Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

‚Немојте да мрморите‘

‚Немојте да мрморите‘

‚Немојте да мрморите‘

„Правете и понатаму сѐ без мрморење“ (ФИЛИПЈАНИТЕ 2:14).

1, 2. Кој совет им го дал Павле на христијаните во Филипи и во Коринт, и зошто?

 ВО СВОЕТО инспирирано писмо до христијанското собрание во Филипи во првиот век, апостол Павле кажал многу пофалби. Тој ги пофалил своите соверници од тој град за нивната дарежливост и ревност, и рекол дека се радува за нивните добри дела. Сепак, Павле ги потсетил ‚да прават сѐ без мрморење‘ (Филипјаните 2:14). Зошто овој апостол дал таква опомена?

2 Павле знаел до што може да доведе мрморењето. Неколку години претходно, тој го потсетил собранието во Коринт дека е опасно да се мрмори. Павле истакнал дека, додека Израелците биле во пустината, постојано го предизвикувале Јеховиниот гнев. Како? Со тоа што барале штетни работи, вршеле идолопоклонство и блуд, го ставале Јехова на испит и мрмореле. Павле ги посоветувал коринќаните да учат од овие примери. Тој им напишал: „Немојте ниту да мрморите, како што мрмореа некои од нив, па изгинаа од уништувачот“ (1. Коринќаните 10:6-11).

3. Зошто во денешно време е важно да поразговараме за мрморењето?

3 Како Јеховини слуги во денешно време, и ние покажуваме сличен став како браќата во собранието во Филипи. Ревносни сме за добри дела и имаме љубов меѓу себе (Јован 13:34, 35). Меѓутоа, со оглед на штетата што ја предизвикало мрморењето кај Божјиот народ во минатото, имаме добра причина сериозно да го послушаме советот: „Правете и понатаму сѐ без мрморење“. Најнапред да разгледаме некои примери на луѓе што мрмореле, кои се спомнати во Библијата. Потоа ќе поразговараме за тоа што треба да направиме за да не дозволиме мрморењето да ни нанесе штета денес.

Еден злобен народ мрмори против Јехова

4. Како мрмореле Израелците во пустината?

4 Хебрејскиот збор што значи „мрмори, негодува, се жали, приговара“, се користи во Библијата во поврзаност со настаните што се случувале за време на 40-те години што Израелците ги поминале во пустината. Понекогаш, Израелците не биле задоволни со својата ситуација и тоа го изразувале со тоа што мрмореле. На пример, само неколку седмици откако биле избавени од ропството во Египет, ,целата израелска заедница почнала да мрмори во пустината против Мојсеја и Арона‘. Израелците се жалеле на храната, велејќи: „Ох, да изумревме од Господовата рака во Египетската Земја, кога седевме покрај грнци со месо и јадевме леб до наситка!.. Нѐ изведовте во оваа пустина за да го поморите со глад целово ова мноштво!“ (Излез 16:1-3).

5. Против кого, всушност, мрмореле Израелците кога почнале да се жалат?

5 Но, вистината била дека Јехова им го дал на Израелците она што им било потребно во пустината, и со љубов им обезбедил храна и вода. Никогаш не постоела опасност Израелците да умрат од глад додека биле во пустината. Сепак, поради тоа што чувствувале незадоволство, тие ја преувеличиле својата неволја и почнале да мрморат. Иако се жалеле на Мојсеј и на Арон, во Јеховини очи нивното незадоволство било упатено, всушност, кон Бог. Мојсеј им рекол на Израелците: „Господ го чу вашето мрморење против Него. Што сме ние? Вие не мрморите против нас, туку против Господа“ (Излез 16:4-8).

6, 7. Како што се гледа од Броеви 14:1-3, како се променил ставот на Израелците?

