Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Пораст меѓу разноликиот народ на Уганда

Пораст меѓу разноликиот народ на Уганда

Пораст меѓу разноликиот народ на Уганда

УГАНДА, сместена во прегратките на источноафриканската Голема Раседна Долина и распослана од двете страни на Екваторот, дарувана е со неверојатна убавина. Во неа ќе видите најразновидни географски предели, богата вегетација и интересен животински свет. Поради својата местоположба на големата африканска висорамнина, има умерена клима и стотици километри прекрасни, ридести пејзажи.

Малку се земјите што можат да се пофалат со клима што варира од студена до тропска на мал географски простор, а Уганда е една од нив. Таа се протега од снежните врвови на Месечевите Планини, преку планинскиот венец Рувензори на запад и до полусувите предели на исток. Низ нејзините рамници ќе видите слонови, бизони и лавови. Планините и густите шуми се дом на горила, на шимпанза и на преку 1.000 видови птици. Поголемиот дел од африканскиот континент се бори со сушата и гладот, но Уганда е богата со реки и езера, како што е слатководното Викторино Езеро, второ по големина во светот. На северниот дел, езерото се излева во реката Нил. Не е за чудење што Винстон Черчил ја нарекол оваа земја „бисерот на Африка“!

„Бисерот“ сјае и денес

Најпривлечното нешто во Уганда сепак се луѓето — пријателски настроени, гостољубиви и најразнолики. Оваа главно „христијанска“ земја може да се опише како мешавина од голем број етнички заедници и култури. До ден-денес, тие се разликуваат по своите обичаи и начин на облекување.

Во поново време, сѐ поголем број луѓе во Уганда со ценење ја прифаќаат добрата вест од Библијата, која кажува дека наскоро доаѓа време кога на целата планета ќе завладее бескраен мир (Псалм 37:11; Откровение 21:4). Не е лесно да им се пренесе оваа порака на сите во земја голема речиси колку Велика Британија.

Од скромниот почеток во 1955 година, кога во Викториното Езеро се крсти како Јеховин сведок првиот од нејзините жители, до 1992 година „најмалиот“ достигна бројка од илјада. Оттогаш бројот постојано расте. Ова е во склад со охрабрувачките зборови на Бог: „Јас, Господ, зборував, ќе го извршам тоа во право време“ (Исаија 60:22).

Кршење на јазичните бариери

Официјален јазик е англискиот и тој нашироко се користи, особено во образованието, иако не им е мајчин јазик на повеќето жители на Уганда. Бидејќи сакаат добрата вест да дојде до што е можно повеќе луѓе, Сведоците посветуваат внимание и на другите јазици што се во широка употреба. Ова беше неопходно бидејќи над 80 отсто од 25-те милиони жители на Уганда живеат во селата или во малечки гратчиња, каде што луѓето во секојдневието најмногу го користат својот мајчин јазик. Потребен е голем напор за да се дојде до луѓето што зборуваат на овие јазици и да се задоволат нивните духовни потреби.

И покрај тоа, Јеховините сведоци настојуваат да ги задоволат ваквите потреби на тој начин што им сведочат на луѓето на нивниот мајчин јазик и така, што подготвуваат библиска литература на многу од тие јазици. Во подружницата, која се наоѓа во главниот град Кампала, работат преведувачки тимови на четири јазици: ачоли, луганда, луконзо и руњанкоре. Покрај тоа, христијанските собири, кои се одржуваат на различни јазици низ целата земја, имаат одлична посетеност, со двојно поголем број од вкупниот број на Јеховини сведоци во земјата. Ова е јасен доказ дека напорите да им се сведочи на различните јазични групи водат до брз духовен раст. Но, тоа не е сѐ!

Пионерите предводат во делото

Собранијата со задоволство учествуваат во тримесечните кампањи што се прават секоја година со цел да се проповеда на изолираните подрачја (Дела 16:9). Сѐ поголем број ревносни млади пионери, односно полновремени проповедници, предводат во ова дело. Тие патуваат до оддалечените места каде, понекогаш, луѓето воопшто не чуле за добрата вест.

Два Сведока добија задача да служат три месеци како специјални пионери во Бушенји, малечко гратче во западна Уганда. Тие му се придружија на единствениот Сведок на Јехова во тоа место во проповедањето и организираа состаноци. По еден месец, двајцата пионери редовно водеа разговори на темел на Библијата со 40 поединци, а 17 од нив почнаа да присуствуваат на состаноците на Јеховините сведоци. Пионерите кажуваат: „Некои од оние на коишто им ја оставивме брошурата Што бара Бог од нас? * по неколку дена дојдоа таму каде што бевме сместени и ни покажаа неколку страници на кои ги имаа напишано одговорите на прашањата кои таа ги содржи. Сакаа да им кажеме дали им се точни“. Денес, во ова гратче има собрание и имаат своја Сала на Царството.

Двајца пионери појдоа на едно подрачје во западна Уганда на кое никогаш претходно не беше проповедана добрата вест. Тие напишаа: „Луѓето навистина се жедни за библиската вистина. За овие три месеци додека сме тука, започнавме да ја проучуваме Библијата и редовно го правиме тоа со 86 лица“. Не долго потоа, на тоа подрачје беше оформена група на Сведоци.

