Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Концентрирај се на доброто во Јеховината организација

Концентрирај се на доброто во Јеховината организација

Концентрирај се на доброто во Јеховината организација

„Ќе се наситиме со доброто од твојот дом“ (ПСАЛМ 65:4, NW).

1, 2. а) Како требало да влијае врз Божјиот народ тоа што ќе бил изграден храм? б) Какви подготовки направил Давид за изградбата на храмот?

 ДАВИД од древниот Израел е еден од највпечатливите луѓе што се спомнуваат во Хебрејските списи. Овој пастир, музичар, пророк и цар имал потполна доверба во Јехова Бог. Од длабока приврзаност кон Јехова, кај Давид се родила желба да му изгради дом на Бог. Таквиот дом, или храм, требало да биде центар на обожавањето на вистинскиот Бог во Израел. Давид знаел дека храмот и работата на него ќе му донесат радост и благослови на Божјиот народ. Затоа, Давид пеел: „Среќен е оној кого ти [Јехова] ќе го одбереш и кому му дозволуваш да ти се приближи, за да живее во твоите дворови. Ќе се наситиме со доброто од твојот дом, од светото место на твојот храм“ (Псалм 65:4NW).

2 На Давид не му било дозволено да ја надгледува изградбата на Јеховиниот дом. Наместо тоа, таа чест била оставена за неговиот син Соломон. Давид не приговарал што на некој друг му била дадена честа која самиот толку многу ја сакал. Нему му било најважно храмот да биде изграден. Со сета душа го поддржувал проектот со тоа што му ги предал на Соломон архитектонските планови кои ги имал добиено од Јехова. Освен тоа, Давид организирал илјадници левити и ги поделил во групи за да вршат служба и донирал големо количество злато и сребро за да се изгради храмот (1. Летописи 17:1, 4, 11, 12; 23:3-6; 28:11, 12; 29:1-5).

3. Каков став имаат Божјите слуги кон сѐ што се прави во врска со обожавањето на вистинскиот Бог?

3 Верните Израелци помагале во сѐ што се правело за да се обожава вистинскиот Бог во неговиот дом. Како Јеховини слуги во денешно време, и ние помагаме во сѐ што се прави за да се обожава Јехова во земниот дел од неговата организација. Така покажуваме дека го имаме истиот став како Давид. Ние не сакаме да се жалиме. Наместо тоа, се концентрираме на доброто во Божјата организација. Си размислил ли за многуте добри работи за кои можеме да бидеме длабоко благодарни? Да разгледаме некои од нив.

Благодарни што ги имаме оние што предводат

4, 5. а) Како ја извршува својата задача „верниот и разборит роб“? б) Што мислат некои Сведоци за духовната храна што ја добиваат?

4 Имаме добри причини да бидеме благодарни за „верниот и разборит роб“ што го поставил Исус Христос врз сиот свој имот на Земјата. Оваа група, составена од христијани помазани со дух, предводи во проповедањето на добрата вест, во организирањето состаноци на кои го обожаваме Бог, и во издавањето библиска литература на преку 400 јазици. Милиони луѓе во целиот свет со благодарност земаат од оваа духовна „храна во право време“ (Матеј 24:45-47). Сигурно немаме причина да мрмориме во врска со тоа.

5 Елфи, која е Јеховин сведок на постара возраст, со години добивала утеха и помош со тоа што ги применувала библиските совети кои се наоѓале во публикациите што ги издавал верниот и разборит роб. Од длабоко ценење, Елфи напишала: „Што би правела без Јеховината организација?“ Петер и Ирмгард исто така со децении му служат на Бог. Ирмгард вели дека е благодарна за сите публикации што ги издава „Јеховината грижлива и нежна организација“. Во нив спаѓаат и публикациите наменети за лицата со посебни потреби, како што се оние со оштетен вид и слух.

6, 7. а) Како се надгледуваат активностите на собранијата во целиот свет? б) Што рекле некои за земниот дел од Јеховината организација?

