Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Варух — верниот писар на Еремија

Варух — верниот писар на Еремија

Варух — верниот писар на Еремија

ГО ПОЗНАВАШ ли „Варуха, синот Нириин“? (Еремија 36:4). Иако е спомнат само во четири поглавја од Библијата, на библиските читатели им е добро познат како личен писар и близок пријател на пророкот Еремија. Заедно ги минале последните 18 бурни години од царството на Јуда, страшното уништување на Ерусалим од страна на Вавилонците во 607 година пр.н.е., и изгнанството во Египет што следело.

Во последниве години, пронаоѓањето на две були * од седмиот век пр.н.е., на кои е испишан текстот „Сопственост на Верекјаху [хебрејското име на Варух], синот на Неријаху [хебрејското име на Нириј], писарот“, го зголемија интересот на изучувачите за овој лик што се спомнува во Библијата. Кој бил Варух? Од какво семејство потекнувал, какво образование имал и на каква положба бил? Што ни открива тоа што цврсто останал крај Еремија? Што можеме да научиме од него? Да ги пронајдеме одговорите на овие прашања со помош на библиските и историските информации што ни стојат на располагање.

Потекло и положба

Денес, многу изучувачи веруваат дека Варух потекнувал од едно угледно семејство писари во Јуда. Тие наведуваат повеќе причини што ги водат до овој заклучок. На пример, во библискиот извештај, на Варух му е дадена една посебна титула, „писарот“, или „секретарот“, како што стои во некои преводи. Исто така, во Светото писмо се спомнува Серај, неговиот брат, кој бил важен службеник на дворот на царот Седекија (Еремија 36:32; 51:59).

Археологот Филип Џ. Кинг го пишува следново во врска со писарите во времето на Еремија: „Писарите, кои припаѓале на една класа на стручњаци, заземале челно место во Јуда кон крајот на седмиот и во почетокот на шестиот век пр.н.е... Таа титула ја носеле високите службеници на царот“.

Освен тоа, извештајот од Еремија, 36. поглавје, кој ќе го разгледаме подетално, остава впечаток дека Варух можел да контактира со царевите советници и имал дозвола да ја користи трпезаријата, односно работната соба, на Гемариј, кој бил кнез или службеник. Библискиот изучувач Џејмс Мјуленберг тврди: „Варух можел да влезе во работната соба на писарот затоа што имал право на тоа и затоа што и самиот бил еден од службениците на царот, кои се собрале на многу важната пригода кога јавно се читал свитокот. Тој бил еден од тие службеници“.

Во публикацијата Збирка од западносемитски печати (Corpus of West Semitic Stamp Seals) се спомнува уште еден аргумент со кој се потврдува на каква положба бил Варух: „Бидејќи булата на Верекјаху била пронајдена заедно со голем број були на други службеници што биле на висока положба, логично е да се заклучи дека Варух/Верекјаху спаѓал во истата категорија како и другите службеници“. Според достапните информации, Варух и неговиот брат Серај биле високи службеници што му помагале на верниот пророк Еремија во бурните години пред уништувањето на Ерусалим.

Јавно му помагал на Еремија

Хронолошки, Варух првпат се спомнува во книгата Еремија 36. поглавје, во „четвртата година на Јоаким“, или некаде околу 625 година пр.н.е. Во тоа време Еремија веќе служел како пророк 23 години (Еремија 25:1-3; 36:1, 4).

Тогаш Јехова му рекол на Еремија: „Земи книжен свиток и запиши ги на него сите зборови што ти ги реков за Израел, за Јудеја и за сите народи... од деновите Јосиини до денешниот ден“. Извештајот понатаму вели: „Еремија го повика Варуха, синот Нириин, и Варух ги напиша на книжен свиток, според Еремииното кажување, сите зборови што му ги објави Господ“ (Еремија 36:2-4).

Зошто бил повикан Варух? Еремија му рекол: „Мене не ми е слободно, та не можам да појдам во Господовиот Дом“ (Еремија 36:5). Изгледа дека на Еремија не му било дозволено да пристапи до храмот, каде што требало да се чита Јеховината порака, можеби затоа што претходните пораки што ги кажувал ги разгневиле оние што биле на власт (Еремија 26:1-9). Без сомнение Варух искрено му служел на Јехова, и ‚направил сѐ како што му заповедал пророкот Еремија‘ (Еремија 36:8).

