Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

‚Нашиот Бог може да нѐ избави‘

‚Нашиот Бог може да нѐ избави‘

„Повеќе мораме да го слушаме Бог како владетел отколку луѓето“

‚Нашиот Бог може да нѐ избави‘

НАСТАНОТ бил замислен како нешто величествено. Во рамницата Дура, најверојатно близу градот Вавилон, бил подигнат огромен златен кип. Свеченото откривање требало да биде проследено со церемонија на која биле повикани сите високи службеници, кои требало да се поклонат пред кипот кога ќе екнеле звуците на голем број музички инструменти. Со одлука на вавилонскиот цар Навуходоносор, секој што ќе одбиел да му оддаде почит на кипот, ќе умрел во вжарена печка. Зар некој би се осмелил да не го послуша?

На изненадување на посматрачите, тројца богобојазливи младичи што верувале во Јехова — Седрах, Мисах и Авденаго — не се поклониле. Им било јасно дека со тој чин би покажале дека не му се оддадени единствено на својот Бог, Јехова (Второзаконие 5:8-10). Кога Навуходоносор побарал од нив да објаснат зошто цврсто остануваат на својата одлука, бестрашно му одговориле: „Нашиот Бог Кому Му служиме може да нѐ избави од вжарената печка и од твојата рака, цару; Тој и ќе нѐ избави. Но ако тоа и не го направи знај, о цару: ние нема да им служиме на твоите богови, ниту ќе му се поклониме на кипот што си го подигнал“ (Даниел 3:17, 18).

Кога тројцата Евреи биле фрлени во разгорената вжарена печка, само чудо можело да им го спаси животот. Бог испратил ангел за да ги заштити своите верни слуги. Но, тие покажале дека биле решени да му останат верни на Јехова дури и ако требало да умрат за тоа. a Во слична ситуација се нашле и апостолите на Исус Христос кои, повеќе од шест века подоцна, пред еврејскиот виш суд изјавиле: „Повеќе мораме да го слушаме Бог како владетел отколку луѓето“ (Дела 5:29).

Важни поуки за нас

Седрах, Мисах и Авденаго се убави примери за вера, послушност и лојалност. Тројцата Евреи покажале вера во Јехова. Нивната совест изострена преку Светите списи не им дозволила да учествуваат во каков и да е чин на почитување лажни богови или на изразување национална оддаденост. Исто како нив, и христијаните денес безрезервно веруваат во вистинскиот Бог. Водени од својата совест изострена преку Библијата, тие одбиваат да учествуваат во каков и да било чин на обожавање на лажни богови или да учествуваат во церемонии со кои се кршат Божјите закони и начела.

Тројцата верни Евреи верувале во Јехова и одбиле да ја трампат својата послушност кон него за какво и да било признание, статус или слава што би им ги понудила вавилонската империја. Тие младичи биле поспремни да страдаат и да умрат отколку да си го уништат пријателството со Бог. Како што претходно било случај и со Мојсеј, тие ‚останале цврсти како да го гледале Оној кој е невидлив‘ (Евреите 11:27). Без разлика на тоа дали Јехова ќе решел да ги спаси од смртта или не, тројцата биле решени да му останат верни наместо да попуштат и да направат нешто само колку да си го спасат животот. Очигледно зборувајќи за примерот што го дале тие, апостол Павле меѓу верните ги спомнал и оние што ‚ја запреле силата на огнот, (Евреите 11:34). И денес, кога се ставени под притисок да му останат верни на Јехова, неговите слуги покажуваат иста таква вера и послушност.

Од она што им се случило на Седрах, Мисах и Авденаго исто така учиме дека Бог нѐ наградува кога сме му лојални. Во една своја песна псалмистот рекол: „Господ... Своите свети не ги остава“ (Псалм 37:28). Денес не можеме да очекуваме Бог да нѐ спаси преку чудо, како што ги спасил тројцата Евреи. Сепак, можеме да бидеме уверени дека, сеедно со каква тешкотија сме соочени, нашиот небесен Татко ќе ни помогне. Бог може да го отстрани проблемот, да ни даде сила да го пребродиме или да нѐ воскресне, ако сме му останале верни и по цена на животот (Псалм 37:10, 11, 29; Јован 5:28, 29). Верата, послушноста и лојалноста ни носат успех секогаш кога се испитува дали ќе му останеме верни на Бог и кога избираме да му се покориме нему, а не на луѓето.

[Фуснота]

a Види во Календарот на Јеховините сведоци за 2006, јули/август

[Рамка/слика на страница 9]

ДАЛИ СИ ЗНАЕЛ?

• Тројцата Евреи имале по помалку од 30 години кога им била испитана верата на овој начин.

• Печката била вжарена колку што било можно повеќе (Даниел 3:19).