6 Не поминало долго време, а Израелците повторно почнале да мрморат. Мојсеј испратил 12 мажи да ја извидат Ветената земја. Десет од нив се вратиле со лош извештај. Каков бил резултатот од тоа? „Сите Израелци роптаа против Мојсеја и Арона. Целата заедница им зборуваше: ‚О да умревме во Египетската Земја! Или да изумревме во пустината! Зошто Господ нѐ води во таа земја [Ханаан], за да паднеме од меч, а нашите жени и деца да станат робови! Зар не ќе ни биде подобро да се вратиме во Египет?‘“ (Броеви 14:1-3).

7 Колку се променил ставот на Израелците! Благодарноста што ја чувствувале во почетокот, кога биле ослободени од Египет и безбедно поминале низ Црвеното Море, ги мотивирала во песна да го слават Јехова (Излез 15:1-21). Меѓутоа, кога се нашле во суровата пустина и кога ги фатило страв од Ханаанците, благодарноста на Божјиот народ преминала во незадоволство. Наместо да му се заблагодарат на Бог за својата слобода, го обвинувале дека ги лишил од нешто убаво, како што погрешно сметале тие. Значи, тие мрмореле затоа што не биле доволно благодарни за она што им го дал Јехова. Не е ништо чудно што тој рекол: „До кога тоа лукаво општество ќе ропта против Мене?“ (Броеви 14:27; 21:5).

Мрморење во првиот век

8, 9. Наведи примери на мрморење што се запишани во христијанските грчки списи.

8 Овие примери на мрморење се примери на група луѓе што своето незадоволство го изразувале гласно. Но, кога Исус Христос бил во Ерусалим на Празникот на сениците во 32 година од н.е., ‚меѓу мноштвото имало доста придушено зборување за него‘ (Јован 7:12, 13, 32). Тие си шепотеле за него, при што некои велеле дека е добар, а други велеле дека не е добар човек.

9 Во една друга ситуација, Исус и неговите ученици биле гости кај Леви, или Матеј, кој бил даночник. ‚Фарисеите и нивните книжници почнале да мрморат против неговите ученици, велејќи: „Зошто јадете и пиете со даночници и грешници?“‘ (Лука 5:27-30). По некое време, во Галилеја, ‚Евреите почнале да мрморат против [Исус] бидејќи рекол: „Јас сум лебот што слезе од небото“‘. Дури и некои следбеници на Исус се навредиле кога го рекол тоа и почнале да мрморат (Јован 6:41, 60, 61).

10, 11. Зошто мрмореле и приговарале Евреите што зборувале грчки, и што можат да научат христијанските старешини од начинот на кој се постапило со нивниот приговор?

10 Исходот бил подобар во еден друг случај, кога некои мрмореле кратко по Пентекост 33 година од н.е. Многу новообратени ученици што не биле од Израел уживале во гостопримството на соверниците во Јудеја, но се појавиле проблеми кога требало да се подели она што го имале. Извештајот ни открива: „Евреите кои зборуваа грчки почнаа да мрморат против Евреите кои зборуваа хебрејски, бидејќи нивните вдовици биле запоставувани при секојдневното делење“ (Дела 6:1).

11 Оние што тогаш мрмореле и приговарале не биле како Израелците во пустината. Евреите што зборувале грчки не се жалеле од себични причини. Тие обрнале внимание на пропустот да се задоволат потребите на некои вдовици. Освен тоа, оние што се жалеле не создавале проблеми и не се бунеле против Јехова. Својот приговор им го изнеле на апостолите, кои организирале брзо да се стори нешто затоа што поплаката била оправдана. Колку убав пример им дале апостолите на христијанските старешини денес! Овие духовни пастири внимаваат да не го ‚затнуваат своето уво пред викањето на сиромавиот‘ (Пословици 21:13; Дела 6:2-6).

Чувај се од разјадувачкото влијание на мрморењето

12, 13. а) Дај пример што покажува какви се последиците од мрморењето. б) Што може да натера некого да мрмори?

