Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Радосна служба и покрај физичката немоќ

Радосна служба и покрај физичката немоќ

Животна приказна

Радосна служба и покрај физичката немоќ

РАСКАЖАЛ ВАРНАВАС СПЕЦИОТИС

Во 1990 година, на 68 годишна возраст, целосно се парализирав. Сепак, 15 години оттогаш, радосно служам како полновремен проповедник на Кипар. Што ми даде сила да останам активен во службата за Јехова и покрај мојата физичка немоќ?

РОДЕН сум во семејство со девет деца — четири машки и пет женски — на 11 октомври 1922 година. Живеевме во селото Ксилофагу, на Кипар. Моите родители релативно добро стоеја материјално, но големината на семејството си бараше напорна работа на нивите.

Татко ми, Андонис, сакаше да учи и беше љубопитен човек. Кратко по моето раѓање, кога бил кај учителот во селото, татко ми видел трактат со наслов Проповедалница на народите (Peoples Pulpit), издаден од Истражувачите на Библијата (како што тогаш се нарекувале Јеховините сведоци). Почнал да го чита, и содржината брзо го заинтересирала. Како резултат на тоа, татко ми и уште еден негов пријател, Андреас Христу, беа меѓу првите на островот што се поврзаа со Јеховините сведоци.

Пораст и покрај противењето

Со текот на времето, тие двајца добија повеќе библиски публикации од Јеховините сведоци. Наскоро, татко ми и Андреас сакаа да ги споделат со другите селани вистините што ги учеа. Нивното проповедање создаде силен отпор кај грчкото православно свештенство и кај некои други што сметаа дека Јеховините сведоци штетно влијаат врз средината.

Но, мнозина од селаните не можеа да не ги ценат овие двајца проповедници на Библијата. Татко ми беше човек познат по својата добрина и дарежливост. Многу често им помагаше на сиромашните фамилии. Понекогаш навечер крадешкум ќе излезеше од дома и ќе им оставеше жито или леб пред вратата на оние на коишто им требаше. Ваквата христијанска несебичност придонесе луѓето уште повеќе да сакаат да слушнат што имаат да им кажат овие двајца проповедници (Матеј 5:16).

Како резултат на тоа, десетина луѓе се заинтересираа за библиската порака. Бидејќи сѐ појасно ја разбираа вистината, ја согледаа потребата да се собираат во домот на некој од нив за да ја проучуваат Библијата заеднички. Во 1934 година, на групата во Ксилофагу ѝ се придружи и Никос Матакис, полновремен проповедник од Грција. Стрпливо и цврсто, брат Матакис ѝ помогна на групата да се организира и уште подобро да ја разбере Библијата. Оваа група стана јадрото на првото собрание на Јеховините сведоци на Кипар.

Бидејќи христијанското дело напредуваше и сѐ повеќе луѓе ја прифаќаа библиската вистина, браќата согледаа дека постои потреба да се најде место каде што редовно ќе се состануваат. Мојот најстар брат, Јоргос, и неговата жена Елени, го понудија местото кое дотогаш им служеше како амбар. Овој амбар, веднаш до нивната куќа, беше поправен за да може да биде пренаменет за место погодно за состаноци. Така браќата ја добија својата прва Сала на Царството на островот. Колку благодарни беа! И со каков замав почна да расте собранието потоа!

Ја прифатив вистината

Во 1938 година, на возраст од 16 години, одлучив да станам дрводелец. Затоа татко ми ме испрати во главниот град на Кипар, Никозија. Откако добро промисли, се договори со Никос Матакис да живеам кај него. Овој верен брат мнозина од островот се уште го помнат како ревносен и гостољубив. Оддушевеноста, која кај него беше толку очигледна, и неговата непоколеблива храброст беа неопходни особини за секој христијанин на Кипар во тоа време, кога делото беше во својот зародиш.

Брат Матакис навистина многу ми помогна да имам здрава основа во моето библиско спознание и да напредувам духовно. Додека живеев кај него, присуствував на сите состаноци што се одржуваа во неговиот дом. Тогаш за првпат почувствував дека мојата љубов кон Јехова расте. Станав решен да изградам длабоко пријателство со Бог. За неколку месеци, го прашав брат Матакис дали може да одам во служба со него. Ова се случуваше во 1939 година.

