Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Да, ти можеш да бидеш среќен

Да, ти можеш да бидеш среќен

Да, ти можеш да бидеш среќен

СРЕЌА — вистинска, трајна среќа — е нешто што тешко се наоѓа. Тоа е особено случај затоа што многу луѓе постојано ја бараат среќата во погрешни работи. Камо да имаа еден доверлив пријател способен да ги упати да ја бараат во исправните работи!

Библијата е изворот што ќе ни го даде водството за да стигнеме до среќата. Да земеме за пример една нејзина книга — Псалмите. Оваа книга е збирка од 150 свети песни посветени на Јехова Бог, а половината од нив ги составил Давид, царот на древниот Израел. Но, многу поважно од имињата на писателите е тоа што знаеме дека книгата е напишана под вдахновение на најголемиот Пријател на луѓето, Јехова. Затоа можеме да бидеме уверени дека зборовите што се запишани во неа се од Бог, и тој ги дал за наше добро и за да ни помогне да го најдеме патот до среќата.

Писателите на Псалмите биле уверени дека среќата произлегува од здравото пријателство со Јехова Бог. „Блажен е оној човек, кој се бои од Господа“, напишал псалмистот (Псалм 112:1). Нема ниту пријателство со човек, ниту материјален посед, ниту лично достигнување што може да ја донесе среќата која е резултат на тоа што сме дел од „оној народ, кому Господ е Бог!“ (Псалм 144:15). Дека ова е вистина, потврдува животот на голем број Божји слуги од нашево време.

Еден таков пример е Сузана, која има околу 40 години. * Таа рече: „Денес, многу луѓе се приклучуваат на одредени групи за да остварат некои заеднички цели или затоа што сакаат да придонесат за општото добро на луѓето. Но, ретко се случува секој во таа група да го гледаат како пријател. Кај Јеховиниот народ не е така. Нашата љубов кон Јехова нѐ тера да чувствуваме приврзаност еден кон друг. Кога сме со Божјиот народ, се чувствуваме како меѓу свои луѓе, без разлика каде се наоѓаме во моментот. Оваа обединетост непроценливо го збогатува нашиот живот. Кој друг може да рече дека има пријатели од сосема различни социјални сталежи и потекло и речиси од сите можни националности? Од сѐ срце можам да кажам дека тоа што сум дел од Јеховиниот народ е она што ме прави среќна“.

Мари, родум од Шкотска, исто така увидела дека блиското пријателство со Јехова е пресудно за среќата. „Пред да дознаам која е библиската вистина, многу сакав да гледам хорор филмови“, кажува Мари. „Но, навечер не можев да заспијам ако не држев крст во раката за да ме штити од духови и од вампири, кои беа тема на многу од тие филмови. Кога ја дознав вистината и престанав да гледам такви филмови, мојот однос со Јехова ми помогна да си легнувам без страв, среќна што му служам на еден Бог кој е помоќен од демоните и измислените вампири.“

Верата во Јехова нѐ прави среќни

Немаме никаква причина да се сомневаме дека нашиот Создател е семоќен и бескрајно мудар. Свесен дека може да има потполна доверба во Јехова и дека секогаш може да побара помош од Него, Давид напишал: „Блажен е оној човек, чија надеж е во Господа“ (Псалм 40:4).

Марија рекла: „Она што го увидов овде, во Шпанија, а и на други места, е дека најдобри резултати постигнуваме кога ги правиме работите онака како што ни кажува Јехова, дури и тогаш кога можеби чувствата нѐ тераат да постапиме поинаку. Тоа те прави вистински среќен, зашто знаеш дека она што го кажува Јехова е секогаш најдоброто“.

И Андреас, христијански старешина кој служел во неколку европски земји, од лично искуство сфатил дека можеме да се потпираме на Јехова. Тој рекол: „Мојот постар брат, кој не е иста вера со мене, многу влијаеше врз мене кога бев млад, поттикнувајќи ме да тежнеам кон финансиски успешна кариера. Кога започнав полновремено да служам како проповедник, тој беше навистина разочаран, затоа што не можев да сметам на таканаречената сигурност што ја нуди пензиското осигурување. Откако сум во полновремена служба до сега, никогаш ништо не ми недостасуваше, а искусив благослови какви што секој човек би посакал“.

Во 1993 година, Феликс бил замолен да помогне во проширувањето на објектот на подружницата на Јеховините сведоци во Селтерс (Германија). Откако ја завршиле работата, бил поканет да остане да работи во Бетелот. Што одлучил? „Ја прифатив поканата со мала резерва. Но, сега работам овде речиси десет години и уверен сум дека Јехова така одговори на моите молитви. Тој знае што е најдобро за мене. Со тоа што имам потполна доверба во него и оставам тој да ме води, му давам можност да ми покаже што сака да правам.“

Сузана, која ја спомнавме во почетокот, сакала да служи како полновремен проповедник, или пионер, но тешко можела да најде работа со скратено работно време. Откако цела година чекала да се најде нешто, решила потполно да се потпре на Јехова. Таа кажува: „Подадов молба да служам како општ пионер. Имав заштедено колку за основните трошоци за еден месец. Каков возбудлив месец беше тоа! Службата ми донесе голема радост, но интервјуата за работа пропаѓаа едно по друго. Сепак Јехова, токму како што ветил, не ме напушти. На последниот ден од месецот потпишав договор за работа. Сега со сигурност знам дека можам да имам доверба во Јехова! Ова го доживеав во почетокот на мојата полновремена служба, која ми го направи животот исполнет и среќен“.

