Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Избрани стихови од третата и четвртата книга на Псалмите

Избрани стихови од третата и четвртата книга на Псалмите

Јеховината реч е жива

Избрани стихови од третата и четвртата книга на Псалмите

ВО МОЛИТВА до Бог, псалмистот прашува: „Зар во гробот се раскажува за Твојата милост? За Твојата вистина во гибелта?“ (Псалм 88:11). Се разбира, одговорот е „не“. Ако не сме живи, не можеме да го славиме Јехова. Тоа што можеме да го славиме ни дава добра причина да продолжиме да живееме, а тоа што живееме е добра причина да го славиме.

Третата и четвртата книга на Псалмите, во чиј состав влегуваат Псалмите 73 — 106, ни даваат голем број причини да го славиме Творецот и да го благословуваме неговото име. Тоа што ќе размислуваме за овие псалми би требало да го продлабочи нашето ценење за „речта Божја“ и да нѐ поттикне да го славиме уште повеќе и на уште подобар начин (Евреите 4:12). Затоа, живо заинтересирани, да ги проследиме најпрво псалмите што влегуваат во состав на третата книга.

„А ЗА МЕНЕ МИЛИНА Е ДА БИДАМ ВО БОЖЈА БЛИЗИНА“

(Псалми 73:1—89:52)

Првите 11 псалми од третата збирка ги составил Асаф или некој од неговото семејство. Уводната песна објаснува што го спасило Асаф да не биде одвлечен од погрешно размислување. Тој дошол до исправниот заклучок и во песна рекол: „А за мене милина е да бидам во Божја близина“ (Псалм 73:28). Во Псалм 74 следи оплакување поради уништувањето на Ерусалим. Псалмите 75, 76 и 77 го прикажуваат Јехова како праведен Судија, Спасител на кротките и Слушател на молитвите. Псалм 78 го разгледува минатото на Израел од времето на Мојсеј до времето на Давид. Во следниот, 79. Псалм, се оплакува уништениот храм. Потоа следи молитва за обновување на Божјиот народ. Псалм 81 ни дава поттик да му останеме верни на Јехова. Псалм 82 и 83 се молитви за Бог да изврши суд врз корумпираните судии, односно врз Божјите непријатели.

„Мојата душа гине и копнее по Господовите дворови“, вели песната на Кореевите синови (Псалм 84:2). Во Псалм 85 се бара Божји благослов за повратниците од изгнанство. Овој псалм истакнува дека духовните благослови се далеку повредни од физичките благослови. Во Псалм 86, Давид го моли Бог да го чува и да го поучува. Псалм 87 претставува песна за Сион и за оние што се родени таму, по која, во Псалм 88, следи молитва до Јехова. Голем акцент на милоста што ја покажал Јехова склучувајќи го сојузот со Давид е ставен во Псалм 89, кој го составил Етан, најверојатно еден од четворицата мудри луѓе во времето на Соломон (1. Цареви 4:31).

Одговорени библиски прашања:

73:9 — На кој начин злочинците „со устата се нафрлаат врз небото, а нивниот јазик ја обиколува земјата“? Со оглед на тоа што злочинците немаат обѕир ни кон некој на небото ни кон некој на земјата, не се двоумат да хулат на Бог со својата уста. Исто така, со својот јазик ги клеветат луѓето.

74:13, 14 — Кога Јехова ‚ги смачкал главите на морските чудовишта во водите и му ги скршил главите на Левијатана‘? ‚Фараонот, египетскиот цар‘ е наречен ‚голем крокодил што лежи сред своите реки‘ (Езекиел 29:3). Левијатанот можеби ги претставува силите на фараонот. Тоа што им биле смачкани главите веројатно се однесува на поразот во кој биле уништени фараонот и неговата војска, кога Јехова ги избавил Израелците од ропството во Египет.

75:4, 5, 10 — Што означува зборот „рог“? Роговите на едно животно му се силно оружје. Според тоа, терминот „рог“ симболично означува сила, или моќ. Јехова ги подига роговите на својот народ, односно го возвишува, а од друга страна ‚ги крши роговите на безбожниците‘. Тоа што сме предупредени да не го ‚креваме својот рог против небото‘ значи дека не треба да станеме горди или арогантни. Бидејќи Јехова е оној што возвишува некого, на задачите и одговорностите во собранието ние треба да гледаме како да сме ги добиле од него (Псалм 75:7).

76:10 — Како може „бесот на човекот“ да го прославува Јехова? Кога Бог им дозволува на луѓето да го истурат својот бес врз нас, затоа што сме негови слуги, исходот може да биде позитивен. Од секоја тешкотија низ која ќе минеме може да научиме нешто. Јехова дозволува да страдаме точно толку колку што е потребно за да го научиме она што треба (1. Петрово 5:10). ‚Со остатокот на бесот Бог се завиткува.‘ Што ако страдаме дотаму што ќе умреме? И тоа го прославува Јехова, зашто оние што нѐ гледаат како верно истрајуваме може исто така да почнат да го прославуваат Бог.