Требало време за да се напишат предупредувањата што биле кажувани во текот на 23 години, а можеби Еремија го чекал и вистинскиот момент. Но, во ноември или декември 624 година пр.н.е., Варух смело ‚му ги прочитал од книжниот свиток Еремиините зборови на сиот народ во Господовиот Дом, во дворницата на Гемариј‘ (Еремија 36:8-10).

Михеј, синот на Гемариј, им кажал на татка си и на голем број кнезови што се случило, и тие го повикале Варух уште еднаш да го прочита наглас свитокот. Извештајот ни кажува: „Кога ги чуја сите оние зборови, се погледаа исплашено и му рекоа на Варуха: ‚Треба сѐ тоа да му го кажеме на царот‘... Оди, и скриј се, ти и Еремија; никој да не знае каде сте“ (Еремија 36:11-19).

Кога царот Јоаким чул што напишал Варух, зборови што му ги издиктирал Еремија, налутено го искинал свитокот, го фрлил в оган и им заповедал на своите луѓе да ги уапсат Еремија и Варух. На Јеховина заповед, тие двајца напишале уште еден ист таков свиток додека се криеле (Еремија 36:21-32).

Нема никакво сомнение дека Варух сфатил какви опасности се криеле зад оваа задача. Мора да знаел за заканите што му биле упатени на Еремија неколку години претходно. Исто така, сигурно чул за она што се случило со Уриј, кој пророкувал „како и Еремија“, но бил убиен од царот Јоаким. Сепак, Варух бил спремен да ја користи својата стручност и своите врски со владините службеници за да му помага на Еремија додека ја извршувал својата задача (Еремија 26:1-9, 20-24).

Не барај „големи работи“

Додека се пишувал првиот свиток, Варух минувал низ еден многу тежок период. Тој извикнал: „Тешко мене зашто Господ ми дава неволја врз неволја. Се заморив од воздивнувања и не можам да најдам мир!“ Зошто западнал во ваква криза? (Еремија 45:1-3).

Не ни е даден директен одговор. Но, обиди се да си замислиш во каква ситуација бил Варух. Со оглед на тоа што цели 23 години го предупредувал народот во Израел и Јуда, нивното отпадништво и фактот дека го отфрлиле Јехова мора да станале многу очигледни. Јеховината одлука да ги уништи Ерусалим и Јуда и да го одведе народот во изгнанство во Вавилон цели 70 години — работа што Јехова ја открил истата година кога Варух го пишувал свитокот и можеби била вклучена во него — мора да го шокирале Варух (Еремија 25:1-11). Освен тоа, постоел ризик да ја изгуби својата положба и да си ја уништи кариерата затоа што одлучно му помагал на Еремија во тоа критично време.

Како и да е, Јехова лично сторил нешто за да му помогне на Варух да го има во мислите претстојниот суд. „Што изградив, ќе го разурнам, што посадив, ќе го откорнам — по сета земја“, рекол Јехова. Потоа го советувал Варух: „А ти бараш чудеса [големи работи, NW] за себе! Не барај го тоа!“ (Еремија 45:4, 5).

Јехова не кажал конкретно што биле тие „големи работи“, но Варух сигурно знаел дали тоа биле себични амбиции, истакната положба или материјални работи. Јехова го советувал да биде реален и да мисли на тоа што претстои: „Ќе навалам зло врз сѐ живо... А тебе како плен ќе ти го подарам твојот живот во сите места каде ќе дојдеш“. Најскапоценото нешто што го имал Варух, неговиот живот, ќе бил сочуван каде и да одел (Еремија 45:5).

По овие настани што се опишани во Еремија, поглавја 36 и 45, кои се одиграле од 625 до 624 година пр.н.е., Библијата не кажува ништо за Варух сѐ до времето неколку месеци пред Вавилонците да ги уништат Ерусалим и Јуда, во 607 година пр.н.е. Што се случило тогаш?

Варух повторно му помага на Еремија

За време на опсадата на Ерусалим од страна на Вавилонците, Варух повторно се спомнува во библискиот извештај. Еремија бил „затворен во темничкиот двор“ кога Јехова му рекол да го купи земјиштето на својот братучед во Анатот како знак дека ќе дојде до една обнова. Варух бил повикан за да помогне во правните работи (Еремија 32:1, 2, 6, 7).

Еремија објаснил: „Напишав договор, удрив печат, повикав сведоци и го измерив среброто на мерилката. Потоа го зедов купувачкиот договор, запечатен според прописот,.. му го предадов купувачкиот договор на Варух“. Потоа му заповедал на Варух да ги запечати тие купувачки договори во еден глинен сад за да се зачуваат. Некои изучувачи сметаат дека, кога Еремија рекол дека го ‚напишал‘ договорот, тој всушност му го издиктирал на Варух, кој бил професионален писар и го пишувал тој договор (Еремија 32:10-14; 36:4, 17, 18; 45:1).

