Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Сигурен патоказ до среќата

Сигурен патоказ до среќата

Сигурен патоказ до среќата

СЕКОЈ човек има право да се ‚стреми кон среќа‘. Тоа било гледиштето на составувачите на Декларацијата за независност на Соединетите Американски Држави. Но, да се стремиш по некоја цел не е исто што и да ја постигнеш. Мнозина млади луѓе се стремат по кариера во светот на забавата и спортот, меѓутоа колкумина од нив навистина го постигнале успехот што толку го посакувале? „Веројатно нема да успеете“, вели еден познат пејач, кој добро знае колку е тешко да се стане успешен музичар.

Ако и ти мислиш дека нема да успееш да најдеш среќа, постои добра причина да не се разочараш. Можеш да најдеш среќа ако ја бараш на исправен начин. Зошто можеме да го речеме ова? Претходната статија зборуваше за „среќниот Бог“, Јехова (1. Тимотеј 1:11). Во Библијата, Бог дава упатства кои ќе ти помогнат твојата потрага по среќа да не заврши со разочарување. Јехова може да ти помогне да ги надминеш вообичаените причини за тага. На пример, размисли за тоа каква утеха ти дава доколку умре некој од твоите најмили.

Кога ќе умре некој од најмилите

Има ли некакво добро од смртта? Таа ги оттргнува родителите од децата и децата од родителите. Ги разделува блиските пријатели и носи несигурност во заедници каде што луѓето се многу блиски. Смртта ја претвора среќата на едно семејство во тага.

Јасно, смртта не е ништо друго туку трагедија. Меѓутоа, некои го одрекуваат ова и велат дека таа е благослов. Забележи што се случило откако ураганот Катрина го погодил мексиканскиот залив во август 2005 година. На погребот на една од жртвите, свештеникот рекол: „Катрина не го уби. Бог си го зеде кај себе“. Во друга прилика, една добронамерна службеничка во болницата ѝ рекла на ќерката чија мајка умрела да не се грижи, затоа што Бог ја зел мајка ѝ на небото. Ќерката болно извикала: „Зошто, зошто мораше да ми ја земе?“

Очигледно, таквите погрешни гледишта за смртта честопати не ги утешуваат ужалените. Зошто? Бидејќи тоа не е вистината за смртта. Што е уште полошо, тие оставаат слика дека Бог на еден страшен, суров начин им ги грабнува на семејствата и пријателите нивните сакани. Наместо да биде извор на утеха, Бог е претставен како главниот виновник во трагедијата на смртта. Но, Божјата реч ја кажува вистината за смртта.

Библијата ја нарекува смртта непријател. Ја споредува со цар што владее над луѓето (Римјаните 5:17; 1. Коринќаните 15:26). Смртта е толку моќен непријател, што ниеден човек не може да ѝ се спротивстави, а секој што умира од нашите блиски е само уште една од безбројните нејзини жртви. Оваа библиска вистина добро објаснува зошто сме тажни и немоќни кога ќе умре некој наш близок. Таа вистина потврдува дека е нормално да се чувствуваме така. Но, дали Бог ја користи смртта, нашиот непријател, за да ги земе нашите блиски на небото? Да видиме каков одговор ни дава Библијата.

Проповедник 9:5, 10 вели: „А мртвите не знаат ништо... нема ни дела, ни умување, ни сознавање, ни мудрост во Подземјето [гробот, NW] во кое одиш“. Во гробот мртвите се потполно неактивни, не се движат, ништо не чувствуваат ниту размислуваат. Нивната состојба може да се спореди со длабок сон. Според тоа, Библијата јасно кажува дека Бог не ги зема нашите блиски за да бидат со него на небото. Откако умреле, тие безживотно лежат во гробот.

Исус го потврдил овој факт откако умрел неговиот пријател Лазар. Исус ја споредил смртта со спиење. Ако Лазар отишол на небото за да биде со Семоќниот Бог, би било нељубезно од Исус што го вратил на Земјата, каде што еден ден повторно ќе умре. Во вдахновениот извештај пишува дека пред гробот, Исус гласно извикал: „Лазаре, излези!“. Библијата продолжува: „Човекот кој беше умрен излезе“. Лазар повторно почнал да живее. Исус знаел дека Лазар воопшто не ја напуштил Земјата. Тој безживотно лежел во гробот (Јован 11:11-14, 34, 38-44).

Овој настан, запишан во Библијата, ни помага да разбереме дека смртта не е средство што Бог го користи за да ги префрла луѓето од Земјата на небото. Затоа можеме да бидеме блиски со Бог, свесни дека тој не е причината за нашата тага. Исто така, можеме да имаме доверба дека тој потполно разбира колкава тага и штета ни нанесува нашиот непријател, смртта. А библиската вистина за тоа што се случува со мртвите е доказ дека тие не се измачуваат во пеколен оган или во чистилиште, туку безживотно лежат во гробот. Според тоа, спомените на нашите најблиски не треба да ни се измешани со чувство на одбивност кон Бог, или со страв поради тоа што не знаеме што е со нив. Освен тоа, во Библијата, Јехова ни дава уште една утеха.

Надежта води до среќа

Стиховите за кои зборувавме укажуваат дека, за да бидеме вистински среќни, неопходно е да имаме надеж. Зборот „надеж“ што се користи во Библијата значи очекување со цврста увереност дека ќе се случи нешто добро. За да видиме како може денес надежта да води до среќа, да се вратиме на извештајот кога Исус го воскреснал Лазар.