78:24, 25 — Зошто маната е наречена ‚небесен леб‘ и „ангелски леб“? Ниту еден од овие изрази не значи дека маната им служела како храна на ангелите. Била наречена ‚небесен леб‘ во таа смисла што дошла од небото (Псалм 105:40). Бидејќи ангелите се наоѓаат на небото, фразата „ангелски леб“ може едноставно да значи дека лебот им го дал Бог, кој се наоѓа на небото (Псалм 11:4). Можно е Јехова да користел и ангели за да им ја даде маната на Израелците.

82:1, 6 — Кои се тие што се наречени „богови“ и „синови на Сѐвишниот“? И двата израза се однесуваат на луѓето што служеле како судии во Израел. Ваквата споредба е соодветна, зашто тие служеле како Божји говорници и претставници (Јован 10:33-36).

83:2 — Што значи некој да ја ‚крева главата‘? Овој гест означува дека е спремен да употреби сила или да преземе акција, обично со цел да се спротивстави некому, да се бори со некого или да го нападне.

Поуки за нас:

73:2-5, 18-20, 25, 28. Не треба да им завидуваме на злобните поради тоа што напредуваат или да го прифатиме нивниот безбожен начин на живот. Злобните се на лизгава патека. Сигурно ќе дојдат до „пропаст“. Освен тоа, бидејќи злобата не може да биде отстранета под денешново несовршено човечко владеење, залудно ќе е да се обидуваме да ја искорениме. Како Асав, мудро е ако со злобата се справуваме на тој начин што ќе ‚бидеме во Божја близина‘ и ќе црпиме задоволство од нашиот близок однос со Него.

73:3, 6, 8, 27. Мора добро да внимаваме да не станеме фалбаџии, горди, потсмевачи и измамници. Ова е случај дури и тогаш кога можеби ни се чини дека таквите особини би ни користеле.

73:15-17 (NW). Кога сме збунети од нешто за кое размислуваме, треба да се воздржиме и да не им раскажеме веднаш за тоа на сите. Ако им ‚зборуваме така‘, само ќе ги обесхрабриме. Треба мирно да размислиме за она што нѐ загрижува и да го решиме со помошта од нашите пријатели меѓу соверниците (Пословици 18:1).

73:21-24. Кога ‚душата би ни била јадосана‘ затоа што ни се чини дека на злобните сѐ им оди добро, би биле слични на животните, без разум. Ваквата реакција е избрзана, и произлегува само од чувствата. Наместо тоа, треба да сме водени од она што нѐ советува Јехова, потполно уверени дека тој ќе ‚ја прифати нашата десница‘ и ќе нѐ поддржува. Освен тоа, Јехова ќе ‚нѐ земе во Својата слава‘, односно ќе имаме близок однос со него.

77:6. Ако сакаме да покажеме искрен интерес за духовните вистини и внимателно да ги бараме, ќе треба да одвоиме време за да проучуваме и да размислуваме. Колку е важно во животот да си одвоиме моменти кога ќе сме сами!

79:9. Јехова ги слуша нашите молитви, особено тогаш кога станува збор за посветувањето на неговото име.

81:13, 16. Ако го слушаме гласот на Јехова и чекориме по неговите патишта, ќе добиеме богати благослови (Пословици 10:22).

82:2, 5. Неправдата предизвикува ‚сите основи на земјата да се разлулеани‘. Неправедните постапки ја рушат стабилноста на човечкото општество.

84:1-4, 10-12. Ценењето што го имале псалмистите за местото каде што бил славен Јехова и задоволството што го чувствувале поради тоа што му служеле на Јехова на таков посебен начин претставува пример за нас.

86:5. Колку благодарни треба да бидеме затоа што Јехова ‚проштава со задоволство‘! Тој постојано набљудува за да најде нешто што би му дало основа да покаже милост кон оној што згрешил, но се кае.

87:5, 6. Дали оние што ќе добијат живот во рајот на Земјата некогаш ќе ги дознаат имињата на оние што се воскреснати за небесен живот? Овие стихови покажуваат дека постои голема веројатност да биде така.

88:13, 14. Тоа што подолго време чекаме Јехова да одговори на нашите молитви околу некој проблем најверојатно значи дека Јехова сака да покажеме колку искрено сме му оддадени.

„ФАЛЕТЕ ГО, СЛАВЕТЕ МУ ГО ИМЕТО!“

(Псалми 90:1—106:48)

Разгледај неколку различни причини да се велича Јехова дадени во четвртата збирка псалми. Во Псалм 90, Мојсеј го споредува постоењето на „Царот на вечноста“ со краткотрајниот живот на човекот (1. Тимотеј 1:17). Според Псалм 91:2, Мојсеј му се обраќа на Јехова како на негово ‚прибежиште и тврдина‘ — негов Извор на сигурност. Следните неколку псалми зборуваат за Божјите прекрасни особини, возвишени мисли и чудесни дела. Три песни започнуваат со изразот „Господ царува“ (Псалми 93:1; 97:1; 99:1). Зборувајќи за Јехова како за Оној што нѐ создал, псалмистот нѐ повикува да го ‚фалиме, да Му го славиме името‘ (Псалм 100:4).

