Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Колку ми користеше верноста на најмилите!

Колку ми користеше верноста на најмилите!

Животна приказна

Колку ми користеше верноста на најмилите!

РАСКАЖАЛА КЕТЛИН КУК

КОГА била на гости кај едни свои роднини во Глазгов (Шкотска), во 1911 година, баба ми, Мери Елен Томпсон, отишла на предавањето што го држел Чарлс Тејз Расел, истакнат член на Истражувачите на Библијата, подоцна наречени Јеховини сведоци. Она што го чула ја воодушевило. Кога се вратила во Јужна Африка, стапила во контакт со Истражувачите на Библијата. На првиот нивни конгрес, одржан во Јужна Африка во април 1914 година, баба била една од шеснаесетте крстени. Нејзината ќерка Едит, мојата мајка, тогаш имала шест години.

По смртта на брат Расел во 1916 година, меѓу Истражувачите на Библијата низ целиот свет се појавиле поделби. Од вкупно 60 што верно служеле во Дурбан, останале само дванаесеттина. Баба ми од страната на татко ми, Ингеборг Мурдал, и нејзиниот син Хенри, тинејџер кој бил крстен кратко време, биле меѓу оние што останале верни. Во 1924 година, Хенри станал колпортер, како што во тоа време се нарекувале полновремените слуги на Јеховините сведоци. Следните пет години, тој проповедал во многу делови на Јужна Африка. Во 1930 година, Хенри се оженил со Едит, а три години подоцна сум се родила јас.

Зголемување на семејството

Еден период живеевме во Мозамбик, но во 1939 година се преселивме во куќата на баба и дедо Томпсон, во Јоханесбург. Дедо не го интересираше библиската вистина и понекогаш ѝ се противеше на баба, но во суштина беше многу гостољубив човек. Сестра ми, Телма, се роди во 1940 година, и заедно научивме да се грижиме за потребите на постарите луѓе. Многупати, по вечерата, уште долго ќе останевме на масата раскажувајќи си едни на други што ни се случило дента или спомнувајќи си за минатото.

Често имавме на гости некој од Сведоците, особено оние што беа во полновремена служба. И тие ни се придружуваа во разговорите во текот на вечерата, а она што ќе го чуевме и од нив уште повеќе ни го зголемуваше ценењето за духовното наследство што го имавме. Тоа придонесе јас и Телма да сме уште порешени да станеме пионери како нив.

Од многу малечки бевме поучувани колку е убаво да се чита. И мама и тато и баба ни читаа од добри сликовници или директно од Библијата. Без христијанските состаноци и без службата не можевме да дишиме. Тато беше слуга на друштвото (што сега се нарекува претседавачки надгледник) во собранието во Јоханесбург, па затоа сите мораше да бидеме на состанокот меѓу првите. Кога се одржуваа конгреси, тато беше ангажиран во надгледувањето, а мама помагаше околу сместувањето на делегатите.

Конгрес што за нас беше посебен

Конгресот што се одржа во 1948 година во Јоханесбург за нас беше посебен. За прв пат беа присутни и членови на главното седиште на Јеховините сведоци во Бруклин (Њујорк). Тато имаше задача со својот автомобил да им биде шофер на Натан Нор и Милтон Хеншел за време на целиот нивни престој. На тој конгрес се крстив.

Кратко потоа, дедо ми го изненади тато кога му рече дека многу му е жал што по смртта на брат Расел дозволил да падне под влијанието на оние што ги напуштиле Истражувачите на Библијата. Неколку месеци потоа почина. Од друга страна, баба Мурдал остана лојална додека не го заврши својот живот на Земјата во 1955 година.

Настани што му дадоа насока на мојот живот

Почнав да служам како општ пионер на 1 февруари 1949 година. Наскоро нѐ возбуди известувањето дека следната година, во Њујорк, ќе се одржи меѓународен конгрес. Многу сакавме да појдеме, но беше далеку од она што можевме да си го дозволиме. Малку подоцна, во 1950 година, умре дедо Томпсон, и баба ги искористи парите што ги наследи за да ни плати пат на сите петмина.

Неколку седмици пред да тргнеме, примивме писмо од главното седиште на Јеховините сведоци во Бруклин, Њујорк. Писмото беше покана да бидам дел од 16. клас на мисионерската школа Гилеад. Колку бев возбудена, па немав ниту полни 17 години! Кога Школата почна, јас бев еден од десетте студенти од Јужна Африка кои ја имаа оваа особена чест!

По дипломирањето, во февруари 1951 година, осум од нас се вратија да служат како мисионери во Јужна Африка. Следните неколку години, јас и мојата партнерка проповедавме главно во гратчињата каде што се зборуваше африканс. Отпрвин не бев воопшто вешта со јазикот, и се сеќавам како еден ден се враќав од служба со велосипедот плачејќи поради тоа што бев толку неделотворна во проповедањето. Но, со текот на времето, се подобрив, и Јехова го благослови мојот труд.

