Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Освежувачки пораст на еден прекрасен остров

Освежувачки пораст на еден прекрасен остров

Освежувачки пораст на еден прекрасен остров

ПОСЕТИТЕЛИТЕ на Тајван не можат да не бидат импресионирани од бујната тропска вегетација која го покрива островот. Прекрасното зеленило на младите оризови стебленца преминува во бојата на златото во времето на жетва. Планинските падини се покриени со густи, бујни шуми. За разлика од пренаселените градови, сочното зеленило на полињата и планините навистина освежува. Токму тоа го поттикнало и првиот посетител од Западот што го видел островот да му го даде името Илха Формоза, или „Прекрасен остров“.

Да, Тајван е убав, но малечок остров — долг само 390 километри и широк 160 километри во неговиот најширок дел. Поголемиот дел од островот е покриен со високи планини. Планината Ју Шан (Планина Морисон) е повисока од јапонската планина Фуџи и од планината Кук на Нов Зеланд. Меѓу централните планини и морскиот брег наоколу се протегаат тесни крајбрежни низини, кои се преполни со работливите жители на Тајван, чиј број сега ја надмина бројката од 22 милиони.

Еден поинаков вид пораст

Но, на Тајван станува сѐ поочигледен и еден друг вид пораст — духовниот. Овој пораст е особено очигледен во ревноста која луѓето, и млади и стари, ја покажуваат откако ќе го запознаат вистинскиот Бог, Јехова. Навистина впечатлив е и порастот во бројот на оние што ревносно се трудат да им помогнат на другите да учат за Јехова и за неговата намера.

Порастот бара повеќе простор. Во декември 1990 година, беше купен имот за да се изгради поголема подружница на Јеховините сведоци. Претходната зграда, која се наоѓаше во Тајпеј, стана премала за во неа да се сместат сите што се грижеа за потребите на тогашните 1.777 објавители на Царството на Тајван. По неколку години вредна работа на меѓународни и локални доброволци на најразлична возраст, во август 1994 година убавите нови објекти во Синву беа спремни за употреба. Дотогаш, веќе 2.515 души ја ширеа меѓу луѓето добрата вест од Божјата реч, Библијата. Сега, по повеќе од десет години, овој број е зголемен за повеќе од двапати, и ја надминува цифрата од 5.500, а околу четвртина од нив секој месец полновремено учествуваат во делото на евангелизирање. Посебно вреди да се споменат младите момчиња и девојки, кои се како освежителна утринска ‚роса‘ (Псалм 110:3).

Духовен пораст кај младите

Многу од ревносните објавители на добрата вест се доста млади. Некои одат во основно училиште. На пример, во еден град во северниот дел на Тајван, еден брачен пар бил за првпат поканет да присуствува на Теократската школа за служба, каде што Јеховините сведоци учат како да ги поучуваат луѓето за библиските вистини. Двајцата биле вчудовидени кога виделе како едно малечко момче, Вејџун, ја читало Библијата од подиумот повешто од многу постари. Потоа на другите состаноци на кои присуствувале, многу ги воодушевило тоа што дури и децата на предучилишна возраст давале смисловни одговори. Овој пар забележал и колку убаво се воспитани малите деца во Салата на Царството.

Зошто овие млади се толку посветени на библиското образование во оваа главно будистичка и таоистичка земја? Затоа што нивните родители, како христијани, ги применуваат библиските мерила и, врз основа на нив, изградиле среќни семејства на кои најважно нешто им е пријателството со Јехова. Бидејќи родителите на Вејџун настојуваат да ги направат пријатни семејното проучување на Библијата и службата на проповедање, постариот брат и сестра на ова момче се веќе крстени Сведоци. Неодамна, кога Вејџун замоли да му биде дозволено да учествува во јавната служба на проповедање, мајка му кажа дека тој веќе дал повеќе списанија тој месец отколку што дале сите останати од семејството заедно. Очигледно е дека тој со задоволство зборува за вистината, коментира на состаноците и им кажува на другите за она што го научил.

А што кога ќе потпораснат?