6 ,Верниот роб‘ е претставен со Водечкото тело на Јеховините сведоци, една мала група мажи помазани со свет дух, кои служат во светското седиште на Јеховините сведоци во Бруклин, Њујорк. Водечкото тело поставува искусни слуги на Јехова за да служат во подружниците што ги надгледуваат активностите на преку 98.000 собранија во целиот свет. Мажи што ги исполнуваат библиските барања се поставуваат за старешини и слуги помошници во тие собранија (1. Тимотеј 3:1-9, 12, 13). Старешините предводат и со љубов се грижат за Божјето стадо што им е доверено. Голем благослов е да се биде дел од тоа стадо и да се чувствуваат љубовта и единството што постојат меѓу „целата заедница од браќа“! (1. Петрово 2:17; 5:2, 3).

7 Наместо да се жалат, поединци честопати изразуваат ценење за нежното духовно водство што го добиваат од старешините. На пример, размисли за Биргит, една христијанска сопруга во своите 30-ти години. Кога била тинејџерка, западнала во лошо друштво и за малку ќе направела грев. Но, јасниот библиски совет што ѝ го дале старешините и поддршката од соверниците ѝ помогнале да избега од една ситуација што можела да заврши лошо. Како се чувствува сега Биргит? Таа вели: „Многу сум благодарна што сѐ уште припаѓам на Јеховината прекрасна организација“. Андреас, кој има 17 години, вели: „Ова е навистина Јеховина организација, најдобрата организација во светот“. Зар не треба да бидеме благодарни за доброто во земниот дел од Јеховината организација?

Оние што предводат се несовршени

8, 9. Како постапиле некои луѓе што живееле во времето на Давид, и како реагирал тој на нивните постапки?

8 Се разбира, оние што се поставени да предводат во обожавањето на вистинскиот Бог се несовршени. Сите тие грешат, а некои од нив имаат вкоренети слабости и напорно работат на тоа да ги држат под контрола. Зар треба да се вознемируваме поради тоа? Не. Дури и оние на кои им биле доверени големи одговорности во древниот Израел правеле големи грешки. На пример, кога Давид сѐ уште бил млад, го викнале да служи како музичар за да го смири вознемирениот цар Саул. Подоцна, Саул се обидел да го убие Давид, кој на крајот морал да бега за да си го спаси животот (1. Самоил 16:14-23; 18:10-12; 19:18; 20:32, 33; 22:1-5).

9 Други Израелци биле подли. На пример, Јоав, воениот заповедник на Давид, го убил Абнер, кој му бил роднина на Саул. Авесалом сковал завера против својот татко, Давид, за да му го земе престолот. А доверливиот советник на Давид, Ахитофел, го предал (2. Самоил 3:22-30; 15:1-17, 31; 16:15, 21). Сепак, Давид не станал огорчен мрморко, ниту престанал да го обожава вистинскиот Бог. Всушност, се случило токму спротивното. Неволјата го натерала Давид да се приврзе кон Јехова и да го задржи исправниот став што го имал кога избегал од Саул. Во тоа време, Давид пеел: „Помилувај ме, Боже, о помилувај ме, зашто мојата душа се надева на Тебе. Се засолнувам под сенката на Твоите крилја, додека не мине гибелта“ (Псалм 57:1).

10, 11. Што доживеала христијанката Гертруд кога била млада, и што рекла за мааните на своите соверници?

10 Ние немаме причина да се жалиме дека денес некој постапува подло во Јеховината организација. Ни Јехова, ни неговите ангели, ниту, пак, духовните пастири не дозволуваат присуство на подли, злобни луѓе во христијанското собрание. Сепак, сите се соочуваме со човечката несовршеност — како својата така и несовршеноста на другите Божји слуги.

