Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Плаши се од Јехова — и биди среќен!

Плаши се од Јехова — и биди среќен!

Плаши се од Јехова — и биди среќен!

„Среќен е човекот што се бои од Јехова“ (ПСАЛМ 112:1, NW).

1, 2. Што може да ни донесе стравот од Јехова?

 НЕ Е ЛЕСНО да бидеш среќен. Вистинската среќа зависи од тоа дали донесуваме исправни одлуки, дали го правиме она што е исправно, и дали бегаме од она што е лошо. Нашиот Творец, Јехова, ни ја дал својата Реч, Библијата, за да нѐ поучи како да живееме најдобро што може. Ако го бараме и ако го следиме неговото водство, со што ќе покажеме страв од Бог, можеме да бидеме вистински задоволни и среќни (Псалм 23:1; Пословици 14:26).

2 Во оваа статија ќе разгледаме библиски и современи примери што покажуваат како вистинскиот страв од Бог ни дава сила да одолееме на притисокот да постапиме неисправно и ни дава храброст да го правиме она што е исправно. Ќе видиме дека стравот од Бог може да нѐ направи среќни со тоа што ќе нѐ поттикне да си ги поправиме грешките, како што морал да направи и цар Давид. Исто така, ќе видиме дека стравот од Јехова е навистина едно скапоцено наследство што родителите можат да им го остават на своите деца. Всушност, Божјата реч нѐ уверува: „Среќен е човекот што се бои од Јехова“ (Псалм 112:1NW).

Повторно да бидеме среќни

3. Што му помогнало на Давид да закрепне од своите гревови?

3 Како што видовме во претходната статија, во три значајни ситуации Давид не покажал исправен страв од Бог и направил грев. Меѓутоа, начинот на кој реагирал кога Јехова го прекорил покажал дека, во основа, бил богобојазлив човек. Неговата почит кон Бог го поттикнала да си ја признае вината, да си ја поправи грешката и повторно да биде во добар однос со Јехова. Иако поради неговите грешки страдале и тој и други луѓе, бидејќи искрено се каел, Јехова и понатаму му помагал и го благословувал. Примерот на Давид сигурно може да им влее храброст на христијаните што во денешно време можеби ќе направат некој тежок грев.

4. Како може стравот од Бог да помогне некому повторно да биде среќен?

4 Размисли за Соња. * Иако служела како полновремен проповедник, Соња фатила лошо друштво, постапила нехристијански и морала да биде исклучена од христијанското собрание. Кога се вразумила, Соња направила сѐ што е потребно за да го поправи својот однос со Јехова. Со текот на времето, повторно била примена во собранието. Додека траело сето тоа, Соња никогаш не се откажала од желбата да му служи на Јехова. По извесно време, повторно започнала со полновремена пионерска служба. Подоцна, се омажила за еден примерен христијански старешина, и сега среќно служи во собранието заедно со него. Иако Соња жали што привремено застранила од христијанскиот пат, среќна е што нејзиниот страв од Бог ѝ помогнал да се врати.

Подобро е да се страда отколку да се направи грев

5, 6. Објасни како и зошто Давид двапати му го поштедил животот на Саул?

5 Се разбира, многу е подобро кога стравот од Бог ќе ни помогне воопшто да не направиме некој грев. Тоа го покажува случајот со Давид. Еднаш, кога Саул и неговата војска од три илјади души го бркале Давид, Саул влегол во една пештера — истата пештера во која се криеле Давид и неговите луѓе. Тие го терале Давид да го убие Саул. Зар Јехова не му го дал во рака неговиот смртен непријател? Нечујно, Давид доползел до Саул и отсекол парче од неговата облека. Бидејќи Давид се плашел од Бог, совеста го мачела дури и за таа релативно безопасна постапка. Давид ги растерал своите вознемирени луѓе, велејќи: „Да ме чува Господ да му направам такво нешто на својот господар, да кренам рака на него, зашто е Господов помазаник“ * (1. Самоил 24:1-7).

