„Изнесете му ги своите барања на Бог“
„Изнесете му ги своите барања на Бог“
„Не бидете загрижени за ништо, туку во сѐ — со молитви и молби, со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог“ (ФИЛИПЈАНИТЕ 4:6).
1. Со кого имаме чест да комуницираме, и зошто тоа е толку убаво?
КОГА ти би побарал да те прими владетелот на твојата земја, дали би ти одобриле? Можеби ќе добиеш учтив одговор од неговата канцеларија, но најверојатно нема да ти биде дозволено да зборуваш лично со него. Меѓутоа, работите стојат поинаку со најголемиот од сите Владетели, Јехова Бог, Севишниот на целата вселена. Можеме да му се обратиме од секое место и во секое време. Тој секогаш ќе ги чуе молитвите што се по негова волја (Изреки 15:29). Тоа е навистина за восхит! Зар нашата благодарност за тоа не треба да нѐ поттикне редовно да му се молиме на Оној за кого со право е речено дека „ги слуша молитвите“? (Псалм 65:2).
2. Што е потребно за Бог да ни ги сослуша молитвите?
2 Меѓутоа, некои можеби ќе прашаат: ‚Кои молитви ги сослушува Бог?‘ Библијата објаснува една работа што е неопходна за молитвите да ни бидат сослушани: „Без вера не е можно да му се угоди на Бог, зашто оној што му пристапува мора да верува дека тој постои и дека ги наградува оние што ревносно го бараат“ (Евреите 11:6). Да, како што беше објаснето во претходната статија, еден клучен услов за да му пристапиме на Бог е верата. Бог е спремен да ги прифати молитвите на оние што му се молат, но тоа мораат да го прават со вера и со исправни дела, искрено и со исправен став на срцето.
3. а) Како што покажуваат молитвите на верните слуги од минатото, што сѐ можеме да изразиме во нашите молитви? б) Во какви облици можат да бидат нашите молитви?
3 Апостол Павле ги советувал христијаните од негово време: „Не бидете загрижени за ништо, туку во сѐ — со молитви и молби, со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог“ (Филипјаните 4:6, 7). Библијата содржи многу примери на луѓе што му ги искажале на Бог своите грижи. Некои од нив се Ана, Илија, Езекија и Даниел (1. Самоилова 2:1-10; 1. Царевите 18:36, 37; 2. Царевите 19:15-19; Даниел 9:3-21). Ние треба да го следиме нивниот пример. Исто така, забележи дека зборовите на Павле покажуваат дека има различни облици на молитви. Тој спомнал благодарење, односно молитва во која му се заблагодаруваме на Бог за она што го прави за нас. Тоа може да биде придружено со изрази на фалба. Молбите се понизни, срдечни преколнувања. Исто така, можеме да изнесуваме и барања, односно да побараме нешто конкретно (Лука 11:2, 3). Нашиот небесен Татко со радост нѐ сослушува кога му се обраќаме на вакви начини.
4. Иако Јехова ги знае нашите потреби, зошто сепак му ги кажуваме своите барања?
4 Некои можеби ќе прашаат: ‚Зар Јехова веќе не ги знае сите наши потреби?‘ Да, ги знае (Матеј 6:8, 32). Тогаш, зошто сепак сака да му ги кажеме своите барања? Да дадеме еден пример: Еден дуќанџија можеби им нуди подарок на некои свои муштерии. Меѓутоа, за да го добијат тој подарок, муштериите мораат да дојдат кај дуќанџијата и да го побараат. Оние што не сакаат да се помачат да дојдат, ќе покажат дека немаат вистинско ценење за понудата. Слично, ако ние не ги кажеме во молитва нашите барања, ќе покажеме дека не го цениме доволно она што ни го дава Јехова. Исус рекол: „Барајте, и ќе добиете“ (Јован 16:24). Така покажуваме дека се потпираме на Бог.
Како треба да му се обраќаме на Бог?
5. Зошто треба да се молиме во името на Исус?
