Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јов — истраен и непорочен човек

Јов — истраен и непорочен човек

Јов — истраен и непорочен човек

„Дали го забележа мојот слуга Јов? Нему никој не му е рамен на земјата. Тоа е непорочен и праведен човек, се бои од Бога и се отстранува од злото!“ (ЈОВ 1:8).

1, 2. а) Какви неочекувани трагедии го снашле Јов? б) Како живеел Јов пред да го снајдат трагедиите?

 ВО МИНАТОТО живеел еден човек за кој можело да се рече дека имал сѐ — богатство, углед, здравје и среќно семејство. Но, го снашле три трагедии едноподруго. Ненадејно го изгубил своето богатство. Потоа, во едно неочекувано невреме, животот го изгубиле сите негови деца. Кратко потоа, се разболел од една тешка болест од која целото тело му било покриено со болни чиреви. Веројатно погодуваш дека станува збор за Јов, главниот лик во библиската книга што го носи неговото име (Јов, поглавја 1 и 2).

2 „О, да можам да ги проживеам минатите месеци“, заофкал тој (Јов 3:3; 29:2). Кога ќе се случи некоја трагедија, кој не копнее сѐ да си биде како порано? А Јов живеел праведно, навидум заштитен од неволји. Влијателните луѓе го почитувале и барале совет од него (Јов 29:5-11). Тој бил богат, но имал исправно гледиште за парите (Јов 31:24, 25, 28). Кога ќе сретнел сиромашни вдовици или сирачиња, им помагал (Јов 29:12-16). Исто така, ѝ бил верен на својата жена (Јов 31:1, 9, 11).

3. Како гледал Јехова на Јов?

3 Јов водел чесен живот затоа што го обожавал Бог. „Нему никој не му е рамен на земјата,“ рекол Јехова, „тоа е непорочен и праведен човек, се бои од Бога и се отстранува од злото!“ (Јов 1:1, 8). Но, и покрај тоа што Јов останал непорочен во поглед на моралот, со трагедиите што му се случиле бил прекинат неговиот удобен живот. Изгубил сѐ што имал заработено, а неговиот вистински карактер бил ставен на испит кога доживеал болка и разочарување.

4. Зошто ќе биде добро да размислиме за она што го снашло Јов?

4 Се разбира, Јов не е единствениот Божји слуга што го снашла трагедија. Многу христијани денес лесно можат да сфатат низ што минувал. Затоа, добро е да размислиме за две прашања: Кога ни се случува некоја трагедија, како може да ни биде од помош тоа што ќе се потсетиме на она што го снашло Јов? И како може тоа да нѐ научи да бидеме посочувствителни кон оние што страдаат?

Прашање на лојалноста и испит на непорочноста

5. Како што тврдел Сатана, зошто Јов му служел на Бог?

5 Она што му се случило на Јов било нешто несекојдневно. Без да знае Јов, Ѓаволот ги довел во прашање мотивите од кои Јов му служел на Бог. При еден собир на небото, кога Јехова посочил на убавите особини на Јов, Сатана одговорил: „Зар не ги загради него, неговиот дом и сиот негов имот?“ Со други зборови, Сатана тврдел дека Јов бил мотивиран од себичност — а истото го мислел и за сите други слуги на Бог. „Испружи ја еднаш раката и допри во сѐ што има: ќе Те проколне во лице!“, му рекол Сатана на Јехова (Јов 1:8-11).

6. Околу кое важно прашање подигнал спор Сатана?

6 Бил подигнат спор околу едно многу важно прашање. Сатана го оспорил начинот на кој Јехова владее како Севишен. Дали е навистина можно Бог да владее со вселената мотивиран од љубов? Или, како што тврдел Сатана, на крајот секогаш ќе победи себичноста? Јехова му дозволил на Ѓаволот да го вклучи Јов во еден судски случај што би послужил како темел за да се одговори на ова прашање, уверен дека Неговиот слуга ќе остане непорочен и лојален. Значи, Сатана бил тој што едноподруго го нападнал Јов со неволји. Кога не успеале неговите први напади, го погодил Јов со една тешка болест. „Кожа за кожа! Човекот ќе даде сѐ што има за својата душа“, тврдел Ѓаволот (Јов 2:4NW).

7. Во кој поглед Божјите слуги денес доживуваат неволји слични на неволјите на Јов?