6 Подоцна, во една друга ситуација, Саул подигнал логор за да ја мине ноќта, и тој и сите негови луѓе биле во „длабок сон од Господа“. Давид и неговиот смел внук Ависај се вовлекле дури до средината на логорот и застанале токму над заспаниот Саул. Ависај сакал да го убие и со тоа да расчисти со него еднаш за секогаш. Давид го спречил Ависај, прашувајќи го: „Кој ќе ја подигне својата рака на Господовиот помазаник и ќе остане неказнет?“ (1. Самоил 26:9, 12).

7. Што го спречило Давид да направи грев?

7 Зошто Давид не го убил Саул кога двапати имал можност да го стори тоа? Затоа што повеќе се плашел од Јехова отколку од Саул. Бидејќи имал исправен страв од Бог, Давид бил подготвен ако е потребно и да страда, само да не згреши (Евреите 11:25). Тој имал целосна доверба дека Јехова се грижи за Својот народ и за самиот Давид. Знаел дека ќе биде среќен и ќе добие многу благослови ако му биде послушен на Бог и ако има доверба во него, а ќе падне во Божја немилост ако не мисли на Бог (Псалм 65:4). Исто така, знаел дека Бог ќе го исполни своето ветување да го постави Давид за цар и дека, во свое време и на свој начин, ќе го отстрани Саул (1. Самоил 26:10).

Ако се плашиме од Бог, ќе бидеме среќни

8. Каков пример ни дал Давид со начинот на кој постапил кога бил под притисок?

8 Како христијани, можеме да очекуваме исмејување, прогонство и други искушенија (Матеј 24:9; 2. Петрово 3:3). Понекогаш, можеби ќе се појават проблеми во односите со нашите соверници. Меѓутоа, знаеме дека Јехова гледа сѐ, ги слуша нашите молитви и, во свое време, ќе ги исправи работите во склад со својата волја (Римјаните 12:17-21; Евреите 4:16). Затоа, наместо да се плашиме од оние што ни се противат, се плашиме од Бог и го молиме да нѐ избави. Исто како Давид, не се одмаздуваме, ниту ги кршиме праведните начела само за да не страдаме. На крајот, тоа ќе нѐ направи среќни. Но, како?

9. Дај пример за тоа како стравот од Бог нѐ прави среќни и покрај прогонството.

9 „Помислувам на примерот на една мајка и нејзината ќерка на тинејџерска возраст кои, заради својата христијанска неутралност, не сакаа да купат членски книшки за една политичка партија“, раскажува една мисионерка која долги години служи во Африка. „Тие беа брутално нападнати од едно мноштво мажи, кои потоа им рекле да си одат дома. Додека си оделе дома, мајката ја тешела својата расплакана ќерка, која се обидувала да сфати зошто се случило сето тоа. Во тој момент не беа радосни, но имаа чиста совест. Подоцна беа среќни што го послушаа Бог. Да купеа членски книшки, луѓето многу ќе се радуваа. Ќе им даваа сокчиња и ќе играа околу нив на патот до дома. Но, девојчето и мајка ѝ, свесни дека направиле компромис, ќе беа најнесреќните луѓе во светот.“ Затоа што имале страв од Бог, биле поштедени од сето тоа.

10, 11. Какви добри резултати произлегле од тоа што една жена се плашела од Бог?

10 Стравот од Бог нѐ прави среќни и кога стоиме пред искушенија во врска со светоста на животот. Кога Мери била бремена со своето трето дете, докторот ја наговарал да абортира. „Вашата состојба е опасна“, ѝ рекол тој. „Би можеле да настапат компликации во секој момент и да умрете за 24 часа. Тогаш ќе умре и бебето. Како и да е, нема гаранција дека бебето ќе биде нормално“. Мери ја проучувала Библијата со Јеховините сведоци и сѐ уште не била крстена. „Сепак,“ вели Мери, „одлучив да му служам на Јехова, и бев решена да му останам послушна, па што и да се случи“ (Излез 21:22, 23).

11 Додека била бремена, Мери не престанала да ја проучува Библијата и да се грижи за своето семејство. На крајот, се родило бебето. „Породувањето беше малку потешко од првите две, но немаше некои поголеми компликации“, раскажува Мери. Стравот од Бог ѝ помогнал на Мери да задржи чиста совест, и по кратко време таа се крстила. Кога син ѝ пораснал, и тој научил да се плаши од Јехова, и сега служи во една од подружниците на Јеховините сведоци.

