Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Може ли едно лице да биде исклучено од христијанското собрание поради нечистота, исто како во случај на блуд или распуштено однесување?

Да, едно лице може да биде исклучено од собранието ако непокајнички врши блуд, поради некои облици на нечистотија, или ако се однесува распуштено. Апостол Павле ги навел овие три гревови заедно со некои други причини за исклучување, кога напишал: „А делата на телото се видливи, и тоа се блуд, нечистота, распуштено однесување... однапред ве предупредувам... дека оние кои практикуваат такви работи нема да го наследат Божјето царство“ (Галатите 5:19-21).

Блуд (грчки: порни́а) се однесува на недозволени сексуални односи надвор од бракот што е во склад со библиските мерила. На пример, тој вклучува прељуба, проституција и сексуални односи помеѓу лица што не се во брак, како и орален и анален секс и милување на половите органи на лице со кое некој не е во брак. На едно лице кое непокајнички врши блуд местото не му е во христијанското собрание.

Распуштено однесување (грчки: аселгѐја) означува „развратност; неумереност; бесрамно однесување; непристојно однесување“. The New Thayer’s Greek-English Lexicon го опишува грчкиот збор вака: „Необуздана страст... ненаситност, бесрамност, безобѕирност“. Според друг речник, распуштено е она однесување што „ги преминува сите граници на општествено прифатливото однесување“.

Според штотуку спомнатата дефиниција, „распуштеното однесување“ вклучува два елемента: 1) Самото однесување, кое е сериозно кршење на Божјите закони, и 2) Ставот на престапникот, кој е дрзок, безобѕирен.

Затоа, „распуштеното однесување“ не се поврзува со лошо однесување од безначајна природа. Тука се вклучени постапки со кои сериозно се прекршуваат Божјите закони и кои одразуваат дрзок или презирен став — дух што открива непочитување, или дури и презир кон авторитетот, законите и начелата. Павле го поврзува распуштеното однесување со недозволените сексуални односи (Римјаните 13:13, 14). Бидејќи Галатите 5:19-21 го вбројува распуштеното однесување меѓу неколку грешни постапки кои на оној што ги практикува му го одземаат правото да го наследи Божјето Царство, распуштеното однесување дава основа таквиот да биде укорен, а можеби и исклучен од христијанското собрание.

Нечистота (грчки: акатарсѝа) е израз со најшироко значење од трите изрази преведени како „блуд“, „нечистота“ и „распуштено однесување“. Тој опфаќа секаков вид нечистота — сексуална нечистота, нечистота во говорот, во постапките и духовна нечистота. „Нечистотата“ опфаќа широк опсег на сериозни гревови.

Како што е запишано во 2. Коринќаните 12:21, Павле им се обраќа на оние што „порано згрешиле, а не се покајале за својата нечистота и за блудот и за распуштеното однесување што го практикувале“. Бидејќи „нечистотата“ е вброена меѓу „блудот и распуштеното однесување“, за некои облици на нечистота е потребна правна постапка. Но, нечистотата е израз со широко значење, кој вклучува и работи за кои не е потребна правна постапка. Исто како што една куќа може да биде подизвалкана или многу гнасна, така има и повеќе различни степени на нечистота.

Според Ефешаните 4:19, Павле рекол дека некои лица „изгубиле секакво морално чувство“ и дека „се предале на распуштено однесување за да вршат секаков вид нечистота со алчност“. Затоа, Павле ја става ‚нечистотата со алчност‘ во иста категорија со распуштеното однесување. Ако едно крстено лице непокајнички практикува „нечистота со алчност“, може да биде исклучено од собранието поради сериозна нечистота.

Да претпоставиме дека две лица што се свршени во повеќе прилики се впуштаат во страсно милување и бакнување. Старешините би можеле да одлучат дека, иако овие лица не покажале дрзок став што е карактеристичен за распуштено однесување, сепак во нивното однесување имало одредена мера лакомост. Бидејќи станува збор за сериозна нечистота, старешините би можеле да преземат правна постапка. За сериозна нечистота може да се работи и во случај кога едно лице постојано се јавува телефонски кај друго и отворено зборува за секс, особено ако веќе добил совет околу тоа.