7 Иако повеќето христијани денес не страдаат толку колку што страдал Јов, и нив ги погодуваат најразлични неволји. Мнозина се прогонувани или имаат семејни проблеми. Можеби нѐ мачат економски проблеми или лошо здравје. Некои биле спремни да умрат за својата вера. Се разбира, не смееме да си мислиме дека Сатана е тој што ја предизвикува секоја трагедија што ќе нѐ снајде. Всушност, некои проблеми можеби се резултат на нашите грешки или на наследената здравствена состојба (Галатите 6:7). Освен тоа, и староста или некоја природна катастрофа си го прават своето. Библијата јасно покажува дека, во денешно време, Јехова не ги штити со чудо своите слуги од тие неволји (Проповедник 9:11).

8. Како може Сатана да се обиде да ги искористи неволјите што ги имаме?

8 Меѓутоа, Сатана може да ги искористи нашите неволји за да ни ја поткопа верата. Апостол Павле спомнал дека го измачувал „трн во телото, ангел на Сатана“, кој постојано ‚го удирал‘ (2. Коринќаните 12:7). Сеедно дали се работело за некој физички проблем, како што е слабиот вид, или нешто друго, Павле сфатил дека Сатана би можел да го искористи тој проблем и разочарувањето до кое водел за да му ја одземе на Павле радоста и да го натера да попушти во својата непорочност и вера (Пословици 24:10). Денес, Сатана може да ги наведе членовите на семејството, соучениците, па дури и диктаторските влади да ги прогонуваат Божјите слуги на овој или на оној начин.

9. Зошто не треба да бидеме премногу изненадени што некои ни се противат или нѐ прогонуваат?

9 Како можеме успешно да се справиме со овие проблеми? Со тоа што на нив ќе гледаме како на можност да покажеме дека непоколебливо го сакаме Јехова и секогаш сме подложни на неговата власт (Јаков 1:2-4). Која и да е причината за нашата неволја, ако сфатиме колку е важно да му бидеме лојални на Бог, ќе ни биде полесно да задржиме духовна рамнотежа. Апостол Петар им напишал на христијаните: „Љубени, нека не ве чуди она што пламти меѓу вас, кое ви се случува заради искушување, како да ве снаоѓа нешто чудно“ (1. Петрово 4:12). А Павле објаснил: „Сите оние кои сакаат да живеат со побожна оддаденост во поврзаност со Христос Исус, исто така ќе бидат прогонувани“ (2. Тимотеј 3:12). Сатана и ден-денес ја доведува во прашање непорочноста и верноста на Сведоците на Јехова, како што направил и во случајот со Јов. Всушност, Библијата покажува дека во овие последни денови, Сатана ги засилил своите напади врз Божјиот народ (Откровение 12:9, 17).

Едно недоразбирање и неколку лоши совети

10. Што му ја отежнало уште повеќе ситуацијата на Јов?

10 Уште нешто додатно му ја отежнало ситуацијата на Јов, нешто што не е случај и со нас. Тој не знаел зошто го снашле сите тие трагедии. Дошол до погрешниот заклучок дека, на некој начин, ‚Јехова дал, Јехова зел‘ (Јов 1:21). Веројатно Сатана намерно сакал да му остави на Јов впечаток дека Бог му ги предизвикал маките.

11. Објасни како реагирал Јов на своите неволји.

11 Јов многу се обесхрабрил, иако не сакал да го проколне Бог, како што го терала жена му (Јов 2:9, 10). ‚Изгледа дека на злобните им е многу подобро отколку мене‘, рекол тој (Јов 21:7-9). ‚Зошто ме казнува Бог?‘, сигурно се прашувал. Имало моменти кога едноставно посакувал да умре. „О, кога би сакал да ме скриеш во Шеолот, да ме засолниш додека не Ти помине гневот“, извикнал тој (Јов 14:13).

12, 13. Како влијаеле врз Јов зборовите на неговите тројца пријатели?

12 Јов имал тројца пријатели што дошле да го посетат, наводно за да „го пожалат и да го утешат“ (Јов 2:11). Сепак, тие испаднале само „мачни тешители“ (Јов 16:2). На Јов можеби би му користело да има пријатели на кои би можел да им ги искаже своите проблеми, но овие тројца уште повеќе го збуниле и направиле да му биде уште потешко (Јов 19:2; 26:2).