Има најмалку две причини зошто Исус го направил ова чудо. Едната била да ја отстрани тагата на Марта, Марија и ужалените пријатели. Тие повторно можеле да бидат заедно со оној што го сакале. Но, Исус ѝ ја спомнал на Марта втората, уште поважна причина: „Зарем не ти реков дека ако веруваш, ќе ја видиш Божјата слава?“ (Јован 11:40). The New Testament in Modern English од Џ. Б. Филипс го преведува последниот дел од реченицата како „чудата што Бог може да ги направи“. Со воскреснувањето на Лазар, Исус дал претслика за тоа што може да направи и што ќе направи Јехова Бог во иднина. Еве уште некои детали за овие „чуда што Бог може да ги направи“.

Во Јован 5:28, 29, Исус рекол: „Не чудете се на ова, зашто доаѓа часот во кој сите оние што се во спомен-гробовите ќе го чујат неговиот глас и ќе излезат“. Ова значи дека сите мртви во Подземјето [гробот, NW], вклучувајќи ги и нашите блиски, ќе се вратат во живот. Дела 24:15 открива уште нешто за овој извонреден настан, со зборовите: „Ќе има воскресение и на праведните и на неправедните“. Значи, дури и „неправедните“, многу лица што не го познавале и не му служеле на Јехова, ќе имаат можност да стекнат Божја наклоност.

Каде ќе се случи воскресението? Псалм 37:29 вели: „Праведниците ќе ја наследат земјата и ќе живеат довека на неа“. Размисли што значи тоа. Семејствата и пријателите што ги разделила смртта повторно ќе се сретнат тука, на Земјата. Разбирливо, твоето срце се исполнува со среќа додека размислуваш за убавите моменти што ќе ги имаш со луѓето што многу си ги ценел.

Јехова сака да бидеш среќен

Разгледавме на кои два начина Јехова може да ти ја зголеми среќата и покрај твоите проблеми. Прво, преку Библијата дава информации и упатства за да ти помогне успешно да се справиш со проблемите. Освен што ни помагаат да ја надминеме тагата поради смртта, советите од Библијата може да ни помогнат и да излеземе на крај со економските и здравствените проблеми. Може да ти дадат сила да ги издржиш социјалните неправди и политичките немири. А тоа што ќе живееш според нејзините упатства, може да ти помогне да се справиш и со други лични проблеми.

Второ, со проучувањето на Библијата стекнуваш надеж која далеку надминува сѐ што нуди човечкото општество. Воскресението на пријателите и роднините е дел од надежта за која зборува Библијата. Повеќе детали околу тоа читаме во Откровение 21:3, 4: „Самиот Бог ќе биде со [луѓето]. И тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага ни пискот ни болка. Поранешните работи поминаа“. Ова значи дека наскоро, сите причини за тага во твојот живот ќе бидат засекогаш отстранети. Она што е ветено во Библијата ќе се исполни, а ти можеш да го имаш задоволството да го доживееш тоа исполнување. Дури и со самото тоа што знаеме дека доаѓаат подобри времиња, ни олеснува. А тоа што знаеме дека по смртта нема вечно да бидеме мачени е причина да бидеме среќни.

Да разгледаме еден пример: Пред неколку години, сопругот на Марија постепено и болно умрел од рак. Сѐ уште скршена од смртта на сопругот, заедно со своите три ќерки морала да ја напушти семејната куќа поради финансиски проблеми. Две години подоцна, Марија дознала дека е болна од рак. Имала две поголеми операции и секојдневно трпи големи болки. И покрај овие проблеми, таа размислува толку позитивно што има желба да ги храбри другите. Како успева да остане среќна?

Марија вели: „Кога имам некој проблем, се обидувам мислите да не ми се вртат премногу околу тоа. Настојувам да не се прашувам: ‚Зошто јас? Зошто морам толку да страдам? Зошто мораше да се разболам?‘ Негативното размислување ни ја црпи силата. Наместо тоа, мојата сила ја користам да му служам на Јехова и да им помагам на другите. Тоа ме прави среќна“.

Како надежта ѝ помага на Марија? Таа со цело срце ја очекува иднината кога Јехова ќе ги отстрани болестите и другите проблеми на луѓето. Кога оди на терапија во болница им зборува за таа надеж на другите болни од рак, кои можеби се чувствуваат безнадежно. Колку ѝ е важна надежта на Марија? Таа вели: „Честопати размислувам за она што го кажува Библијата во Евреите 6:19, каде што Павле ја опишува надежта како котва за душата. Без таа котва ќе лутаме како брод препуштен на една бура што го носи во разни правци. Но, ако си врзан за таа котва, ти си сигурен и покрај бурните проблеми што ги доживуваш“. „Надежта во вечен живот што Бог, кој не може да лаже, го ветил“ ѝ помага на Марија да остане среќна. Тоа може да го стори и за тебе (Тит 1:2).

Ако ја проучуваш Библијата, можеш да ја најдеш вистинската среќа и покрај своите проблеми. Но, можеби се прашуваш дали е практично да ја проучуваш Библијата. Јеховините сведоци со задоволство ќе ти помогнат да ги дознаеш од Светото писмо одговорите што ти се потребни за да бидеш вистински среќен. А додека го очекуваш исполнувањето на надежта што ни ја дава Јехова, можеш да бидеш меѓу оние што се опишани со следниве зборови: „Тие ќе најдат радост и веселба, а жалоста и воздишката ќе се оддалечат“ (Исаија 35:10ПСП).

[Слика на страница 5]

Само библиската вистина може да ја намали тагата

[Слика на страница 7]

Библиската надеж за воскресение може да придонесе за твојата среќа