Брак и патувачка служба

Во 1955 година се запознав со Џон Кук. Тој помогнал да се започне проповедничкото дело во Франција, Португалија и Шпанија кратко пред и по Втората светска војна и станал мисионер во Африка таа година кога се запознавме. Подоцна имаше напишано: „Во една седмица ми се случија три големи изненадувања... еден многу великодушен брат ми подари мал автомобил; бев поставен за обласен слуга; и се вљубив“ a Се венчавме во декември 1957 година.

Додека поблиску се запознававме, Џон ми рече дека мојот живот со него сигурно нема никогаш да ми биде досаден, и имаше право. Посетувавме собранија низ Јужна Африка, најчесто во областите населени со црнци. Секоја седмица моравме да се мачиме да добиеме дозвола само за да влеземе во некои од тие области, а да не зборуваме за преспивање. Се случуваше, иако ретко, да преспиеме на подот во некоја празна продавница во соседната област населена со белци, трудејќи се да не нѐ видат минувачите. Најчесто моравме да преспиеме кај некој од браќата белци што живееја најблиску, што често значеше на оддалеченост од многу километри.

Покрај тоа, искусивме што значи да се одржуваат конгреси во скромните градби направени токму во пустината. Им пуштавме на луѓето филмови направени од Јеховините сведоци, кои им помогнаа да сфатат какво меѓународно братство сме ние. Самите си носевме генератор, зашто најчесто во тие области немаше струја. Не беше лесно ни да се оди во Британските протекторати, каде што тогаш нашата литература беше забранета, а и да се учи јазикот зулу. Сепак, нѐ радуваше тоа што можевме да им служиме на браќата.

Во август 1961 година, Џон стана првиот инструктор на Школата за именувани браќа во Јужна Африка, која траеше четири седмици, а целта му беше да им помогне на собраниските надгледници. Тој беше вешт во поучувањето и умееше да ги допре до срце луѓето со својата едноставна логика и жив, сликовит говор. Речиси една и пол година патувавме од едно до друго место каде што требаше да се одржи следниот курс за оние што зборуваа англиски. Додека Џон ги држеше часовите, јас проповедав со локалните Сведоци. Потоа, на наше изненадување, примивме писмо со кое бевме поканети од 1 јули 1964 година да служиме во подружницата на Јужна Африка, која се наоѓаше близу Јоханесбург.

Но, дотогаш веќе нѐ загрижуваше здравјето на Џон. Во 1948 година тој добил напад на туберколоза, по кој често се чувствуваше премален. Му се појавуваа симптоми слични на грип поради кои мораше со денови да лежи — не можеше ништо да прави и со никого да разговара. Еден лекар, кај кого појдовме кратко пред да бидеме повикани во подружницата, го дијагностицираше проблемот на Џон како депресија.

Ни беше незамисливо да го смениме темпото на живот, како што ни предложи лекарот. Во подружницата, Џон беше поставен да работи во Службеното одделение, а јас како коректор. А колкав благослов беше тоа што си имавме своја соба! Џон служел на португалска територија до пред да се земеме, па затоа во 1967 година бевме замолени да му помогнеме на единственото португалско семејство да му проповеда на големото португалско население во и надвор од Јоханесбург. Тоа значеше дека ме чека учење на уште еден јазик.

Бидејќи португалската заедница беше раширена на голема област, многу патувавме — понекогаш и по 300 километри — за да дојдеме до оние што имаа ценење за вистината. Дотогаш, на нашите конгреси почнаа од Мозамбик да доаѓаат и Сведоци што зборуваа португалски, што многу им помогна на новите. За 11 години што ги минавме заедно со Португалците, видовме како нашата малечка група од триесетина луѓе прерасна во четири собранија.

Промени дома

Во меѓувреме се случија и некои промени дома, кај моите родители. Во 1960 година сестра ми, Телма, се омажи за Џон Урбан, пионер од Соединетите Американски Држави. Во 1965 година ја завршија школата Гилеад, како дел од 40. клас, и лојално служеа како мисионери во Бразил 25 години. Во 1990 година се вратија во Охајо за да се грижат за болните родители на Џон. И покрај напорот што го бара ваквата грижа, останаа во полновремена служба до ден-денес.

Баба Томпсон го заврши својот земен пат во 1965 година, на 98 години, останувајќи му верна на Бог до крај. Истата година тато се пензионираше. Затоа, кога нѐ замолија мене и Џон да помогнеме на локалното подрачје на кое живееја Португалци, тато и мама одлучија да ни се придружат. Тие внесоа многу стабилност во групата, и по неколку месеци беше оформено првото собрание. Кратко потоа, мама почна да ги чувствува симптомите на ракот, кој ѝ го одзеде животот во 1971 година. По седум години умре тато.

