Поука за гордоста и понизноста
Поука за гордоста и понизноста
ЕДЕН настан од животот на цар Давид ја истакнува разликата помеѓу вистинската понизност и грешната гордост. Тој се случил откако Давид го освоил Ерусалим и го направил своја престолнина. Давид сметал дека Јехова е вистинскиот цар на Израел, па организирал да се донесе во градот Ковчегот, кој го симболизирал присуството на Бог. Овој настан толку многу му значел на Давид што, додека ги следел свештениците што го носеле Ковчегот, пред сите ја покажал својата радост. Жителите на Ерусалим го виделе својот цар како „скока“ и ‚игра со сета сила‘ (1. Летописи 15:15, 16, 29; 2. Самоил 6:11-16).
Меѓутоа, сопругата на Давид, Михала, не ѝ се придружила на таа весела поворка. Таа гледала од еден прозорец и, наместо да се восхитува на начинот на кој Давид го славел Јехова, таа ‚го презрела во своето срце‘ (2. Самоил 6:16). Зошто Михала почувствувала презир? Очигледно, таа му давала преголема важност на нејзиниот статус како ќерка на првиот израелски цар Саул, а сега сопруга на вториот израелски цар. Веројатно мислела дека нејзиниот сопруг, царот, не треба да се спушти на нивото на обичните луѓе и да учествува во нивниот начин на прославување. Таквите вообразени чувства станале очигледни во начинот на кој го поздравила Давид кога тој се вратил дома. Таа саркастично му рекла: „Колку чесно се однесуваше денес Израелевиот цар кога се откри пред очите на слугинките на своите слуги како што се открива суетен човек!“ (2. Самоил 6:20).
Како реагирал Давид на оваа критика? Тој ја укорил, потсетувајќи ја дека Јехова го отфрлил татко ѝ, Саул, и на негово место го поставил Давид. Потоа додал: „Уште повеќе ќе се понижам. Ќе бидам незначителен во своите очи, ама пред слугинките за кои што зборуваш, пред нив ќе бидам во чест“ (2. Самоил 6:21, 22).
Навистина, Давид бил цврсто решен да продолжи понизно да му служи на Јехова. Овој негов став ни помага да разбереме зошто Јехова го нарекол Давид „човек по моето срце“ (Дела 13:22; 1. Самоил 13:14). Всушност, Давид го следел најдобриот пример за понизност — самиот Јехова Бог. Интересно, кога на Михала ѝ рекол „ќе се понижам“, Давид употребил израз чиј корен доаѓа од хебрејскиот глагол што се користи за да се опише Божјето гледиште за луѓето. Иако Јехова е најголемата Личност во универзумот, Псалм 113:6, 7 (Радосна вест) го опишува како да „слегува [се спушта од некоја висока положба за да му се обрати на некој потчинет], за да ги набљудува и небото и земјата!? Понижениот од прав го крева, сиротиот од глиб го извлекува“.
Бидејќи Јехова е понизен, не е чудно што мрази „горделиви очи“, или горделиви луѓе (Пословици 6:16, 17). Затоа што покажала ваква лоша особина и непочитување кон оној што Бог го избрал за цар, на Михала не ѝ било дозволено да му роди син на Давид. Таа умрела без деца. Колку важна поука за нас! Сите што сакаат да стекнат наклоност од Бог, мораат да го послушаат овој совет: „Опашајте се со понизност на умот еден кон друг, бидејќи Бог им се противставува на горделивите, а на понизните им дава незаслужена љубезност“ (1. Петрово 5:5).