„Сте чуле за истрајноста на Јов“
„Сте чуле за истрајноста на Јов“
„Сте чуле за истрајноста на Јов и сте го виделе исходот кој Јехова го даде, дека Јехова е многу нежен во наклоноста и милосрден“ (ЈАКОВ 5:11).
1, 2. Низ какво искушение поминала една брачна двојка од Полска?
ХАРАЛТ АБТ бил Јеховин сведок помалку од една година кога Хитлеровата армија го зазела Данзиг (денешен Гдањск) во северна Полска. Настапиле тешки, па дури и опасни времиња за вистинските христијани таму. Гестапо се обидел да го натера Харалт да потпише еден документ со кој би се откажал од својата вера, но тој одбил да го направи тоа. Откако поминал неколку недели в затвор, Харалт го испратиле во концентрациониот логор Заксенхаузен, каде што постојано му се заканувале и го тепале. Еден офицер покажал кон оџакот на крематориумот и му рекол на Харалт: „Ако не ја оставиш својата вера, за 14 дена ќе се креваш оттаму накај твојот Јехова“.
2 Кога бил уапсен Харалт, неговата жена, Елза, сѐ уште ја доела нивната десетмесечна ќеркичка. Но, Гестапо не ја заборавил ни Елза. По кратко време ѝ го зеле бебето, а нејзе ја испратиле во логорот за погубување во Аушвиц. Сепак, таа успеала да ги преживее тие години, исто како Харалт. Во англиското издание на Стражарска кула од 15 април 1980 година можеш да прочиташ нешто повеќе за тоа како издржале. Харалт напишал: „Поради мојата вера во Бог, поминав вкупно 14 години од животот во концентрациони логори и во затвори. Еднаш некој ме праша: ‚Дали жена ти ти помогна да го поднесеш сето тоа?‘ Ми помогна, и тоа како! Уште од почетокот знаев дека никогаш нема да попушти во верата, и помислата на тоа ми даваше сила. Знаев дека повеќе би сакала да ме види мртов на носилка отколку да чуе дека ме ослободиле затоа што сум попуштил во верата... Елза претрпе многу тешки моменти во годините додека беше во германските концентрациони логори“.
3, 4. а) Чиј пример може да ги охрабри христијаните да истраат? б) Зошто Библијата нѐ поттикнува подлабоко да размислиме за она што му се случило на Јов?
3 Воопшто не е лесно да се трпи зло, како што можат да потврдат многу Јеховини сведоци. Затоа, Библијата ги советува сите христијани: „Како образец за поднесување зло и за практикување стрпливост земете ги пророците кои зборуваа во името на Јехова“ (Јаков 5:10). Низ вековите, многу Божји слуги биле прогонувани без причина. Примерот што го дал овој голем „облак со сведоци“ може да нѐ охрабри да продолжиме со истрајност да трчаме во христијанската трка (Евреите 11:32-38; 12:1).
4 Во Библијата, Јов се истакнува како пример за истрајност. „Гледајте! Ги прогласуваме за среќни оние кои истрајале“, напишал Јаков. „Сте чуле за истрајноста на Јов и сте го виделе исходот кој Јехова го даде, дека Јехова е многу нежен во наклоноста и милосрден“ (Јаков 5:11). Она што го доживеал Јов ни помага да сфатиме каква награда ги очекува верните, кои имаат благослов од Јехова. Што е уште поважно, ни помага да дознаеме некои работи што ќе ни користат кога ќе имаме неволји. Библиската книга Јов ни помага да одговориме на овие прашања: Кога сме во искушение, зошто мораме да се обидеме да ги разбереме важните спорни прашања што се вклучени? Кои особини и ставови ќе ни помогнат да истраеме? Како можеме да ги зајакнеме сохристијаните што страдаат?
Да ја добиеме целата слика
5. Кое е главното спорно прашање на кое треба да мислиме кога сме во искушение или кога имаме проблеми?
5 За да задржиме духовна рамнотежа и покрај неволјите, треба да ја добиеме целата слика за ситуацијата. Во спротивно, личните проблеми би можеле да ни го замаглат погледот на духовните работи. Најважно е спорното прашање во врска со лојалноста кон Бог. Нашиот небесен Татко упатува еден повик што треба секој од нас да го сфати сериозно: „Биди мудар, сине мој, и израдувај ми го срцето, за да можам да му одговорам на оној што ми се подбива“ (Пословици 27:11, NW). Колку ретка чест е тоа! И покрај нашите слабости и маани, ние можеме да го израдуваме нашиот Творец. Тоа го правиме кога нашата љубов кон Јехова ни дава сила да ги поднесеме искушенијата и проблемите. Вистинската христијанска љубов сѐ поднесува. Таа никогаш не затајува (1. Коринќаните 13:7, 8).