Други ревносни работници на полето

Меѓу ревносните пионери има некои што служат веќе со години. Пред да стане Јеховин сведок, Патрик свирел на кларинет во оркестарот на воената авијација на претседателот на Уганда Иди Амин. Шест месеци по своето крштавање во 1983 година, Патрик стапил во редовите на полновремените слуги. Денес тој ги посетува и ги храбри собранијата како патувачки надгледник.

Маргарет е крстена во 1962 година. И покрај тоа што има над 70 години и што состојбата на колкот ѝ го отежнува движењето, таа минува по околу 70 часови месечно споделувајќи ја со луѓето од околината својата надеж темелена на Библијата. Таа реди литература на една клупа пред својата куќа и започнува разговор со секој минувач кој сака да ја чуе добрата вест за мирољубивиот нов свет.

Симон, земјоделец од источна Уганда, ја барал вистината цели 16 години, сѐ додека, во 1995 година, не нашол литература издадена од Јеховините сведоци. Од она што го прочитал му се родила желба да дознае повеќе за Божјето Царство и за прекрасната намера што Јехова ја има со Земјата. Во Камули, каде што живее, немало Сведоци, па затоа Симон поминал околу 140 километри до Кампала за да ги побара. Денес, во неговото село има собрание.

„Ние остануваме овде“

Како и на други места низ Африка, многу луѓе очекуваат една верска група да има соодветно место за одржување состаноци. Ова претставуваше несовладлив проблем за некои собранија на Јеховините сведоци, затоа што ги немаа потребните финансиски средства за градење на соодветна Сала на Царството. Не може да се опише со зборови благодарноста на браќата кога, при крајот на 1999 година, низ целиот свет беше воспоставена една програма за брзо градење Сали на Царството. Во следните пет години беа изградени 40 нови Сали на Царството низ цела Уганда. Денес, речиси секое собрание има своја скромна, но претставителна Сала на Царството. Со ваквото градежно дело, на мештаните им се пренесува пораката: „Ние остануваме овде“. Тоа придонесе за порастот.

Едно малечко собрание во северна Уганда ги одржуваше состаноците под густите крошни на дрвјата што раѓаат манго. Откако беше најден плац за градење, работата одеше многу брзо. Браќата од градежната екипа, заедно со месните Сведоци, ја започнаа градбата на Салата на Царството. Еден поранешен познат политичар од тоа место беше воодушевен од работата. Тој им понуди на браќата да ја користат неговата гаража како место за состаноци додека целосно не се изгради Салата на Царството. Исто така, прифати да ја проучува Библијата со еден од градежните доброволци. Сега тој е ревносен крстен објавител, среќен што и самиот може да го слави Јехова во прекрасната нова Сала на Царството!

При градењето на една Сала на Царството во најјужниот дел на земјата, еден ѕидар од тоа место беше толку воодушевен од духот на пријателство, љубов и соработка, кој го забележал меѓу браќата, што се понуди и тој да помогне во работата. При крајот на градењето, тој дури работеше цела ноќ за да можат браќата да ја довршат салата пред да му биде посветена на Јехова следното утро. Тој рече: „Вие сте единствените што вистински се сакаат еден со друг, наместо само да зборуваат за тоа“.

И покрај проблемите, постои пораст

Бидејќи се сведочи на сѐ повеќе нови подрачја, во Уганда има постојан пораст во бројот на Сведоци, и во собранијата доаѓаат голем број заинтересирани лица. Но, во моментов треба првенствено да се посвети грижа на многуте бегалци што пребегаа во Уганда. Граѓанската војна во соседните земји се одрази и на Јеховиниот народ. Сведоците во камповите за бегалци покажуваат исклучителна вера во Јехова. Еден поранешен висок службеник од една земја во близина, кој ги прогонувал Јеховините сведоци кога биле под забрана во неговата земја, се сеќава дека порано живеел многу богато. Откако ја проучуваше Библијата во еден од камповите за бегалци и стана Сведок, рече: „Материјалниот напредок и високата положба во овој свет немаат вистинска вредност. Иако сега сум сиромашен и болен, животот ми е многу поубав. Го познавам Јехова и сум благодарен што можам да му се молам. Покрај тоа што имам цврста надеж во врска со иднината, знам и зошто ги имаме денешниве проблеми. Тоа ми дава внатрешен мир каков што сум немал никогаш порано“.

Се вели дека почвата на Уганда е толку плодна што, ако во неа боцнеш прачка навечер, до утрото ќе фати корен. Духовниот пораст во оваа земја покажува дека и духовната почва е многу плодна. Му благодариме на Јехова што остава време за да можат уште повеќе поединци од разноликиот народ на Уганда да дознаат за неговото Царство. Исус покажал колку е скапоцено ова Царство нарекувајќи го „бисер од голема вредност“, а сѐ повеќе жители на Уганда го гледаат како такво (Матеј 13:45, 46).

[Фуснота]

^ пас. 13 Издадена од Јеховините сведоци.

[Карти на страница 8]

(Види во публикацијата)

СУДАН

УГАНДА

Нил

Камули

Тороро

Кампала

Бушенји

Викторино Езеро

КЕНИЈА

ТАНЗАНИЈА

РУАНДА

[Слика на страница 9]

Тројца од многуте ревносни пионери

[Слика на страница 10]

Патрик

[Слика на страница 10]

Маргарет

[Слика на страница 10]

Симон

[Слика на страница 10]

Обласен конгрес во Тороро

[Извор на слика на страница 8]

Заднина: © Uganda Tourist Board