13 Се разбира, Јов можеби се прашувал: ‚Зошто јас? Со што заслужив да ме снајде ваква несреќа?‘ Неговите пријатели му дале објаснувања што наведувале на сосема погрешни заклучоци. Тие тврделе дека Јов сам си е виновен што страда затоа што направил некој сериозен грев. „Дали пропаднал некогаш невин?“, прашал Елифаз. „Како што сум видел: кој оре несреќа и сее неволја — неа и ќе ја ожнее“ (Јов 4:7, 8).

14. Зошто не треба автоматски да заклучиме дека страдаме затоа што во нешто не сме постапиле исправно?

14 Секако, може да си создадеме проблеми ако сееме во своето тело наместо да сееме во духот (Галатите 6:7, 8). Сепак, во овој свет може да нѐ снајде нешто лошо без оглед на тоа како постапуваме. Освен тоа, воопшто не е вистина дека невините се поштедени од секаква неволја. Исус Христос, кој бил „неизвалкан, одвоен од грешниците“, умрел со болна смрт на маченички столб, а и апостол Јаков умрел како маченик (Евреите 7:26; Дела 12:1, 2). Со своите погрешни тврдења, Елифаз и неговите двајца пријатели го навеле Јов да го брани своето добро име и да вели дека е невин. Сепак, со тоа што упорно тврделе дека Јов сигурно заслужил да страда, можеби повлијаеле врз неговото гледиште за Божјата правда (Јов 34:5; 35:2).

Каде да најдеме помош кога имаме неволји

15. На што треба да мислиме за да ни биде полесно кога страдаме?

15 Можеме ли да научиме нешто од ова? Можеби ни изгледа многу неправедно да ни се случуваат трагедии, да страдаме од некоја болест или да бидеме прогонувани. Ни се чини дека другите луѓе успеваат да избегнат многу такви проблеми (Псалм 73:3-12). Понекогаш, можеби ќе треба да си ги поставиме овие важни прашања: ‚Дали мојата љубов кон Бог ме поттикнува да му служам и покрај сѐ што ќе ми се случи? Дали имам силна желба со својот живот да му овозможам на Јехова „да му одговори на оној што му се подбива“?‘ (Пословици 27:11NW; Матеј 22:37). Никогаш да не дозволиме непромислените зборови што ќе ги кажат другите да нѐ наведат да се посомневаме дека нашиот небесен Татко ќе ни помогне. Една верна христијанка што многу години боледувала од некоја хронична болест, еднаш рекла: „Знам дека ќе издржам сѐ што Јехова ќе дозволи да се случи. Знам дека ќе ми ја даде силата што ми е потребна. Секогаш ми давал сила“.

16. Како им помага Божјата реч на оние што имаат неволји?

16 Што се однесува до тактиките на Сатана, ние сфаќаме некои работи што Јов не ги знаел. „Не сме во незнаење за неговите намери“, или злобни сплетки (2. Коринќаните 2:11). Освен тоа, можеме да црпиме од еден извор на мудрост што многу ќе ни помогне. Во Библијата наоѓаме извештаи за верни мажи и жени што претрпеле секакви неволји. Апостол Павле, кој страдал повеќе од другите христијани, напишал: „Сѐ што беше напишано порано, напишано беше за наша поука, за преку својата истрајност и преку утехата од Писмото да имаме надеж“ (Римјаните 15:4). Еден Сведок од Европа, кој во Втората светска војна бил во затвор поради својата вера, го дал оброкот што му следувал за три дена во замена за една Библија. „Многу беше добро што направив таква размена!“, вели тој. „Иако бев физички гладен, добив духовна храна што нѐ одржа во живот и мене и другите низ искушенијата во тоа тешко време. До ден-денес си ја чувам таа Библија.“

17. Што ни дава Бог за да ни помогне да издржиме?