5 Јехова не поставува мноштво строги правила за тоа како да се молиме. Сепак, треба да научиме како исправно да му се обраќаме на Бог, а тоа е објаснето во Библијата. На пример, Исус ги поучил своите следбеници: „Што и да побарате од Таткото, ќе ви даде во мое име“ (Јован 16:23). Значи, од нас се бара да се молиме во Исусовото име, признавајќи го Исус како единствениот преку кого сето човештво ќе ги добие Божјите благослови.
6. Каква положба треба да заземеме кога се молиме?
6 Каква положба треба да заземеме кога се молиме? Во Библијата не е конкретно кажано каква положба треба да заземеме за да ни ги сослуша Бог молитвите (1. Царевите 8:22; Неемија 8:6; Марко 11:25; Лука 22:41). Важно е да го молиме Бог искрено и со исправен став на срцето (Јоил 2:12, 13).
7. а) Што значи зборот „амин“? б) Како соодветно се користи во молитвите?
7 Треба ли да го користиме зборот „амин“? Светото писмо покажува дека обично така треба да завршат нашите молитви, особено кога се молиме пред други (Псалми 72:19; 89:52). Основното значење на хебрејскиот збор амен е „се разбира“. Cyclopedia од Меклинток и Стронг објаснува дека зборот „амин“ на крајот од молитвата значи дека „ги потврдуваме зборовите што биле кажани, и молиме да се исполнат“. Значи, со тоа што на крајот од молитвата ќе каже едно искрено „амин“, оној што се моли покажува дека вистински го мисли тоа што го рекол. Кога христијанинот што се моли во името на едно цело собрание ќе рече „амин“ на крајот од молитвата, и оние што го слушаат можат да речат „амин“ во себе или на глас за да покажат дека сосема се согласуваат со она што било кажано (1. Коринќаните 14:16).
8. Во кој поглед некои наши молитви може да бидат како молитвите на Јаков или на Авраам, и што ќе покаже тоа за нас?
8 Понекогаш, Бог може да остави да покажеме колку силно го сакаме она за кое се молиме. Можеби треба да бидеме како Јаков, кој цела ноќ се борел со еден ангел за да добие благослов (1. Мојсеева 32:24-26). Или, пак, во некои ситуации можеби ќе треба да бидеме како Авраам, кој упорно му се молел на Јехова за Лот и за кој и да е друг праведен човек што би се нашол во Содом (1. Мојсеева 18:22-33). Слично, би можеле да го молиме Јехова за работи што многу ни значат, повикувајќи се на неговата правда и милост.
За што можеме да се молиме?
9. Што треба да ни биде најважно кога се молиме?
9 Сети се дека Павле рекол: „Во сѐ... изнесете му ги своите барања на Бог“ (Филипјаните 4:6). Значи, во личните молитви можеме да го вклучиме речиси секој аспект од нашиот живот. Меѓутоа, најважно во молитвите треба да ни биде она што му е важно на Јехова. Даниел дал добар пример за тоа. Кога Израелците биле казнети поради своите гревови, Даниел го преколнувал Јехова да биде милостив, и велел: „Не колебај се, поради себе, Боже мој, зашто твојот град и твојот народ го носат твоето име“ (Даниел 9:15-19). Дали и нашите молитви покажуваат дека најважно ни е да се посвети Јеховиното име и да се исполни неговата волја?
10. Од каде знаеме дека е исправно да се молиме за лични работи?
10 Сепак, исправно е да се молиме и за лични работи. На пример, како псалмистот, можеме да се молиме да ги разбереме подлабоките духовни работи. Тој се молел: „Помогни ми да разберам за да се држам за твојот закон, за да се држам за него со сето свое срце“ (Псалм 119:33, 34; Колошаните 1:9, 10). Исус ‚упатувал сесрдни молитви и молби до оној што можел да го спаси од смртта‘ (Евреите 5:7). При тоа, покажал дека е исправно да бараме сила кога се соочуваме со опасност или со неволји. Кога Исус им ја кажал на своите ученици молитвата Оченаш, тој вклучил и работи што го засегаат секого лично, како што е простувањето на грешките и добивањето на секојдневната храна.