11 Кога била млада, Гертруд, која долги години му служела на Јехова, била лажно обвинета дека е измамничка, а не полновремен проповедник на Царството. Како реагирала таа? Дали Гертруд мрморела и се жалела што така постапиле со неа? Не. Кратко пред својата смрт, во 2003 година, кога имала 91 година, размислила за својот живот и објаснила: „Овие и други искуства во животот ме научија дека, и покрај тоа што поединци прават грешки, Јехова го води своето големо дело, во кое нѐ користи нас, несовршените луѓе“. Кога се соочила со мааните на другите Божји слуги, Гертруд горливо му се молела на Јехова.

12. а) Каков лош пример дале некои христијани во првиот век? б) На што треба да ги задржиме мислите?

12 Бидејќи дури и најверните и најлојални христијани се несовршени, кога некој именуван брат ќе згреши, треба да продолжиме ‚да правиме сѐ без мрморење‘ (Филипјаните 2:14). Колку би било жалосно да го следиме лошиот пример на некои од христијанското собрание во првиот век! Според ученикот Јуда, лажните учители од тоа време ‚го омаловажувале господството и зборувале навредливо за славните‘. Освен тоа, тие биле „мрморковци, луѓе кои се жалат на својот удел во животот“ (Јуда 8, 16). Да не се поведеме по тие мрморковци што постојано се жалат, и да мислиме на убавите работи што ги добиваме преку ‚верниот роб‘. Да го цениме доброто во Јеховината организација и ‚да правиме сѐ без мрморење‘.

„Овој говор е шокантен“

13. Како реагирале некои на извесни учења на Исус Христос?

13 Некои во првиот век мрмореле против именуваните браќа, а други мрмореле против Исусовите учења. Како што пишува во Јован 6:48-69, Исус рекол: „Кој се храни со моето тело и ја пие мојата крв, има вечен живот“. Кога ги чуле тие зборови, ‚многу од неговите ученици... рекле: „Овој говор е шокантен; кој може да го слуша?“‘ Исус знаел дека ‚неговите ученици мрмореле поради тоа‘. Исто така, ‚поради тоа многу од [нив] се вратиле на она што го оставиле зад себе и не оделе веќе со него‘. Но, не мрмореле сите ученици. Забележи што се случило кога Исус ги прашал 12-те апостоли: „Да не сакате и вие да си отидете?“ Апостол Петар одговорил: „Господи, кај кого да отидеме? Ти имаш зборови на вечен живот; и ние поверувавме и спознавме дека ти си Светиот Божји“.

14, 15. а) Зошто некои негодуваат на некои аспекти од христијанските учења? б) Што можеме да научиме од она што се случило со Емануел?

14 Во денешно време, некои поединци од Божјиот народ се незадоволни од некој аспект на христијанското учење и мрморат против земниот дел од Јеховината организација. Зошто се случува тоа? Причина за таквото мрморење честопати е недоволното разбирање на начинот на кој Бог ги прави работите. Творецот постепено му ја открива вистината на својот народ. Значи, од време на време сигурно ќе има преиначувања со кои подобро ќе бидат објаснети некои работи од Библијата. Поголемиот дел од Јеховиниот народ им се радува на таквите објаснувања. Само мал број стануваат ‚преправедни‘ и се лутат на промените (Проповедник 7:16). Улога во тоа може да игра и гордоста, а некои паѓаат во замката на независното размислување. Која и да е причината, таквото мрморење е опасно, бидејќи тоа може да нѐ одвлече назад во светот и на неговиот начин на живот.

15 Емануел, на пример, бил Сведок што нашол замерка на некои работи што ги прочитал во публикациите на „верниот и разборит роб“ (Матеј 24:45). Престанал да ја чита нашата христијанска литература и на крајот им рекол на старешините од локалното собрание дека повеќе не сака да биде Јеховин сведок. Меѓутоа, по кратко време, Емануел сфатил дека учењата на Јеховината организација се сепак точни. Контактирал со Сведоците, ја признал својата грешка и повторно бил примен во редовите на Јеховините сведоци. Оттогаш повторно е среќен.

