Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да му пристапиш на „тој што ги слуша молитвите“

Како да му пристапиш на „тој што ги слуша молитвите“

Како да му пристапиш на „тој што ги слуша молитвите“

„Ти си тој што ги слуша молитвите, кај тебе доаѓа секој човек“ (ПСАЛМ 65:2).

1. Што ги издвојува луѓето од другите суштества на Земјата, и каква можност ни дава тоа?

 ОД ИЛЈАДНИЦИТЕ живи суштества на Земјата, само луѓето можат да го обожаваат својот Творец. Само луѓето се свесни дека имаат духовни потреби и сакаат да ги задоволат. Тоа ни дава прекрасна можност да имаме близок однос со нашиот небесен Татко.

2. Какви лоши последици оставил гревот врз односот на луѓето со нивниот Творец?

2 Бог го создал човекот со способност да комуницира со својот Творец. Адам и Ева биле создадени без грев. Така, тие можеле да му се обратат на Бог исто така слободно како што едно дете му се обраќа на својот татко. Меѓутоа, кога згрешиле, тие ја изгубиле таа голема чест. Адам и Ева не го послушале Бог и го изгубиле својот близок однос со него (1. Мојсеева 3:8-13, 17-24). Дали тоа значи дека несовршените потомци на Адам повеќе не можат да комуницираат со Бог? Не, Јехова сѐ уште им дозволува да комуницираат со него, но само ако исполнат некои услови. Кои се тие услови?

Услови за да му се обратиме на Бог

3. Како треба грешните луѓе да му пристапат на Бог, и кој пример ни го покажува тоа?

3 Еден настан во кој биле вклучени двајца синови на Адам ни помага да видиме кои барања ги има Бог за еден несовршен човек што сака да му се обрати. И Каин и Авел се обиделе да му пристапат на Бог со тоа што секој од нив му принел жртва. Бог ја прифатил жртвата на Авел, но не ја прифатил жртвата на Каин (1. Мојсеева 4:3-5). Во што била разликата? Во Евреите 11:4 пишува: „Со вера Авел му принесе на Бог повредна жртва отколку Каин, и поради таа вера доби сведоштво дека е праведен“. Значи, јасно е дека верата е еден услов за некој да може да му се обрати на Бог. Еден друг услов можеме да дознаеме од она што Јехова му го рекол на Каин: „Ако почнеш да правиш добро, зарем нема да ми бидеш мил?“ Да, Бог ќе ја прифател жртвата што ќе ја принел Каин ако Каин почнел да прави добро. Меѓутоа, Каин не го прифатил советот што му го дал Бог, го убил Авел и завршил како изгнаник (1. Мојсеева 4:7-12). Така, уште во почетокот било нагласено дека е важно да му пристапиме на Бог со вера и со добри дела.

4. Што треба да признаеме за да можеме да му се обратиме на Бог?

4 Ако сакаме да му пристапиме на Бог, мораме да признаеме дека сме грешни. Сите луѓе се грешни, а гревот е бариера што нѐ спречува да му пристапиме на Бог. Пророкот Еремија го напишал следново во врска со Израел: „Ние направивме престап... Со облаци го спречи пристапот до тебе, за да не помине молитвата“ (Плач Еремиин 3:42, 44). Сепак, во текот на човечката историја, Бог бил спремен да ги чуе молитвите на оние што му се обраќаат со вера и со исправен став во срцето, држејќи ги неговите заповеди (Псалм 119:145). Кои биле некои од тие лица, и што можеме да научиме од нивните молитви?

5, 6. Што можеме да научиме од Авраам во врска со начинот на кој му се обратил на Бог?