11. Како може молитвата да ни помогне да не им подлегнеме на искушенијата?
11 Во таа молитва, Исус го вклучил и барањето: „Не воведувај нѐ во искушение, туку избави нѐ од Злобниот“ (Матеј 6:9-13). На крајот додал: „Бдејте и молете се, за да не паднете во искушение“ (Матеј 26:41). Неопходно е да се молиме кога имаме искушенија. Можеби сме на искушение да ги занемариме библиските начела кога сме на работа или на училиште. Оние што не се Сведоци можеби ќе нѐ викаат да правиме некои работи што не се за нас како христијани. Можеби некој ќе побара од нас да направиме нешто што ги прекршува праведните начела. Тогаш, треба да го послушаме Исусовиот совет да се молиме — и однапред и додека се соочуваме со искушението — барајќи од Бог да ни помогне да не му подлегнеме.
12. Кои причини за загриженост можат да бидат предмет на нашите молитви, и што можеме да очекуваме од Јехова?
12 Животот на Божјите слуги денес е исполнет со различни притисоци и грижи. За мнозина, болестите и емоционалните притисоци се главен извор на грижа. Животот ни го отежнува насилството околу нас. Економските проблеми отежнуваат да се заработи за живот. Колку е утешно да се знае дека Јехова ги слуша своите слуги што му ги кажуваат овие работи! Во Псалм 102:17 пишува за Јехова: „Ќе обрне внимание на молитвата на оние што останаа без ништо, и нема да ја презре нивната молитва“.
13. а) За кои лични работи можеме да се молиме? б) Кажи еден пример за таква молитва.
13 Всушност, сѐ што влијае врз нашата служба за Јехова или врз нашиот однос со него може да биде соодветен предмет на нашите молитви (1. Јованово 5:14). Ако стоиш пред одлуки во врска со брак или вработување, или во врска со зголемено учество во службата, слободно зборувај со Бог за тоа и барај водство од него. На пример, една млада жена од Филипините сакала да започне со полновремена служба. Меѓутоа, немала работа за да може да се издржува. Таа вели: „Една сабота го молев Јехова во врска со пионерската служба. Истиот ден, додека проповедав, ѝ понудив книга на една тинејџерка. Неочекувано, девојчето рече: ‚Треба да појдете во моето училиште рано в понеделник‘. Ја прашав: ‚Зошто?‘ Ми објасни дека има слободно работно место што треба да се пополни колку што е можно поскоро. Отидов, и веднаш ме примија. Сѐ се случи толку брзо“. Многу Сведоци во целиот свет имале слични искуства. Затоа, не колебај се да му ги изнесеш на Бог во молитва своите барања!
Ако сме направиле грев
14, 15. а) Зошто некој не треба да престане да се моли дури и ако направил грев? б) Освен тоа што лично ќе му се моли на Бог, што друго ќе му помогне некому да закрепне од гревот?
14 Како може да помогне молитвата ако некој направил грев? Од срам, некои што згрешиле не се молат. Меѓутоа, тоа воопшто не е мудро. Да дадеме еден пример: Пилотите знаат дека, ако се изгубат, можат да комуницираат со контролорите на воздушниот сообраќај за да добијат помош. Но, што ако некој изгубен пилот не сака да контактира со контролорите затоа што му е непријатно што се изгубил? Тоа би можело да води до катастрофа! Слично на тоа, оној што направил грев и му е непријатно да го моли Бог, би можел да претрпи уште поголема штета. Срамот поради гревот не би требало да спречи некого да зборува со Јехова. Всушност, Бог ги повикува да го молат сите оние што направиле сериозни грешки. Пророкот Исаија ги поттикнал грешниците од негово време да го повикуваат Јехова, ‚зашто тој ќе прости великодушно‘ (Исаија 55:6, 7). Се разбира, некој можеби ќе треба ‚да го смилостиви лицето на Јехова‘ со тоа што најнапред ќе се понизи, ќе престане да прави грев и искрено ќе се покае (Псалм 119:58; Даниел 9:13).