Старешините треба многу проникливо да донесуваат одлуки околу овие работи. За да утврдат дали е потребна правна постапка, тие мораат внимателно да испитаат што точно се случило и до кој степен било тоа направено. Целта не е некој да се обвини за распуштено однесување само затоа што не го прифатил советот темелен на Библијата, ниту, пак, треба да се преземе правна постапка само затоа што некој повеќе пати извршил некаков чин. Старешините треба внимателно и во молитва да го проценат секој случај и да утврдат што се случило и колку често се случувало, од каква природа е и кој е обемот на неисправното постапување, и кои биле намерата и мотивот на престапникот.

Сериозната нечистота не се однесува само на сексуални гревови. На пример, можеби едно крстено момче во еден краток период испушило неколку цигари, и им го признава тоа на родителите. Решен е никогаш повторно да не пуши. Ова е нечистота, но не е доведена до степен да биде сериозна нечистота или „нечистота со алчност“. Би требало да биде доволно еден или двајца старешини да му дадат совет од Библијата, и неговите родители да му помогнат да го примени. Но, ако момчето редовно пуши цигари веќе се работи за намерно валкање на телото, и би требало да се свика правен одбор за да се разгледа случајот како сериозна нечистота (2. Коринќаните 7:1). Ако момчето не се кае, треба да биде исклучено.

Некои христијани гледале порнографија. Ова е навредливо за Бог, и старешините можеби ќе ги шокира тоа што еден соверник направил такво нешто. Но, не треба да биде свикан правен одбор секогаш кога некој гледал порнографија. На пример, да претпоставиме дека некој брат неколку пати гледал таканаречена мека порнографија. Тој е засрамен, му го признава гревот на некој старешина, и решен е да не го повтори гревот. Старешината може да заклучи дека однесувањето на братот не дошло до степен кој може да се опише како „нечистота со алчност“ ниту, пак, покажал дрзок став, што би укажувало на распуштено однесување. Иако не би имало потреба од правна постапка, за овој вид нечистота е потребен строг библиски совет и можеби понатамошна помош од старешините.

Меѓутоа, да претпоставиме дека некој христијанин со години тајно гледал тврда, сексуално понижувачка порнографија, и правел сѐ што е можно да го скрие овој грев. Таквата порнографија може да вклучува групно силување, врзување, садистичко мачење, бруталност кон жени, или дури детска порнографија. Кога другите дознаваат што прави, тој е длабоко засрамен. Не е дрзок, но старешините можат да одлучат дека тој ‚се предал на‘ оваа гнасна навика и дека практикувал „нечистота со алчност“, што е сериозна нечистота. Би требало да се формира правен одбор, бидејќи се работи за сериозна нечистота. Престапникот треба да биде исклучен ако не покажува побожно каење и решеност никогаш повеќе да не гледа порнографија. Ако канел и други во својот дом да гледаат порнографија — со што, всушност, ја унапредувал — би дал доказ дека има дрзок став што е карактеристичен за распуштеното однесување.

Библискиот израз „распуштено однесување“ секогаш вклучува сериозен грев, честопати од сексуална природа. Кога се обидуваат да утврдат дали станува збор за распуштено однесување, старешините треба да увидат дали постои дрскост, разврат, валканост, бесрамност и нешто што јавноста го смета за шокантно. Од друга страна, во некои сериозни прекршувања на Јеховиниот закон, кои ги извршило лице што не покажува дрзок став, можеби е вклучена „алчност“. Овие случаи мора да се разгледуваат поради сериозната нечистота што е вклучена во нив.

Одлуката дали некој стигнал до степен да биде обвинет за сериозна нечистота или за распуштено однесување е голема одговорност, зашто во прашање се човечки животи. Оние што одлучуваат во такви случаи треба да се молат за Бог да им даде свет дух, проникливост и разбирање. Старешините треба да ја одржуваат чистотата на собранието и мораат своите одлуки да ги донесат на темел на Божјата реч, како и на темел на упатствата од „верниот и разборит роб“ (Матеј 18:18; 24:45). А во ова тешко време, повеќе од кога и да било порано, старешините треба да ги имаат на ум зборовите: „Гледајте што работите, зашто не судите во човеково име, туку во Името на Господа“ (2. Летописи 19:6).