6. Како Сатана му се подбива на Јехова, и до кој степен?
6 Книгата за Јов јасно кажува дека Сатана е тој што му се подбива на Јехова. Исто така, ни открива колку е злобен овој невидлив непријател и колку многу сака да го расипе нашиот однос со Бог. Како што ни покажува случајот на Јов, Сатана ги обвинува сите Јеховини слуги дека му служат на Бог од себични мотиви и настојува да докаже дека нивната љубов кон Бог може да се излади. Тој му се подбива на Бог веќе илјадници години. Кога Сатана бил исфрлен на Земјата, еден глас од небото го опишал како „обвинителот на нашите браќа“ и рекол дека ги обвинува „ден и ноќ пред нашиот Бог“ (Откровение 12:10). Со тоа што верно ќе истраеме, можеме да покажеме дека неговите обвиненија се неосновани.
7. Како ќе биде најдобро да реагираме на некоја физичка слабост?
7 Не смееме да заборавиме дека Ѓаволот ќе ја искористи секоја неволја што ја имаме за да се обиде да нѐ оддалечи од Јехова. Кога го искушал Исус? Тогаш кога Исус бил гладен затоа што постел многу денови (Лука 4:1-3). Меѓутоа, духовната сила на Исус му помогнала цврсто да се спротивстави на искушенијата од Ѓаволот. Колку е важно да совладаме секаква физичка слабост — можеби предизвикана од болест или од старост — со духовна сила! Иако „човекот којшто сме однадвор се распаѓа“, не се откажуваме, затоа што човекот „којшто сме однатре, сигурно се обновува од ден на ден“ (2. Коринќаните 4:16).
8. а) Како можат негативните емоции да нѐ ослабнат? б) Каков став имал Исус?
8 Освен тоа, негативните емоции можат да ни наштетат духовно. ‚Зошто Јехова го дозволува ова?‘, можеби ќе се праша некој. ‚Како може еден брат да ми направи вакво нешто?‘, можеби ќе се праша друг откако неубаво постапиле со него. Поради таквите чувства може да ги изгубиме од вид главните спорни прашања и сосема да се концентрираме на личните околности. Фрустрацијата што ја чувствувал Јов по разговорот со своите тројца погрешно упатени пријатели изгледа дека емоционално му нанела исто толкава штета колку што болеста му нанела физичка штета (Јов 16:20; 19:2). Слично, апостол Павле покажал дека долготрајниот гнев може ‚да му даде место [или можност] на Ѓаволот‘ (Ефешаните 4:26, 27). Наместо да ја излееме фрустрацијата или гневот врз другите или премногу да се концентрираме на неправдата во некоја ситуација, како христијани ќе биде подобро да постапиме како Исус и да ‚му се доверуваме на оној кој праведно суди‘, Јехова Бог (1. Петрово 2:21-23). Ако имаме став како Исус, тоа многу ќе ни помогне да се одбраниме од нападите на Сатана (1. Петрово 4:1).
9. Во што нѐ уверува Бог во врска со товарите што мораме да ги носиме или искушенијата што ги имаме?
9 Пред сѐ, никогаш не треба да гледаме на нашите проблеми како на сигурен доказ дека Бог не е задоволен од нас. Тоа погрешно сфаќање го повредило Јов кога со остри зборови го напаѓале неговите таканаречени тешители (Јов 19:21, 22). Библијата нѐ уверува: „Бог не може да се искушува со зли работи ниту, пак, самиот тој некого искушува“ (Јаков 1:13). Напротив, Јехова ветува дека ќе ни помогне да ги носиме сите товари што ќе паднат врз нас и дека ќе даде излез од секое искушение што ќе нѐ снајде (Псалм 55:22; 1. Коринќаните 10:13). Со тоа што ќе му се приближиме на Бог кога ни е тешко, можеме да задржиме исправно гледиште за работите и успешно да му се спротивставиме на Ѓаволот (Јаков 4:7, 8).
Што ќе ни помогне да истраеме
10, 11. а) Што му помогнало на Јов да истрае? б) Како му помогнало на Јов тоа што имал чиста совест?