Варух и Еремија ги следеле законските прописи од тоа време. Еден од нив бил двојниот договор. Во книгата Збирка од западносемитски печати се објаснува: „Првиот договор бил наречен ‚запечатен договор‘ затоа што бил свиткан во ролна и запечатен со була или були; тој ја содржел оригиналната верзија на договорот... Вториот, ‚отворен договор‘, бил копија од запечатениот, полноважечки примерок, и бил наменет за секојдневна употреба. Значи, имало два текста, еден оригинален и уште еден примерок кој бил дупликат, напишани на два посебни листа папирус“. Археолошките откритија го потврдуваат обичајот да се складираат документи во глинени садови.

На крајот, Вавилонците го освоиле Ерусалим, го запалиле и одвеле во изгнанство сѐ освен мал број сиромашни луѓе. Навуходоносор го поставил за управител Готолиј. Тој бил убиен по два месеца. Преостанатите Евреи планирале да се преселат во Египет, и покрај тоа што Еремија им дал поинаков совет под вдахновение од Бог, и токму во овие околности повторно се спомнува Варух (Еремија 39:2, 8; 40:5; 41:1, 2; 42:13-17).

Еврејските водачи му рекле на Еремија: „Ни зборуваш лаги. Не те испрати Господ да ни зборуваш: ‚Не одете во Египет за да се населите таму‘, туку Варух, синот Нариин, те наговори да нѐ предадеш во рацете на Халдејците, кои ќе нѐ погубат или ќе нѐ одведат во вавилонско заточение“ (Еремија 43:2, 3). Изгледа дека ова обвинение покажува дека еврејските водачи верувале дека Варух имал големо влијание врз Еремија. Дали верувале дека, заради положбата на Варух или заради неговото долгогодишно пријателство со Еремија, имал поголема улога од само писар на пророкот? Можеби, но што и да си мислеле еврејските водачи, пораката доаѓала од Јехова.

И покрај предупредувањата што ги давал Бог, преостанатите Евреи заминале и ги зеле со себе „пророкот Еремија, и Варуха, синот Нириин“. Еремија напишал: „Тие се иселија во Египет, зашто не го слушаа Господовиот глас. И дојдоа до Тафнес“, кој бил граничен град што се наоѓал во источната делта на реката Нил, на границата со Синај. Оттогаш Варух повеќе не се спомнува во библискиот извештај (Еремија 43:5-7).

Што можеме да научиме од Варух?

Од Варух можеме да научиме многу вредни работи. Една битна поука е тоа што бил спремен да ги користи во Јеховината служба својата стручност и врските со другите службени лица, без оглед на последиците. Многу Јеховини сведоци денес — и мажи и жени — покажуваат ист таков став, нудејќи ги своите вештини во бетелската служба, во изградбата на разни објекти и слично. Како можеш да покажеш став каков што имал Варух?

Кога Варух бил потсетен дека последните денови на Јуда не биле време да бара „големи работи“ за себе, изгледа дека реагирал позитивно, бидејќи го добил својот живот како плен. Логично е овој совет да го примениме и на себе, бидејќи и ние живееме во последните денови на овој свет. Јехова и нам ни го ветува истото — ќе ни биде поштеден животот. Можеме ли и ние да реагираме на таквите потсетувања како што реагирал Варух?

Од овој извештај можеме да научиме и нешто друго што е многу практично. Варух им помогнал на Еремија и на неговиот братучед да ги извршат сите потребни законски процедури во нивниот деловен договор, иако и двајцата биле роднини. Ова служи како библиски пример за христијаните што имаат деловни односи со своите духовни браќа и сестри. Библиски е, практично и обѕирно да се следи овој пример кога се потпишуваат деловни договори.

Иако Варух се појавува само кратко во Библијата, заслужува сите христијани денес да размислат за него. Ќе го следиш ли добриот пример на овој верен писар на Еремија?

[Фуснота]

^ Була е мало грутче глина што се користело за да се запечати врвката со која се врзувал некој важен документ. Врз глината се втиснувал печат на кој стоело името на сопственикот или на испраќачот.

[Слика на страница 16]

Булата на Варух

[Извор на слика]

Була: Со љубезна дозвола на Israel Museum, Jerusalem