Што се случува со овие млади кога ќе потпораснат? Повеќето од нив продолжуваат да го сакаат Јехова и службата. На пример, Хуипинг е ученичка во средно училиште. Еден ден професорот спомнал дека членовите на една религија не прифаќаат крв, но не се сеќава точно која е таа религија. Откако завршил часот, оваа млада христијанка му кажала на својот професор дека таа религија се Јеховините сведоци и му објаснила од кои причини имаат таков став.

Една друга професорка им пуштила на учениците документарен филм за сексуално преносливите болести. На филмот бил спомнат стихот од 1. Коринќаните 6:9, но таа рекла дека Библијата не ја осудува хомосексуалноста. Тоа повторно ѝ дало можност на Хуипинг да го објасни Божјето гледиште за таа тема.

Кога една нејзина школска другарка, која се вика Шуксија, подготвувала состав на тема семејно насилство, Хуипинг и го дала Разбудете се! од 8 ноември 2001 година *‚ со насловна страница: „Помош за жените кои се тепани од мажите“, и ѝ објаснила дека тоа списание содржи многу информации на таа тема, кои се темелени на Библијата. Со текот на времето, Шуксија станала некрстен објавител. Таа и Хуипинг сега заедно ја споделуваат добрата вест со другите.

Многу христијани што сѐ уште одат на училиште гледаат дека не е лесно да си познат како некој што живее според мерилата од Библијата. Ова посебно е случај во помалите гратчиња. Жихао морал да излезе на крај со притисокот што му го вршеле врсниците поради неговата вера и поради проповедањето. Тој вели: „Бев под толку голем притисок што се плашев да не сретнам некој од нив додека бев во службата на проповедање. Понекогаш ќе се собереа и по десет души и ќе ме исмејуваа“. Еден ден, еден професор му дал задача на Жихао да одржи говор пред класот во врска со својата религија. „Решив да го започнам говорот со Битие, прво поглавје, и потоа да опфатам прашања како што се: Кој ја создал Земјата и сѐ што е на неа? И како настанал човекот? Само што почнав да читам од Библијата, некои почнаа да ми се смеат, нарекувајќи ме суеверен. Но, јас сепак продолжив и го довршив говорот до крај. Тоа ми даде можност лично да им објаснам на некои од учениците што правам и во што верувам. Сега кога ќе ме сретнат во службата, веќе не ми се смеат.“

Жихао продолжува: „Бидејќи моите родители се Сведоци, секое утро разговараме за дневниот стих. Исто така, ја проучуваме Библијата и редовно одиме на состаноците. Тоа е она што ми помага да излезам на крај со секој што можеби сѐ уште ќе се обиде да ме исмејува кога се трудам да ги споделувам утешните вистини од Библијата со другите луѓе“.

Тингмеи е ученичка во средно Техничко училиште за девојки. Еднаш била поканета на излет заедно со некои девојки од нејзиниот клас и некои момчиња од друго училиште. Јасно ѝ било на какви морални опасности би се изложила со тоа, и затоа ја одбила понудата. Ја поканиле неколкупати, и покрај тоа што одбрала интересни теми од книгата Младите прашуваат — делотворни одговори *‚ кои им ги читала на соученичките. Девојките ја исмејувале, нарекувајќи ја старомодна. Но, многу брзо се видело дека е мудро да се почитуваат библиските начела кога една од девојките останала бремена и абортирала. Тингмеи вели: „Поради тоа што постапувам онака како што ме насочува Јехова, имам чиста совест. Таа, пак, ми носи внатрешна радост и чувство на длабоко задоволство“.

Да се надминат пречките за пораст

Една блиска другарка на Тингмеи е Руивен. За Руивен, кога била помала, одењето на состаноци и учеството во службата на проповедање биле само една досадна рутина. Но, кога ја увидела разликата меѓу искрената љубов на оние во нејзиното собрание и плиткото пријателство на нејзините школски другарки, ѝ станало јасно дека е време да смени нешто во животот. Руивен почнала да им проповеда на своите школски другарки и наскоро ѝ станало уште појасно што треба да направи. Почнала да служи како помошен пионер, минувајќи по повеќе од 50 часа во службата на проповедање. Потоа започнала со општа пионерска служба, минувајќи по повеќе од 70 часа месечно проповедајќи. Руивен вели: „Тешко дека можам со зборови да ја опишам својата благодарност на Јехова. Тој никогаш не се откажа од мене. Иако правев работи што го разочаруваа, сѐ уште ме сакаше. Мајка ми и останатите во собранието покажаа ист таков срдечен став. Сега ја проучувам Библијата со пет луѓе, и од срце мислам дека не постои друга работа што би ми донела поголемо задоволство“.