По некое време појдов да ги видам моите дома. Поминав извесно време со татко ми, и тоа уште повеќе ме увери дека ја пронајдов вистината и смислата на животот. Во септември 1939 година, започна Втората светска војна. Многу младинци на моја возраст доброволно се пријавија во војска, но јас одлучив да останам неутрален, според упатствата дадени во Библијата (Исаија 2:4; Јован 15:19). Истата година му ветив на Јехова дека ќе му служам, и во 1940 година се крстив. Тогаш за првпат почувствував дека повеќе немам страв од човек!

Во 1948 година се оженив со Ефпрепија. Бевме благословени со четири деца. Наскоро сфативме дека ќе треба да вложиме многу труд за да успееме да ги воспитаме „во дисциплина и во Јеховино умствено насочување“ (Ефешаните 6:4). Најмногу се молевме и се трудевме да всадиме во нив длабока љубов кон Јехова и почит кон неговите закони и начела.

Под притисок поради здравјето

Во 1964 година, на возраст од 42 години, почнав да чувствувам вкочанетост во десната рака и нога. Постепено, таа премина и на левата страна. Ми беше дијагностицирана мускулна атрофија, една неизлечлива болест, која на крајот води до целосна парализа. Тоа страшно ме вознемири. Колку одненадеж и неочекувано ми се случи сѐ! Задушен од измешани чувства на гнев и огорченост се прашував: „Зошто ова ме снајде токму мене? Со што сум заслужил вакво нешто? Но како што одминуваше времето, успеав да го надминам првичниот шок од дијагнозата. Потоа почнав да чувствувам загриженост и несигурност. Низ умот ми се вртеа многу прашања. Дали целосно ќе се парализирам и не ќе можам ништо да правам самиот за себе? Ќе можам ли да го издржам сето тоа? Ќе можам ли да се грижам за семејството — за жената и за четирите деца? Овие прашања вистински ме измачуваа.

Во овој критичен момент од мојот живот, повеќе од кога и да било порано почувствував потреба да го молам Јехова и најотворено да му ги кажам сите свои грижи и стравови. Дење и ноќе се молев со очи полни со солзи. Наскоро се почувствував утешен. Зборовите од Филипјаните 4:6, 7 беа особено утешни во мојата ситуација: „Не бидете тегобно загрижени за ништо, туку во сѐ со молитва и преколнување заедно со благодарење објавете му ги своите молби на Бог; и мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашите умствени сили преку Христос Исус“.

Живеам со парализата

Состојбата продолжи да ми се влошува. Увидов дека треба брзо да се приспособувам на новонастанатите околности. Бидејќи повеќе не можев да работам како дрводелец, одлучив да побарам некоја работа што не го бара истиот напор, но со која ќе можеме некако да врземе крај со крај. Најпрво продавав сладолед со едно малечко комбе. Тоа го работев околу шест години, сѐ додека, поради болеста, не бев принуден да користам инвалидска количка. Потоа работев различни полесни работи што можев да ги работам.

Во 1990 година моето здравје се влоши до таа мера што воопшто не бев способен да работам. Сега сум потполно зависен од други, дури и за работите што нормален човек ги прави рутински. Потребна ми е помош за да легнам в кревет, за да се измијам и да се облечам. За да појдам на состанок, мора да ме донесат до автомобилот со количка и потоа да ме кренат и да ме стават во него. Кога ќе пристигнеме до Салата на Царството треба повторно да ме кренат и да ме извадат од автомобилот, да ме стават во количката и потоа да ме внесат внатре. Во текот на состанокот до мене има електрична греалка за да ми ги грее нозете.

Но и покрај парализата, прилично редовно сум присутен на состаноците. Сфаќам дека тука е местото каде што Јехова нѐ поучува и дека моите духовни браќа и сестри се вистинско засолниште и извор на поддршка и охрабрување (Евреите 10:24, 25). Редовните посети од духовно зрелите соверници постојано ми помагаат. Не можам да се чувствувам поинаку од Давид, кој рекол: „Мојата чаша се прелева“ (Псалм 23:5).

Мојата сакана сопруга ми беше од неверојатна помош низ годините што минаа. И моите деца ми даваа најголема можна помош и поддршка. Веќе неколку години ми помагаат околу секојдневните потреби. Она што го прават не е воопшто лесно, а како што одминуваат годините така грижата за мене станува сѐ потешка. Тие се вистински пример за стрпливост и пожртвуваност, и се молам Јехова да продолжи да ги благословува.