Посреќни кога прифаќаме совет

Цар Давид направил сериозни грешки. Понекогаш му бил потребен мудар совет. Дали ние сме исто толку спремни да прифатиме совет и поука како што бил Давид?

Аида, од Франција, еднаш сфатила дека направила сериозна грешка. Таа се присетува: „Најважно ми беше да си го обновам пријателството со Јехова. За другото не се грижев“. Побарала помош од христијанските старешини. Сега, по 14 години минати во полновремена служба, таа вели: „Колку е пријатно чувството дека Јехова ми ја прости грешката!“

Спремноста да ги прифатиме советите од Бог може да придонесе воопшто и да не направиме грешка. Јудит вели: „Кога имав 20 години, почна да ме привлекува еден колега од Германија, кој правеше сѐ за да остави убав впечаток кај мене. Сите го ценеа, имаше изградено одлична кариера, и веќе беше женет! Ми беше јасно дека бев ставена пред изборот или да останам послушна на Јеховините закони или потполно да му свртам грб на Јехова. Им се доверив на моите родители. Без да врти наоколу, татко ми ме потсети што точно очекува Јехова од мене. Зборуваше со мене отворено, незавиено – токму како што и ми беше потребно! Но дури и со тоа, моето срце бараше дупки во законот. Со седмици мајка ми минуваше по цела вечер зборувајќи со мене за тоа колку се важни за мене и за мојот живот Божјите закони. Толку многу сум благодарна што, малку по малку, врз моето срце почна да влијае Јехова. Тоа што дозволив Јехова да ме исправи и да ме поучи ми донесе голема среќа — многу години минати во полновремена служба и сопруг, кој е христијанин и кој многу ми се допаѓа и искрено ме сака и мене и Јехова“.

Јасно, ваквите искуства ја подвлекуваат важноста на зборовите што ги кажал Давид: „Блажен е оној, чие беззаконие е простено, и чии гревови се покриени. Блазе на човекот кому Господ не му го припишува гревот и во чиј дух нема измама!“ (Псалм 32:1, 2).

Грижата за другите нѐ прави среќни

„Блазе му на оној кој мисли на бедниот“, напишал Давид. Понатаму продолжил: „Господ ќе го спаси во ден на неволја. Господ ќе го штити и ќе го запази жив, ќе му даде среќа на земјата“ (Псалм 41:1, 2). Љубезната грижа што Давид ја покажал кон Мефивостеј, хромиот син на Јонатан, саканиот пријател на Давид, е еден пример за тоа што значи да се има исправен став кон оние што се чувствуваат бедно (2. Самоил 9:1-13).

Марлиз, која 47 години служи како мисионер, има посебна можност да им проповеда на луѓе што морале да избегаат од кризни подрачја во Африка, Азија и Источна Европа. Таа вели: „Тие имаат најразлични проблеми и главно се чувствуваат неприфатени од средината, на некој начин дискриминирани. Да им се помага на такви луѓе секогаш донесува среќа“.

Марина, која има околу 40 години, напиша: „Бидејќи сум немажена, знам што значи другите да ти се најдат кога ти се потребни. Тоа, пак, ме поттикнува мене да ги охрабрувам луѓето со тоа што ќе им телефонирам или ќе им напишам писмо. Мнозина ми се заблагодариле. Тоа што им помагам на другите ми носи радост“.

Димитар, кој има околу 25 години, вели: „Јас растев само со мајка. Кога бев дете, бев многу среќен што надгледникот на Собраниското проучување на книга секоја седмица ме земаше со себе во службата на проповедање за да ме обучи. Сѐ уште сум му многу благодарен што истраја во тоа. Знам дека не беше секогаш сосема лесно да ме мотивира“. Од благодарност за помошта што му била дадена нему, Димитар сега и самиот им помага на другите: „Се обидувам да одам во службата на проповедање со еден од помладите и со еден од постарите барем по еднаш во месецот“.

Книгата Псалми спомнува и други работи што можат да нѐ направат среќни. Една од нив е: да се потпираме на силата од Јехова, а не на својата —„Блажен е човекот, чија сила е во [Јехова]“ (Псалм 84:5).

Тоа било случај со Корина. Таа се преселила во една земја каде што има голема потреба да се проповеда. „Требаше да се справам со нов јазик, нова култура и нов начин на размислување. Имав чувство како да сум на друга планета. Кога ќе помислев да проповедам во непозната средина, како нешто да ми застануваше во грлото. Го молев Јехова да ми помогне, и само со негова помош успевав да проповедам по цел ден на некое зафрлено подрачје. Со текот на времето, тоа ми стана нешто најнормално. Почнав да проучувам со многу луѓе, и сѐ уште многу ми користи она што го искусив. Сфатив дека со силата што ни ја дава Јехова можеме да надминеме и наизглед несовладливи препреки“.

Да, различни фактори придонесуваат за нашата среќа, како што се: одржувањето пријателство со Бог и со неговиот народ, безрезервната доверба во Јехова, прифаќањето на совет и вниманието што им го посветуваме на другите. Ако одиме по Јеховините патеки и сме послушни на неговите закони, можеме среќно да уживаме во неговата милост (Псалми 89:15; 106:3; 112:1; 128:1, 2).

[Фуснота]

^ пас. 5 Некои имиња се променети.

[Слика на страница 12]

Марија

[Слика на страница 13]

Мари

[Слика на страница 13]

Сузана и Андреас

[Слика на страница 15]

Корина

[Слика на страница 15]

Димитар