5 Еден таков човек бил Авраам. Бог го сослушувал кога тој му се молел, и го нарекол „мојот пријател“ (Исаија 41:8). Што можеме да научиме од начинот на кој Авраам му се обратил на Бог? Околу прашањето за наследник, овој верен семеен поглавар му рекол на Јехова: „Што ќе ми дадеш кога сум без деца?“ (1. Мојсеева 15:2, 3; 17:18). Во една друга ситуација, тој му ја искажал на Бог својата загриженост за тоа кој ќе се спаси кога Бог ќе изврши суд врз злобните луѓе во Содом и Гомор (1. Мојсеева 18:23-33). Исто така, Авраам се молел за други луѓе (1. Мојсеева 20:7, 17). Освен тоа, исто како Авел, понекогаш кога Авраам му се обраќал на Бог, му принесувал и жртви (1. Мојсеева 22:9-14).

6 Во сите овие прилики, Авраам се чувствувал слободен да зборува со Јехова. Меѓутоа, иако слободно зборувал, тој имал понизно гледиште за својата положба во однос на својот Творец. Забележи како со почит рекол, како што стои во 1. Мојсеева 18:27: „Те молам, послушај ме! Се осмелувам да му зборувам на Јехова, иако сум прав и пепел“. Колку убав став што треба да го имаме и ние!

7. За кои работи му се молеле на Јехова семејните поглавари во минатото?

7 Семејните поглавари се молеле за најразлични работи, и Јехова ги сослушувал. Јов кажал молитва во облик на заклетва. Откако го замолил Бог за помош, свечено ветил: „Од сѐ што ти ќе ми даваш мене, по една десеттина јас ќе ти давам тебе“ (1. Мојсеева 28:20-22). Подоцна, кратко пред Јаков да се сретне со својот брат, горливо го молел Јехова за заштита, велејќи: „Те молам, избави ме од раката на брат ми, од раката на Исав, зашто се плашам“ (1. Мојсеева 32:9-12). Семејниот поглавар Јов му се обратил на Јехова во името на своето семејство, принесувајќи жртви за нив. Кога тројцата пријатели на Јов згрешиле додека зборувале, тој се помолил за нив и Јехова ‚го услишил‘ (Јов 1:5; 42:7-9). Овие извештаи ни помагаат да видиме за кои работи можеме да го молиме Јехова. Исто така, гледаме дека Јехова е подготвен да ги сослуша молитвите на оние што му се обраќаат на исправен начин.

Под Сојузот на законот

8. Под Сојузот на законот, како се изнесувале пред Јехова работите во корист на народот?

8 Откако Јехова ги избавил Израелците од Египет, им го дал Сојузот на законот. Според Законот, луѓето можеле да му се обратат на Бог преку свештениците што биле поставени. Некои левити имале задача да служат како свештеници за народот. Кога ќе се појавело нешто што било од интерес за целиот народ, еден претставник на народот — понекогаш цар или пророк — му ја изнесувал работата на Бог во молитва (1. Самоилова 8:21, 22; 14:36-41; Еремија 42:1-3). На пример, кога бил пуштен во употреба храмот, цар Соломон му се обратил на Јехова со една горлива молитва. Јехова покажал дека ја услишил молитвата на Соломон со тоа што го исполнил храмот со својата слава и рекол: „Моите уши внимателно ќе слушаат кога [луѓето] ќе се молат од ова место“ (2. Летописи 6:12—7:3, 15).

9. Што било потребно за некој да му пристапи на Јехова во светилиштето на исправен начин?

9 Во Законот што му бил даден на Израел, Јехова вклучил и една работа што ја барал како услов за да му се пристапи во светилиштето на исправен начин. Кој бил тој услов? Секое утро и секоја вечер, освен тоа што принесувал животински жртви, првосвештеникот требало да запали и мирислив темјан пред Јехова. Подоцна и потсвештениците ја извршувале оваа служба, освен на денот на очистување. Ако свештениците не ја покажеле таа должна почит, Јехова немало да биде задоволен од нивната служба (2. Мојсеева 30:7, 8; 2. Летописи 13:11).

10, 11. Каков доказ имаме дека Јехова ги сослушал молитвите на поединци?