Како треба владетелот што се плаши од Јехова да ги води работите? Одговорот на тоа го дава Псалм 101, кој го составил Давид. Следниот псалм ни кажува дека Јехова со сигурност ‚ќе погледне кон молитвите на лишените, нема да ја презре нивната молитва‘ (Псалм 102:17). Псалм 103 зборува за добрината и милоста на Јехова. Откако спомнува многу од Божјите созданија на Земјата, псалмистот извикува: „Колку се бројни Твоите дела, о Господи! Со мудрост направи се“ (Псалм 104:24). Последните две песни од четвртата книга го слават Јехова за неговите чудесни дела (Псалми 105:2, 5; 106:7, 22).

Одговорени библиски прашања:

91:1, 2 (NW) — Што е „тајното засолниште на Севишниот“ и како можеме да ‚престојуваме‘ таму? Тоа е симболично место на духовна безбедност и сигурност — состојба кога сме заштитени од духовна штета. Местото е тајно затоа што не им е познато на оние што не веруваат во Бог. Ние престојуваме кај Јехова со тоа што него го сметаме за наше засолниште и тврдина, со тоа што го славиме како Врховен Владетел на универзумот и со тоа што ја проповедаме добрата вест за Царството. Се чувствуваме духовно сигурни затоа што знаеме дека Јехова е секогаш спремен да ни помогне (Псалм 90:1).

92:12 — Во која смисла праведникот „цвета како палма“? Палмите се познати по својата родност. Праведниот е како палма во таа смисла што во Божји очи е исправен и постојано носи „добар плод“, што вклучува добри дела (Матеј 7:17-20).

Поуки за нас:

90:7, 8, 13, 14. Нашите престапи секогаш му наштетуваат на нашиот однос со вистинскиот Бог. А тајните гревови не можат да останат скриени од него. Но, ако вистински се покаеме и престанеме да постапуваме погрешно, повторно ќе ја имаме наклоноста на Јехова, кој ќе нѐ ‚насити со својата милост‘.

90:10, 12. Бидејќи животот е краток, треба да ги „броиме нашите дни“. Како? Така, што ќе „придобиеме мудро срце“, односно ќе постапуваме мудро, за преостанатите денови од животот да не ни пропаднат туку да ги потрошиме на начин кој му носи задоволство на Јехова. Ова бара од нас да им дадеме предност на духовните работи и мудро да го користиме своето време (Ефешаните 5:15, 16; Филипјаните 1:10).

90:17. Исправно е да го молиме Јехова „да успее делото на нашите раце“ и да го благослови нашиот труд во службата.

92:14, 15. Со тоа што трудољубиво ја проучуваат Божјата реч и редовно се дружат со Јеховиниот народ, постарите продолжуваат да бидат „сочни и свежи“ — духовно силни — и тие претставуваат вреден посед за собранието.

94:19. Без разлика од која причина во нашето срце се ‚собрале грижи‘, читањето и размислувањето за ‚утехите‘ во Библијата ќе нѐ смират.

95:7, 8. Тоа што ќе ги слушаме советите од Библијата, ќе им посветиме внимание и спремно ќе постапиме според нив ќе спречи да станеме со тврдо срце (Евреите 3:7, 8).

106:36, 37. Овие стихови го поврзуваат обожавањето идоли со принесувањето жртви на демоните. Тоа покажува дека оној што користи идоли може да биде под демонско влијание. Библијата нѐ поттикнува: „Чувајте се од идоли“ (1. Јованово 5:21).

„Благословувај Го Господа, душо моја!“

Последните три песни од четвртата книга псалми завршуваат со поттикот да го благословуваме и да го фалиме Бог. А последниот псалм од оваа група, пак, започнува така (Псалми 104:35; 105:45; 106:1, 48). Всушност, во четвртата книга псалми, ваквиот поттик ни е упатен честопати.

Имаме навистина добри причини да го благословуваме Јехова. Сите овие псалми, од 73 до 106, ни помагаат да размислуваме за многу работи и ни го исполнуваат срцето со благодарност кон нашиот небесен Татко. Кога размислуваме за сѐ што досега сторил за нас и што допрва ќе стори, зар не сме поттикнати да го „благословуваме“ Бог со сета своја сила?

[Слика на страница 10]

Како Асав, можеме да се справиме со злобата на тој начин што ќе ‚бидеме во Божја близина‘

[Слика на страница 11]

Фараонот претрпил пораз кај Црвеното Море

[Слика на страница 11

Дали знаеш зошто маната е наречена „ангелски леб“?

[Слика на страница 13]

Што ни помага да ги растераме грижите собрани во нашето срце?