12 Повеќето примери што ги разгледавме од Библијата покажуваат дека мрморењето предизвикало голема штета меѓу Божјиот народ во минатото. Затоа, треба сериозно да размислиме за разјадувачкото влијание што може да го има и денес. Во тоа може да ни помогне еден пример. Многу метали се склони на ’рѓосување. Ако не се обрне внимание на првите знаци на ’рѓосување, металот може да ’рѓоса толку многу, што ќе стане бескорисен. Безброј автомобили се фрлени во отпад не поради некаква механичка неисправност туку затоа што металот толку ’рѓосал, што возилата не се безбедни за возење. Каква врска има овој пример со мрморењето?

13 Исто како што некои метали се подложни на ’рѓосување, несовршените луѓе имаат склоност да се жалат. Треба да внимаваме и да откриеме секаков знак за таква склоност кај себеси. Исто како што влагата и солениот воздух го забрзуваат процесот на ’рѓосување, така и неволјата нѐ прави посклони да мрмориме. Стресот може да претвори една мала раздразнетост во голема поплака. Како што се влошуваат условите во последните денови од овој свет, ќе се зголемува и бројот на евентуалните причини за поплака (2. Тимотеј 3:1-5). Значи, еден Јеховин слуга би можел да почне да мрмори против друг. Причината можеби е некоја небитна работа, како што е незадоволство поради нечии слабости, способности или привилегии во службата.

14, 15. Зошто не треба да дозволиме да излезе од контрола нашата склоност да се жалиме?

14 Која и да е причината за нашето незадоволство, ако не ја контролираме склоноста да се жалиме, таа би можела да роди во нас незадоволство и да ни влезе во навика да мрмориме. Да, духовно разјадувачкиот ефект на мрморењето може сосема да нѐ расипе. Кога Израелците мрмореле за тоа каков им е животот во пустината, отишле дотаму што го обвинувале Јехова (Излез 16:8). Тоа никогаш нека не ни се случи нам!

15 Склоноста на металот да ’рѓосува може да се намали ако се премачка со боја отпорна на корозија и ако веднаш се премачкаат оние места што почнале да кородираат. Слично, ако кај себе откриеме склоност да се жалиме, можеме да ја држиме под контрола ако веднаш се молиме за таа работа и се трудиме да се поправиме. Како?

Гледај на работите од Јеховина гледна точка

16. Како можеме да надминеме некоја своја склоност да се жалиме?

16 Кога мрмориме, се ставаме себеси и нашите неволји во центарот на вниманието, а ги туркаме во заднина благословите што ги имаме како Сведоци на Јехова. За да ја надминеме склоноста да се жалиме, треба постојано да мислиме на тие благослови. На пример, секој од нас ја има прекрасната привилегија да го носи Јеховиното лично име (Исаија 43:10). Можеме да стекнеме близок однос со него, и во секое време можеме да зборуваме со Оној што ги слуша молитвите (Псалм 65:2; Јаков 4:8). Нашиот живот има вистинска смисла затоа што го сфаќаме спорното прашање за Божјето право да владее и мислиме на тоа дека имаме чест да му останеме верни на Бог (Пословици 27:11). Можеме редовно да ја проповедаме добрата вест за Царството (Матеј 24:14). Верата во откупната жртва на Исус Христос ни овозможува да имаме чиста совест (Јован 3:16). Овие благослови ги имаме независно од тоа низ што минуваме во животот.

17. Зошто треба да се обидеме да гледаме на работите од Јеховина гледна точка, дури и ако имаме оправдана причина да се жалиме?

17 Да се обидеме да ги гледаме работите од Јеховина гледна точка, а не само од наша. „Покажи ми ги, Господи, Твоите патишта, научи ме на Твоите патеки“, пеел псалмистот Давид (Псалм 25:4). Јехова сигурно забележал ако имаме оправдана причина да се жалиме. Тој можел веднаш да ја поправи работата. Тогаш, зошто понекогаш дозволува да потрае некоја неволја? За да ни помогне да стекнеме убави особини, како што се стрпливоста, истрајноста, верата и долготрпеливоста (Јаков 1:2-4).

