума.

Како реагирале? „Штом ја примија, почнаа да мрморат против домаќинот и рекоа: ‚Овие последниве работеа еден час; а ти ги изедначи со нас кои го поднесовме товарот на денот и жегата!‘ “

Но, господарот ги гледал работите поинаку. Им објаснил дека добиле толку колку што се договориле дека ќе добијат за нивната работа, ништо помалку. Што се однесува до другите, решил да им даде полна плата, несомнено повеќе отколку што очекувале. Всушност, никој не добил помалку од она што било договорено; единствено што мнозина добиле повеќе од очекуваното. На крајот, господарот прашал: „Зарем не ми е дозволено да правам што сакам со она што е мое?“

Сега, замисли си што би било ако надзорникот најпрво ѝ плател на првата група работници, и тие веднаш си заминеле. Ќе биле задоволни. Незадоволството се појавило само затоа што виделе дека другите добиле иста плата за помалку работа. Тоа ги налутило до тој степен што почнале да мрморат против домаќинот, оној кому во почетокот му биле толку благодарни што ги најмил.

Ова добро ни покажува што се случува кога правиме споредби. Ако размислуваш за својот личен однос со Јехова и го цениш начинот на кој те благословува тебе, ќе бидеш задоволен. Не споредувај ја твојата ситуација со ситуацијата на другите. Ако ти се чини дека Јехова одлучил да направи нешто повеќе за другите, нека ти биде мило што е така и радувај се со нив.

Но, има нешто што Јехова го очекува од тебе. Што? Галатите 6:4 вели: „Секој нека докаже какво е неговото сопствено дело, и тогаш ќе има причина за ликување во поглед на самиот себе, а не во споредба со некој друг“. Со други зборови, постави си разумни цели. Испланирај што можеш реално да направиш, и потоа постапувај според планираното. Ако целта ти е разумна и ако успееш да ја постигнеш, ќе имаш „причина за ликување“. Ќе се чувствуваш задоволен.

Ќе има награда

Трите начела што ги разгледавме покажуваат дека примената на библиските начела навистина може да ни донесе задоволство дури и во овие последни денови, и покрај тоа што сме несовршени. Во склоп на твоето секојдневно читање на Библијата, зошто не се обидеш да ги најдеш тие начела, било да се јасно истакнати било да се скриени во приказните и споредбите?

Ако чувствуваш дека твоето задоволство се намалува, потруди се да ја најдеш вистинската причина за тоа. Потоа побарај ги начелата што можеш да ги примениш за да ја поправиш ситуацијата. На пример, можеш да го разгледаш материјалот на страници 110 и 111 од книгата „Све је Писмо од Бога надахнуто и корисно“. a Таму е разгледана книгата Пословици, и ќе најдеш голем број начела и совети наведени во 12 поднаслови. Индексот на публикации на Јеховините сведоци (Watch Tower Publications Index) b и компјутерската програма Watchtower Library (CD-ROM) c се одлични извори на информации. Ако често ги користиш, ќе научиш вешто да ги уочуваш начелата што можат да се применат на одредени ситуации.

Доаѓа времето кога Јехова ќе ги награди со вечен живот во Рајот на Земјата оние што го заслужуваат тоа. Тогаш, нивните животи ќе бидат исполнети со големо задоволство.

[Фуснота]

a Издадени од Јеховините сведоци.

b Издадени од Јеховините сведоци.

c Издадени од Јеховините сведоци.

[Истакната мисла на страница 12]

„Сите згрешија и не ја достигнуваат Божјата слава“ (Римјаните 3:23).

[Истакната мисла на страница 13]

Исус ‚се научил на послушност од она што го претрпел‘ (Евреите 5:8, 9).

[Истакната мисла на страница 15]

„Ќе има причина за ликување во поглед на самиот себе, а не во споредба со некој друг (Галатите 6:4).