Остарени но не и осамени
Остарени но не и осамени
КОГА староста ќе си го земе својот данок, многумина стануваат немоќни, изолирани од другите во општеството. Но, тоа не било случај и со Фернанд Риварол, кој умрел на возраст од 95 години во Женева (Швајцарија). Тој живеел сам, бидејќи жена му починала, а неговата омажена ќерка имала свој дом. Иако најмногу време минувал сам дома, не се чувствувал осамен. Честопати ќе седнел на масата во дневната соба, со телефонот в рака, и ќе им се јавувал на други луѓе за да поразговара со нив на духовни теми.
Но, во еден период од својот интересен живот, Фернанд бил и навистина осамен. Зошто? Во 1939 година, туку што со жена му станале Јеховини сведоци, во Европа избувнала Втората светска војна. Поради своите верувања на темел на Библијата, Фернанд цврсто одлучил да не повреди никого. Затоа, ја изгубил работата и морал да отслужи неколку затворски казни — кои траеле вкупно пет и пол години — период во кој бил одвоен од жена му и од ќеркичката.
Сеќавајќи се на тие времиња, Фернанд рекол: „Мнозина сметаа дека се откажав од сигурна работа и дека го оставив семејството на цедило. Луѓето ме мразеа и се однесуваа кон мене како да сум криминалец. Сепак, кога ќе помислам на тие тешки години, најмногу се сеќавам на тоа како ни помагаше Јехова. Оттогаш поминаа многу години, но мојата доверба во Јехова сѐ уште е цврста како што беше тоа време“.
Таа вера го поттикнала Фернанд да зборува со другите по телефон за надежта што му ја дава Библијата. Кога некој ќе реагирал позитивно, тој му испраќал библиска литература по пошта. Подоцна, повторно му се јавувал за да праша дали му се допаднала литературата. Понекогаш се случувало некои од луѓето да му се заблагодарат преку писмо, што многу го радувало.
Можеби и таму каде што живееш ти, некој како Фернанд ќе сака да поразговара со тебе. Зошто не го сослушаш за да дознаеш во што верува? Јеховините сведоци секогаш со задоволство ќе ги споделат своите верувања со тебе.