Во едно селско средно училиште, две деца на Сведоци биле одбрани за претставници на училиштето на еден натпревар во народни ора. Кога дознале нешто повеќе за натпреварот, младите Сведоци дошле до заклучок дека нивната христијанска совест не им дозволува да учествуваат во него. Се обиделе да ги објаснат работите и замолиле да не учествуваат, но барањето не им било прифатено. Наместо тоа, професорите им рекле дека, бидејќи тие ги одбрале, задолжително мора да одат. Решени да не попуштат, Сведоците влегле во веб-страницата на Министерството за образование и испратиле писмо во кое го објасниле нивниот проблем. Иако не добиле одговор лично, по кратко време училиштето добило упатство да не присилува никого да учествува во натпреварот. Колку биле среќни овие две момчиња кога сфатиле дека библиските поуки што ги добиле не само што ја изградиле нивната совест туку им дале и сила да заземат свој личен став за она што е исправно!

Дури и оние со физички ограничувања зборуваат со другите со големо задоволство за надежта што им ја дала Библијата. Минју е парализирана од раѓање. Бидејќи не може да ги користи рацете, таа ги врти страниците на Библијата со јазикот и го наоѓа стихот што сака да го прочита. Кога има говор во Теократската школа за служба во Салата на Царството, таа лежи на едно ниско креветче, а нејзиниот соговорник, седи на малечко столче и ѝ го држи микрофонот. Колку трогнува напорот што го вложува Минју за да ги одржи своите говори!

Кога Минју сакаше да стане објавител на Царството, некои од сестрите во собранието научија како да сведочат по телефон за да може и таа да учествува. Таа ги притиснува копчињата со својот јазик, додека сестрите ѝ помагаат да води забелешки околу повиците. Минју толку многу го засака ваквото сведочење што стана помошен пионер, минувајќи по 50 до 60 часа во разговор за Божјето Царство по телефон со другите. Најде и некои што прифатија библиска литература и ѝ дозволија повторно да им се јави за да разговараат. Моментално ја проучува Библијата со тројца што ги нашла на овој начин.

Да, како освежителни капки роса, младите во 78-те собранија на Јеховините сведоци на Тајван спремно и ревносно му ја носат животоважната добра вест за Царството на милионското мноштво народ на овој остров. А тоа е само мал дел од она што се случува низ целиот свет, како исполнување на библиското пророштво: „Во денот на Твојата сила, Твојот народ е готов; во убавината на светлината од утробата, пред деницата, Твојата младост е слична на росата“ (Псалм 110:3). Колкаво охрабрување се овие млади за постарите со кои рамо до рамо ја делат добрата вест, а што е уште поважно, колкава радост се за нивниот небесен Татко, Јехова Бог! (Пословици 27:11).

[Фусноти]

^ Не е излезено на македонски јазик.

^ Издадена од Јеховините сведоци.

[Рамка/слика на страница 10]

ПОТРЕБНИ СЕ ПОВЕЌЕ САЛИ НА ЦАРСТВОТО

Порастот на Тајван создаде потреба од повеќе Сали на Царството, што во оваа земја е голем предизвик. Зошто? Затоа што, освен во некои селски подрачја, речиси не постојат парцели погодни за изградба на Сали на Царството. Покрај тоа, цените на земјиштето се превисоки, а законите за урбанистичко планирање се строги. Во поголемите градови, како единствен избор останува да се изнајми деловен простор и да се пренамени во Сала на Царството. Но дури и во тој случај, повеќето канцеларии имаат многу низок плафон, многу висока кирија, ограничен број на посетители или други фактори што ги прават непогодни за употреба како Сали на Царството.

Сепак, последниве години Јеховините сведоци на Тајван успеаја да добијат неколку нови Сали на Царството. Потрагата по нови места што ќе послужат за таа намена продолжува, а Сведоците се спремни да ги покријат финансиските трошоци и да научат градежни вештини за да помагаат при изградбата.