‚Охрабри се во Јехова‘

12. Како стравот од Бог го зајакнал Давид?

12 Стравот од Јехова што го имал Давид не само што го спречил да направи нешто лошо туку и го зајакнал да постапува одлучно и мудро дури и во тешки околности. Една година и четири месеци, Давид и неговите луѓе се криеле од Саул во Сиклаг, во филистејските предели (1. Самоил 27:5-7). Еднаш, кога тие не биле тука, Амаликците пљачкаши го запалиле градот и ги однеле жените, децата и стадата на сите мажи. Кога се вратиле и виделе што се случило, Давид и неговите луѓе заплакале. Жалоста брзо преминала во огорченост, и луѓето на Давид намислиле да го каменуваат. Иако бил вознемирен, Давид не очајувал (Пословици 24:10). Неговиот страв од Бог го поттикнал да му се обрати на Јехова, и тој ‚се охрабрил во Јехова‘. Со Божја помош, Давид и неговите луѓе ги победиле Амаликците и вратиле сѐ што било нивно (1. Самоил 30:1-20).

13, 14. Како стравот од Бог ѝ помогнал на една христијанка да донесува добри одлуки?

13 И денес, Божјите слуги се соочуваат со ситуации што бараат да имаат доверба во Јехова и храброст да постапуваат одлучно. Да ја земеме за пример Христина. Кога била мала, таа ја проучувала Библијата со Јеховините сведоци. Но, сакала да стане пијанистка, и добро напредувала кон таа цел. Освен тоа, ѝ било непријатно да проповеда и затоа се плашела да ги прифати одговорностите што доаѓаат со крштавањето. Христина продолжила да ја проучува Божјата реч, и почнала да чувствува колку силно влијание врз личноста има таа. Учела да има страв од Јехова, и сфатила дека Јехова очекува неговите слуги да го сакаат со сето свое срце, ум, душа и сила (Марко 12:30). Тоа ја поттикнало да му се заветува на Јехова и да се крсти.

14 Христина го молела Јехова да ѝ помогне духовно да напредува. „Знаев дека животот на еден пијанист вклучува постојано патување и договори да отсвири и до 400 концерти годишно“, објаснува Христина. „Затоа одлучив наместо тоа да станам наставничка за да се издржувам финансиски и да служам како полновремен проповедник.“ Во тоа време веќе бил договорен првиот настап на Христина во најпознатата концертна сала во нејзината земја. „Мојот прв концерт беше и мој последен концерт“, вели таа. Во меѓувреме, Христина се омажила за еден христијански старешина. Сега тие заедно служат во една од подружниците на Јеховините сведоци. Среќна е што Јехова ѝ дал сила да донесува исправни одлуки и што сега може да ги користи своето време и енергија во неговата служба.

Скапоцено наследство

15. Што сакал да им пренесе Давид на своите деца, и како го направил тоа?

15 „Дојдете, чеда, и послушајте ме“, напишал Давид. „Ќе ве научам на страв од Господа“ (Псалм 34:11). Како татко, Давид сакал да им даде на своите деца едно скапоцено наследство — вистински, урамнотежен, здрав страв од Јехова. Со зборови и со дела, Давид го прикажал Јехова не како неблагодарен и страшен Бог, кој едвај чека да се нафрли на секого што ќе ги прекрши Неговите закони, туку како нежен, грижлив Татко на своите деца на Земјата што спремно им простува. „Кој води сметка за грешките?“, прашал Давид. Потоа, покажувајќи дека има доверба дека Јехова не ни бара постојано грешки, тој додал: „Исчисти ме од тајните работи!“ Давид бил уверен дека, ако дава сѐ од себе, неговите зборови и мисли ќе бидат прифатливи за Јехова (Псалм 19:12, 14, Byington).

16, 17. Како можат родителите да ги научат децата да имаат страв од Јехова?