10 Во древниот Израел, дали на Бог можело да му се пристапи само преку поставените претставници? Не, Светото писмо покажува дека Јехова сакал да ги сослуша и личните молитви на поединци. Во молитвата што ја кажал Соломон кога бил свечено пуштен во употреба храмот, тој го преколнувал Јехова со зборовите: „Па [ако] кој и да било човек или сиот твој народ Израел ти упати молитва или молба за милост... ширејќи ги во молитва рацете кон овој дом, ти чуј од небото“ (2. Летописи 6:29, 30). Извештајот на Лука ни кажува дека, кога Захарија, таткото на Јован Крстител, принесувал темјан во светилиштето, мноштво обожаватели на Јехова, кои не биле свештеници, ‚се молеле надвор‘. Изгледа дека станало обичај луѓето да се собираат пред светилиштето за да се молат, додека на златниот жртвеник му се принесувал темјан на Јехова (Лука 1:8-10).

11 Значи, кога луѓето му се обраќале на Јехова на исправен начин, тој спремно ги услишувал молитвите на оние што го претставувале народот како целина, како и молитвите на поединци што сакале да му се обратат лично. Денес, ние повеќе не сме обврзани да живееме според Сојузот на законот. Сепак, можеме да научиме некои многу битни работи за молитвата од начинот на кој му се обраќале на Бог Израелците во минатото.

Како да му се обраќаат на Бог христијаните

12. Што е направено за христијаните да можат да му пристапат на Јехова?

12 Денес ние живееме под законот што важи за христијаните. Повеќе нема дословен храм во кој служат свештеници како претставници за целиот Божји народ, или во кој треба да појдеме за да му се молиме на Бог. Сепак, Јехова направил нешто за да можеме да му се обратиме. Што е тоа? Во 29 година од н.е., кога Христос бил помазан и поставен за Првосвештеник, почнал да дејствува еден духовен храм. a Овој духовен храм бил нешто ново, што го направил Јехова за да можеме да му пристапиме со цел да го обожаваме на темел на жртвата помирница на Исус Христос (Евреите 9:11, 12).

13. Во врска со молитвата, која е една сличност помеѓу храмот во Ерусалим и духовниот храм?

13 Многу карактеристики на храмот во Ерусалим добро ги предочуваат различните карактеристики на духовниот храм, вклучувајќи ги и оние поврзани со молитвата (Евреите 9:1-10). На пример, што било претставено со темјанот што се принесувал, наутро и навечер, на жртвеникот за темјан во Светата просторија од храмот? Како што стои во книгата Откровение, ‚темјанот ги претставува молитвите на светите‘ (Откровение 5:8; 8:3, 4). Давид под вдахновение напишал: „Мојата молитва нека биде подготвена како темјан пред тебе“ (Псалм 141:2). Така, во христијанството, мирисливиот темјан соодветно ги претставува молитвите што му се угодни на Бог и фалбите на Јехова (1. Солуњаните 3:10).

14, 15. Што може да се каже за пристапот до Јехова на: а) помазаните христијани? б) ‚другите овци‘?

14 Кој може да му се обрати на Бог во овој духовен храм? Во дословниот храм, и свештениците и левитите имале привилегија да служат во внатрешниот двор, но само свештениците можеле да влезат во Светињата. Помазаните христијани што имаат небесна надеж уживаат посебна духовна состојба, која била претставена со внатрешниот двор и Светињата, каде што можат да му се молат и да го фалат Бог.

15 Што е со оние што имаат земна надеж, со ‚другите овци‘? (Јован 10:16). Пророкот Исаија покажал дека „во последните денови“ луѓе од многу народи ќе доаѓаат да го обожаваат Јехова (Исаија 2:2, 3). Исто така, напишал дека и ‚туѓинци‘ ќе се придружат кон Јехова. Покажувајќи дека е спремен да ги сослуша кога ќе му се молат, Бог рекол: „Ќе ги развеселам во својот дом за молитва“ (Исаија 56:6, 7). Уште повеќе детали дознаваме од Откровение 7:9-15, каде што читаме за едно „големо мноштво“ од „сите народи“, кои се собираат за да го обожаваат и да му се молат на Бог „ден и ноќ“ додека стојат во надворешниот двор на духовниот храм. Колку е утешна мислата дека сите Божји слуги денес можат слободно да му се обратат на Бог, целосно уверени дека тој ќе ги чуе!