16. Што може да ни помогне да ги надминеме сомневањата во врска со извесни христијански учења?

16 Што ако сме на искушение да мрмориме затоа што се сомневаме во некои учења во кои верува Јеховиниот народ? Во тој случај, не треба да бидеме нестрпливи. ‚Верниот роб‘ може еден ден да објави нешто што дава одговор на нашите прашања и ги разјаснува нашите сомневања. Мудро е да бараме помош од христијанските старешини (Јуда 22, 23). Молитвата, личното проучување и дружењето со духовно настроени соверници исто така можат да ни помогнат да ги отстраниме сомневањата и да го продлабочиме нашето ценење за библиските вистини што ни ја зајакнуваат верата, а сме ги научиле преку Јеховиниот канал на комуникација.

Остани позитивен

17, 18. Каков став треба да имаме наместо да мрмориме, и зошто?

17 Вистина е дека несовршените луѓе имаат вродена склоност да грешат, а некои имаат силна склоност да се жалат без основа (Битие 8:21; Римјаните 5:12). Но, ако стекнеме навика да мрмориме, ќе го доведеме во опасност нашиот однос со Јехова Бог. Затоа, треба да контролираме секаква евентуална склоност да мрмориме.

18 Наместо да мрмориме за некои работи во собранието, треба да останеме позитивни и да правиме работи што ќе ни помогнат да останеме зафатени, радосни, богобојазливи, урамнотежени и здрави во верата (1. Коринќаните 15:58; Тит 2:1-5). Јехова има контрола над сѐ што се случува во неговата организација, а и Исус знае што се случува во секое собрание, исто како што знаел и во првиот век (Откровение 1:10, 11). Стрпливо чекај на Бог и на Христос, кој е Глава на собранието. Тие може да ги употребат одговорните пастири за да ги исправат работите што треба да се средат (Псалм 43:5; Колошаните 1:18; Тит 1:5).

19. На што треба да обрнеме внимание додека не дојде времето кога Царството ќе преземе целосна контрола врз работите на човештвото?

19 Наскоро на овој злобен свет ќе му дојде крајот и месијанското Царство ќе преземе целосна контрола врз работите на човештвото. Дотогаш е многу важно секој од нас да остане позитивен! Тоа ќе ни помогне да ги увидиме убавите особини на нашите соверници, наместо да се концентрираме на нивните слаби страни. Ако мислиме на убавите црти на нивната личност, ќе бидеме среќни. Наместо емоционално да се исцрпуваме од мрморење, ќе бидеме охрабрени и ќе се изградиме духовно.

20. Какви благослови ќе можеме да добиеме ако бидеме позитивни?

20 Позитивниот став исто така ќе ни помогне да мислиме на многуте благослови што ги имаме затоа што сме поврзани со земниот дел од Јеховината организација. Тоа е единствената организација во светот што му е лојална на Севишниот во вселената. Што мислиш ти за тоа и за честа што ја имаш да го обожаваш единствениот вистински Бог, Јехова? Имај го ставот на Давид, кој пеел: „Ти си тој што ги слуша молитвите, кај тебе доаѓа секој човек. Среќен е оној кого ти ќе го одбереш и кому му дозволуваш да ти се приближи, за да живее во твоите дворови. Ќе се наситиме со доброто од твојот дом, од светото место на твојот храм“ (Псалм 65:2, 4NW).

Се сеќаваш ли?

• Зошто треба да бидеме благодарни што ги имаме оние што предводат во собранието?

• Како треба да реагираме кога некој од одговорните браќа ќе згреши?

• Како треба да гледаме на преиначувањата во објаснувањето на некои работи од Библијата?

• Што може да му помогне на христијанинот да ги надмине сомневањата?

[Прашања]

[Слика на страница 20]

Давид му ги дал на Соломон плановите за храмот и со сета душа го поддржувал обожавањето на вистинскиот Бог

[Слика на страница 23]

Христијанските старешини радосно даваат духовна помош