16 Давид е пример за родителите денес. „Нашите родители нѐ одгледаа на таков начин што бевме среќни што сме во вистината“, вели Ралф, кој заедно со својот брат служи во една подружница на Јеховините сведоци. „Кога бевме мали, нѐ вклучуваа во нивните разговори во врска со собраниските активности, и ни го пренесоа своето воодушевување за вистината. Кога нѐ воспитуваа, ни велеа дека можеме да направиме многу во Јеховината служба. Всушност, неколку години нашата фамилија живееше во земја каде што има голема потреба од објавители на Царството, и помагаше да се основаат нови собранија.

17 На правиот пат останавме не благодарение на еден куп строги правила, туку затоа што во очите на нашите родители Јехова беше реален и многу, многу добар. Настојуваа подобро да го запознаат Јехова и да му угодат, а ние учевме од нивниот вистински страв од Бог и од нивната љубов кон него. Дури и кога ќе згрешевме нешто, родителите не ни всадуваа чувство дека Јехова повеќе не нѐ сака, ниту во гнев ни поставуваа своеволни ограничувања. Најчесто ќе седнеа со нас и едноставно ќе разговараа со нас, мајка ми понекогаш со солзи во очите, обидувајќи се да ни допре до срцето. Тоа беше успешно. Преку зборовите и делата на нашите родители научивме дека стравот од Јехова е нешто прекрасно и дека е радост и задоволство да се биде негов Сведок, а не товар“ (1. Јованово 5:3).

18. Што ќе добиеме ако се плашиме од вистинскиот Бог?

18 Меѓу „последните Давидови зборови“ читаме: „Кој владее праведно со луѓето, и кој владее со страв Божји, тој е како утринската светлина кога ќе огрее сонцето“ (2. Самоил 23:1, 3, 4). Изгледа дека Соломон, Давидовиот син и наследник, ги сфатил тие зборови, бидејќи барал од Јехова да му даде „проникливо срце“ и способност „да разликува добро од зло“ (1. Цареви 3:9). Соломон сфатил дека е мудар и среќен оној што има страв од Јехова. Подоцна, книгата Проповедник ја завршил со овие зборови: „Да го чуеме завршниот збор за сѐ: ‚Бој се од Бога, исполнувај ги Неговите заповеди, зашто во тоа е сѐ за човекот‘. Зашто сите скриени дела, било добри или зли, Бог ќе ги изведе на суд“ (Проповедник 12:13, 14). Ако го послушаме тој совет, навистина ќе утврдиме дека „понизноста и стравот од Јехова донесуваат“ не само мудрост и среќа туку и „богатство, чест и живот“ (Пословици 22:4NW).

19. Што ќе ни помогне да го разбереме стравот од Јехова?

19 Од библиските примери и од современите искуства, гледаме дека исправниот страв од Бог игра позитивна улога во животот на вистинските слуги на Јехова. Не само што таквиот страв ќе нѐ спречи да правиме нешто што не му е угодно на нашиот небесен Татко, туку исто така може да ни даде храброст да се соочиме со нашите противници и сила да ги издржиме искушенијата и тешкотиите што ќе ни се најдат на патот. Затоа, сите ние, и млади и стари, марливо да се посветиме на проучувањето на Божјата реч, да размислуваме за она што го учиме, и да му се приближиме на Јехова со редовни и срдечни молитви. Правејќи го тоа, не само што ќе го најдеме „знаењето за Бога“ туку и ќе го разбереме „Господовиот страв“ (Пословици 2:1-5).

[Фусноти]

^ пас. 4 Имињата се променети.

^ пас. 5 Можеби ова е едно од искуствата што го поттикнале Давид да ги компонира Псалми 57 и 142.

Можеш ли да објасниш?

Како може стравот од Бог

• да помогне некому да закрепне од некој тежок грев?

• да нѐ направи среќни дури и кога имаме искушенија и кога сме прогонувани?

• да нѐ зајакне да ја вршиме Божјата волја?

• да биде скапоцено наследство за нашите деца?

[Прашања]

[Слика на страница 26]

Стравот од Јехова го спречил Давид да му наштети на цар Саул

[Слики на страница 29]

Стравот од Бог е скапоцено наследство што родителите можат да им го дадат на своите деца