10 И покрај тешката ситуација во која се нашол Јов — вклучувајќи ги и грубите зборови од неговите „тешители“ и тоа што не знаел која е вистинската причина за неговата неволја — тој останал непорочен. Што можеме да научиме од неговата истрајност? Без сомнение, главната причина што успеал да истрае било тоа што му бил верен на Јехова. Тој ‚се боел од Бога и се отстранувал од злото‘ (Јов 1:1). Не можел да си го замисли поинаку својот живот. Не сакал да му сврти грб на Јехова, дури ни кога не сфаќал зошто одеднаш сѐ тргнало наопаку. Верувал дека треба да му служи на Бог и во добро и во лошо (Јов 1:21; 2:10).
11 Јов бил утешен и со тоа што имал чиста совест. Во време кога изгледало дека животот му се ближи кон крај, го тешела мислата дека сторил сѐ што можел за да им помогне на другите, дека се држел за Јеховините праведни мерила, и дека со ништо не потпаднал на лажната религија (Јов 31:4-11).
12. Како реагирал Јов на помошта што ја добил од Елиу?
12 Се разбира, неоспорно е дека на Јов му требала помош да го промени своето гледиште за некои работи. Тој понизно прифатил таква помош — што е уште еден битен фактор што му помогнал да истрае. Јов со почит го послушал мудриот совет на Елиу, и ја прифатил исправката што му ја дал Јехова. „Зборував, но не разбирав“, признал тој. „Затоа, се гнасам од сите свои зборови и се каам во прав и пепел“ (Јов 42:3, 6). И покрај болеста што сѐ уште го измачувала, Јов се радувал што ваквата исправка на неговото размислување го зближила со Бог. „Јас знам, Твојата моќ е безгранична: што и ќе наумиш, можеш да го направиш тоа“, рекол Јов за Јехова (Јов 42:2). Благодарение на тоа што Јехова му ја опишал својата величественост, Јов многу појасно сфатил каква положба зазема во однос на Творецот.
13. Зошто за Јов било добро тоа што покажал милост?
13 На крајот, Јов ни дава извонреден пример и за милост. Неговите лажни тешители длабоко го повредиле, па сепак, кога Јехова му рекол на Јов да се помоли за нив, тој се помолил. Потоа, Јехова му го вратил здравјето на Јов (Јов 42:8, 10). Јасно, огорченоста нема да ни помогне да истраеме, туку во тоа ќе ни помогнат љубовта и милоста. Ако престанеме да држиме лутина, ќе се освежиме духовно, и Јехова ќе нѐ благослови (Марко 11:25).
Мудри советници што ни помагаат да истраеме
14, 15. а) Кои особини ќе му помогнат на еден советник да им помогне на другите? б) Објасни зошто Елиу успеал да му помогне на Јов.
14 Друга работа што можеме да ја научиме од извештајот за Јов е колку е убаво да имаме мудри советници. Тие ‚во неволја стануваат браќа‘ (Пословици 17:17). Меѓутоа, како што ни покажува искуството на Јов, некои советници можат да нѐ повредат наместо да ни помогнат. Добриот советник треба да покаже сочувство, почит и љубезност, како Елиу. Старешините и другите зрели христијани можеби ќе треба да го исправат размислувањето на браќата што се оптоварени со проблеми, и во тој поглед овие советници можат многу да научат од книгата за Јов (Галатите 6:1; Евреите 12:12, 13).
15 Можеме да научиме многу добри работи од начинот на кој постапил Елиу во таа ситуација. Тој стрпливо слушал пред да одговори на неточните зборови на тројцата пријатели на Јов (Јов 32:11; Пословици 18:13). Елиу му се обратил на Јов по име и му зборувал како на пријател (Јов 33:1). За разлика од тројцата лажни тешители, Елиу не се сметал себеси за подобар од Јов. „Како и ти, бев создаден од глина“, рекол тој. Не сакал да го зголеми страдањето на Јов со тоа што ќе каже непромислени зборови (Јов 33:6, 7; Пословици 12:18). Наместо да го критикува Јов за неговото претходно однесување, Елиу го пофалил за неговата праведност (Јов 33:32). Што е уште поважно, Елиу ги гледал работите од Божја гледна точка, и му помогнал на Јов да се концентрира на фактот дека Јехова никогаш не би постапил неправедно (Јов 34:10-12). Го охрабрил Јов да чека на Јехова наместо да се обидува да покаже дека е праведен (Јов 35:2; 37:14, 23). Христијанските старешини и другите во собранието сигурно можат да извлечат корист од ваквите поуки.