18, 19. Наведи еден пример што покажува што може да се постигне ако ги трпиме непријатностите без да се жалиме.

18 Кога ги трпиме лошите околности без да се жалиме, не само што ќе станеме подобри личности туку и ќе им оставиме убав впечаток на оние што гледаат како се однесуваме. Во 2003 година, една група Јеховини сведоци патувале со автобус од Германија за да одат на еден конгрес во Унгарија. Возачот на автобусот не бил Сведок, и не му било мило што десет дена ќе биде со Сведоците. Но, на крајот на патувањето, имал сосема поинакво мислење. Зошто?

19 За време на патувањето се појавиле некои проблеми. Но, Сведоците никогаш не се жалеле. Возачот рекол дека таа група патници била најдобрата што ја имал! Всушност, ветил дека следниот пат кога Сведоците ќе му дојдат на врата, ќе ги покани внатре и внимателно ќе ги сослуша. Колку добар впечаток оставиле патниците затоа што ‚правеле сѐ без мрморење‘!

Кога простуваме, се зајакнува единството

20. Зошто треба да си простуваме?

20 Што ако имаме поплака на некој соверник? Ако станува збор за нешто сериозно, треба да го примениме начелото што го содржат зборовите на Исус, како што пишува во Матеј 18:15-17. Но, тоа нема да биде секогаш потребно, бидејќи повеќето поплаки се однесуваат на мали и неважни работи. Зошто во таа ситуација не гледаш прилика да простиш? Павле напишал: „Поднесувајте се еден со друг и простувајте си спремно еден на друг, ако некој има причина за поплака против друг. Токму како што Јехова доброволно ви прости вам, така правете и вие. Но, освен сево ова, облечете се во љубов зашто таа е совршена врска на единство“ (Колошаните 3:13, 14). Можеме ли да простиме од срце? Зар Јехова нема причина за поплака против нас? Сепак, постојано покажува сочувство и ни простува.

21. Како може да влијае мрморењето врз оние што го слушаат?

21 Каква и да е причината за поплака, мрморењето нема да ги реши работите. Хебрејскиот термин што значи да се „мрмори“ значи и да се „негодува“. Сосема веројатно не се чувствуваме пријатно кога сме со некого што постојано мрмори и се обидуваме да се држиме настрана од него. Ако сме ние тие што мрморат, односно негодуваат, оние што нѐ слушаат може да го чувствуваат истото. Може да им биде толку непријатно што ќе сакаат да бидат подалеку од нас! Ако негодуваме, можеме да привлечеме нечие внимание, но сигурно нема да освоиме ничие срце.

22. Што рекла една девојка за Јеховините сведоци?

22 Кога простуваме, се зајакнува единството — нешто што Јеховиниот народ многу сака да го зачува (Псалм 133:1-3). Во една европска земја, една 17-годишна девојка која била католик напишала писмо до подружницата на Јеховините сведоци за да им каже колку им се воодушевува. Таа рекла: „Вие сте единствената организација што ја знам во која нејзините членови не се поделени од омраза, лакомост, нетрпеливост, себичност или неединство“.

23. Што ќе разгледаме во следната статија?

23 Благодарноста за сите духовни благослови што ги добиваме како обожаватели на вистинскиот Бог, Јехова, ќе ни помогне да го зајакнеме единството и да не мрмориме против другите за лични работи. Следната статија ќе покаже како христијанските особини ќе ни помогнат да не се вклучиме во едно уште поопасно мрморење — против земниот дел од Јеховината организација.

Се сеќаваш ли?

• Што значи да се мрмори?

• Кој пример покажува како влијае мрморењето?

• Што може да ни помогне да ја надминеме склоноста да мрмориме?

• Како може спремноста да простуваме да ни помогне да не мрмориме?

[Прашања]

[Слика на страница 14]

Израелците мрмореле против самиот Јехова!

[Слика на страница 17]

Дали се обидуваш да гледаш на работите онака како што гледа Јехова?

[Слики на страница 18]

Кога простуваме, се зајакнува христијанското единство