Нешто друго преку кое Јехова на прекрасен начин им помага на своите слуги да останат цврсти е молитвата (Псалм 65:2). Јехова одговори на моите најискрени молби и ми даде сила да ја одржам својата вера низ сите овие години. Кога се чувствувам потиштен, особено молитвата ми олеснува и ми помага да си ја одржам радоста. Постојаната комуникација со Јехова ме освежува и ми ја обновува решеноста да продолжам понатаму. Потполно сум уверен дека Јехова ги слуша молитвите на своите слуги и дека им го дава потребниот умствен мир (Псалм 51:17; 1. Петрово 5:7).

Најголемо олеснување и сила добивам секој пат кога ќе помислам дека Бог еден ден ќе ги излечи сите што се благословени со живот во Рајот, кога ќе владее како цар неговиот Син, Исус Христос. Не еднаш од радост ми се слевале солзи по лицето додека сум размислувал за оваа прекрасна надеж (Псалм 37:11, 29; Лука 23:43; Откровение 21:3, 4).

Полновремена служба

Некаде во 1991 година, откако добро размислив за мојата ситуација, сфатив дека најдобар начин да не западнам во самосожалување е да бидам зафатен така, што ќе им ја пренесувам добрата вест за Царството на другите. Таа година започнав со полновремена служба.

Поради инвалидноста, главно сведочам преку писма. Но, за мене ни пишувањето не е лесна задача. Напротив, потребен ми е голем напор. Тешко ми е цврсто да го стегнам пенкалото со раката, зашто ми е ослабена од мускулната атрофија. Но, со истрајност и молитва, веќе 15 години сведочам преку писма. Покрај тоа сведочам и телефонски. Кога ќе ни дојдат на гости роднините, пријателите и соседите, никогаш не ја пропуштам можноста да зборувам со нив за својата надеж за еден нов свет и за рајската Земја.

Како резултат на тоа, доживеав повеќе интересни случки. Посебно ме радува што еден од моите внуци, со кој ја проучував Библијата пред околу 12 години, духовно напредуваше и ја засака библиската вистина. Мотивиран од својата совест школувана на темел на Библијата, остана лојален и непоколеблив христијанин кога му беше оспорена неговата неутралност.

Особено задоволство ми причинува кога луѓето на коишто им пишувам писма ќе стапат во контакт со мене за да добијат понатамошни информации околу Библијата. Се случува некои да побараат повеќе литература. На пример, еднаш се јави една жена за да ми се заблагодари за охрабрувачкото писмо што му го пратив на нејзиниот сопруг. Она што беше напишано во писмото многу ја заинтересирало. Многупати потоа разговаравме на различни библиски теми со неа и со нејзиниот сопруг кај нас дома.

Позитивно гледиште

Низ годините, видов како се зголемува бројот на проповедници на Царството во овој дел од светот. Малата Сала на Царството веднаш до куќата на брат ми Јоргос многупати досега беше проширувана и реновирана. Тоа е едно убаво место каде што се состануваме за да го славиме Бог, а го користат две собранија на Јеховините сведоци.

Татко ми почина во 1943 година, на возраст од 52 години. Но остави големо духовно богатство! Осум негови деца ја прифатија вистината и сѐ уште му служат на Јехова. Во селото Ксилофагу, каде што беше роден, како и во блиските села, сега има три собранија, со вкупен број од 230 објавители на Царството!

Овие одлични резултати за мене се извор на голема радост. Сега, на 83 години, со доверба можам да се согласам со зборовите на псалмистот: „Младите лавови трпат беда и гладуваат, а кои Го бараат Господа не трпат оскудица“ (Псалм 34:10). Со нетрпение го очекувам времето кога ќе се исполни пророштвото запишано во Исаија 35:6: „Тогаш хромиот ќе скока како елен“. Дотогаш, останувам решен да продолжам радосно да му служам на Јехова и покрај својата немоќ.

[Карта на страница 17]

(Види во публикацијата)

ТУРЦИЈА

СИРИЈА

ЛИБАН

КИПАР

Никозија

Ксилофагу

Средоземно Море

[Слика на страница 17]

Првата сала на Царството во Ксилофагу, која денес сѐ уште се користи

[Слики на страница 18]

Со Ефпрепија во 1946 година и денес

[Слика на страница 20]

Со задоволство сведочам по телефон и преку писма