Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Не можеш да го заштедиш, па затоа добро користи го

Не можеш да го заштедиш, па затоа добро користи го

Не можеш да го заштедиш, па затоа добро користи го

ВРЕМЕТО е пари. Така гласи една добро позната поговорка. Но, во реалноста, времето многу се разликува од парите или од другите материјални предмети. Не можеш да одвоиш настрана време за да го користиш во иднина, како што можеш да направиш со парите, храната, горивото или со многу други работи. Секој обид да го заштедиш времето со тоа што нема да го користиш е залуден. Што ќе се случи ако спиеш осум часа и се обидеш да го заштедиш преостанатиот дел од денот со тоа што нема да правиш ништо? На крајот од денот, неискористените часови ќе ти бидат пропаднати засекогаш.

Времето би можело да се спореди со една голема, брза река. Таа секогаш тече напред. Не можеш да ја запреш, но не можеш да ја искористиш ни секоја капка што ќе помине. Пред многу векови, луѓето почнале да градат воденици на речните брегови. Со нивна помош ја искористувале енергијата од водата што тече за да работат нивните точила, пилани, пумпи и чекани. Слично, и ти можеш да го искористиш времето, но не со тоа што ќе го заштедиш, туку со тоа што ќе сработиш нешто корисно. Меѓутоа, за да го постигнеш ова, мора да се избориш со двата најголеми крадци на времето — одложувањето и неговиот близок роднина, нередот. Најнапред да поразговараме малку за одложувањето.

Не одложувај

Едно познато гесло гласи: „Не оставај го за утре она што можеш да го направиш денес“. Но, некои луѓе сакаат да го прекројат ова гесло и велат: „Не оставај го за утре она што можеш да го направиш следната недела“. Кога ги чека некоја тешка задача, најлесен излез им е да ја одложат. Според еден речник, „да се одложува“ значи „да се остави нешто за друг пат намерно и по навика; намерно да се остави за друг пат да се направи нешто што треба да се направи“. На оној што одложува му станало навика да ги остава работите за друг пат. Како што се зголемуваат стресот и притисокот, си олеснува со тоа што ја остава за друг пат работата и ужива во „слободното време“ што му се појавило — сѐ додека повторно не се најде под притисок.

Понекогаш, нашата физичка или емоционална состојба можеби бара да одложиме дел или дури и сета наша работа. Освен тоа, секому понекогаш му треба да излезе од секојдневието. Дури ни Божјиот Син не бил исклучок од тоа. Исус постојано бил многу зафатен во службата, но исто така оставал и слободно време за себе и за да биде со своите ученици (Марко 6:31, 32). Ваквиот одмор е корисен. Меѓутоа, одложувањето е нешто друго, и обично е штетно да се одложува. Да разгледаме еден пример.

Една тинејџерка има три седмици за да се подготви за тестот по математика. Мора да учи од многу тетратки и книги. Чувствува притисок. На искушение е да одложува, и паѓа во таа замка. Наместо да учи, гледа телевизија. Деновите минуваат и таа одложува да направи сѐ што треба за да го помине тестот. И тогаш, вечерта пред тестот, мора да научи сѐ одеднаш. Седнува на работната маса и почнува да ги разгледува своите тетратки и книги.

Минуваат часови. Додека другите од семејството спијат, таа се присилува да учи напамет формули, косинуси и квадратни корени, што е многу тешко. Следниот ден на училиште, таа се мачи со прашања што нејзиниот уморен ум не е подготвен да ги одговори. Добива слаба оценка на тестот. Мора повторно да го учи материјалот и можеби нема да помине во следното одделение.

Одложувањето многу ја чинело оваа ученичка. Но, има едно библиско начело што може да им помогне на луѓето што се наоѓаат во ситуација слична на нејзината. „Строго пазете да не одите како немудри, туку како мудри, откупувајќи си го поволното време зашто деновите се зли“, напишал апостол Павле (Ефешаните 5:15, 16). Павле ги опоменал христијаните мудро да го користат своето време за духовни работи, но истото начело може да се примени и за многу други важни работи во животот. Бидејќи обично можеме самите да одлучиме кога да завршиме некоја работа, ќе имаме подобри резултати и побрзо ќе ја завршиме работата ако одлучиме да започнеме тогаш кога времето е ‚поволно‘, односно најсоодветно. Тоа го прават оние што се „мудри“, како што ни покажува библискиот стих.