Борбата со болеста на Џон

До 1970 година ни беше јасно дека здравствената состојба на Џон не се подобрува. Малку по малку, мораше да се откаже од некои свои ценети одговорности, во кои спаѓаше и претседавањето на седмичното семејно проучување на Стражарска кула во Бетел и утринските библиски коментари. Му беше сменета и работата, од Службеното одделение беше префрлен да работи со поштата, а потоа во градината.

Борбениот дух што го имаше Џон му отежнуваше да прави промени. Кога упорно се обидував да го натерам да забави малку, тој ќе ми речеше дека е рано да го фрлам во старо железо — по што обично ќе ме гушнеше во знак на ценење за мојата грижа. На крајот дојдовме до заклучок дека е најпрепорачливо да престанеме да одиме во португалското собрание и, наместо тоа, да одиме во собранието што се состануваше во Салата на Царството во подружницата.

Додека здравјето сѐ повеќе му се влошуваше, за мене беше трогателен блискиот однос кој гледав дека Џон го има со Јехова. Кога ќе се разбудеше сред ноќ со чувство на длабока депресија, зборувавме сѐ додека не се потсмиреше за да може да му се моли на Јехова да му помогне. На крајот успеа самиот да се справува со таквите лоши моменти, принудувајќи се полека да ги повторува зборовите од Филипјаните 4:6, 7: „Не бидете загрижени за ништо...“ Тоа ќе му го дадеше мирот што му беше потребен за да може да почне да се моли. Често и јас бев будна и, без да речам ништо, му ги гледав движењата на усните додека долго му упатуваше на Јехова искрени и срдечни молитви.

Бидејќи во подружницата стана многу тесно за сите, надвор од Јоханесбург започна да се гради голема нова подружница. Јас и Џон често одевме на ова мирно место, далеку од градската бучава и загадување. На Џон многу му помогна тоа што ни дозволија да се преселиме таму, во привремените простории, сѐ додека комплетно не се заврши објектот.

Нови предизвици

Бидејќи способностите за размислување и расудување на Џон беа сѐ поограничени, стана потешко да ги исполнува своите работни одговорности. Бев многу трогната кога видов како другите му помагаа на Џон. На пример, кога еден брат одеше во јавната библиотека за да истражи нешто, со себе го земаше и Џон. Тој ќе ги наполнеше џебовите со трактати и списанија потребни за дневната екскурзија. Ова му помогна на Џон да си го поврати, во извесна мера, чувството дека прави нешто корисно и дека сѐ уште има своја вредност.

На крајот Џон доби Алцхајмерова болест, поради која воопшто не можеше да чита. Бевме благодарни што постојат аудиокасетите со библиска литература и со песни на Царството. Нив ги слушавме постојано. Џон често се вознемируваше ако и јас не седев и не слушав со него, па затоа и јас седев до него, пополнувајќи го времето со плетење разновидни работи. Барем имавме еден куп џемпери и прекривачи!

Како што минуваше времето, состојбата на Џон бараше уште поголема грижа од моја страна. Иако често бев премногу уморна за да читам или да проучувам, ми беше мило што можев да го негувам до крајот. Тој крај дојде во 1998 година, кога Џон тивко ми умре на рацете недолго откако наполни 85 години — непоколебливо верен до самиот крај. Едвај чекам да го видам кога ќе воскресне, физички и психички здрав!

Освежена

Откако умре Џон, не ми беше лесно да се навикнам да живеам сама. Затоа, во мај 1999 година појдов на гости кај сестра ми, Телма, и кај нејзиниот сопруг во Соединетите Држави. Колку ме освежи и ме израдува тоа што се видов со многу лојални, драги пријатели, особено кога појдовме во главното седиште на Јеховините сведоци во Њујорк! Тоа беше токму она што ми требаше за духовно да се подигнам.

Спомените за животот на моите верни најмили ме потсетуваат на толку многу работи што ми користеа. Преку нивните поуки, пример и помош, научив да го отворам своето срце кон луѓето од други народи и раси. Научив што значи да се биде стрплив, истраен и приспособлив. Најважно од сѐ, ја почувствував нежната добрина на Јехова, Слушателот на молитвите. Од сѐ срце се сложувам со зборовите на псалмистот, кој напишал: „Среќен е оној кого ти ќе го одбереш и кому му дозволуваш да ти се приближи, за да живее во твоите дворови. Ќе се наситиме со доброто од твојот дом, од светото место на твојот храм“ (Псалм 65:4).

[Фуснота]

a Види го англиското издание на Стражарска кула од 1 август 1959 година, страници 468-472.

[Слика на страница 8]

Баба со нејзините ќерки

[Слика на страница 9]

Со моите родители кога се крстив, во 1948

[Слика на страница 10]

Со Алберт Шредер, архиварот на Гилеад, и со уште девет други од Јужна Африка, коишто ја посетуваа Школата

[Слика на страница 10]

Со Џон во 1984