Колку си среќен?
Колку си среќен?
ДА, ЗАПРАШАЈ се: „Колку сум среќен јас?“ Социолозите многу се трудат да откријат како ти, или другите, би одговориле на ова прашање, но задачата не им е баш лесна. Мерењето на среќата на луѓето може да се спореди со обидот да се измери љубовта што еден маж ја има кон својата жена, или тагата што ја предизвикува смртта на некој член во семејството. Не е лесно прецизно да се измерат емоциите. Но, научниците признаваат една основна вистина: „Сите луѓе имаат потенцијал да бидат среќни“.
И покрај вродениот потенцијал да бидат среќни, тешките проблеми им донеле многу несреќа на луѓето. Да разгледаме еден пример. Во некои градови, толку многу луѓе умреле од СИДА што на гробиштата нема повеќе празни места. Затоа, локалните власти дозволиле да се раскопаат старите гробови за да се погребат оние што умреле неодамна. Во некои делови од Африка, изработувањето мртовечки сандаци е еден од главните извори на работни места. Без оглед каде живееш, веројатно си забележал дека ретко може да се види насмевка кај оние што имаат некоја тешка болест или на кои им умрел некој роднина и пријател.
Што може да се каже за побогатите земји? Еден ненадеен пресврт на настаните може да ѝ стави крај на финансиската сигурност на оние што не се подготвени за тоа. Во Соединетите Држави, многу пензионери морале повторно да се вработат бидејќи го изгубиле правото на пензија. Трошоците за лекување честопати ги земаат сите пари што ги има едно семејство. Еден правен советник вели: „Кога ќе дојдат такви луѓе, изложени на огромни трошоци и со здравствени проблеми, срцето ми се кине од жал. Многу често морам да им речам: ‚Ќе треба да го продадете својот дом за да имате доволно пари‘“. Но, како е со оние што немаат финансиски проблеми? Дали и тие некогаш се несреќни?
Некои луѓе се како познатиот композитор Ричард Роџерс. За него е речено: „Малкумина им донеле толку многу радост на толку многу луѓе“. Но, иако неговите песни им носеле радост на другите, самиот страдал од хронична депресија. Тој ги постигнал двете цели по кои мнозина копнеат: пари и слава. Но, дали бил среќен? Еден биограф забележал: „[Роџерс] постигна извонреден успех во својата работа, живееше на висока нога и доби две Пулицерови награди. И покрај тоа, поголемиот дел од времето беше несреќен и депримиран“.
Како што можеби и самиот си забележал, честопати ќе се измамиме ако ја бараме среќата во богатството. Еден дописник од областа на економијата за списанието The Globe and Mail од Торонто (Канада) рекол дека мнозина богати луѓе се чувствуваат „осамено и празно“. Според еден финансиски советник, кога богатите родители ги опсипуваат своите деца со пари и со сѐ што може да се купи со нив, „честопати го сеат семето на идните проблеми“.
Постои ли здрава основа за среќа?
За да може да цвета, на едно цвеќе му требаат добра почва, вода и соодветна клима. Слично на тоа, експертите сфаќаат дека постојат некои услови што придонесуваат за среќата. Во нив спаѓаат доброто здравје, работа што нѐ исполнува, соодветна храна, кров над главата и облека; исполнување на креативните желби; и вистински пријатели.
Веројатно ќе се согласиш дека овие услови влијаат врз тоа дали ќе бидеме среќни или не. Но, има и еден уште поважен фактор. Тоа е да се познава „среќниот Бог“, кој се вика Јехова (1. Тимотеј 1:11). Како ни помага тоа познавање? Јехова е нашиот Творец, и тој ни го дал потенцијалот да бидеме среќни. Логично, тој знае што може да нѐ направи вистински среќни. Следната статија опишува на кој начин тој им помага на луѓето од кое и да било место или околности да дојдат до трајна среќа.
[Слика на страница 4]
Како на едно цвеќе, на среќата ѝ се потребни соодветни услови за таа да расте
[Извор на слика на страница 3]
© Gideon Mendel/CORBIS