Кои молитви ги сослушува Бог?

16. Што можеме да научиме за молитвата од раните христијани?

16 Раните христијани биле луѓе што му се молеле на Бог. За кои работи се молеле тие? Христијанските старешини барале водство за да изберат мажи што ќе ги извршуваат одговорните задачи што ќе им бидат дадени во организацијата (Дела 1:24, 25; 6:5, 6). Епафрас се молел за своите соверници (Колошаните 4:12). Членовите на собранието во Ерусалим се молеле за Петар кога бил в затвор (Дела 12:5). Раните христијани го молеле Бог да им даде смелост иако наидувале на противење, велејќи: „Јехова, обрни внимание на нивните закани и дај им на своите слуги и понатаму да ја зборуваат твојата реч со сета смелост!“ (Дела 4:23-30). Ученикот Јаков ги поттикнал христијаните да го молат Бог за мудрост кога имаат неволји (Јаков 1:5). Дали во твоите молитви до Јехова ги вклучуваш и овие работи?

17. Чии молитви ги сослушува Јехова?

17 Бог не ги сослушува сите молитви. Тогаш, како можеме да се молиме уверени дека ќе бидат чуени нашите молитви? Верните луѓе од минатото чии молитви Бог ги сослушал, му се молеле искрено и со исправен став во срцето. Тие покажале вера и тоа го поткрепиле со добри дела. Можеме да бидеме уверени дека Јехова ќе ги сослуша оние што му се обраќаат на сличен начин денес.

18. Кој услов треба да го исполнат христијаните за да бидат сослушани нивните молитви?

18 Има уште еден услов. Апостол Павле објаснил кој е тој услов кога рекол: „Преку Христос... имаме пристап кај Таткото преку еден дух“ (Ефешаните 2:13, 18). Да, можеме слободно да му пристапиме на Таткото само преку Исус (Јован 14:6; 15:16; 16:23, 24).

19. а) Во која ситуација на Јехова не му било мило кога Израелците му принесувале темјан? б) Од каде можеме да знаеме дали нашите молитви се како мирислив темјан за Јехова?

19 Како што веќе спомнавме, темјанот што го принесувале израелските свештеници ги претставувал исправните молитви на Божјите верни слуги. Меѓутоа, понекогаш, темјанот што го принесувале Израелците му бил одвратен на Јехова. Тоа било случај кога Израелците палеле темјан во храмот, но во исто време им се клањале на идоли (Езекиел 8:10, 11). И денес, молитвите на оние што тврдат дека му служат на Јехова, но во исто време вршат дела со кои ги кршат неговите закони, му стануваат како непријатен мирис (Изреки 15:8). Затоа, и понатаму да бидеме чисти во секој аспект од нашиот живот за нашите молитви да бидат пред Бог како темјан со пријатен мирис. Јехова им се радува на молитвите на оние што одат по неговите праведни патишта (Јован 9:31). Меѓутоа, остануваат уште некои прашања. Како треба да се молиме? За што можеме да се молиме? И како одговара Бог на нашите молитви? Во следната статија ќе ги разгледаме овие и некои други прашања.

[Фуснота]

a Види Стражарска кула од 15 мај 2001 година, страница 27.

Можеш ли да објасниш?

• Како можат несовршените луѓе да му пристапат на Бог на исправен начин?

• Во нашите молитви, како можеме да го следиме примерот на семејните поглавари?

• Што учиме од молитвите на раните христијани?

• Кога нашите молитви се како мирислив темјан пред Бог?

[Прашања]

[Слика на страница 23]

Зошто Бог ја прифатил жртвата на Авел, но не и жртвата на Каин?

[Слика на страница 24]

Јас „сум прав и пепел“

[Слика на страница 25]

„По една десеттина јас ќе ти давам тебе“

[Слика на страница 26]

Дали твоите молитви се како мирислив темјан за Јехова?