16. Како тројцата лажни тешители на Јов станале алатки во рацете на Сатана?
16 Мудриот совет на Елиу е во спротивност со навредливите зборови на Елифаз, Вилдад и Софар. „Не зборувавте за Мене така право“, им рекол Јехова (Јов 42:7). Дури и ако тврделе дека имале добри намери, тие биле само алатки во рацете на Сатана наместо верни пријатели. Сите тројца уште од почетокот тврделе дека Јов самиот си е виновен за своите неволји (Јов 4:7, 8; 8:6; 20:22, 29). Како што тврдел Елифаз, Бог нема доверба во своите слуги, и не му е важно дали сме праведни или не (Јов 15:15; 22:2, 3). Елифаз дури и го обвинил Јов за грешки што не ги направил (Јов 22:5, 9). Но, Елиу му помогнал духовно на Јов, што секогаш е целта на оној што со љубов сака да даде совет.
17. Што треба да имаме на ум кога сме во искушение?
17 Од книгата на Јов можеме да научиме уште нешто за истрајноста. Нашиот грижлив Бог ја гледа нашата ситуација и е спремен и може да ни помогне на различни начини. Претходно го спомнавме искуството на Елза Абт. Размисли за заклучокот до кој дошла: „Пред да ме уапсат, го прочитав писмото на една сестра, во кое ми пишуваше дека во тешки искушенија Јеховиниот дух ни дава мир. Си помислив дека сигурно малку претерува. Но, кога и самата се најдов во искушенија, знаев дека она што го кажа таа е вистина. Навистина е така. Тешко е да се замисли ако не си доживеал такво нешто. Сепак, јас го искусив тоа. Јехова помага“. Елза не зборувала за она што Јехова би можел да го направи ниту за она што го направил пред илјадници години, во времето на Јов. Таа зборувала за нашево време. Да, „Јехова помага!“
Среќен е човекот што истрајува
18. Како му користела на Јов неговата истрајност?
18 Малкумина од нас ќе мораат да поднесат толку тешки искушенија како што биле искушенијата на Јов. Но, какви и да се искушенијата што ќе ги имаме во овој свет, имаме добри причини да останеме непорочни и верни, како Јов. Всушност, истрајноста го збогатила животот на Јов. Тој станал подобра личност, поблиску до совршенството (Јаков 1:2-4). Истрајноста го зајакнала неговиот однос со Бог. „Досега Те познавав само по слушање, но сега моите очи Те видоа“, рекол Јов (Јов 42:5). Се докажало дека Сатана е лажливец, бидејќи не можел да ја уништи непорочноста и верноста на Јов. Дури и по стотици години, Јехова го посочил својот слуга Јов како пример за праведност (Езекиел 14:14). Тоа што Јов останал верен и истрајал, го мотивира Божјиот народ дури и денес.
19. Зошто сметаш дека е важно да се истрае?
19 Кога Јаков им пишувал на христијаните во првиот век за истрајноста, спомнал колкаво задоволство носи таа. Исто така, го употребил примерот на Јов за да ги потсети дека Јехова богато ги наградува своите верни слуги (Јаков 5:11). Во Јов 42:12 читаме: „Господ ја благослови новата Јовова состојба уште повеќе отколку поранешната“. Бог му дал на Јов двојно повеќе од она што го изгубил, и тој живеел долго и среќно (Јов 42:16, 17). Слично на тоа, секаква болка или страдања што ги доживуваме на крајот на овој свет, ќе бидат избришани и заборавени во Божјиот нов свет (Исаија 65:17; Откровение 21:4). Ние сме чуле за истрајноста на Јов, и одлучни сме, со Јеховина помош, да го следиме неговиот пример. Библијата ветува: „Среќен е оној човек кој и понатаму истрајува во искушението бидејќи, откако ќе биде одобрен, ќе ја добие круната на животот која Јехова им ја ветил на оние кои продолжуваат да го љубат“ (Јаков 1:12).
Како би одговорил?
• Како можеме да го израдуваме Јеховиното срце?
• Зошто не треба да заклучиме дека нашите проблеми се доказ дека Бог не е задоволен од нас?
• Кои работи му помогнале на Јов да истрае?
• Како можеме да постапиме како Елиу кога ги зајакнуваме соверниците?
[Прашања]
[Слика на страница 28]
Добриот советник покажува сочувство, почит и љубезност
[Слики на страница 29]
Елза и Харалт Абт