15 Има уште една причина зошто е важна молитвата кога некој ќе направи грев. Ученикот Јаков го вели следново во врска со оној на кого му треба духовна помош: „Нека ги повика старешините од собранието, па тие нека се молат за него... и Јехова ќе го подигне“ (Јаков 5:14, 15). Да, секој треба лично да му го признае на Јехова својот грев во молитва, но може да ги замоли и старешините да се молат за него. Тоа ќе му помогне духовно да закрепне.
Одговор на молитвите
16, 17. а) Како одговара Јехова на молитвите? б) Кои искуства покажуваат дека молитвата и проповедничкото дело се тесно поврзани?
16 Како добиваме одговор на молитвите? Некои молитви можеби ќе ни бидат одговорени брзо и многу очигледно (2. Царевите 20:1-6). За други можеби ќе треба време, а одговорот не се гледа толку лесно. Како што ни покажува примерот што го дал Исус со вдовицата што упорно одела кај судијата, можеби ќе треба постојано да му се молиме на Бог (Лука 18:1-8). Меѓутоа, можеме да бидеме уверени дека, кога се молиме во склад со Божјата волја, Јехова никогаш нема да ни рече: „Не досадувај ми!“ (Лука 11:5-9).
17 Јеховините слуги многупати искусиле како биле одговорени нивните молитви. Тоа честопати јасно можело да се види во нашата служба. На пример, две христијанки од Филипините делеле библиска литература во еден оддалечен дел од таа земја. Кога ѝ дале трактат на една жена, очите ѝ се наполниле со солзи. Таа рекла: „Минатата ноќ го молев Бог да ми испрати некој што ќе ме поучи за Библијата, и мислам дека ова е одговор на мојата молитва“. Кратко потоа, жената почнала да оди на состаноците во Салата на Царството. Во еден друг дел од Југоисточна Азија, еден брат се плашел да проповеда во некој комплекс со високо обезбедување. Меѓутоа, му се помолил на Јехова, се охрабрил и влегол во зградата. Чукнал на вратата на еден стан, и му отворила една млада жена. Кога братот ѝ објаснил зошто дошол, таа почнала да плаче. Рекла дека ги бара Јеховините сведоци и се молела за помош да ги најде. Братот радосно ѝ помогнал да стапи во контакт со локалното собрание на Јеховините сведоци.
18. а) Како треба да реагираме кога ќе бидат одговорени нашите молитви? б) Во што можеме да бидеме уверени ако се молиме во секоја прилика?
18 Колку е убаво од Јехова што ни овозможил да се молиме! Тој е спремен да ги ислуша и да одговори на нашите молитви (Исаија 30:18, 19). Сепак, од наша страна се бара да се потрудиме да забележиме како Јехова одговара на нашите молитви. Можеби не одговара секогаш така како што очекуваме ние. Но, кога согледуваме како нѐ води, не треба да заборавиме да му се заблагодариме и да го фалиме (1. Солуњаните 5:18). Освен тоа, секогаш мисли на опомената на апостол Павле: „Во сѐ — со молитви и молби, со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог“. Да, искористи ја секоја прилика да зборуваш со Бог. Така ќе можеш и понатаму да го искусуваш она што го вели Павле во врска со оние чии молитви се сослушани: „И мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашиот ум“ (Филипјаните 4:6, 7).
Можеш ли да одговориш?
• Какви облици на молитви има?
• Како треба да се молиме?
• Кои работи можеме да ги вклучиме во нашите молитви?
• Која е улогата на молитвите кога некој ќе направи грев?
[Прашања]
[Слики на страница 29]
Искрените молитви ни помагаат да не им подлегнеме на искушенијата
[Слики на страница 31]
Во молитвите му ја искажуваме на Бог нашата благодарност, нашите грижи и нашите барања