17 Освен утехата што ја добиваме од Светото писмо, имаме и многу публикации што ни помагаат да ја разбереме Библијата, во кои наоѓаме убави совети како да излеземе на крај со проблемите. Ако погледнеш во Индексот на публикации на Watch Tower (Watch Tower Publications Index), веројатно ќе најдеш некое искуство на некој сохристијанин што имал искушение слично на твоето (1. Петрово 5:9). Исто така, може да ти помогне тоа што ќе зборуваш за твојата ситуација со сочувствителни старешини или со некои други зрели христијани. А пред сѐ, ако се молиш, можеш да сметаш на помошта од Јехова и неговиот свет дух. Како ги издржал Павле ‚ударите‘ од Сатана? Со тоа што научил да се потпира на Божјата сила (2. Коринќаните 12:9, 10). „За сѐ имам сила со помош на оној кој ми дава моќ“, напишал тој (Филипјаните 4:13).

18. Како можат сохристијаните да дадат скапоцено охрабрување?

18 Значи, помош има, и никогаш не треба да се колебаш да ја побараш. „Ако покажеш малодушност во ден на беда, твојата сила е мала“, гласи една пословица (Пословици 24:10). Исто како што една дрвена куќа може да се урне ако ја нападнат термити, така и обесхрабрувањето може да ја поткопа непорочноста и верата на еден христијанин. За да не подлегнеме на оваа опасност, Јехова ни помага преку другите слуги на Бог. Еден ангел му се појавил на Исус и го зајакнал ноќта кога бил уапсен (Лука 22:43). Додека патувал во Рим како затвореник, Павле ‚му заблагодарил на Бог и се охрабрил‘ кога ги сретнал браќата на Апиевиот плоштад и кај Трите гостилници (Дела 28:15). Една жена од Германија, која е Јеховин сведок, се сеќава на помошта што ја добила кога, како плашлива тинејџерка, пристигнала во концентрациониот логор Равенсбрук. „Една сохристијанка веднаш ме најде и топло ме пречека“, се сеќава таа. „Една друга верна сестра ме зеде под своја заштита и ми стана како духовна мајка.“

„Покажи се верен“

19. Што му помогнало на Јов да ги издржи нападите на Сатана?

19 Јехова рекол за Јов дека е човек што е „постојан во непорочноста“ (Јов 2:3). И покрај тоа што бил обесхрабрен и не сфаќал зошто страда, Јов никогаш не се поколебал во најважното спорно прашање поврзано со лојалноста. Јов не сакал да се откаже од сѐ за што живеел. Тој останал упорен: „Сѐ додека дишам, нема да отстапам од својата непорочност!“ (Јов 27:5NW).

20. Зошто вреди да се истрае?

20 Ако бидеме и ние решени на такво нешто, ќе останеме непорочни и верни што и да нѐ снајде — било искушенија, било противење или непријателство. „Не плаши се од она што ќе го претрпиш“, му рекол Исус на собранието во Смирна. „Гледај! Ѓаволот ќе фрла некои од вас во затвор за да бидете потполно искушани, и ќе имате неволја [мака, или угнетување] десет дена. Покажи се верен до самата смрт, и ќе ти ја дадам круната на животот“ (Откровение 2:10).

21, 22. Кога трпиме неволји, која мисла ќе нѐ утеши?

21 Во овој свет со кој владее Сатана, нашата истрајност и непорочност ќе бидат ставени на испит. Сепак, Исус нѐ уверува дека нема потреба со страв да гледаме на иднината. Најважно е да останеме верни. „Неволјата е моментална“, рекол Павле, додека ‚славата‘, или наградата што ни ја ветува Јехова, „сѐ повеќе и повеќе добива на тежина и е вечна“ (2. Коринќаните 4:17, 18). Дури и неволјите на Јов биле моментални во споредба со многуте среќни години што ги живеел пред и по своето искушение (Јов 42:16).

22 Сепак, во животот можеби ќе има моменти кога ќе изгледа дека на нашите искушенија им нема крај и ни се чини дека не можеме да го издржиме страдањето. Во следната статија ќе разгледаме што друго можеме да научиме за истрајноста од она што го преживеал Јов. Исто така, ќе видиме на кои начини можеме да ги зајакнеме и другите што доживуваат неволји.

Како би одговорил?

• Околу кое важно прашање во врска со непорочноста на Јов подигнал спор Сатана?

• Зошто не треба да бидеме премногу изненадени што некои ни се противат?

• Како ни помага Јехова да истраеме?

[Прашања]

[Слики на страница 23]

Ако истражуваме низ публикациите, ако разговараме со зрелите христијани и ако искрено го молиме Јехова, ќе успееме да истраеме