Кога би било ‚поволно време‘ ученичката да учи за тестот по математика? Би можела секоја вечер, по 15-тина минути, малку по малку да го повтори сиот материјал. Така не би ѝ останало сѐ за последната вечер, кога би било подобро добро да се наспие. Дента кога е тестот, би била одморена и добро подготвена, и не би било тешко да добие добра оценка.

Затоа, кога треба да завршиш некоја работа, одреди кое е ‚поволно време‘ за тоа и заврши ја. Така ќе избегнеш да паднеш во замката на одложувањето и ќе бидеш поштеден од нејзините последици. Освен тоа, ќе се радуваш што добро си завршил некоја работа. Ова е особено важно кога таа задача засега и други луѓе, како тогаш кога имаш задача во христијанското собрание.

Намали го нередот

Како што спомнавме претходно, вториот фактор што ни помага добро да го користиме нашето скапоцено време е да го избегнуваме нередот. Свесни сме дека треба време за да се средат работите, да се подредат, да се користат, да се исчистат, да се стават на свое место и да се најдат. Колку повеќе работи имаме, толку повеќе време ни е потребно. Да се работи во просторија или во куќа што е преполна со предмети одзема повеќе време и предизвикува поголема нервоза отколку да се работи во простории каде што има доста слободен простор и површини што не се пренатрупани. Освен тоа, колку повеќе работи се натрупуваат, толку повеќе време е потребно за да се најде она што ќе затреба.

Експертите на полето на одржувањето на домот велат дека речиси половина од времето што луѓето го користат за чистење се троши за да „се среди, да се одмине и да се отстрани нередот и непотребните работи што ќе им се најдат на патот“. Сосема веројатно слична е ситуацијата и на други полиња од животот. Затоа, ако сакаш подобро да го искористиш своето време, подобро разгледај околу себе. Дали просторот ти го зафаќа неред, кој го ограничува твоето движење и, што е најлошо од сѐ, ти го троши времето? Ако е така, намали го нередот.

Можеби не е лесно да се ослободиш од нередот. Можеби ти е тешко да ги фрлиш непотребните предмети што ти се многу мили — речиси имаш чувство како да губиш некој добар пријател. Затоа, како можеш да одлучиш дали да задржиш нешто или да го фрлиш? Некои го користат правилото „една година“. Ако нешто не си користел една година, фрли го. Но, што ако и тогаш се двоумиш да го фрлиш тој предмет? Стави го во складиште уште шест месеци. Кога ќе го видиш и ќе сфатиш дека поминале една и пол година и сѐ уште не си го користел, можеби ќе ти биде полесно да се разделиш од тој предмет. Во секој случај, целта ти е да го намалиш нередот — за подобро да го користиш своето време.

Се разбира, нема неред само дома или на работното место. Исус зборувал за „тегобната грижа на овој систем на работи и измамничката моќ на богатството“, кои „ја задушуваат речта“ Божја и тогаш човек станува „бесплоден“ во поглед на добрата вест (Матеј 13:22). Животот на еден човек може да стане натрупан со толку многу активности и цели, што ќе му биде тешко да го најде времето што му е потребно за да ја задржи духовната рутина и рамнотежа, кои се најважни од сѐ. Како последица од тоа му страда духовноста, и на крајот може да пропушти да влезе во Божјиот ветен нов свет, кога ќе имаме време во вечност да правиме сѐ што ни причинува вистинско задоволство и радост (Исаија 65:17-24; 2. Петрово 3:13).

Дали постојано мораш да „жонглираш“ со времето за да ги завршиш сите работи што сметаш дека мора да ги направиш — сеедно дали во врска со твојата работа, дом, автомобил, хоби, патувања, физички вежби, дружења или многу други активности? Ако е така, можеби е време да размислиш малку како да го намалиш нередот за да ти остане повеќе време за духовните работи.

Една друга позната поговорка гласи: „Времето и плимата не чекаат никого“. Навистина, времето безмилосно тече напред, како некоја река. Не може да се врати назад ниту да се заштеди — штом помине, поминало засекогаш. Но, ако следиме некои едноставни библиски начела и преземеме неколку практични чекори, можеме да го искористиме времето што ни треба за да ги завршиме „поважните работи“ за наше вечно добро и „на Божја слава и фалба“ (Филипјаните 1:10, 11).

[Слика на страници 8 и 9]

Времето, како некоја брза река, може да се искористи за да завршиме некоја работа

[Слика на страница 9]

Кога е ‚поволно време‘ да учи за тестот?

[Слика на страница 10]

Кога работиме во пренатрупана просторија, губиме многу време и се нервираме